Извадок од романот „Сè уште можам нешто да сторам“ на Фросина Пармаковска.
Додека се качувавме до втори, откако таа ни отвори на домофонот, мене ми се одврза врвката од левата патика и се задржав меѓу први и втори за да ја врзам, а Пина и брат ми не ме видоа и не ме почекаа, ниту пак јас им довикнав, но она што беше поголемо и, за мене, на извесен начин вознемирувачко, беше моментот потоа.
Јана, која веќе ја отворила вратата и чијшто израз можев во сосем мал зрак светлина да го фатам низ оградата покрај скалите, радосно им извика: Ааааа, што сте ми убави денес!
На тој нејзин восклик, моето лично време со кое честопати ги броев вторите плочки по кои чекорам, но поважно, ги мерев средбите со луѓето кои ги сакам разложувајќи ги во реченици, чувства, зборови, смешки и на уште илјадници други начини, времето во кое растев, созревав, губев луѓе, сакав и бев сакан – тоа мое време застана, а јас, чувствувајќи го чудното и неудобно негово отсуство, посакав и јас да отсуствувам со него, да се вратам назад мирно и нечујно и да ги оставам да си бидат убави, сите нека бидат убави и убаво нека се веселат!
Во таа моја лична безвременост и бесприсутност, во јадрото на таа само една и толку очајна инфантилна помисла, ми се роди и бес кон мојот брат и кон Пина, и кон Јана, и кон Лео кој ако беше куче, ќе имаше поголема интуиција и способност за распознавање луѓе и немаше толку брзо да посегне по него со рацете допирајќи ја неговата глава.
Чувството на исчезнување ми се претстави одново со најголема изразеност и во неопислив ужас, засилено со застанувањето на времето од мојот живот и немоќта самиот да си го придвижам. Исчезнав ли некаде сосе моето време? Нели можат да ме видат?
Тогаш, поттурнат од некоја сила што самиот јас во моментот никако не ја поседував, влегов во видикот на Јана и конечно ја предизвикавме реакцијата таква каква што во почетокот ја замислија: изненадена, затекната и збунета, и сето тоа го преточи во гласна ѕвонлива смеа што следеше веднаш откако сфати што се случува. А јас, паралелно со нејзините весели ѕвончиња, се претворив во човек кој исто така и исто толку се забавува и се придружив кон општата смеа.
Но, целото време и додека го пиевме кафето кај неа и додека шетавме низ паркот петмината, јас можев да си го слушнам срцето кое чукаше и ми зборуваше: ти-си-не-си-ти-си-не-си-ти !!!
И воопшто, по реченицата „Ааааа, што сте ми убави“, јас повеќе не би можел да одговорам за јасниот опис на сѐ што се случуваше на таа прошетка затоа што работите околу мене ги гледав низ страшното заминување на моето време од мене и низ гневот од невидливоста што ме обви како темна непробојна завеса додека тој беше озрачен од убавата привлекувачка светлина што со магични конци ги влечеше објектите кон него.
И намерно, како за инает, кога седнавме на клупата во паркот, јас зазедов позиција што го намести него на крајот од клупата, тој ми беше од левата страна, а од десната седеа Пина и Јана со Лео во скутот – сакав намерно да ги скинам конците што него со сѐ околу го поврзуваа.
Но, тоа не одеше баш така, и покрај мојата пакосна намера, јас никако не успевав да се ослободам од чувството дека исчезнувам. Кога почнував да зборувам, моите зборови наместо до ушите на присутните, се протнуваа низ еден, за нив недостапен тунел, излегувајќи токму на лисјата од дрвата пред нас, патуваа носени од ветрот преку грмушките што го обрабуваа тревникот во нашиот видик, сѐ до излезот на паркот, право во контејнерите на уличката.
Исто беше и со мојот лик, моето тело што се замрзнуваше и стануваше само рамка од неподвижна слика, толку несмасно потпрена на штиците од клупата, што сите околу мене се наведнуваа и ги искривуваа вратовите само за да ја избегнат додека се обидуваат меѓу себе да се гледаат. Тие избегнуваа да гледаат во мене, ме заобиколуваа како да бев јас некаква препрека.
А јас, без мојот глас и присуство и без само мојот образ, немоќно тонев во лулката која висеше на дебел синџир и осцилираше помеѓу ѕидот на конфузноста во кој сите тие денови си ја удирав главата и оној на бесот поради моето исчезнување што сега толку моќно ја обземаше секоја во мене присутна клетка. Поради сето тоа, јас не можам сосем да знам, ниту пак да опишам на кој начин тогаш присуствував и учествував во таа, навидум релаксирана петочна прошетка. Но, знам дека штом се вративме дома, како наеднаш да ми падна товарот што толку наврапито ми натежна во оној миг кога се наведнав за да ја врзам врвката од левата патика затоа што можев да заспијам во мојот свет и таму да постојам.