Шах

Извадок од книгата „Татко и отец“ на Трајче Кацаров.

Шахот е како и животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано. Пред десетина години прочитав песна во која се зборува за поетот кој на Фестивалот на поезијата наместо книги постојано носел шах под мишките.

Го знаев и Фестивалот и поетот. Тој навистина не се делеше од шахот, посебно кога ја прочита песната во која беше опишан неговиот однос со древната игра. Го носеше шахот под мишките во секое време на денот и ноќта.

Беше смешен само за оние што не знаеја што навистина носи. Писателот пред насобраните во секое и во никое време го покажуваше планот на неговиот живот или поточно им кажуваше на слепците дека знае да планира.

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано. Не знам дали е тоа Божја игра. Но, се сомневам дека Господ би се потпишал како изумител или како пасиониран играч на играта што можат да ја научат и несовршените, луѓето.

Господ, сигурно не би сакал да се сретне со суштество што може да си го испланира животот како во шахот, да ја даде кралицата за коњ.

Еднаш Господ ги скарал луѓето кога сакале да допрат до неговите тајни, ѕидајќи ја Вавилонската кула. Зарем оној што скарал цел свет, не ќе може да скара еден грст поети.

Со поетот после објавената песна никој не сакаше да игра шах. Едноставно остана неразбран. „Што сака овој бе, со тој шах?“ – се прашуваа луѓето. Некои се крстеа и под мустаќ ја изговараа синтагмата „Господ да чува и да брани, по светот има секакви будалаштини“.

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано. Тато и покрај тоа што го почитуваше Светото тројство реши да купи шах и да ја научи играта.

Астронаутот Нил Амстронг излезе од Аполо 13 и зачекори по месечината па рече: „Ова е мал чекор за мене, но голем за човештвото“, кога тато се врати дома со шах под мишката.

– Ја заменив гитарата – ѝ рече на мајка ми

– Зарем за ова дасче?

– Во ова дасче е целиот ум на светот.

– Си правел и поголеми глупости – му рече мама – па сега ништо не може да ме изненади.

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано.

Тате го стави пред себе шахот и ги одбележа сите 64 полиња. Се подготвуваше за пресметка со најстрашното. Со сите расположливи средства, беше насобрал еден куп шаховски книги, требаше да тргне против судбината. Сакаше сѐ да поаѓа од неговата глава. Сакаше да почне да го планира животот.

– Е, луѓето не пасат трева, тоа треба да го знаеш – ѝ велеше на мама.

– Го знам тоа и пред да го донесеш шахот – му одвраќаше таа.

– Го знаевте, го знаевте, ама џабе. Отсега натаму ќе биде поинаку.

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано.

Во присуство на тато почнавме да зборуваме само одмерено и со сериозен тон. Шаховските книги беа нашата нова Библија, а имињата на шаховските велемајстори: Смислов, Тигран Петросијан, Спаски, Карпов, Боби Фишер, беа икони пред кои секој од нас се поклонуваше како што се поклонуваа несовршените суштества во Господовите храмови: Господи помилуј! Господи помилуј!

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано.

Секогаш кога после неколкуте саати поминати во анализа на некоја партија ќе ја кренеше главата, од очите ни испраќаше важен поглед.

Луѓето што не го разбираа шахот, што не се ѕвереа во шаховските книги и не спиеја врз шаховските табли, за него беа ништожни, недостојни да живеат. Тоа го правеше категоричен во одлуките.

Кога посакав да ми купи велосипед категорично ме одби. Потоа малку ретерираше во својата одлука, но пак донесе категорично решение:

– Ќе играме 100 партии шах. Ако ме победиш во седумдесет, како награда ќе добиеш велосипед, во спротивно и понатаму ќе трчаш по велосипедите на глупчовците од улицата кои не само што не знаат да играт шах, туку и не знаат што значи тоа.

Изигравме 100 партии шах. Го победив во 70. Не ми купи велосипед. Трчав уште посилно по велосипедите што ги возеа глупчовците од улицата и не ми беше јасно зошто не ја добив наградата.

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано.

Еден ден донесе одлука. Си ја соопшти полугласно. Си ја соопшти додека стоеше пред огледалото во претсобјето: „Мислам дека ми е потребна борба. Морам да си најдам противник. Да тргнам кон првата победа. Да, господине Смислов, светот те чека да го освоиш.“

Противникот го најде него. Еден ден пред стемнување додека чекавме заедно со трагите на космонаутите и со развеаното американско знаме, да изгрее месечината, во дворот се појави Крсто. Соседот Крсто работеше како чувар во предарата „Македонка“.

– Те гледам постојано со шахот во рацете, – му рече на тато.

– Во последно време да.

– Можеме да свртиме некоја партија, ако сакаш.

Тате го погледна како што Хитлер првпат ја погледнал картата на освоената Европа. Зарем е можно еден прост чувар да се одважи и да го предизвика на двобој. Го прифати предизвикот.

– Ајде, – му рече и го покани да влезе во собата во која шаховската табла ја очекуваше првата пресметка на црното со белото, на гордоста со скромноста.

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано.

Се впуштија во борба. Тато пред шаховската табла стоеше надуван како Сталин пред „Црвената армија“. Крсто изгледаше како учесник во Карпошовото востание.

Тато беше потонат во длабока мисла. Сериозни брчки му го браздеа челото. Скоро бесшумно ги креваше фигурите и ги спушташе врз таблата. Атакуваше кон победата. Сакаше недостојниот за ваква игра да го столчи во три потега.

Крсто селанецот и чуварот во предарата со јак свиреж го испраќаше секој потег на тато. Фијууу! Фијуу! Движењето, пак, на фигурите со кои тој играше го поткрепуваше со весели звуци.

За време на една одиграна партија шах Крсто селанецот, чуварот во предарата, отсвируваше на уста по три до четири ора. Почнуваше со „Топтан топтан“, па преку „Елено моме“ завршуваше со „Чачак“, или „Моравац“.

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано.

За тато шахот не заслужуваше таква навреда. Крсто селанецот, чуварот во предарата, требаше да биде матиран уште пред да се сети дека треба да ја отсвири „Топтан топтан“. Значи, неговиот линч требаше да биде исиланиран во три потези.

Тато покажа голема кондициона подготвеност. Ниту еднаш не побара одмор, време за консолидација на силите. Се бореше како Тигран, како Смислов. Се бореше за животот.

Но, сѐ беше попусто. Крсто селанецот, чуварот во предарата, му ги растураше сите планови. Свирејќи си, смеејќи се, тоа значи правејќи голем – неопростив грев, му ги мрсеше конците. Му ја вадеше играта, судбината, му го вадеше животот од рацете на тато.

Шахот е како животот. Во него сѐ треба да биде однапред испланирано.

Наеднаш почна да се гаси љубовта на тато кон шахот. Еден ден, затворајќи ја шаховската табла, диплејќи ги книгите ѝ рече на мама:

– Сепак сме во негови раце.

– Како што е Господ никој не е – му одговори таа.

– Просто не можеш да претпоставиш кој сѐ може да му биде миленик.

– Малку се такви.

– Не може секој да планира. Тоа е, сепак, работа на боговите, понекогаш и на Крсто селанецот, чуварот во предарата „Македонка“.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *