Собирачи на пепел (извадок)

Извадок од романот „Собирачи на пепел“ на Давор Стојановски.

Една топла вечер, мислам дека беше при крајот на пролетта, јас и Коста се движевме накај парк. Веројатно бевме договорени да се сретнеме со некои луѓе кај фонтаната, а можеби и немавме некој однапред договорен план, па сакавме да седнеме во некој од блиските барови.
Тогаш се случуваше да киснеме на клупите во паркот, кога немаше каде на друго место. Во тоа време ги привршував последните два семестра, требаше да положам уште неколку испити од претходните сесии. Но студиите никогаш не ги довршив. Едноставно престанав да одам на предавањата и не се појавив повеќе, а на повиците од службеничката на студиската програма не реагирав или можеби ѝ враќав некои збунувачки и недополнети изјави. Кога ќе се замислам, не сум ни сосема убеден дека воопшто имав друга причина да се запишам на факултет, освен причината што ја имав и кога се запишав во средно во Скопје, а тоа беше само колку да среќавам нови луѓе и да откривам нови места.
За нагло прекинатиот академски живот не се притресував многу и во тој поглед ни до денес не ми е криво.
Кога ја одминавме раскрсницата кај Владата, слушнавме музика што доаѓаше од покривот на една од зградите во редот карши нас. Мислам дека Коста беше тој што прв го препозна бендот и беше убеден дека свират во живо, иако јас мислев дека се работи за пуштена снимка.
За миг застанавме на тротоарот и сфативме дека вистина имаат настап во живо. Решивме да се качиме до горе и да провериме што се случува. Откако стигнавме до последното бетонско скалило од старата зграда, се упативме по тесниот коридор и видовме дека малечката засводена врата што води кон терасата на покривот е отворена.
Пречекоривме една вишинка и веќе се најдовме на отворено, но покрај излезот стоеше еден костумисан човек, кој веднаш штом нѐ виде дека сме непригодно облечени, ни побара да му се претставиме. Наоколу имаше џагор, музиката беше погласна, а по целата тераса се маткаа келнери со послужавници. Сфатив дека се работи за приватна забава. Тоа, сепак, не го спречи Коста да ни ги каже имињата и да додаде дека тоа што нѐ привлече беше музиката. Човекот учтиво праша уште и од каде сме. Тогаш сакав да се завртам и да си отидам, но костумисаниот домаќин само ме допре за рамото и уште еднаш ме загледа во очи. Ми се насмевна и се заврте кон другар ми. Ни рече да влеземе и покрај тоа што постои листа на поканети на која не се наоѓавме. Му се заблагодаривме, а тој само нѐ отпоздрави допирајќи ги двата прста на слепоочницата и салутирајќи, па потоа отпи голтка од чашката шампанско.
На едната страна на огромната тераса на покривот имаше шанк, а на спротивната беше поставена долга трпеза со ордевер. Во крајниот агол беше крената малечка бина на која настапуваше бендот. Главното светло беше угаснато и наместо тоа беа запалени неколку свеќи. Како додатен украс висеа и разнобојни хартиени ламбички.
Меѓу гостите препознав неколку телевизиски водители, бизнисмени, поп-музичари, манекенки, спортисти, луѓе што сметаа дека се важни или сакаа да ги сметаат важни. Ама тоа не нѐ засегаше со Коста, затоа што навистина застанавме во првите редови за да го слушаме бендот што го сакавме. Тоа беше и нашиот првичен интерес да се качиме.
Додатно и сосема неочекувано задоволство беше тоа што налетавме на бесплатно пиење, па постојано земавме од понуденото виски од послужавниците, кои поминуваа покрај нас. Подоцна, кога веќе и двајцата бевме малку фатени, се разлеавме меѓу гостите и се обидувавме да дознаеме што е поводот за овој собир, но не откривме баш ништо.
По муабетите што ги почна, сфатив дека Коста веќе е начукан. Одеднаш, без да каже нешто, замина накај трпезата за да си наполни чинија, а едно време видов и дека се замуабетува со шанкерката. Дури тогаш малку ми падна срам и страв дека ќе лупне некоја од неговите вообичаени глупости или дека ќе направи скандал со некој од гостите. Но толку ми беше убаво пиејќи виски со лед и пушејќи, потпрен со лактите на бетонската ограда, гледајќи кон портокалово осветлената улица под мене, толку ми беше пријатно да ја слушам музиката на отворено небо, да ги гледам лицата на убавите луѓе што не ги познавам, што не сакав да се занимавам со другар ми и да се обидувам да го спречам во неговите намери.
Кога музиката престана, веројатно поради пауза, џагорот стана позабележителен и понагласен. Се завртев наоколу, не можев да видам каде е мојот придружник. Чашата ми беше празна, единствено остана вода од истопениот мраз. Тогаш од недалеку чув како се зборува француски. Погледнав натаму. Една група убаво облечени луѓе беа собрани во круг, се смееја, а еден бакенбардосан човек, со подлизувачка насмевка и со снобовски држења, за кои бев уверен дека беа извежбани и одглумени, гласно раскажуваше нешто.
Меѓу нив беше и Беатрис. Таму ја здогледав првпат нејзината порцеланска кожа, црвенкасто-костенлива коса и јамичките што ѝ се создаваа додека се смееше. Ми беше пријатно да ја гледам и да ја слушам како се смее. Погледите ни се пресретнаа неколкупати. Откако си се послужив со уште една чаша виски, направив неколку чекори до групата и застанав покрај нив. По изгледот, облеката и однесувањето, таа ми оставаше впечаток на холивудскиот гламур од четириесеттите години.
Веќе стоев во непосредна близина, таа ме погледна со насмевка и на англиски ме покани да им се придружам. Бакенбардосаниот само еднаш презриво ме погледна, но веднаш потоа продолжи да им се подлизува на другите соговорници, и натаму смеејќи се извештачено и нападно. Не знам точно со кои зборови ја оправдав мојата желба и љубопитност да поразговарам со Беатрис, можеби таа беше само доволно учтива да не ме остави да седам сам меѓу мноштвото народ на забавата, но знам дека муабетот ни тргна и во него уживаше и таа, исто како и јас. Пиеше ликер од цреша и ми објасни дека собиров, всушност, е приватна роденденска забава.
По некое време ја прашав дали може да ѝ земам уште еден ликер, но таа не сакаше да пие повеќе. Но доколку не би ми било проблем, можеби би можел да ѝ земам кафе, штом веќе се понудив. Ме замоли да биде без шлаг, а јас, откако заминав до масата на која беше послужено кафето и потоа се вратив со полна шолја, ѝ реков дека немаат шлаг, па дека затоа ѝ зедов без млеко. По куса пауза, одеднаш се засмеа искрено и гласно, така што, освен што ме усреќи поради тоа што очигледно ми ја сфати алузијата, ми беше пријатно задоволство само да ја гледам.
Во еден миг до нас се појави и Коста, кој само молчаливо грицкаше чипс и, без да прозбори, сериозно ги преместуваше очите од еден човек до друг, слушајќи ги муабетите. Ѝ го претставив и ѝ кажав дека сме цимери. Беатрис се насмеа и малку срамежливо ми кажа дека веќе нѐ видела. И потоа малку попровокативно, барем така ми се причини, нагласи дека ме забележала уште на влезот, кога требаше да се претставиме за листата на поканети.
На крајот, таа мораше да замине порано. Се извини и рече дека има обврски. Реков дека ми е криво што мора да си оди. Тогаш одново ми се насмевна, почека малку, па најпосле рече дека следниот викенд има некоја изложба на некој француски уметник што ќе гостува во Скопје. После тоа ќе имало afterparty. Овој пат би можел, за разлика од сега, навистина да бидам ставен на листата на поканети. Рече дека ќе ме додаде, доколку сакам да дојдам. И така – почнавме.

 

*

 

Беатрис имаше развод, имаше лузна од царски рез, имаше симпатичен изговор на англискиот, имаше елегантен камисол со кој ме дочекуваше во кревет и со кој заспиваше заедно со мене, имаше набиена агенда и желба да запознава нови луѓе, имаше шарм поради кој сите сакаа да поминуваат време со неа, имаше одлично разбирање од политичко-општествени теми и имаше дебели нерви со кои се штитеше од разноразните глупости на секојдневјето.
Работеше како аташе за култура во француската амбасада и привремено беше вселена во приземниот дел од двокатна куќа во Црниче. Најголемиот дел од заедничкото време го поминувавме таму. Доаѓав на гости, подготвувавме вечера, па спиевме до следниот ден. Потоа, обично за викенд, посетувавме разни места во и околу Скопје, барем онолку колку што имаше или вредеше да се посети, така што дознав дека таа многу повеќе знае за историјата на знаменитостите отколку што знаев или воопшто се интересирав јас.
Кога Беатрис имаше деловни обврски да отиде до некој друг град, јас најчесто останував во Скопје. Подоцна, како што растеше и се засилуваше нашата врска, и покрај тоа што на самиот почеток немавме намера да излеземе од угодноста на сексот без обврски, Беатрис ми го доверуваше клучот од куќата, па јас останував таму да ја чекам.
И така, полека, се преселив и живеев со неа. Еден ден го викнав Коста на пиво, имавме кратка средба и му објаснив дека веќе нема да го делам станчето со него. Му понудив да му го платам својот дел од киријата и за следниот месец доколку сака, но тој одби. Немаше ништо против мојата преселба, за која се чини дека јас бев повеќе изненаден отколку тој. За кратко време, наместо да најде друг цимер, тој се одлучи да се врати кај неговите во предградието на Скопје и да продолжи да живее таму.
Повремено подработував нешто. Внимавав на децата на еден амбасадор, кого го запознав преку Беатрис, која ме препорача кај него. Неколкупати во неделата одев кај нив дома и ги подучував за основните работи по македонски јазик. Тоа траеше кратко, но беше исплатливо.
Кога излегувавме некаде со Беатрис, најчесто се возевме со нејзиниот службен автомобил или, пак, со такси, кое секогаш го плаќаше таа. Немаше обичај да пешачи, за разлика од мене – со исклучок на некои кратки прошетки во паркот кога завршувавме на некоја клупа на кејот. Доколку јас не бев со неа, тогаш таа сама седнуваше на клупа и се обидуваше да го вежба јазикот со некои дедовци или бабички. Така сметаше дека најдобро може да се научи. При една од заедничките седенки на клупа, открив дека на француски има два збора за река. Полека учев понекој збор или израз од неа. Можеби и двајцата знаевме приближно еднаков фонд на зборови од нашите мајчини јазици.
Ме водеше на разни културни манифестации, средби и собири, кои на еден или на друг начин беа најчесто поврзани со француски гости во земјава. Понекогаш и се среќававме со млади луѓе дојдени преку разни невладини организации. Кога ме претставуваше, од пријател и придружник, со текот на времето, станав партнер. А јас се навикнав да кажувам и понекоја целосна реченица на француски, по што најчесто изнудував насмевки и охрабрувања.
Ми подари неколку учебници и ми среди приватни часови кај една познајничка за поволна цена. Се обидував, учев, но никогаш не бев докрај упорен.
Понекогаш ја слушав како цимоли зад заклучената врата на бањата.
Никогаш не ми кажа зошто, а јас не ја ни прашав за причината. Не ни знаеше дека некогаш сум ја чул додека таинствено и скришно се исплакуваше поради нешто, кое ми остана неразјаснето. Обично по таквите мигови, кога ќе седнеше или ќе легнеше до мене, ќе се зазбореше за миговите од крајбрежјето во Бретања, нејзиниот роден крај, кога ќе погледнела накај британскиот остров и ќе си помислела дека пред илјадници години, во ледената доба, каналот што сега ги одделува, имал многу пониско ниво. Тогаш, наводно, немало такво море што ги дели луѓето од двете страни, туку тоа повеќе личело на голема река што може лесно да се премине. Или, пак, наеднаш ќе ми кажеше нешто за дијалектот што го зборувале нејзините предци, а кој таа не го научила како мала. Тоа ми го кажуваше и кога во муабетот ќе ја споменеше ќерка ѝ, за која знаев само дека посетувала интернат во Париз. Одбегнуваше да зборува за неа, а јас не ја распрашував. Но во ретките мигови кога разговорот ќе дојдеше до ќерката, чувствував дека наеднаш ја менува темата. И наместо за претходните работи, продолжуваше да ми зборува за дијалектот, кој веќе почнувал да исчезнува, и за тоа дека сега го изучувале како втор или како главен јазик во училиштата во нејзината област.
Кога и да го спомнеше дијалектот, јас веднаш помислував на сопствениот, на кој веќе одамна не зборував. Ама за разлика од неа, јас него го користев во детството поминато во моето родно место. Но никогаш не ѝ кажав ништо за тоа.
Беше јасно дека нема да остане во Скопје откако ќе ја заврши својата службена должност како аташе. Тоа го знаевме и двајцата.
Еднаш ме праша дали сум размислувал на таа тема. Одговорив дека не сум, но воедно знаеше дека немам ништо што ме приморува да останам во Скопје. Таа не го продолжи разговорот, туку само кимна со главата и почна да ми зборува за некоја тривијалност.
Но на таквите разговори им се навраќавме повеќепати, особено кога се вселив кај неа во Црниче.
Кога ќе се запиеше, ми кажуваше за работите што ѝ недостигаа: прошетките на брегот и по високите гребени, студеникавата вода на синото море, зајдисонцата на плажите од нејзиното детство, непредвидливото време и влагата на бретонскиот воздух.
Во неколку наврати го повторуваше тоа со одредена носталгија.
Уверливо сметаше дека северното француско крајбрежје е многу поисклучително од извиканото јужно крајбрежје. Ми рече дека можам и самиот да се уверам во тоа. Би уживала доколку ги сподели сите овие работи со мене.
Па продолжуваше да се потсетува на родниот крај, на тревниците и цвеќињата што ги берела како мала, на тоа како јавала коњи покрај гребените, како возела кајак со родителите, на подготовките на јаболковото вино и шушенот, за кој ми рече дека се прави со ферментација на мед и за кој беше посебно сигурна дека би ми се допаднал.
Ме праша дали би можел да се замислам да живеам таму. Реков дека не гледам причина да не биде така. Ми рече дека би ми се допаднале и местото и луѓето. Бретонците биле сосема опуштени, лесно се запивале, поголемиот дел биле пушачи како мене, сакале да танцуваат и биле искрени. Главно биле бонвивани, се сеќавам дека така ми рече.
Ми велеше дека задолжително мора да одиме на Брегот на Розовиот Гранит или да ги гледаме моќните бранови што удираат во карпите од ’ртот Пуант ду Ра. Да ги прошетаме островчињата во Ландена или да изнајмиме камп-приколка, како што правела како мала со нејзините, па и да играме келтски танци на традиционалниот бал.
Беше јасно дека нема да останеме да живееме тука. Тоа веќе беше речиси готова работа. Па така, се спомна идејата за брак. Двајцата бевме договорени дека не сакаме деца, тоа ни беше важно. Но идејата да се венчаме дојде откако решивме да живееме заедно во Бретања. Така полесно би добил дозвола за престој и работа. На тој начин, без голема помпа и без да имаме посебна намера, се свршивме.
И повторно, во деновите што допрва доаѓаа, до мене повремено допираа звуците на нејзиното скришно плачење.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *