Сенки во подземјето (извадок)

Извадок од романот „Сенки во подземјето“ на Марија Ралповска.

17

28 февруари 2019, Дачо

Некој ми го зел ќебето и бев смрзнат. Воопшто не беше удобен креветов. А и јас што очекував, како да не сум задоволен од услугата во хотел со пет ѕвезди. Кревет е пренадежен збор за стар душек со федери. Легнав на стомак и се загледав низ малиот прозорец со решетки над мојата глава. Небото беше темно, но немаше ѕвезди. Кој знае за колку време ќе го видам небото без овие решетки.

„Вечера!“ Викна чуварот. Клучевите заѕвечкаа, тој ја отвори вратата и го турна по земјата металниот послужавник кој заврши токму пред масата.

Се извлечкав од креветот и седнав на заедничката маса во средината на ќелијата. Во послужавникот имаше една голема чинија, а во неа неколку парчиња месо и леб. Другите притвореници, нетрпливи, го ставиле послужавникот на масата и веќе почнале да јадат. Двајца беа браќа и си наликуваа во градбата на телата. Разликата меѓу нив беше тоа што едниот беше ќелав. Беа крупни и малку тромави, со силни дланки и дебели прсти. Трошките од лебот се лепеа на нивните густи бради додека џвакаа брзо. Помислив дека ништо нема да остане за мене. Другиот притвореник беше слаб како скакулец, со испиено лице и блед тен. Не се грижев за неговиот дел од вечерата.

Зедов едно парче месо и додека загризував, се свртев кон креветот што се наоѓаше под мојот. Се зачудив кога го видов празен. Четвртиот притвореник, оној кој не зборуваше со никого, се движеше кон масата и на крајот седна спроти мене. Изгледа штрајкот официјално го завршил. Русата коса му беше разбушавена, а сините очи му беа потечени, како да плачел. Имаше некое бебешко лице, без ниту едно влакненце на него. Тој се потпре со лактите на масата, погледна во чинијата и тешко воздивна.

„Нема нешто друго за јадење?“ Праша тој и тоа беше првпат да го слушнам неговиот глас откако ме префрлија овде.

„Сакаш ли да ти порачам пица? А десертот ќе ти биде на моја сметка, вафла со нутела и јагоди.“ Му се исклештив, а тој преврте со очите.

„Месото е живо. Ако го однесеме на ветеринар, можеби има шанси да се спаси.“

По целиот хаос што ми се случуваше последниве неколку дена, сега слатко се насмеав. Можеби и грешев кога помислив дека овој тип е намќор.

„Немој да пребираш, јади го тоа што ти е дадено.“ Му рече ќелавиот кој седеше до него.

„Не можам да јадам. Немам прибор и своја чинија. Плус, јас не јадам месо, тоа е убиство на животните. Јас сум вегетеријанец.“

„Ти си мамино синче.“ Го вперив показалецот кон него.

„Не сум!“ Образите му поцрвенеа. „Ти не ме познаваш.“

 Смеејќи се, скакулецот и другиот притвореник се преместија на своите кревети, а ќелавиот му довикна на чуварот низ прозорчето на вратата и му побара јадење.

„Немој да плачеш, ќе донесе нешто друго. И онака месото го изедовме.“

„Па, ајде тогаш да те запознаеме.“ Реков.

„Мики.“ Прозборе тој неволно.

„Мило ми е, Мики. Јас сум Дачо. Ајде, потруди се малку повеќе. Ако сум ти учителка, за ова би добил оценка два минус.“

„Постојано ли си ваков?“

„Каков?“

„Арогантен!“

„Не сум арогантен, едноставно сум лабав тип кој се зеза постојано. Сѐ уште чекам да ми ја раскажеш твојата приказна. Долги години имаме пред нас, нема каде да се скриеш.“ Се потпрев на столчето, ги прекрстив рацете на стомакот и чекав.

„Добро, добро. Ако е доволно тоа за да престанеш да зборуваш. Женет сум, имам две деца и работам во „Астриба“. Односно, работев…“ Тој издиша и се замисли.

„Ооо, види, види. Ќе те додадам на мојот список за посети откако ќе излезам одовде.“

„Каков список? Што работиш ти?“ Праша Мики со чудење.

„Зарем не си слушнал за него?“ Се вмеша ќелавиот.

„Не. Што треба да слушнам?“

„Нашиов цимер е првокласен крадец. Полицијата не можеше да го фати осум години.“

„Ако не можела да го фати, тогаш зошто е сега тука и ми соли памет?“

„Ме наместија. Убив човек. Всушност, не сакав да го сторам тоа, но ми беа понудени многу пари.“ Реков.

„Што?“ Очите му се ококорија со неверување и речиси потскокна на столот. „Ме ставиле во иста ќелија со убиец? Морам да излезам одовде.“

„Не претерувај, ти реков дека сум крадец. Ако сакав да те убијам, сега немаше да седиш тука. Ќе завршев со тебе уште попладнето додека ти спиеше.“ Му намигнав, па потоа се загледав низ решетката на прозорчето. „Да, откако ќе излезам, дефинитивно ќе ја ограбам вашата банка. Тоа ќе го оставиме за финале и потоа ќе се пензионирам.“ Реков и се насмеав задоволно додека ги протрив дланките.

„Нема шанси. Никогаш нема да поминеш преку тоа обезбедување и да стигнеш до сефовите. Избриши го тој филм од твојата глава.“

„Ќе се изненадиш што сѐ можам да сторам.“

Чуварот ја отвори вратата и остави на земја една чинија со ориз. Мики ја зеде и ја спушти нервозно на масата.

„Зарем треба сите да јадеме од една чинија? И зошто нема прибор?“

„Не плачи.“ Рече ќелавиот и извади две пластични виљушки од шкафчето покрај неговиот кревет. Ги фрли пред Мики, а потоа така се оптегна врз душекот што предизвика мал облак прашина да се крене од него. „Јас ќе дремнам, немој да галамиш многу.“

Јадевме молкум и брзо зашто бевме гладни. Месото беше навистина живо, но оризот беше добар. Некаде на четвртиот залак почувствував дека јазикот ме пецка и дека ми се врти во главата. Ми беше задушливо во просторијата, облеката ме стегаше и почнав да ја губам силата. Мики беше блед. Погледите ни се сретнаа.

„Ми се спие…“ Прошепоти тој.

Потоа многу матно се сеќавам на случувањата. Одеднаш целата слика ја гледав вертикално и главата ме заболе. Изгледа сум паднал од столчето. Мики лежеше спроти мене. Неколку лица се моткаа околу нас и зборуваа нешто, но јас не можев да ги слушнам и да ги распознаам. Додека нѐ изнесуваа оттаму, губев свест. Последното нешто на што се сеќавам е дека видов една ниска жена облечена во бел мантил како трча зад нас.

Ќелијата број 139 полека избледуваше зад мене.

18

28 февруари 2019, Тони

Се разбудив со болка во грбот и во рамото. Едниот куршум не успеа да пробие низ панцирот, но другиот ме рани во левото рамо.

Го тргнав ќебето од себе и забележав дека сум спиел по долна маица и фармерки. Се исправив и почнав да ја разгледувам просторијата. Пред моите нозе имаше ниска мермерна маса, поставена врз црно-бел килим, а околу три нејзини страни беа наредени тросед и две фотелји во беж боја. Ѕидот спроти мене беше декориран со вештачки цигли во портокалова боја. На нив беше закачен рамен телевизор, а под него се наоѓаше мал камин. На другата страна на просторијата од белиот ламинат до таванот се издигаа два високи столбови, а на ѕидот зад нив беше закачено големо овално огледало.

Сфатив дека сум спиел на тросед во туѓа дневна соба. Левата рака ми гореше, но ми беше преврзана со завој кој се протегаше од рамото до лакотот. Посегнав по џемперот кој беше оставен на фотелјата и внимателно го облеков. Ми требаше некој момент да се сетам на минатата ноќ. Јас воопшто не се вратив дома. Директно дојдов кај една моја пријателка. Се присетив дека се движев пешки и по темни, споредни улички, додека не стигнав до Сорбона. Застанав на прагот на влезната врата од станот, потпирајќи се на ѕидот за да си ја одржам рамнотежата. Тогаш состојбата почна да ми се влошува, видот ми се матеше. Заѕвонив на ѕвончето и понатаму ништо, темнина.

Ѕирнав лево-десно и ја видов Јасмина како ми мавта со раката од терасата. Излегов надвор и седнав на столот до неа. Таа беше замотана со едно црно ќебе, а на главата имаше црвена зимска капа. Нозете ѝ беа качени на столот, со колената под брадата и во рацете држеше две чаши со кафе од кои топлината излегуваше во вид на пареа.

„Добро утро, Тони. Повели.“ Ми ја подаде едната.

Ќебето што висеше на столот го префрлив преку нозете и ја фатив чашата со двете раце за да се стоплам. Се загледав во далечината. На земјата имаше слана, а дрвјата беа голи. Март веќе беше на прагот, но сѐ уште беше студено. Мирисаше на снег. Го погледнав плишаниот зајак со кој сум заспал, држејќи го в раце.

Зимата беше бледа и празна, немаше раздвиженост, немаше живот. И многу наликуваше на мојот. Празен и осамен. Пред некој ден беше мојот четириесет и трети роденден. Не го славев денот. Веќе одамна не го правам тоа. Поминаа години откако ме напуштија сопругата и ќерката, откако немам ниту еден пријател што не е поврзан со безбедноста и со полицијата. И не можам да им замерам за тоа. Требаше да бидам татко и сопруг, ним им беше потребно внимание и грижа, а јас се грижев само за работата. Постојано бев во канцеларија или на терен, не ретко се случуваше и да преспијам надвор. Работата на јавниот обвинител бараше посветеност 24 часа и 7 дена. Работното време завршува, но работата ја носиш и дома, на масата на која вечераш и во креветот во кој спиеш. Се обидуваш да го направиш светот подобар за сите, но не успеваш да го сториш тоа за сопствената фамилија. Не можам ни да ги запомнам сите заканувачки писма и повици коишто сум ги добил во целата моја кариера. Исцрпувачки е постојано да се запрашуваш за секое лице на улица дали е криминалец, исполнет со бес, кој бара одмазда.

Секој ден ми недостигаат сѐ повеќе, а успевам да ги видам само еднаш до двапати во годината. Знам дека тие сѐ уште ми немаат целосно простено што ја поставив работата на прво место. Ќерка ми повремено го врти мојот број и, обично, водиме празни разговори. Во нејзиниот глас ја чувствувам далечината меѓу нас и не знам што да ѝ кажам, не знам што да ја прашам. Утеха наоѓам во тоа што знам дека сега се безбедни, далеку одовде, а јас можам без страв да си ја вршам својата работа.

„Добро си?“ Јасмина ги прекина моите мисли. „Синоќа пред да ми се онесвестиш на прагот од станот ми мрмореше да не кажувам никому дека си жив и во никој случај да не одиме во болница. Морав сама да ти го средам рамото. Имаш среќа што куршумот поминал само низ мускулот и не направил поголема штета. Потоа, ти заспа, а мене ме повикаа на работа и тогаш ја дознав приказната.“

„Ти благодарам. Сакам да те замолам за една услуга.“

„Што и да ти треба.“

„Сакам да продолжиш да ја чуваш оваа тајна. Никому не сум се јавил, дојдов веднаш кај тебе. Тебе ти верувам со својот живот. Ќе собереме уште некои луѓе од доверба и само ние ќе работиме на овој случај. За сите други, случајот ќе тапка во место, а јас ќе останам мртов.“

„Во ред, ти знаеш како е најдобро. Се сомневаш во неа, нели?“ Ме праша по неколку секунди молк.

„Да.“

„Синоќа приведовме еден. Призна дека тој пукал во тебе. Предмалку се вратив од станица. Го префрлија во притворот во Нантер.“

„Во притвор е? Кој е тој? Не успеав да го видам неговото лице.“

„Давид Левек, Дачо. Она криминалчето што нѐ врти околу малиот прст.“ Рече Јасмина и се насмеавме накратко. Многу добро знаев кој е Дачо. Всушност, немаше полицаец во градов што не знаеше за него.

„Штета, наседнал на измамата. Да не беше ова, можеби, уште долги години ќе си живееше вака и никогаш немаше да имаме шанса да седиме во иста соба со него.“

„Ни кажа и кој го најмил.“ Таа зјапаше во мене сѐ додека не ми текна.

„Секако.“

„Ни го посочи нејзиниот човек. Ова станува сериозно. Таа почнува да ги чисти сите што ѝ пречат. Се сеќаваш на случајот со банкарот од пред неколку дена? Оној Мики што наводно го ограбил трезорот на „Астриба“ и тоа токму откако таа се замеша. Не знам како успеала да стигне до директорската фотелја, но таа банка набрзо ќе пропадне. А се сомневам дека работите течат легално таму.“

„И Моника Дима, жената што беше убиена вчера. Не знам што се случи со детето. Дали успеало да избега и каде е сега.“

„Мора да ја запреме.“

„А како го фативте Давид толку бргу? Јас се сеќавам дека го видов како бега.“

„Анонимен пријавител рече дека Дачо чека приватен авион на аеродромот „Шарл де Гол“ за да избега откако пукал во јавниот обвинител.“

Некој момент седевме во тишина и го гледавме снегот како полека се таложи над земјата. Кога погледите ни се сретнаа, јас го кажав на глас тоа што Јасмина го мислеше.

„Ќе го убијат! Ќе ги убијат и двајцата!“

22

28 февруари 2019, Дачо

Ги отворив очите и неколку секунди трепкав во мракот. Од еден мал прозорец од мојата десна страна влегуваше слаба светлина, како од улична светилка. Ми изгледаше дека сум во некоја приколка, но не можев да бидам сигурен. Чувствував како грчевите полека ги напуштаа моите раце и нозе. Лежев на нешто тврдо и грбот ме болеше. И беше премногу ладно.

Се свртев налево и се удрив во нешто. Подмижав и зјапав некое време додека не сфатив дека до мене има друго тело. Ги препознав русата коса и лицето на светлината од прозорчето. По ѓаволите, тоа беше Мики!

„Разбуди се.“ Се исправив во седечка положба и почнав да го тресам за рамото. Откако немаше никаква реакција, го тресев посилно. „Јас сум, Дачо.“

„Остави ме.“ Промрморе тој конечно, сѐ уште мижејќи.

„Добро е, жив си. Ајде, станувај.“

„Уште пет минути.“

Му удрив шлаканица и тогаш ширум ги отвори очите.

„Ау, што правиш ти, луд ли си?“ Викаше Мики додека се држеше за образот.

„Немој да плачеш. Морав да те разбудам.“ Почнав да се смеам.

„Безобразен.“ Се исправи и продолжи да се држи за образот додека се вртеше наоколу. „Каде сме?“

„Немам поим.“

„Оф, уште колку ќе бидам заглавен со тебе?“

„Уште мнооогу долго.“

„На што се сеќаваш?“

„Ми беше лошо.“ Одговорив по неколку секунди размислување. „Ми се вртеше и некој ме изнесе од ќелијата. И потоа се разбудив тука.“

„Исто. Што е ова, подрум? Самица?“

„Самица се вика зашто си сам внатре.“

„Што ако некој нѐ киднапирал? Леле, што ќе прават со нас? Каде ќе нѐ носат? Сигурно ќе ми ги извадат бубрезите и потоа ќе ме фрлат во море.“ Зборуваше пискаво како тинејџер чиј глас почнува да мутира. Тој стана и се доближи до ѕидот. Почна да го чепка со рацете, движејќи се лево, додека не стигна до некоја врата која се обиде да ја отвори. Кваката чкрапна, но вратата не се отвори. „Заклучено е!“

„Значи некој нѐ извадил од ќелијата.“ Размислував на глас и го игнорирав Мики. „Прашањето е зошто? Уште поважно, кој?“

Тогаш се слушна некакво тропкање. Го препознав механизмот на отклучување. Вратата се отвори и навлезе слаба светлина однадвор. Мики се повлече назад и седна до мене.

„Па, ајде да ја скратиме неизвесноста.“ Прозборе еден машки глас.

Неколку секунди на прагот стоеше силуета, која не можев да ја препознаам зашто не беше доволно светло. Ѕирнав зад неа и успеав да видам дел од железничка пруга, која беше обрасната со трева, а зад неа имаше камен ѕид. Силуетата влезе внатре, притисна на еден прекинувач веднаш до вратата и светилката што висеше од таванот се вклучи. Јас и Мики се наоѓавме на едниот дел од нешто што ми наликуваше на вагон, а на другиот крај имаше маса со четири столчиња. Човекот седна на едно столче и гледаше во нас. Беше средовечен маж со седа коса и темни очи. Носеше црн мантил што беше наметнат врз левото рамо бидејќи на тоа место имаше завој. Се обидував да се сетам на кого ми наликуваше, но не можев. Мозокот како да ми беше блокиран. А бев сигурен дека сум се сретнал со него. Потоа влезе една жена, исто така облечена во црн мантил, која седна на другото столче. Неа веднаш ја препознав.

„Јасмина.“ Реков со изненадување.

„Здраво, Дачо.“ Се насмеа таа.

„Кои се овие?“ Ми шепна Мики.

Го чув прашањето, но не одговорив. Зјапав во човекот што седеше до Јасмина додека сликите од минатите два дена ми излегуваа пред очи и се поврзуваа како сложувалка. Ми се мешаа различни емоции. Бев збунет, зачуден, чувствував вина и срам, а од друга страна, и големо олеснување. Зјапав молкум и зачудено. Тој претпостави нешто, веројатно, поради начинот на којшто го гледав и се насмеа. Како беше возможно тој да е жив? Тој личеше на…

„Да, јас сум, Тони.“ Рече конечно. „Добре дојде во задгробниот живот.“ Тој ни посочи со десната рака кон столчињата.

 Мики збунето го послуша и седна спроти Јасмина. Јас и понатаму не се помрднував од местото. Бев уште повеќе збунет од него, бев во шок. Можеби сонував, можеби сѐ уште бев под дејството на отровот, дрогата или што и да имаше во храната.

„Може и така да разговараме, ако сакаш.“ Ми се обрати Јасмина.

Погледнав во неа и се прибрав. Молкум седнав на столчето и гледав в земја. Немав храброст да го погледнам обвинителот в очи. Во главата ми се вртеа толку многу прашања и мисли, но немав храброст да прашам. Како да седиш спроти човекот во кого си пукал пред 24 часа и да се однесуваш како ништо да не се случило?

„Ќе ми каже ли некој што се случува овде?“ Прашањето на Мики ја скрши непријатната тишина. Тој зјапаше во нас тројцата со исчекување.

„Со тебе не се познаваме. Јас сум Тони Буше, јавен обвинител, а ова е Јасмина Шовен, инспекторка по крвни деликти и моја блиска пријателка.“

„Јас сум Мики Тесие.“

„Ти си она банкарчето што го наместија за кражба на пари и дијаманти.“ Рече Јасмина.

„Вие знаете за тоа?“

„Секако.“ Таа кимаше со главата, присетувајќи се. „Мачка да не ти го изела јазикот, Дачо?“

Иако главата сѐ уште ми беше наведната надолу, можев да ги почувствувам нивните осудувачки погледи кон мене.

„Знам дека се каеш.“ Рече Тони.

Конечно ја кренав главата и го погледнав. Да, тоа требаше да го кажам. Но зборовите како да ми заглавија во грлото. Само зјапав во него, а тој ме гледаше со некоја пријателска насмевка полна со разбирање. Зошто? Ако улогите беа сменети, јас без двоумење би му го направил животот пекол на оној кој се обидел да ме убие.

„Знам дека не си убиец. Знам дека таа слика не можеш да ја избришеш од главата. И не треба. Таа слика треба да ти биде потсетник да внимаваш што правиш и со какви луѓе се плеткаш, зашто следниот пат кога ќе го повлечеш чкрапалото нема назад. Оваа среќа нема да ја имаш двапати. Всушност, успеав да извлечам и нешто добро од тој… настан. Можеби треба и да ти се заблагодарам. Направивме добар пресврт.“

„Јас… Навистина се каам.“ Реков со шепот, изненаден што тоа беше навистина точно.

„Ти си марионета, Дачо. И двајцата сте марионети. Некој друг ги влече конците.“ Тони се навали на масата и прво ме погледна мене, а потоа Мики. „И сега сме овде за да ги скинеме тие конци. Ајде, раскажете ми ги вашите приказни.“Сенки во подземјето

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *