Извадок од романот „Столб што пее“ на Томислав Османли.
126
Сер Ремзи ја наведна главата и долго молчеше, што неговите домаќини го протолкува како негова согласност со судбината која тие двајцата ѝ ја наменија на распеаната стилеја што тој веќе одамна ја беше открил.
„We even have ruins in Britain, too !”, му оживеа ајдинскиот исказ на покојниот инженер Пурсер.
Тогаш, се досети.
Конечно го доби одговорот за сите прашања што сево ова време си ги поставуваше: за чудните текови на историјата и за силата што уништува градови, цивилизации, начини на живот, огромни групи луѓе, припадници на вери, и одредува судбини на поединци и на цели народи…
– Парадоксот, тоа е одговорот! – му избликна тој одговор што несвесно го изговори гласно, а потоа, пред изненадените погледи на неговите домаќини, сосем неповрзано со дотогашниот разговор, професорот Ремзи ја крена главата.
– Пардон? – збунето потпраша Хенри Де Јонг .
– Парадоксот, таа сила во која се влеваат матиците на омразата, гневот, амбицијата, алчноста, понекогаш дури и љубовта; тој е апсурдниот, суров подвижник на историјата! Парадоксите што растат како отровни, диви билки во главите на моќниците на светот – прошепоти Ремзи и додаде – Кога ние го живееме парадоксот и парадоксот нѐ живее нас. Кога, пак, ја живееме убавината таа, барем на кратко, нѐ исполнува и нас.
– Веројатно – ништо не разбирајќи, се обиде да биде љубезен господинот Де Јонг.
127
VOX – March 3, 2022
On February 24, 2022, Russia launched a military invasion of Ukraine. Russian President Vladimir Putin called it a “special military operation.” But the scale of the attack shows this is a war — after a week of fighting, it has already caused hundreds of civilian casualties and forced more than half a million Ukrainians to flee their homes.
На екранот се појави сликата со насмемвнатиот лик на Hendrik. Елизабет го стисна го активира телефонскиот повик и кога линијата се превоспостави навидум смирено рече во апаратот:
– Oke. Je bent lang genoeg gebleven – вознемирено викаше Елизабет во мобилниот – Ik wacht op jullie alle drie, jij, je broer en je moeder, met de eerste vlucht hier in Groot-Brittannië. Ik zorg voor de vliegtickets. Luister je naar me, schat? [1]
128
In case you missed Alarm Phone‘s Tweet
8:01 AM · Mar 14, 2022·Twitter [2]
Марк го виде известувањето, воздивна и го затвори телефонот. „O, имаат многу влезови и следења“, помисли следејќи ја програмата. Одамна му беше дојдена идејата, но сега ја донесе и одлуката, на своите програмери да им каже да искреираат слична програма која ќе алармира за бегалците кои не престануваат да пристигаат и да талкаат по континенталното копно. Ќе ѝ смисли и привлечно име на програмата. Ќе се лепат многу реклами, прехранбени, религиозни, ориентациски… секакви. Освен тоа и ќе помага на луѓето што талкаат по просторите на Стариот континент. Тоа веројатно ќе ѝ се допадне на Бет која е многу сензибилизирана, речиси болежлива на тие теми. Во новиот производ тој ќе ги спои профитот и хуманоста. Добро е во секој случај. Ситеправат така.
Не ѝ рече ништо на Елизабет која секојдневно се слушаше со внуците. Заедно со мајка им, тие остануваа во опколениот и бомбардиран Киев. Наскоро, им пренесе информација од хуманитарните служби, и од таму ќе се отвори хуманитарен коридор и тие ќе можат да го напуштат градот, да се пробијат до некоја од соседните држави, и конечно да им се придружат во Англија. Само нека продолжат да се чуваат од воените опасности!…
Елизабет, пак, од нејзина страна, не му кажа дека го презре неговиот карактер, дека од ден во ден ја губеше љубовта, а веќе и наклоноста кон него и дека веќе бараше стан и работа и дека беше поднела барање за спогодбен развод на неодамна склучениот брак. Ништо необично и спектакуларно во епохата на пост-стварноста, пост-вистината и пост-љубовта. Впрочем има време. Пост-време. Таа се откажа од одлуката што ја беше донела неодамна, во Музејот во Копенхаген, слушајќи го семејниот мит за она оптимистички распеано столпче зад витрината – да му каже сѐ. Наскоро, наместо сѐ што ѝ беше на ум, но и во душата, ќе му го каже само тоа, дека неизоставно се разведува од него.
129
Жегалците тивко се огласуваа со својата еднолична, на Калироја ѝ се стори, тажна и, спроти мигот, достојна песна. Високо на небото бесшумно ездеше орел. Житата околу Селевкија лесно ги брануваше топлиот јужен ветер. Дури и пчелите потивко ѕунеа, смукајќи медотворни сокови од семките на отворените кариски смокви, додека со епикурејската песна на Сејкил тивко се одгласуваше убавата страна на вечноста, ширејќи ја пораката низ плодотворната долината на кривулестиот Меандер.
Упатени на уште едно долго патување, Павле и Лука го кратеа патот во Тралејс во кој беа решени да одморат, поминувајќи покрај градската некропола. Погледот на Павле падна на една стилеја на која беше испишан особен епитаф. Тој запре пред надгробниот столбец со запис во дванаесет редови испишани со големи букви на грчкиот алфабет.
– Па тоа е старецот за кој ти зборував – го препозна Павле името на покојникот. – Преминал на таа страна, блажениот – рече и погледна во небото над стивнатиот предел како да ја бара душата на мелопоетот.
Орелот беше заминал некаде и на небото се појавија роеви дребни птици, јата домашни и преселни летачи.
– О! – извика Лука забележувајќи ги знаците од мусичкиот запис – погледај брату, епитафот на твојот пријател може и да се пее.
Павле изненадено ги крена веѓите.
Лекарот тивко ја запеа последната, вечна порака на Сејкилос, мелопоет чија песна дава надеж дека еден подобар, поспокоен, мирен свет, понекојпат е можен.
И покрај сѐ.
*
Вечноста се огласува низ обичните, навидум
монотони нешта.
И кога возвишената, уплашена човечка душа
разделбени солзи нечујно си лее
и звуци на ужас почнува да слуша
вечноста, знај, тогаш може
само утешни химни да пее.
[1] -Добро, сега. Останавте во Киев доволно долго. Ве чекам сите тројца, тебе, брат ти и мајка ти, со првиот лет овде во Британија. Јас ќе се погрижам за авионските билети. Ме слушаш ли?… (холанд.)
Во случај да сте го пропуштиле твитот на телефонот за аларм
Уште еден бродолом кај Либија! На 12 март, околу 20 луѓе загинаа на море при обид да стигнат до Европа со брод. Граничниот режим на ЕУ повторно уби. Нашето сочувство до семејствата и пријателите. Ни требаат безбедни миграциски рути за сите!
8:01 часот · 14 март 2022 година · Твитер.