Скриена камера (извадок)

Извадок од романот „Скриена камера“ на Лидија Димковска.

Околу пет часот попладне, пристигна Пакистанецот. Го доведе Клаус, кој уште на врата рече дека мора да се врати на аеродором, дека по час и половина пристигнува и фотографката од Тирана. Така Лила и Џозеф мораа да се запознаат сами. Фала Богу, јас немам потреба од запознавања, од толку формални претставувања кои на секој нормален човек можат само да му одат на нерви! Џозеф беше не многу висок, триесетгодишен маж со темна кожа, питоми срнечки очи и дебели усни, облечен во сиви панталони испеглани „на раб« кој не беше повеќе правилен и целосен поради долгото патување, како и хавајската кошула со куси ракави. Панталони како татко ми, кошула како чичко ми  и помина низ умот на Лила. Раката што и ја подаде беше најтоплата што некогаш  ја стиснала, иако се имаше поздравувано и со други Азијци и Африканци, а Африканците сигурно имаат најтопли раце на светот. Сепак, тој брз стисок ја потсети на Лари од Гана, со кого посетуваа заедно курс по романски во Букурешт, а кој имаше голема, жешка и влажна дланка како од кошмарен сон на разгалено белче во апартхејдски цртан филм. Зјапаше во раката на Џозеф како што цели шест месеци таа потајно, а јас отворено ѕиркав во раката на Лари изложена во воздухот над клупата, подотворена и секогаш подготвена за гестикулирање, а особено кога не можеше да ги разбере романските падежи. Пред феноменот во форма на ваква рака, човек како од пушка ја признава творечката семоќ на Бога. Набрзина се созеде и му помогна да ги внесе двете зелени патнички торби со цветен дезен и безброј патенти. „О, ама е убаво!« извика тој кога влеговме во дневната, а уште повеќе се воодушеви кога влезе во собата што требаше да биде негова. „Дома сме четворица браќа и три сестри, никогаш не сум имал своја соба.« „Ни јас«, рече Лила, иако и двете знаевме дека тоа само половично е вистина: во Скопје собата остана само наша кога се омажи сестра и, а во Букурешт од шест, четири години поминавме првин во гарсониера, а потоа и во стан во кои секогаш половичен станар беше и А.  Џозеф додаде дека тука ќе биде супер и дека Австријците сигурно се добри луѓе, а потоа најприродно на светот ја праша дали има момче. Не, му рече, имам маж. „А, така значи. Па добро.« Таа се насмеа, а јас си помислив »Ни пет ни шест, туку овој од прва прашува такви работи!« Лила не ја замислуваше средбата со пејачот од Пакистан на ваков начин. Тој рече дека е толку уморен што ќе прилегне за час-два. Да видиме каква ќе биде средбата со фотографката од Албанија. Таа дојде два часа подоцна, повторно со Клаус, кој рече дека мора назад, во фондацијата, за да ги земе сите потребни документи за нив, менаџерката му се јавила на мобилен дека нема да може и таа да дојде, затоа ќе се врати сам. И Лила и Џозеф зјапаа во дојденката, а јас ја фиксирав директно во очите. Витка, средно висока, со крупни зелени очи, малку накривен нос и со бело лице кое лесно се вцрвува, облечена во розова ветровка и во јогурт-фармерки. (Како и моите Албанци!, си помисли Лила и за малку ќе се насмееше, па јогурт-фармерките се македонски стереотип за албанските сонорадници.)  Рече дека се вика Едлира и веднаш ги праша од каде се. Џозеф и рече дека е од Лахор (и двете се направија како да им е познат градот и кимаа со глава, па што, можеби и го виделе на телевизија, иако јас знаев дека се преправаат), а кога Лила рече дека е од Скопје, веднаш додаде „А, од Шкупи? Бев во Шкупи пред две години кај една моја тетка, живее на Гази Баба, знаеш? Се изнафотографирав талози од кафе«. Што мислите, како можеше да реагира? Да се повлече, како што си вети, в соба, зашто дојденката наместо Скопје изговори Шкупи или да се прави дека е во ред, дека не е засегната од оваа јазична интервенција која секогаш и изгледала повеќе политичка одошто лингвистичка. На самиот почеток на запознавањето се, девојкава не изгледа националистички (а како изгледа една националистка?), плус рече нешто многу интересно: дека се изнафотографирала талози од кафе! »Да«, рече, »тоа ми е специјалност, фотографирам само талози од кафе во најразлични шолји, ѓезвиња, чаши, чиничиња, излегуваат толку убави фотографии, страшно. На Балканот, фала богу, сè уште се пие турско кафе и сè уште се гледа на кафе. Не знам како ќе биде овде, ама ти сигурно пиеш нормално кафе, нели?« Секако, наутро Лила ништо не ја буди толку добро како турско кафе, а на пладне, мора да признаеме дека веќе неколку години пие нес-кафе и тоа не од некоја посебна љубов, туку затоа што А. пие нес-кафе, па полесно и е да зоврие вода за двајца, да измеша по една лажичка нес-кафе во модерните високи, зелено-жолти шолји што им ги подари Оливера, да налее озгора млеко и готово. Рака на срце, шолјите со нес-кафе и полесно се мијат од оние со турско кафе, кога ја отвораш чешмата над шолја со талог од турско кафе, тоа се расфрла на сите страни, избива во воздухот, па секогаш мора да ги избрише и плочките и да го измие целиот мијалник. Ете, Едлира веќе си најде предмет на нејзината уметност, ја замоли додека се овде да внимава наутро да не ја измие шолјата за кафе, туку по можност да ја сврти над чиничето, како за гледање, и ќе види колку убави фотографии ќе направи и колку самата Лила ќе ја открие својата личност во нив. Едлира и самата по толку години искуство со секакви талози од најразлични луѓе, се научила да гледа на кафе. Се надевам дека од мене во талозите на Лила нема да има ни трага ни глас. Џозеф рече дека, за жал, нема да може да и помогне зашто пие само чај и никогаш во животот не се напил кафе, па не верува дека ќе може да ја смени оваа навика, традиционално врежана во неговата пакистанска култура, а потоа и го постави истото прашање како и на Лила: „Имаш момче?«. Едлира се збуни, се вцрви, потоа се насмеа и рече дека имала, ама дека повеќе нема. „А, така значи. Па добро«, одврати тој. Не можев да поверувам дека некој може да постави вакво прашање двапати во два часа. Во наредните четириесет минути додека не се појави повторно Клаус со дебела папка со натпис со фломастер Artists-in-residence, сите нешто правевме: тие двајцата ги отпакуваа своите торби и ги редеа алиштата и ситниците во своите соби, Лила се врткаше во дневната и низ отворените врати се нудеше за помош, јас го снимав таванот попрскан со бело-сиви точки, веројатно за да одговара на тепихот во шаховски дезен. Потоа Џозеф на Лила и подаде шарено пластично ќесе да го однесе в кујна, рече дека мајка му пред тргнување (вчера наутро) му испекла традиционални лепчиња, да има за по пат, а сестрите му пикнале колачиња од леблебија и ориз, но храната во авионот била толку добра што му останале сите, а и Едлира рече дека донела нешто од Тирана, нешто многу интересно, пита со зелка. И ние правиме таква, не можеше да се воздржи Лила да не рече, а, интересно,  во Романија само Власите прават таква. »Да, требаше да се сетам, ама во Шкупи јадев само бурек со сирење«, поцрвене Едлира. Пак Шкупи! Ќе мора некој ден да и каже дека тоа ја нервира и дека сака нејзиниот град да го изговара Скопје. Се плашам дека предвреме ќе избувне, пречувствителна е, а има време, сè уште не знаат ништо едни за други, штета ќе биде да се скараат пред да се запознаат подобро.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *