Приказна Т

Извадок од збирката раскази „Азбука и залутани записи“ на Иван Шопов.

– Слободно фрлете ги мапите – им рече Т на туристите. Денес нема да ви ги покажам знаменитостите обележани на нив. Зарем навистина сакате да ви раскажувам за изумрени обичаи? Сакате да чуете имиња на градители на урнатини? Сакате да гледате гробови на војсководци и масовни убијци? Да гледате голи камења, темели на веќе непостоечки градби? Тоа се глупости! Глупости! Одбивам да раскажувам такви нешта по којзнае кој пат! Баш ме заболе за царевите, кралевите, војсководците и владетелите! Да, да, убаво слушнавте! Баш ме заболе! Петнаесет години работам како туристички водич во овој мртов град! Петнаесет години раскажувам глупости! Петнаесет години се трудам да им го задржам вниманието на будали како вас! А мојата приказна?! Што е со мојата приказна?! Фрлете ги мапите – уште еднаш рече Т. Денес ќе гледаме поинакви знаменитости.

Туристите го гледаа зачудено, но ја прифатија новата непозната тура што им ја понуди чудниот водич.
– Внимателно погледнете го оној фрижидер! – рече Т. Од таму го купив првото пиво. Продавачката ми го продаде иако бев детиште. Можеби затоа што забележа дека ѝ зјапам во деколтето. Слободно фотографирајте!
Дел од туристите ја напуштија групата незадоволни од водичот што им е доделен. Ги подготвуваа своите поплаки до агенцијата што им го препорача Т.
– Ене го основното училиште во кое учев. А ене го и игралиштето во училишниот двор. Под оној кош се степав со најдобриот другар. Јас го удрив со тупаница по носот, а тој ме удри со камен по глава. Еве овде ми е лузната. Слободно погледнете!
Групата што го слушаше Т се преполови, но тој продолжи да ги покажува личните знаменитости со несмалена возбуда.
– А сега внимание! – им свика. Овде го имав првиот бакнеж. Да, точно под дрвото. Имаше и клупа на која ги врежав моето и нејзиното име, но повеќе ја нема. Ако има интерес кај туристите ќе поставам нова. И имињата ќе ги врежам пак.
– А сега ќе ви покажам каде се опив за првпат. Еве, во ова паркче. Имав тринаесет години и со другарите пиев црвено вино. Нема никаков споменик, но наскоро ќе поставам некакво обележје.
Групата што го слушаше Т стана сосема мала. Останаа само сеирџиите и непоправливите љубопитници, но тој не обрнуваше никакво внимание на бројноста на туристите што го следеа. Продолжи во силен занес да раскажува за местата што му значат.
– Погледнете ја убаво пешачкава патека! Овде почина мајка ми. Си одеше, одеше… и одеднаш – туп! – падна. Срцев удар. Жално! Навистина жално! Сè уште нема споменик за таква мила и добродушна жена!
– А сега најважното! Ќе ви ја покажам куќата на девојката што најмногу ја сакав и сè уште ја сакам. Чекајте малку. Таа прво живееше во една куќа на оној рид, а потоа се пресели во една зграда на четвртиот кат. Што сакате прво да видите? Станот или куќата? Одговорете! Вас ве прашувам!
Т не доби никаков одговор. Молкот како да го отрезни од занесот. Забележа дека речиси се стемнило и го слушаат само неколкумина. Се загледа во малата група туристи. Полумракот не му пречеше да ги препознае најупорните слушатели: продавачката што му го продаде првото пиво, најдобриот другар со кој се тепаше на игралиштето, девојчето што првпат го бакна, другарите – соучесници во првото пијанство и девојката што најмногу ја сакаше. Пред сите нив, со фенер во раката, со младешки лик и срдечна насмевка чекореше неговата покојна мајка. Ги рашири рацете за прегратка и со бавни чекори тргна кон него.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *