Расказ од збирката „Босфорско лето“ на Гордана Михаилова Бошнакоска.
Седевме сами во топлата просторија и топлината ги смекнуваше нашите движења, зборови. Сѐ стануваше некако фино и возможно, а зимата стоеше надвор зад големиот прозорец и разговорот почнуваше да ни оди лесно.
Дела тие денови не ја гледав толку често како порано, но затоа пак, во ретките денови кога седевме заедно, можев да видам дека сака да ми каже нешто, а не знае самата дали тоа треба да го стори. Затоа решив да ѝ помогнам. Јас требаше да ја испрашувам внимателно, полека. Се плашам да зборувам, ми рече Дела. Ако зборувам, ќе дојдам до вистината, а тоа ќе биде крај на сѐ. На сите мои познанства, на сѐ што ми се случуваше во последно време, а сѐ почна пред три години и самата не знам како толку бргу поминаа тие три години. Можеби многу нешта ти се случиле, ѝ реков, па така не си го забележала нивното бегање. Да, да, ми рече Дела, мора да било така.
Сите мои познанства што почнуваа сосема едноставно добиваа некои компликувани текови, во кои тешко се снаоѓав, а не можев да ги променам. Јас не можев да одам на концертот, онојпат, со тебе, ми велеше Дела. Но после така некако се случи истиот тој концерт да се дава на телевизија и беше сосема доцна. Јас седев во другата соба и кога ја чув најавата, си помислив: Е баш фино, ќе видам што клавирист е тој и тогаш мислев на сите оние фалења што ми ги кажуваш ти за него, по концертот, и дека сум пропуштила нешто многу важно и дека ете такви луѓе се ретки и други работи ми кажуваше, дека тој е клавирист нај, нај… Се сместив фино пред телевизорот, седнав на канабето, се покрив со ќебе и чекав да почне емисијата. Клавирот отворен го чекаше него. Набрзина излезе од некоја просторија, седна, се поднамести и почна да свири. Ти веројатно си ја видела таа насмевка. Неговото свирење беше разговор во кој Тој го живееше својот живот. Сите негови композиции беа Тој. Беше неверојатно колку Тој е соединет со музиката, колку тонот за него има значење на живот. Но мене ме збунуваа неговото лице, рацете, усните, очите, косата, неговите движења. Сето тоа ми изгледаше некако видено. Толку силно беше тоа чувство во мене. Сѐ повеќе чувствував дека сето тоа јас го знам, не од тоа што ти ми кажуваше, но некако сосема вистинско, во мене длабоко, длабоко… И додека во еден миг камерите шетаа по публиката, јас те видов и тебе, се појави на екранот како го слушаш занесена, а до тебе седи Вено, ти ја држи раката, а ти не го чувствуваш. Баш ми е жал што го пропуштив тој концерт на телевизија, ѝ реков на Дела. Да, да, тоа е голем попуст, многумина не го гледале, одеше така некако како надвор од програмата, така сосема доцна, ми рече Дела. Но ете, добро е што ти го чу тој човек, ѝ реков.
Додека свиреше, Тој губеше некои делови од себе, тонеше во некои музички слики што сакаше преку клавирот да ги пренесе, но сето тоа јас го чувствував некако сосема блиско, ми велеше Дела. Јас ете, ја знаев таа музика и ми пречеше кога камерите се тргаа од него и ја покажуваа публиката. Така, некаде во задните редови, јас не можев да си поверувам, ме покажаа и мене. Ова е лудо што ти го кажувам и ти сигурно нема да ми веруваш, но јас и себеси не си верувам. А од друга страна, пак, морам да си верувам, зашто сѐ понатаму беше надвор од тој концерт, надвор од тоа мое седење на канабето завиткана во ќебе. Се видов себеси во еден миг и него до мене, заробени во неговата музика. По концертот ние бевме заедно. Тој беше изморен и испотен. Неговата сина свилена кошула можеше да се цеди од пот. Јас му реков да ја соблече и тој облече иста таква — сина. Некои луѓе го чекаа надвор и му нудеа да одат некаде, но тој ги одби и дојде во мојата куќа. Се истушира и јас му дадов чај. Ми побара и леб. Јадеше брзо и лакомо, го голташе чајот како сета течност да излегла од него и сега сака да ја поврати. Сѐ правеше некако брзо, со големи движења и кога зборуваше, зборовите се истураа од него, а потоа долго молчеше. Во тие негови паузи, во тоа молчење, Тој сакаше мене некаде да ме смести. Така, да најде некое место за мене во себе. Ова го чувствував и бев среќна, зашто знаев дека во тој хаос сакав да бидам и јас. Но, некои работи Тој мораше да ги наруши, некои редови, концерти, патувања, а јас не сакав да му се придружувам, зашто чувствував дека овде сѐ почнува и дека никаде нема да биде така како што е сега овде. Јас не смеам да одам никаде, каде што треба Тој сам да оди. Ние потоа отпатувавме во планините и никој не знаеше каде е, зашто кога се вративме Тој се јави по телефон, па од другата страна се истурија зборови, а Тој само се насмевнуваше. Треба да одиме, ми рече. Јас не одам со тебе. Ќе останам овде, а ти знаеш каде сум, му реков.
Се сеќавам на тоа време, ѝ реков на Дела, ти сѐ некако исчезнуваше и те немаше и туку наеднаш ќе се појавеше, сега дури гледаш што било тоа. Не сум сосема сигурна, ми одговори Дела. Јас навистина во тоа време не се гледав со тебе, но сакам да те убедам дека не сум сосема сигурна дека бев со него. Од друга страна, пак, знам такви мигови што ми зборуваат дека токму со него сум била.
Неговото заминување тогаш беше едно големо измачување и за него и за мене. Ги одложуваше деновите, а секое утро телефонот како будилник го предупредуваше за обврските и Тој ветуваше, а кога доаѓаше времето да отпатува, Тој ќе седнеше до клавирот и сѐ се поместуваше тогаш, ништо не остануваше што би било толку силно да се спротивстави на неговата желба за останување. Јас чувствував дека не ќе може вака да бега од одењето. Наутро му велев дека ќе го заклучам клавирот, а Тој ми одобруваше и дури ме молеше да го сторам тоа, а кога една вечер го најде заклучен, беше страшно бесен и викаше и растури сѐ за да го најде клучот и ме бркаше низ куќата, а кога не можеше да го најде, седна и ми рече: Дај ми го клучот, сега веќе нема воз да отпатувам. Но ќе имаш утре, му реков. И Тој одново збесна и викаше по мене и ми се лутеше. Гледам јас, ти не сакаш да останам, ти не сакаш, ти не сакаш… Да, да, му реков, не сакам да останеш сега, но сакам пак да се вратиш. И ете, следната вечер Тој отпатува. Дента пред да замине беше некако мирен, некако изменет, а јас се прашував што е тоа со него, како да стана некој друг човек? Дали затоа што претходната вечер не свиреше, што ли, си мислев. Тоа беше најчудниот ден што го минав откако бев со него. Тој почна да открива некои работи, кои пред тоа не ги забележал. Почнаа да му се допаѓаат цвеќињата во вазните, распоредот на мебелот, од библиотеката земаше книги, ги разгледуваше и ми велеше: — и ова го читаш и ова и ова… Како да откриваше некој друг свет, кој минувал покрај него, а Тој не го ни гледал. Беше некако среќен и ги допираше предметите низ куќата. Ми се чини не остана делче кое Тој не го допре. Ја исполни куќата со себе — почнуваше да владее над просторот, навлегуваше во мојот живот, во моите денови, во моите ноќи. Тоа не смееше да ни се случи. И така Тој сам отпатува а јас останав. Ми одреди време во денот кога ќе ми се јавува, за да бидам дома и да чекам. И така почнаа тие бесконечни чекања, јавувања и наговарања да одам кај него, зашто Тој е зафатен, има многу обврски, а Ти, а Ти, нема ли да дојдеш, му велев. Ке те изненадам еден ден, ми рече, и тоа ќе биде додека чекаш да ти се јавам по телефон, само ќе се појавам до тебе и ќе одиме во планините. Откога ми го рече тоа, секој ден го чекав да дојде, викнав и штимер за клавирот, се сеќаваш, ти го донесе кај мене дома. Да, да, се сеќавам, ѝ реков на Дела, и баш се чудев што ќе ти е кога знам дека одамна престана да свириш. Е, гледаш, мене ми требаше заради него. Но, наместо него, дојде неговиот пријател Јоаким. Бев многу изненадена кога го видов. Го поканив да влезе внаре, а Јоаким беше дојден него да го бара. Знам дека е кај вас, ми рече Јоаким и морам итно да зборувам со него. Но Тој сѐ уште не е дојден, му одговорив. Ве молам, па тој мора да биде кај Вас. И тој ме турна од вратата за да влезе внатре, еве, дојден е, еве му ја кошулата. Но таа кошула овде седи одамна, му одговорив, оваа кошула не е сега оставена. Ма што ви е вам, ми се извика Јоаким, па зар не гледате дека е сосема водена од пот. Тој сега ја соблекол, ме убедуваше. Да, да и јас потврдив зачудена, сосема е водена од пот. Јас бев збунета од ова. Токлупати сум поминала покрај кошулата и не сум го забележала тоа. Ова навистина беше нешто многу чудно. Па седнете, му реков на Јоаким, ако е така, тогаш Тој сега сигурно се крие некаде низ куќава, ќе нѐ изненади и ќе се појави. Јоаким беше нетрпелив и ми рече дека му е доста од оваа игра и дека е тој зафатен човек и дека нема време да си игра криенка-миженка со нас и дека, еве, тој сега си оди но му порачува да му се јави во хотелот, дека таму ќе го чека. Истиот ден, Јоаким ми се јави вечерта по телефон, за да ми каже дека бродот со кој требало да пристигне Тој, го зафатила бура на Атлантикот и дека исчезнал, немале траги ни од бродот, ни од патниците. Тој негов глуп страв од авиони, викаше Јоаким, ете што му направи водата. Само што ја спуштив слушалката, отидов до кошулата. Се цедеше од вода, од пот, солена, солена…
Дојди, ми велеше Дела, и самата да ја видиш, таа кошула уште стои така влажна кај мене дома. Јас отидов со неа и ја видов кошулата, а чув и за бродот дека потонал. Сите весници пишуваа дека и Тој бил на бродот.