Светот што го избрав (извадок)

Извадок од романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска.

Со Весна заедно одевме во основно училиште. Таа беше импулсивна, често пламнуваше. Нејзиното одбивање да ја прифаќа затекнатата ситуација и моето недејствување се речиси исти сега како што беа и тогаш.

Си помислувам на Ранко, слабото срамежливо момче. Имаше тогаш една игра меѓу машките да му го притиснат некому стомакот – или градите, не знам, никогаш не можев да го изгледам ритуалот внимателно – и да видат дали ќе издржи да не се онесвести при испуштање на воздухот. Повеќето ученици навиваа. Некои гледаа и се надеваа дека нема да станат објект на експериментот на проверка дали ќе се онесвестат, како што често беше Ранко. Зошто – се прашував во себе, зошто го правите тоа, си велев. И секогаш се надевав дека ќе го прекинат ритуалот откако само ќе ја исплашат својата жртва, пред да му го притиснат стомакот, или градите. Никогаш не го прекинуваа.

Весна беше единствената што гласно праша и често ги оттурнуваше мачителите: – „Зошто го правите тоа?“ – „Затоа што ни е интересно“, ѝ одговори еден од оние што го изведуваа ритуалот. Сега знам дека тоа не беше вистинското прашање. Зошто ова ви е интересно? – беше прашањето што никогаш не го поставив.

Понекогаш им раскажувам за тие настани од детството на пријатели или на поранешните колеги од приватното училиште во кое работев и кое минатата година се затвори. Во тие случаи, кога им раскажувам за Ранко и за другите момчиња што го изведуваа или го трпеа ритуалот на одземање воздух, подзастанувам за миг. Потоа менувам некои од деталите. „Само јас им викав да престанат“ – ова е верзијата што ја раскажувам. Веројатно сите си се претставуваат во подобро светло, се правдам во себе. Но неполн миг подоцна знам дека се лажам, дека ја измислувам таа верзија затоа што не можам да го прифатам детето што бев. Ниту личноста која сè уште сум, си додавам, намерно сурово.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *