Приказна М

Извадок од збирката раскази „Азбука и залутани записи“ на Иван Шопов.

Првиот ден М излезе да се прошета на пладне и забележа дека има две исти сенки. Едната фрлена лево од него, а другата десно. Низ главата му поминаа секакви мисли. Помисли дека има два живота; дека неговата душа има две тела; дека неговото тело има две души; дека има способност да умножува светови и го греат две сонца… Отрча до првиот излог и се огледа на стаклото. Во одразот имаше само еден лик. Тој.
Вториот ден М излезе да се прошета попладне и забележа дека има две различни сенки. Сенката лево од него беше силуета на маж, а онаа десно силуета на жена. Низ главата му поминаа секакви глупости. Помисли дека во него живее некоја друга; дека во неа живее некој друг; дека има моќ да создава небесни тела и го греат две сонца: машко и женско. Отрча до најблискиот излог и се огледа на стаклото. Во одразот виде двајца: својот лик и жена до него. Пред да викне од шок погледна десно од себе. До него стоеше жена што си ја местеше фризурата пред истиот излог. Ја намести и бргу си замина. Му олесна.
Третиот ден М излезе да се прошета навечер и забележа дека неговото тело фрла четири животински сенки: една на куче, една на мачор, една на лав и една на магаре. Низ главата му поминаа најразлични мисли. Помисли дека уличното осветлување сковало заговор против него; дека го следат духови на мртви животни од зоолошката градина; дека тоа што му се случува е добра фабула за басна… секакви будалаштини помисли М. Отрча до најблискиот излог да се огледа, но во стаклото не виде никаков одраз. На излогот од затворената продавница беа наредени плишани животинки: куче, мачор, лав и магаре. М отиде и до следниот излог. Повторно немаше одраз во стаклото. Всушност, застана пред кафуле. Од внатре го гледаа еден куп луѓе. Покажуваа со прст кон него и му се смееја на четирите животински сенки.
Четвртиот ден М не излезе да се прошета. Се плашеше од сенките кои може да ги фрли неговото тело. А и целиот град зборуваше само за човекот со четири животински сенки.
Петтиот ден М излезе да се прошета наутро и забележа дека е мрак. Сонцето не изгреало, а немаше ниту улично осветлување. Не знаеше што да помисли. Само се израдува што неизгревањето на сонцето тоа утро ја засени приказната што се ширеше за неговите животински сенки.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.