Извадок од книгата „Од онаа страна на Небиднината“ на Иван Антоновски.
Од поглавјето „Цел живот се залагаше Македонија да зазрачи во културниот мозаик на светот“
АНТОНОВСКИ: Сепак, се оствариле и Деновите на македонската култура во Париз, од 9 до 17 октомври 1977 година. Пред малку ги издвоивте како дел од најзначајните активности во периодот кога Шопов ја водел Републичката комисија за културни врски со странство. Сигурно имате сеќавања за нив.
ШОПОВА: Ацо цела година работеше на тие Денови, а ги доврши Матеја, кој го замени во Комисијата. Ацо мораше да се повлече од активниот живот на средината на јули 1977 година. Но, сите беа многу коректни со него, почнувајќи од Матеја. Не „заборавија“ што тој дотогаш направи за тие Денови и му предложија во Париз да дојде како член на делегацијата.
Програмата во Париз беше исклучително богата и се одвиваше на најпрестижни места во овој велеград на културата. И самиот кажавте колку долго траеше. Камерниот оркестар „Света Софија“ одржа концерт во „Куќата на радиото“, импозантна модерна зграда на кејот на Сена, а во Француската кинотека, која тогаш се наоѓаше на Трокадеро, во Палатата Шајо, имаше и проекција на македонски филмови. На неколку чекори од неа, во Музејот на современа уметност на Париз, беше поставена изложба на македонската уметност со Кондовски, Куновски, Мазев, Чемерски… Десетина беа. И во Париз, „Танец“ се покажа во сета своја светлина, а да не зборувам за Јане Задрогаз од Горан Стефановски.
Од програмата, јас сепак посебно би ја издвоила литературната вечер во Друштвото на писателите на Франција. Французите го викаат „Хотел де Маса“, според палатата во која е сместено. Инаку, Друштвото постои уште од XIX век и било основано од Балзак.
АНТОНОВСКИ: На самиот почеток на нашиве разговори ни зборувавте за овациите по прочитот на „Лузна“ на француски. Тогаш ли се случи тоа? Според некои достапни извори, читањето се одржало на 12 октомври.
ШОПОВА: Да, тоа е таа незаборавна сцена кога иранскиот поет рече: „Еве го човекот што ја напиша оваа песна!“. Не знам дали Ацо се сеќаваше до крајот на својот живот на тој импресивен момент, но јас сигурно ќе се сеќавам. Салата беше преполна – и не само салата. Интересот на публиката беше толку голем што луѓето буквално ја исполнија зградата. А во публиката не беа само француски писатели, иако ги имаше многу, туку и дипломати и писатели од други држави што тогаш беа во Париз. Идејата на таа поетска вечер не беше само да се случи настан туку и да се сврти поголемо внимание на француската културна јавност кон македонската поезија, заради натамошни активности… објавување одделни книги, покани за книжевни настани, соработки. И мислам дека навистина се успеа во тоа. Уште следната година, Жак Гошерон објави цел број на списанието Европа посветен на македонската поезија. Мислам дека во тоа време излезе избор и во џебното издание Поезија 1 што во тоа време уживаше голем успех во Франција.
АНТОНОВСКИ: Ја спомнавте претставата Јане Задрогаз од Горан Стефановски. Кои се Вашите сеќавања?
ШОПОВА: Ацо покажа голем интерес за неа. Кога беше премиерата во Скопје, ние бевме во Дакар, но разбра за неа и го заинтригира спојот на традицијата и модерноста.
АНТОНОВСКИ: Да, претставата во режија на Унковски имала премиера во декември 1974 година. А во меѓувреме, успеавте ли да ја изгледате?
ШОПОВА: Уште кога се вративме од Дакар. Таа беше на репертоарот на Драмскиот театар, и тогаш се бараше билет повеќе за изведбите. На сцена беа Тодорка Кондова-Зафировска, Мето Јовановски, Мите Грозданов, браќата Ангеловски, мојата ученичка Сабина Ајрула… Сè глумец до глумец! И за Ацо и за мене, оваа драма носеше нешто ново и во македонскиот театар и во македонската книжевност, особено затоа што младиот македонски писател успеал да го пренесе наследството од Цепенков на современата сцена, на оригинален и автентичен начин.
АНТОНОВСКИ: Мислам дека и овде можеме да се надоврземе на интересот на Шопов за народното творештво. Во едно интервју со Гордана Михаилова-Бошнакоска, објавено во Сараево, во 1976 година, тој вели: „Народното творештво, народната поезија е непресушен извор во кој мора да се нурне секој поет и да се напие од нејзините свежи води пред да ѝ се посвети на уметничката поезија“, а потоа додава дека писателот не треба да му робува, туку да господари со него, „да ги искористи неговите основни интенции и да заплови во светот на непознатото, неоткриеното, невозможното. Но во никој случај тој не смее да ја прекине врската со својот праизвор“.
ШОПОВА: Токму во тоа успеа и Горан Стефановски, со Јане Задрогаз. Тоа момче на дваесет и нешто години покажа како да се искористи и афирмира народното творештво, а да не му се стане роб, туку господар, и да се оствари… Кога ја виде претставата, Ацо рече: „Ова ѝ е потребно на македонската драма. Нешто ново и актуелно, а наше! Во тоа е иднината на нашиот театар. Оваа претстава треба да ја види светот“. Речено, сторено! Следната година, Јане Задрогаз стана дел од програмата во Париз.
АНТОНОВСКИ: Ова е една од најзначајните тогашни изведби на Јане Задрогаз надвор од Македонија, покрај изведбата на БИТЕФ во Белград, што е и југословенско, ама и меѓународно ниво, и изведбата на театарски фестивал во Венецуела. Располагаме со информација дека во Париз изведбата се случила на 10 октомври во „Театарот на Елисејските полиња“ и дека во организацијата се вклучила и Француската асоцијација за уметничка акција. Изведбата била најавена во престижниот француски весник Фигаро.
ШОПОВА: Потполно е точно дека Јане Задрогаз се сметаше за навистина голем и важен настан на Деновите. Театарот во кој се изведе е и ден-денес многу престижно место на културата, на луксузната авенија „Монтењ“. А за Ацо беше особено важно што, покрај поезијата, и со оваа драма, тогаш покажавме во Париз дека не сме некоја „почетничка“ национална книжевност, туку дека можеме на европската сцена да покажеме високи остварувања.
Од денешна перспектива, ако погледнеме наназад, ќе сфатиме дека Ацо цел живот се залагаше Македонија да зазрачи во културниот мозаик на светот. Деновите на македонската култура во Париз, иако – повторувам – тој не ги изведе докрај сам, туку со Матеја, не само што ја инкарнираат таа негова цел туку и претставуваат еден вид нејзино крунисување.
АНТОНОВСКИ: Токму тогаш, кога се одржувале Деновите на македонската култура, и Тито бил во официјална посета на Париз. Пристигнал на аеродромот „Орли“, на 12 октомври.
ШОПОВА: Да, Тито дојде тогаш на покана на тогашниот француски претседател, Жисар д’Естен. Се разбира, не се работеше за случајно совпаѓање, туку сето тоа беше синхронизирано, договорено, усогласено… Деновите на македонската култура во Париз беа дел од дипломатијата. Повторно културна дипломатија… Ацо многу добро знаеше во колкава мера културата може да ѝ ги отвори вратите на политиката, а знаеше дека обратното може некогаш да одигра и јалова улога. Овој координиран настап на политичката и културната сцена во Париз го докажа интересот за македонската култура како во Југославија, на сојузно ниво, така и во Франција, и тоа на највисоко ниво. И Тито и д’Естен го поздравија одржувањето на Деновите на македонската култура во Париз. Е сега замислете само колку труд требало да се вложи за сето тоа да се изведе!
Манифестацијата се одржа под покровителство на францускиот и југословенскиот министер за надворешни работи, Луј де Гиренго и Милош Миниќ, но и францускиот печат тогаш ја забележа директната врска меѓу официјалната посета на Тито и Деновите на македонската култура. Се сеќавам на нашата возбуда кога најчитаниот весник, Ле Монд, објави дека на тој начин Југославија сака на француската публика да ѝ ја претстави најоригиналната од шесте републики. Токму така пишуваше: најоригиналната!
Од таа посета, највеличествениот момент на кој се сеќавам беше во Версајската палата. Над три илјади души дојдоа на приемот што д’Естен го приреди за Тито. Но пред приемот, францускиот претседател покани помала група луѓе, околу двесте, на балетска претстава во негова чест во малата оперската сала во Версај, меѓу кои бевме поканети Ацо и јас, Матеја и Трајче Груевски, кој во својство на највисок политички функционер ја предводеше делегацијата на Деновите на македонската култура. Делегацијата беше исклучително бројна, не можам да се сетам колку луѓе дојдоа… Што се вели „половина Македонија“, но во Версај бевме поканети само ние четворицата.
И повторно анегдота: во тоа време изби аферата со Јованка Броз, па присутните во салата, пред да се појават државниците во претседателската ложа, повеќе зборуваа за првата дама, отколку за маршалот. Сам ли ќе дојде? Со неа ли ќе дојде? Само за тоа се бруеше… Се појави сам. Тоа ги потврди сите гласини што веќе извесно време се ширеа низ Југославија: Јованка е во немилост.
АНТОНОВСКИ: Како и повеќето други анегдоти, и оваа е всушност дел од актуелностите во тоа време.
ШОПОВА: Да, но има и уште една, потолно приватна анегдота, која пак кажува многу за тоа каков човек беше Ацо. Кога стигнавме во Версајската палата, бевме релативно малобројни, како што Ви реков, но кога си заминувавме од таму, тоа беше нешто импресивно. Три илјади души требаше да излезат од палатата. Чекавме на ред за да излеземе. Персоналот задолжен за најава на гостите – на француски ги викаат aboyeurs, „лајачи“ – ги повикуваше на разглас колите една по една да нè соберат, како што нè оставиле. За нас, југословенската амбасада изнајми две такси-коли кои по планот требаше да нè донесат до Версај, да нè почекаат и да нè вратат во хотелот. Версај е на дваесетина километри од Париз. Никогаш, ама никогаш во живот не ми се видело чекање на такси не само толку долго туку и толку неиздрживо, а еве зошто. Откако нè остави таксистот пред влезот, и откако онака свечено, и не без возбуда, влеговме на палатата, јас во свечен долг фустан со крзнена наметка на рамената одеднаш сфаќам дека при излегување од колата сум го зела крзното, но не и… ташничката. А знаете ли што носев во неа? Два дипломатски пасоша, сиот мој златен накит предвиден за 10 дена во Париз и сите пари што останаа, а за секој случај, понесовме многу пари. Тогаш не постоеја картички. Сето тоа остана кај таксистот! Се препотив. Ми преседна и балет, и Тито, и Деновите на македонската култура, сè… Знаев јас дека амбасадата нема на улица да нè остави, но доволна ми беше самата помисла дека на два-три дена пред заминување треба да се занимаваме со процедури во полиција, а и за накитот и парите не ми беше ни оддалеку сеедно. Му кажувам јас на Ацо, вака и вака, направив неверојатна глупост. Мислам дека кој било друг маж барем би се изнервирал, ако не и да направи сцена за таква неодговорност. А тој, сосема спокојно, ми рече дека ништо од сето тоа не е страшно, да не се грижам и да уживам во моментот, кој е неповторлив. Многу ме смири. Повеќе ме смири фактот што имам таков маж, отколку што навистина се смирив за ташничката. Бев убедена дека таксистот ќе го види и едноставно ќе исчезне во природата. Затоа чекањето на колата, кога излегувавме од Версај, ми се виде бескрајно. Во еден момент, „лајачот“ конечно ја повика „колата на Неговата Екселенција Ако Сопов“ – така го изговараа неговото име и во Дакар и во Париз – и… колата се појави… не верував сè додека не седнав во неа и шоферот не ми кажа: „Госпоѓо, не се остава чанта во кола“. Знам јас дека не се остава чанта во кола, но ете, се случи. Кога стигнавме пред хотелот, Ацо великодушно го почести тексистот и се заврши приказната.
АНТОНОВСКИ: Ако не се лажам, во Париз се случила и последната средба меѓу Тито и Шопов, нели?
ШОПОВА: Да, Тито свика состанок во Париз, за Деновите на македонскта култура, на која од македонската делегација беа Матеја и Ацо, како единствени претставници на културата, заедно со Трајче Груевски, шефот на делегацијата, и Хисен Рамадани.
Во Париз се видоа за последен пат лично… Две и пол години подоцна, веста за смртта на Тито Ацо ја дочека меѓу четирите ѕида на „малата соба“ во нашиот дом, пред телевизорот. Ги гледаше сите вести, преноси… Беше многу трогнат. Кога го виде Синиот воз на Тито, како минува низ земјата со неговото тело, се расплака. Мислам дека тогаш во него навираа спомените уште од војната, од времето кога тој човек ги инкарнирал идеалите на младиот Ацо, веројатно и од другите средби, во Скопје, во Белград, веројатно и од поскорешните на Брдо кај Крањ… Тагата се гледаше во неговите зелени очи… А јас пак, кога ги гледав неговите очи, помислував на она негово „зелено вишнеење“ од „Небиднина’’.
АНТОНОВСКИ: Од тоа патување во Париз, Шопов се врати со песна.
ШОПОВА: Да, „Во еден од центрите на Париз“. Онаков каков што се опишува во неа, таков и беше. Ќе седнеше во некое бистро, сам, и долго ќе размислуваше, ќе ги набљудуваше луѓето околу себе, вриежот на Париз особено го импресионираше.
А Анте го задеваше, ја дополнуваше песната. Ќе почнеше да ја рецитира: „Сам во еден од центрите на Париз / седам во едно мирно бистро спроти Операта“ и ќе додадеше: „и ја чекам Светлана да се врати од покупки!“. Не беше далеку од вистината. Ацо не сакаше да оди по дуќани. Еднаш во животот отиде на пазар бидејќи јас бев болна и се врати со три конзерви сардини и букет цвеќе. Не претерувам, верувајте ми. И ќерка ни ја испратив со него, но таа беше мала, па не можела да му помогне во таа за него „беспомошна ситуација“. А во Париз, ќе влезеше во првиот бутик – не во кој било, во „Вог“ или некој сличен, во квартот на Мадлен или на Операта – ќе го облечеа од глава до петици и ќе излезеше. А јас… женска работа… со часови… Додека тој трпеливо ме чекаше во некое бистро.
АНТОНОВСКИ: Но во таа песна Шопов кажува и нешто друго. „Париз тече под сите мостови на Сена, / тече под сите мостови на светот. / И во тој тек го слушам како црвена поплава и буна (…) тој глас (што) се проширува како своевидна светлосна визија. // Тој глас на црвената Париска комуна / допре и до мојот град, допре до мојата татковина / и се разискри со народниот гнев како негова верна лика / во првата балканска Крушовска република“.
ШОПОВА: Се разбира дека во песната кажува нешто сосема друго. Ви велам, Анте го задеваше, но Ацо навистина беше способен со часови да ме чека и да размислува. Овие стихови за Париската комуна и поврзаноста на судбините на народите, иако темата го преокупираше уште одамна, сигурно се родиле токму во џагорот на младите од сиот свет што го слушал седејќи во тоа бистро.
АНТОНОВСКИ: Ова не е и последното патување на Шопов во Париз бидејќи следната година повторно одите таму заедно, овој пат за промоцијата на неговата книга на француски, Го барам својот глас.
ШОПОВА: Не беше последното… Во февруари 1978 година, Ацо беше хоспитализиран во болницата „Салпетриер“ во Париз. Тогаш ја напиша „Клошарска песна на поетот“ од последната збирка, Дрво на ридот. А потоа, повторно отидовме, на крајот на октомври истата година, за промоцијата на Го барам својот глас. За тој настан е особено заслужен српскиот книжевник Огњен Лакиќевиќ, кој даде сè од себе за организацијата на овој настан во Југословенскиот културен центар во Париз. Таму многу се заложи и Дивна, која му беше роднина на Душко Наневски. Огњен и Ацо навистина имаа одлична соработка и разбирање, и во времето кога работеа во издаваштвото. Мислам дека и како поети беа доста сродни, така што Огњен даде сè од себе за да ја направи што поуспешна промоцијата на книгата на Ацо.
АНТОНОВСКИ: Меѓу овие патувања во Париз, во 1977 година е одржана и книжевна вечер за Шопов во Центарот за култура и информации во Скопје, со негови песни во избор на Георги Старделов, но потоа јавните настапи како постепено да исчезнуваат. Во библиографијата може да се најдат две подолги интервјуа во 1978 и 1979 година, објавени се неколку песни во Равиток, кои потоа влегуваат во збирката Дрво на ридот, за која ја добил и наградата „11 Октомври“ за животно дело. Во 1981 година е објавен и изборот Лузна – последниот што го направил лично Шопов, а бил објавен и изборот од неговата поезија во Романија, Раѓање на зборот. Но некои учества на фестивали, промоции, поголеми книжевни настани нема… Преостанува ли уште некој настан што треба да го имаме предвид пред да се обидеме да пристапиме кон последните предели од хоризонтот на онаа страна на Небиднината?
ШОПОВА: За жал, толку се… Во 1978 година, покрај промоцијата во Париз, тој сепак претходно учествуваше и на Струшките вечери. Не можеше да се одвои од нив, тие беа дел од него, да не речам, негово дело. Не можев да отидам со него, моите родители беа дојдени од Белград кај нас во Скопје, и тогаш имаа проблеми со здравјето. Отиде сам… Имаше желба да се види со колеги, со пријатели… Да размени збор и мисла.
Но, додека беше таму, телефонски повик до мене: „Дали е тоа другарката Светлана Шопова?“. Велам, „да“. „Ви се јавуваме од Струга затоа што на другарот Шопов му се слоши и го хоспитализиравме“. Бев во шок. Избезумена. Јасмина беше во Лондон, а и татко ми и мајка ми во болница! Тоа со Ацо ме докусури. Му се слошило додека разговарал со Десанка Максимовиќ. Ви реков дека имаа прекрасни релации. Многу често, кога ќе одеше во Белград, Ацо ќе ѝ се јавеше на Десанка за да се видат, а и таа нему, кога ќе дојдеше во Македонија. Се видел и разговарал со неа и овој пат, но одеднаш му се слошило… Потоа, закрепна и се врати дома, но тоа беше неговото последно учество на Струшките вечери на поезијата, ама и воопшто последно учество на некој поетски фестивал.
АНТОНОВСКИ: Во 1979 година, кога Крлежа го добива „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, дел од двојазичното традиционално издание на лауреатите е во препев на Шопов.
ШОПОВА: Да, но за тоа издание се користени поранешните препеви на Ацо. На тие Струшки вечери, ниту Крлежа, ниту Ацо не беа пристутни. Ацо тогаш беше на лекување токму во Загреб. Последните Струшки вечери за него беа во 1978 година. Оттогаш натаму, Ацо веќе не умееше да ги скрие емоциите. Ниту она што го погодуваше, ниту она што го потресуваше… Јас тоа го знаев, иако не зборуваше многу… А во последното време, и не можеше да зборува. Болеста беше таква… Од тие негови емоции настанаа и неговите последни песни, во кои отворено ги искажа и своите болки од тие денови, ама и од сиот свој живот, и љубовта кон Македонија. Во тие песни е гласот на поетот што одекнува од врвот на планината: „Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема, / ме дави и гуши подземна стија. / Млад сум а душата ми е остарена / од љубовта моја неостварена, љубовта Mакедонија“.