Разговор со Спиноза (извадок)

Извадок од романот „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски.

ВТОРА НИШКА

Херем

Човекот кој таа априлска вечер 1656 година се појави во домот на Франс фан ден Енден се викаше Аксипитер Бигл. Според неговите кажувања, се родил триесет и шест години порано во Македонија, една од провинциите на Отоманското царство. Турците имале обичај да ги одземаат децата од мајките во неговите краишта, потоа ги носеле во Истамбул, им ја менувале верата во муслиманска, им го менувале името, и им зборувале само на турски за да го заборават мајчиниот јазик. Потоа ги обучувале да бидат најсурови воини, па ги праќале во нивните родни краеви да се борат против своите луѓе. Не паметеше колку години имал кога го грабнале од дома, но претпоставуваше дека немал повеќе од пет. Во Истамбул научил турски јазик а го заборавил сопствениот, бил сунетисан и учел „Куран“ и така ја напуштил православната христијанска вера, му го дале името Мехмед, а го заборавил името со кое мајка му го викала. Од својот мајчин јазик запомнил само два збора – јастреб, според птицата што ја припитомил кога бил дете, и која му слетувала на главата и со клунот му го чешкала темето; и Бигла, планината на чии падини се наоѓало селото во кое бил роден. Освен што Турците го учеле да ракува со нож (живо ги раскажуваше вежбањата – прво им давале да касапат мртовци, а потоа ги носеле на места каде што семејствата ги оставале своите немошни остарени членови – Турците ги терале младите воини да им се нафрлаат на старците и на нив да ја вежбаат својата крволочност), еден од младите воини, и самиот од словенско потекло од Македонија, скришум го водел кај кабалистот Моше бен Елохим, кој живеел на брегот на Босфорот, да го научи хебрејски, а му говорел и за „Зохар“ и за „Сефер Јецира“. Кога имал шеснаесет години, бил пратен да војува некаде на запад каде со другите воини стигнал по неколку дена јавање – палеле села, силувале, убивале и ограбувале. Едно утро нападнале едно планинско село, секој од воините удрил на по една куќа. Додека Аксипитер Бигл (во тоа време се уште Мехмед) гледал како гори куќата што ја запалил, а во дворот веќе се ладеле три тела кои ги погубил, еден јастреб му слетал на главата и му го почешкал темето; тогаш младиот воин сфатил дека ги убил мајка си и браќата. Вечерта се разбудил, ги убил останатите воини, и со јастребот на глава заминал на коњ кон југ. Јастребот повремено летал и му давал правец кон каде треба да одат за да стигнат до море; од Македонија стигнале во Грција, во Солун го продал коњот бидејќи му биле потребни пари да патува со брод, и еден четврток со својот јастреб стигнал во Венеција. Во Италија пријателувал со кабалистите, и преку хебрејскиот го научил латинскиот и го сменил името во Аксипитер (на латински – јастреб) Бигл (според планината на која бил роден), а кога му умрел јастребот додека тој размислувал дали засекогаш треба да остане во Венеција, тоа го сфатил како знак дека одново треба да патува – па во Лајпциг, Париз и Лондон се запознал и со знаењата на розенкројцерите и масоните. Раскажуваше и за неверојатните авантури што ги имал во овие градови, но имаше нешто многу поинтересно кај него од сиот негов живот. Тоа беше неговото учење – навидум мешавина на учењата на кабалистите, розенкројцерите и масоните, но сепак многу поразлично. Тврдеше дека имало луѓе и пред Адам и Ева, што не беше необично – тоа го тврдеше секој умен човек кој не се плашеше од религиозните фанатици, но тој велеше дека првите луѓе настанале од мајмуни. Нè уверуваше дека внимателното споредување на човечкиот и мајмунскиот скелет и на мајмунските и човечките органи би довеле секого до ист заклучок. Објаснуваше дека Бог најпрво создал едно зрно материја, и од тоа зрно настанало сѐ. Тоа зрно експлодирало со огромна топлина, заради експлозијата се ширело до крајните граници дозволени од Бог, а при средбите на најситните тела, невидливи со голо око, настанувале се поголеми и поголеми тела. Ширењето траело милион години, и кога завршило, започнало ладењето на создадените облици: Земјата и другите небески тела. Аксипитер Бигл од Амстердам замина два дена подоцна, велејќи дека оди таму каде што најмногу треба да се рашири неговото учење – во Мадрид, срцето на Инквизицијата.

Не можев да верувам во она што го кажуваше Аксипитер Бигл, затоа што не верував во ништо што не можев самиот да го испитам. Но сепак неговите идеи ми се чинеа интересни, ги кажував како на шега при разговорите со моите познаници, нив ги вџашуваа таквите тврдења, и за она што го бев зборувал набргу дознаа и рабините.

Раби Мортеира едно утро влезе во продавницата и, наместо, како вообичаено, да побара бибер, тутун или пак семе од синап, замоли да биде примен кај мене дома таа вечер. По неговиот глас, по грчењето на неговото десно око и по начинот на кој ја затвори вратата зад себе можев да претпоставам за што сакаше да разговараме.

Таа вечер потропа на вратата додека го гледав цртежот на мајмун што го имаше направено Клара Марија фан ден Енден. Ја замолив да го стори тоа за мене, откако ме заинтересира Аксипитер Бигл со неговите идеи за потеклото на човечкиот род; Клара Марија, која црташе подеднакво добро како што говореше јазици и свиреше, го имаше нацртано мајмунот со црвен молив, а изразот на лицето беше како на намќор човек, така што не можеше да се заклучи дали е тоа човек со мајмунски обележја или пак мајмун со човечки израз. Бидејќи знаев дека тоа Раби Мортеира тропа на вратата, го превртев цртежот одопаку на масата и тргнав да отворам.

„Ти најдобро знаеш, Барух, колку многу верував во тебе, и тоа што не ќе станеш рабин е само затоа што татко ти немаше доволно пари да го плати твоето школување. Освен тоа, мој најдобар пријател беше дедо ти Авраам, чичкото на татко ти“, велеше, сучејќи си ја брадата со палецот и показалецот. „Но сега, значи последниве неколку недели… Се слушаат чудни работи за тебе, Барух..“

„Чудни?“

„Па, велат дека тврдиш некои нешта кои не би можеле да се согласат со ‘Тората’, ниту пак со кој и да е спис на нашите мудреци и пророци.“

„Да“, реков.

„Би сакал од твоја уста да чујам што им зборуваш на другите млади Евреи.“

„Им велам дека имало луѓе и пред Адам и Ева. Дека Бог создал само едно зрно материја, и од него, само по себе, настанало сѐ во тек на милиони години.“

„Значи, за седум дена не е создаден светот?“ Фрчеше старецот.

„Не се создава така лесно свет“, реков.

„Барух!“ Викна Раби Мортеира откорнувајќи си со палецот и показалецот неколку влакна од брадата. „Уште да ми речеш, како што велат дека тврдиш, дека човекот настанал од мајмун!“

Тогаш го зедов цртежот кој лежеше свртен одопаку на масата, и го приближив до главата на Раби Мортеира.

„Погледнете колку сте слични“, реков, гледајќи час во рабинот, час во нацртаниот мајмун. „Како браќа. Како би можеле после едно вакво сознание да тврдиме дека човекот е создаден од Бог, кога е толку очевидно дека настанал од мајмун?“

Дланката на Раби Мортеира брзо и силно ме удри по образот. Старецот се сврте и излезе, и повеќе никогаш не се појави во мојата продавница да побара семе од синап, бибер, ниту пак тутун.

Една недела потоа рабинскиот совет одлучил да бидам екскомунициран од еврејската заедница, и неколку дена по средбата на членовите на советот одлуката била прочитана во синагогата. Како се одвивал херемот, самиот чин на прогласување на екскомуницирањето, чув подоцна од брат ми Габриел. Верниците во рацете држеле запалени црни свеќи, додека еден од рабините го отворал Табернакулот, допирајќи ги светите книгите на законот. Потоа Раби Мортеира го прочитал текстот на екскомуникацијата:

„Господарите на махамадот, веќе подолго знаејќи за злите мислења и дела на Барух де Спиноза, се обидуваа на различни начини и со различни ветувања да го оттргнат од неговите лоши патишта. Но не успевајќи да го натераат да ги промени своите грешни патишта, и, токму спротивно, секојдневно добивајќи се посериозни информации за богохулната ерес која ја практикува и ја подучува, и за неговите монструозни дела, и имајќи за нив бројни сведоци достојни да им се верува, беа уверени во вистината на оваа работа; и откако сето тоа беше истражено во присуство на почитуваните хахамими, тие одлучија, со нивна согласност, споменатиот Спиноза да биде екскомунициран и исфрлен од луѓето на Израел. Со одлука на ангелите и по заповед на светите луѓе, го екскомуницираме, исфрламе, проколнуваме и осудуваме Барух Спиноза, со согласност на Бог, благословен Тој нека е, и со согласност на сета света заедница, и пред овие свети свитоци со шестотини и тринаесет заповеди кои се запишани во нив. Проклет нека е дење и проклет нека е ноќе, проклет нека е кога си легнува и проклет нека е кога се буди. Проклет нека е кога заминува некаде и проклет нека е кога се враќа. Бог нема да го поштеди, туку гневот Божји и зависта Божја ќе чадат околу него, и сите клетви запишани во оваа книга ќе паднат на него, и Бог ќе го избрише името негово од под небото. И Бог ќе го одвои заедно со злото од сите племиња на Израел, според сите клетви напишани во оваа книга на законот. Ви наредуваме никој со него да не комуницира ни писмено ниту пак усно, никој да не живее со него под ист покрив, никој да не му се приближи поблиску од четири лакти, никој да не го чита она што тој го напишал.“

Јас уште пред тоа знаев за херемот, така што бев спремен да си заминам од куќата во која живеев со брат ми, бидејќи херемот налагаше сите мои роднини да ги прекинат односите со мене. Заминувајќи од дома со себе зедов дел од моите книги, следниот ден носачи ми го донесоа останатиот дел од книгите и големиот црвен ледикант на кој мајка нѐ роди и Исак, и мене, и Ребека и Мирјам и Габриел, и на кој и таа и татко умреа. Отидов да живеам кај Франс фан ден Енден, кој уште кога низ Амстердам се говореше дека може да бидам екскомунициран, ми понуди да се преселам кај него доколку морам да заминам од својот дом. Некој ми кажа дека од натписот над нашата продавничка – Бенто и Габриел Спиноза – беше избришано моето име, но јас никогаш не отидов да го видам тоа. Не го видов повеќе ни брат ми, за кого осум години подоцна некој ми кажа дека заминал за Барбадос.

Една вечер во домот на Франс фан ден Енден дојде Самуел Казарес, и рече дека сака да поразговара насамо со мене. Ми кажа дека го пратил Раби Мортеира. Еврејската заедница знаеше во каква положба се наоѓам, и очекуваа да покажам слабост и да се покаам. Ми нудеа илјада гулдени годишно доколку се појавам во синагогата и признаам дека сум згрешил, па да побарам простување. Му реков на Самуел да му каже на Раби Мортеира дека ниту за десет илјади гулдени не би го сторил тоа. Самуел ми рече дека доколку не го прифатам предлогот, Раби Мортеира и Раби Абоаб ќе бараат од властите да ме избркаат од градот, со образложение дека моите твдења не се само против еврејското, туку и против христијанското учење, и дека би можел да ја расипам и христијанската младина. Му реков да му пренесе на Раби Мортеира дека му пожелувам добро здравје.

Илјадата гулдени, иако не ги прифатив, ми беа неопходни; можеби не во тој миг, бидејќи имав нов дом, а заработував така што давав часови по хебрејски и математика, но ниту домот ниту заработувачката можеа да бидат постојани. Ако градските власти се сложеа со Раби Мортеира да бидам избркан од Амстердам, не ќе знаев ни каде да тргнам, ни што да работам. Една вечер му кажав на Франс за моите стравувања, а тој, знаејќи ја мојата љубов кон телескопите и микроскопите, ми рече дека не би било лошо да научам да брусам леќи, додавајќи дека има пријател кај кого можам да ја изучам таа вештина. Почнав да ги читам „Астрономија и прекршување“ од Отец Шајнер, а потоа и „За телескопските изуми“ од Борелиус и „Оптика“ од Декарт. Моите проучувања на оптиката започнаа со математичката теорија: ме интересираше под кој агол леќите најдобро ги прекршуваат зраците светлина и ги доведуваат во фокус. Потоа со помош на пријателот на Франс, Јан Глаземакер, учев како се изработуваат леќи: најпрво со сечило премачкано со мешавина од пепел и масло се отсекува парче од необработено стакло. Потоа во катран се држи леќата да не се помести додека центрирачката осовина и млинот грубо ги изработуваат радиусите или аглите. Потоа следува фино брусење при кое се дообработуваат аглите и радиусите. На крајот се употребува карборундум и прашок за мазнење за дообработка на леќите.

Еден четврток во домот на Франс дојде неговиот пријател од Мадрид, Франсиско Монрос, кој го проучуваше летот на инсектите. Ни кажа дека се запознал со Аксипитер Бигл кој пристигнал во Шпанија неколку месеци пред тоа, и кој во тоа време ги запишувал своите тврдења за потеклото на човечкиот род и за настанокот на светот, со надеж да ги објави, верувајќи дека со нив ќе ја расколеба вербата на луѓето во религиозните догми и дека така ќе се сруши моќта на Инквизицијата. Франсиско Монрос замина од Амстердам неколку дена подоцна, откако детално го забележа во неколку нотеси летот на некој вид пеперутки за кои тврдеше дека живеат само на ова поднебје, а само неколку денови по неговото заминување до нас стигна веста за крајот на Аксипитер Бигл. Инквизиторскиот суд го запалил едно попладне во Мадрид откако биле откриени во една печатница неговите книги „Од мајмун до Адам“ и „Кратка историја на времето“. Идеите на Аксипитер Бигл за потеклото на човечкиот род и за настанокот на светот, кои заради шегување ги раскажував меѓу моите познаници, престанав да ги ширам.

Сепак, кога заканите на рабините дека ќе се обратат до градските власти да бидам протеран од Амстердам се засилија, а тоа беше сторено со цел да се покаам, јас знаев дека ќе морам да заминам. Алберт Бурх, со кого изучував латински кај Франс, рече дека ќе најде нов дом за мене. Неговиот татко, Конрад Бурх, беше судија и еден од најбогатите луѓе во Амстердам. Една од нивните куќи се наоѓаше во едно село близу Амстердам. Веднаш до селото се наоѓаа гробиштата на Евреите од Амстердам, каде што беа закопани и Хана Девора и Михаел Спиноза. Во тоа село, Аудеркерк, каде што воздухот беше лесен како пердув од галеб, се преселив кон крајот на 1659 година.

Ја помнам ноќта пред заминувањето од Амстердам. Во куќата бевме само Клара Марија и јас – татко ѝ и сестрите требаше да се вратат следното утро од Антверп, каде што беа да ги посетат роднините. Клара Марија свиреше на лаута во соседната соба, а јас се обидував да ги победам гневот и стравот – и само одвреме навреме забележував дека одново и одново ги стегав прстите во тупаници, па ги опуштав.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *