Роден на 8.3.1987 во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрира на истиот факултет, на студиската програма за Македонска книжевност, со трудот „Историографската метафикција од С до З (Анализа на двете верзии Сестрата на Сигмунд Фројд и Сестрата на Зигмунд Фројд од романот на Гоце Смилевски)“.
Добитник на наградата „Ана Франк“ за театарската пиеса „Буна на времињата“ (2005, Феникс) и на откупната награда на конкурсот за краток расказ на Нова Македонија за расказот „Соба со тенки ѕидови (Сонувајќи го Цејлон)“ (2011).
Неговиот прв роман, „Ненасловена месечева соната“ (2013, Или-или) влезе во потесниот избор со четири други романи, за наградата Роман на годината на Утрински весник.
Неговиот втор роман, „Собирачи на пепел“ (2016, Или-или) ја доби наградата Роман на годината на Утрински Весник. Двата романи се преведени и објавени на бугарски јазик.
Пишува во речиси сите книжевни жанрови. Дел од неговото творештво е објавен во домашни и во странски антологии и книжевни списанија.
Се занимава и со музика. Членувал во бендот Foolish Green со кои го објавува албумот Escape (2013).
Работел како копирајтер во маркетинг-агенција и како уредник во издавачка куќа.
Моментно преведува од словенечки на македонски. Досега се објавени преводи на четири словенечки сликовници, меѓу кои и „Maček Muri“ („Мачорот Мури“) на Каетан Кович (2016, Темплум).
Живее во Австрија.