Помеѓу (извадок)

Извадок од романот „Помеѓу“ на Ирена Јорданова.

Горазд го намали звукот на телевизорот и го слушав како се движи до спалната, потоа со лесен чекор тргна кон кујната.
Мора да ги видел моите две торби.
Се туфкав и малку ми беше незгодно. Влезе во кујната, јас набрзина грабнав една чаша и посветено ја полнев со вода. Тој се потпре на работната маса и ги вкрсти рацете. Мислам дека го поздравив и му раскажав дека сапунот што го купив мириса на “гринго”, чуден концентрат од кој се прави сок на растворање, како дете обожавав да го лижам, понекогаш лижев и по пет на ден!
Се насмевна, исончан од зимското сонце изгледаше многу свежо. Сакав да го прашам како си поминал, ама не го прашав, ми се чинеше невообичаено тивок. Очекував илјада прашања во секунда, ама не! Стоеше мирно и сталожено. Се чувствував како да сум направила грешка, посакував да има уште една врата за да истрчам, да ги грабнам торбите и да побегнам. Ама немаше друга врата, единствениот излез беше да се разминам со него.
Ја пиев водата полека.
Ја испив.
Потоа тишината почна да ги раздвижува сите зрнца, и да создава тензија во воздухот. Реков дека Јанес е на факултет и нема доволно кредит на мобилниот за да му се јави. Внимателно и другарски кимна со главата и не изусти збор. Тоа е толку невообичаено за него, тој е немирен, безобразен и не знае да се воздржи. Толку силно зоврива, како тестенини вклучени на најсилен оган. Неговата слика е човек качен на див коњ, а коњот бесно поткревајќи се на задните нозе сака да го отфрли од своето седло. Сепак, таа ведрина беше придушена во извонредно смирен израз. На лицето му се наѕираше дека кришум се помирил со моето заминување. Ми се насмевна топло и заштитнички, знаеше дека ја сакам неговата разбојничка нарав и сакам да ме мами, ама сега се исплаши да не згреши па замолче.

* * *

Сега можам да замислам дека си среќна, барем во мојата глава. Напишав илјадници страни, и ниту во еден слог немаше страв. Знаеш ли што значи за мене да не постои страв? Го направив вистинското нешто. Сега можам да ја видам твојата насмевка, во темницата, во дискотеката, во паркот, и не сум среќен, туку само во тие неколку секунди додека си присутна знам дека во светот постои малку убавина.
Ти не разбра дека јас многу добро знам кој сум и што сум. И не се обидувам да си одам по патот како никогаш да не сум те познавал. Те познавам, премногу што не се прашувам дали кикотот е твоето вистинско име. Дали ќе поседиш денес помеѓу мислите, и на некоја пропратна станица ќе ме најдеш мене. Не ми е битно, тоа може да биде вистина, но не мора…воопшто не ми е важно.
Направив нешто што не е егоистично. Да живеам без тебе е како да поминувам по малку од секоја секвенца, по малку крадам од небото, крадам од светот. Знам дека не си разочарана, знам дека знаеш оти не го зедов она што ми припаѓа. Потребата нема никаква врска со моето бегство, јас само сакав да избегам, некаде на топло, некаде каде што можам да бидам мало дете, да имам една или две работи на ум, и да не ме интересира светот. Ти ми зборуваш за бесмртноста, а јас не ги сакам ни овие 30 години живот. Не сакам да одам во Африка, ниту во Мексико, ниту во Боливија. Таму видов луѓе со еднаква суштина, испразнети…Шетаат со огромни дупки во градите.
Ако се растргнам и му плукнам на моралот во лице, тогаш тоа е само обично плукање низ прозорец додека се возиш. Ќе си ја шмукнеш сопствената плуканка. Можеби треба да напишам книга за 10 начина како да бидете среќни, практики на дишење и нешто слично. Веројатно тоа им треба на луѓето, тие се свет за себе, не го познаваат другиот, ниту пак сакаат да се мачат да го спознаат. Учат информации се додека мозокот не им прсне, потоа мислат дека го разбрале светот. Светот е повеќе од вечера, ебење и повторување на наученото.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *