Театар (Запис пронајден во стара театарска завеса)

Извадок од збирката раскази „Азбука и залутани записи“ на Иван Шопов.

Не сум професионален глумец, но од неодамна работам во театарот „Miraculum“. Секогаш играм мали, споредни улоги. Вечерва само ја најавувам претставата. Излегувам од зад сцената, им кажувам на гледачите дека ќе се игра претставата „Временска машина“ и ги канам на возбудливо патување низ вековите. На шега велам дека ќе го убијам секој што нема да аплаудира и на кого нема да му се допадне претставата. Вадам пиштол наполнет со ќорци, го вперувам во публиката и пукам. На гледачите им се допаѓа шегата, се смеат и ме наградуваат со аплауз.
Се враќам зад кулисите и гледам како огромен диносаурус ги гмечи, џвака и черечи моите колеги – актери. Избезумен повторно излегувам на сцена за да ја предупредам публиката: Диносаурус зад сцената! Бегајте! Диносаурус!
Гледачите уште еднаш се смеат и ме наградуваат со аплауз. Јас врескам на сиот глас, им укажувам на опасноста што демне и на пропаста што набрзо ќе следи, но тие се држат за стомак и паѓаат од столчињата смеејќи се.
Се симнувам од сцената и панично бегам кон излезот од гледалиштето. Додека трчајќи мислам на тоа како на сцената сум само глупаво нашминкан актер чии зборови не може да бидат сфатени сериозно, слушам како смеата и ракоплескањето се засилуваат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *