Телото во кое треба да се живее (извадок)

Извадок од романот „Телото во кое треба да се живее“ на Петар Андоновски

1.
„Видов како твоите очи со боја на папрат се отвараат кон мене со ужас и страв.“ – гласеше пораката што утрово ја доби. На пораката нема испраќач. Но, Бригита знае за кого се работи. Само пред него нејзините очи се отвараат со ужаснатост и страв. Само тој може да ја преплаши до смрт. За миг погледот ѝ прелетува низ досието на кое стои: „Девојка на 29 години е пронајдена мртва во нејзиниот стан. Според извештајот од судската медицина девојката била првин силувана, а потоа задавена. Девојката била сама во станот, нејзините родители, кои биле на викенд во семејната викендичка, ја пронашле два дена по грозоморниот чин. Единствен осомничен е нејзиниот триесет и две годишен дечко XX. ΧΧ досега не бил осудуван. Освен неколку кривични пријави за тепачки, други тужби против него нема поднесено.“ Повторно му се навраќа на делот „според извештајот од судската медицина девојката била првин силувана, а потоа задавена“ и го подвлекува со црвен маркер, а потоа ја исчитува уште еднаш содржината на пораката. Од помислата на него телото ѝ се згрчува, ја фаќаат напади на задушување. Уште повеќе почнува да паничи кога ќе помисли дека тој го има нејзиниот телефонски број. Но, она што особено ја збунува е зошто ѝ пишал дека нејзините очи се со боја на папрат? Нејзините очи се со боја на бор, на шишарка, на… само не со боја на папрат. Таа никогаш немала зелени очи. Нејзините очи се кафеави, таа тоа добро го знае. Од ташната вади огледалце и го доближува до очите, се загледува длабоко во нив и во огледалото почнува да го гледа она што се плашеше да го види. Нејзините очи, оние кои цели шеесет години ги гледала во огледало сега ѝ изгледаат поинакви од обично. За миг го спушта огледалото за да се соземе малку. Можеби од ужаснатост, таа почнува да гледа нешто друго за по еден миг повторно да погледне во огледалото и да ја види истата глетка од пред малку. Нејзините очи воопшто не се кафеави. Милион прашања почнуваат да ја спопаѓаат. Можеби стварно ѝ се зелени? Можеби ѝ се чинеле кафеави зашто целиот живот се огледувала во простории каде немало доволно светлина? Можеби ѝ паѓа некоја сенка од некој предмет што таа не го забележува и зеленото ѝ изгледа кафеаво? Станува и се упатува накај прозорецот, огледалото го става на первазот на прозорот за да може светлината подобро да ѝ ги осветли очите. Додека гледа во огледалото, очите што во еден миг ѝ се видоа кафеави, почнаа да стануваат зелени. Таа во огледалото гледаше жена со зелени очи и тоа не која било жена, туку токму таа – Бригита. Нејзините очи отсекогаш биле зелени, само тоа требало некој да ѝ го каже. Уште еднаш го крева огледалото во висината на очите и нејзините очи се зелени. Да, да, таа има зелени очи. Очи со боја на папрат.

Целиот свет ѝ се преврти. Таа живеела цели шеесет години во заблуда за себе. Цели шеесет години во огледало гледала друга слика. Ова сознание ја вознемири уште повеќе. Сè што сакаше во тој миг беше да замине што подалеку од судот.

2.

Бригита живее сама, во стан со две соби и кујна на периферијата на Скопје, далеку од какво било човечко присуство. Кога некој ќе ја прашаше зошто не се досели во центарот на градот или некаде во близина на судот, таа му одговараше дека нејзината работа е премногу опасна за да живее некаде каде што би можеле лесно да ја најдат гневните криминалци на чии случаи работела. Луѓето го разбираат таквиот став и повеќе не ѝ додеваат. Иако тоа е лага, и самата Бригита верува во неа. Таа никогаш не би имала проблем со обвинетите или осудените, таа е премногу попустлива за да би сакале да ѝ се одмаздат.

Еднаш одамна Бригита имаше мачка, но по само една недела самата ѝ даде јадење во кое имаше отров. Не знаеше како поинаку да се ослободи од неа, тоа ѝ се чинеше најбезболен начин. Бригита не сакаше никој да ѝ се мотка околу нозете, ниту да се приврзува некој за неа. Чувството на приврзаност не го поднесуваше, па затоа реши да се ослободи од мачката што деноноќно се моткаше околу неа. Бригита дури и мажите кои сакаат да се врзат за неа ги избегнува. Освен неколкуте кратки врски во младоста, остатокот го помина со Томас. Тој е една година помал од неа. Се запознаа во судницата. Тој е хирург, против него имаше обвинение дека поради немарност усмртил пациент. Процесот го водеше друг судија, но откако тој замина на боледување ѝ го префрлија на Бригита. Случајот беше во завршна фаза и Бригита без размислување пресуди во негова полза. Во знак на благодарност тој почна да ѝ испраќа букети цвеќе, да ја кани на вечера. Иако ниту еден маж претходно го немаше направено тоа за неа, неа не ја привлекоа ниту букетите цвеќе, ниту романтичните вечери, туку фактот дека тој е женет и е татко на две деца. Бригита веднаш препозна совршен маж во него, маж за кого што не би требала да се врзе и кој не би се врзувал за неа. Букетите цвеќе и романтичните вечери многу бргу беа заменети со кратки средби кај неа дома тогаш кога неговата жена беше излезена сама или кога ќе се скараа. Понекогаш и заедно патуваа. Тој дома кажуваше дека оди на службено патување, а таа со задоволство ги пакуваше своите куфери мислејќи дека е во предност во однос на него зашто нема кому да му се правда. Освен со него, во последните дваесет години Бригита не се гледаше со други мажи. Му беше верна, не затоа што го сакаше, туку зашто не сакаше да се доведува себеси во ситуација да мора да се правда пред некој. Таа не беше способна за двајца љубовници. Повремено Бригита ќе оствареше средба со некој друг маж, но тоа ќе беше случајна авантура, некој маж што нема да го види никогаш повеќе. Своето прво неверство, иако тоа не беше неверство но таа сакаше така да го нарекува, го направи на едно патување на Крит. Тоа лето решија да отпатуваат заедно зашто летото се поклопуваа десете години од нивната средба. На Бригита и не ѝ беше грижа за тоа кога се сретнале, но тој сметаше дека тоа е значаен ден за нив двајцата, особено за него зашто тој ден беше прогласен за невин и наместо во затвор животот го продолжи на слобода, наместо во гнасна затворска ќелија продолжи да живее во удобната вила што ја имаше на Водно заедно со своето семејство кое го правеше спокоен.

Кога пристигнаа во Атина, седум часа ги делеа од тргнувањето на бродот. Беа премногу изморени за да шетаат низ градот, па одлучија денот да го поминат на пристаништето во Пиреа. Бригита не беше навикната да поминува толку долго време со него. Посака времето до поаѓањето на бродот да го помине сама. Не сакаше да се одалечува премногу за да не се загуби. Откако излезе од пристаништето се упати кон Одисеевиот плоштад што се наоѓаше веднаш наспроти пристаништето. Го помина плоштадот и се упати кон улицата „Алепиду“ кон која водеше тој. Улицата беше претворена во бувљак, па Бригита почна да шета помеѓу импровизираните тезги на кои Пакистанци и Нигеријци продаваа облека и ташни. Бригита глумеше заинтересираност и на моменти се задржуваше на некоја од тезгите. Додека се движеше меѓу сите тие тела, чувствуваше неугодност секогаш кога ќе се допреше или удреше во некого. Помислата за спојување со нечие тело уште однапред беше отфрлена. Една жена што застана до Бригита почна нешто да вреска на грчки, а во следниот миг истото го рече и на англиски: „Пакистанците се гадни! Пакистанците смрдат!“ Еден Пакистанец кој стоеше помеѓу жената и Бригита почна да ѝ пика една ташна во рацете нудејќи ѝ ја за половина цена. За да го откачи му рече дека би сакала црвена. Пакистанецот ја погледна испитувачки и ѝ рече да тргне по него, дека во магацинот има црвена. Бригита одеше еден чекор зад него и самата не знаејќи зошто. Целото време додека одеше, тој се вртеше накај неа и со раката ѝ даваше знаци да продолжи. Пакистанецот влезе во една стара полусрушена зграда што беше продолжеток од метро станицата во Пиреа… или барем така ѝ се чинеше. Бригита влезе во еден простор што беше со разрушени ѕидови. Внатре температурата беше за неколку степени пониска, па убаво ѝ дојде што се најде таму. Пакистанецот стоеше на почеток на еден разрушен ѕид и смеејќи се ѝ даваше знак да влезе. Таа тргна, тој ѝ подаде рака за да го премине срушениот ѕид и Бригита се најде во една соба што беше разрушена и во која имаше скали што водеа кон подрумскиот дел и разрушен прозорец на кој стоеше една Нигерка и плачејќи му се закануваше на еден црнец дека ќе скокне. Бригита стоеше залепена за ѕидот не знаејќи како се најде овде, а уште помалку зошто не си замина. Пакистанецот клекна пред неа и со раката ѝ даде знак да го крене фустанот. Таа полека, несигурно почна да го крева гледајќи го право во очи. Тој цело време ѝ даваше знаци со раката да продолжи. Кога стигна до колената, Пакистанецот нестрпливо ѝ ги пикна и двете раце под фустанот и набрзина ѝ ги соблече гаќичките. Бригита стоеше вкочането, не знаеше што да направи. Пакистанецот со рацете ѝ даде знак да ги подрашири нозете и таа едната нога ја помести, додека другата не можеше да ја мрдне. Наеднаш, Пакистанецот едниот прст ѝ го пикна во вагината. Бригита стоеше вкочанета, не чувствувајќи ништо од збунетост. Пакистанецот изненаден го извади прстот и овојпат се обиде со два прста. Во главата на Бригита ѝ одѕвонуваше: „Пакистанците се гнасни! Пакистанците се нечисти!“ Телото уште повеќе ѝ се стегна, почна да чувствува како неговите нокти навлегуваат додека неговите долги, црни, валкани прсти продираат во неа. „Пакистанците се гнасни! Пакистанците се нечисти!“ – во главата ѝ ечеше гласот на жената. Како што навлегуваа прстите во неа, така чувствуваше како нешто ѝ го поткрева желудникот. Тие црни, валкани прсти таа мораше да ги исфрли од себе. „Пакистанците се гнасни! Пакистанците се нечисти!“. Во еден миг не можејќи повеќе да го издржи неговото присуство во себе, почна да повраќа. Нигерката што стоеше на прозорецот и уште плачеше и се закануваше, почна да се смее. „Пакистанците се гнасни! Пакистанците се нечисти!“ – сè повеќе ѝ ечеше во главата. При секоја помисла Бригита продолжуваше да повраќа, Нигерката се беше спуштила од прозорецот и гледаше во неа превиткувајќи се од смеење. Пакистанецот се обиде да ја крене. Бригита ги тргна неговите раце, оттурнувајќи се со десното рамо на кое што се обиде да ја допре. Наеднаш Бригита стана и избезумено почна да трча во подрумскиот дел на зградата. Нигерката уште погласно се смееше. Пакистанецот нешто викаше. „Пакистанците се гнасни! Пакистанците се нечисти!“

Бригита сè повеќе и повеќе трчаше. Во еден миг се најде во темен простор што не водеше никаде. Беше преплашена. Почна да бара излез. Од темнината допираа некакви зборови, нешто што личеше на пеење. Тргна во правецот од каде што доаѓаа зборовите. На крајот од ходникот виде едно задушено светло. Кога пристигна до местото од каде што доаѓаше светлината, пред неа имаше една група Нигеријци, кои седнати во круг изведуваа некаков ритуал. Еден средовечен Нигериец, кој седеше на чело на групата и кој беше облечен во црвена наметка со жолти пруги и исто такво капче, од една кутија извади неколку пилиња и ги пушти. Пилињата трчаа избезумено во кругот каде што седеа луѓето кои занесено гледаа во нив. Човекот во црвената наметка, кој според облеката најверојатно беше поглавар на племето, фати едно од пилињата и, држејќи го за клунот, почна да го врти во круг. Во еден миг му ја искорна главата и со крвта што прскаше на сите страни првин си ги намачка очите, а после и челото. Кога тргна накај луѓето кои седеа во круг, погледна во правецот каде што стоеше Бригита и ги набљудуваше. Кога погледна во неа таа вресна и со трчање почна да кружи низ темниот простор сè дури не се сопна од скалите по коишто дојде. Кога се искачи по скалите повторно се најде во истиот простор. Нигерката повторно се беше качила на прозорецот и плачејќи му се закануваше на мажот кој овој пат се беше откажал од помислата да ја разубедува. Пакистанецот кој стоеше со наведната глава потпрен на еден ѕид кога ја виде Бригита повторно почна со раката да ја вика да дојде кај него. Нигерката таман кога беше спремна да скокне, ја виде и почна да се смее. Бригита се затрча накај влезот туркајќи го Пакистанецот кој со раката продолжуваше да ја вика. Нигерката непрестано се смееше сè до излезот, кога се слушна едно молежливо викање што заврши со тресок. Бригита трчаше кон пристаништето. Кога пристигна, Томас дремеше на една клупа. Таа сакаше да остави впечаток дека сè е во ред и почна да му раскажува како во околината на пристаништето барала ресторан каде што ќе можат да ручаат, но немало ниту еден соодветен. Томас, кој се имаше удобно вдлабнато во клупата, оставаше впечаток дека не е засегнат за нејзините зборови, па Бригита кога виде дека не ѝ обрнува внимание, од ранецот извади еден сендвич и му се нафрли на јадењето. Желудникот ѝ беше празен.

Првиот обид за неверство ѝ заврши неславно. Дури можеше да има и фатален крај, крај со каков што Бригита обично се среќава во судницата.

3.

По лицето ѝ се слеваат капки пот. Големи, тркалезни, во форма на зрнца грашок ѝ капат врз очите. Погледот ѝ е заматен. Чекорот ѝ е тежок. На грбот чувствува ужасен товар како да има претешка вреќа. Едвај дише. На улицата нема никој. Па и кого би имало на толку жешко време. Целото тело ѝ се лепи. Никогаш не ѝ било толку многу жешко. Воздухот е редок и влажен, на моменти добива напади на задушување. Во еден миг облеката ѝ станува неподнослива и ѝ доаѓа да се расоблече и да влезе во некоја вода. Трафиките се затворени, не може дури ниту да купи вода за пиење. Не може да се сети кој ден е, зошто луѓето ги нема никаде? Наеднаш влегува во зоолошката градина, но таму ѝ станува уште понеподносливо. Уште поголем бран топлина ја заплиснува од толпата што се движи накај неа. Во еден миг сфаќа дека сите одат накај излезот – единствено таа се движи кон внатрешноста. Мирис на застоена вода почнува да ѝ ги чешка ноздрите. Спарнината најверојатно доаѓа од таму. Милион мушички ѝ се лепат на испотеното лице. Со раката се обидува да ги растера, но и на рацете почнуваат да ѝ се лепат. Од некаде се слушаат патки кои крекаат. Најверојатно се во барата. Мајки со деца се туркаат во неа. Сè повеќе станува неподносливо. Додека се обидува да се пробие низ толпата, здогледува една руинирана зграда на која стои натпис: „Забранет влез. Објектот се реновира.“ Зградата ѝ се чини како единствен спас. Влегува внатре. Ладно е. Освен мирисот на свеж малтер, воздухот е чист. Ладен бран ѝ поминува по телото и се стресува од студ. Тивко е. Нема никој, дури ниту мајсторите кои според мирисот на свежиот малтер тука биле до пред малку. Во еден агол на објектот здогледува кафез во кој лежи тигар. Кога ја виде, тигарот почна да рика гласно. Од кафезот се шири мирис на свежо месо. На крв. Чувството на неугодност повторно ѝ се враќа. Премногу е студено, мирисот на крв станува сè поостар и поостар. Тигарот непрекинато рика, во секој миг може да го сруши привремениот кафез и да излезе да ја растргне. Почнува да трча низ еден долг ходник. Како што трча, така врз главата ѝ паѓаат цели делови малтер. На крајот од ходникот налетува на уште еден кафез во кој лежи лав. Кога ќе ја здогледа, и тој почнува да рика, а веднаш по него повторно се јавува и тигарот кој беше замолчал кога се тргна од негова близина. Ходникот не води никаде, тој наместо со ѕид завршува со стакло од коешто се гледа кафез со грабливки. Бригита се враќа назад и откако ќе го помине тигарот се упатува во еден друг ходник што се наоѓа од другата страна на зградата. Додека се движи, низ ходникот забележува нов кафез. Без да погледна внатре продолжува до крајот на ходникот кој исто така завршува со стакло кое гледа накај кафезот со грабливки. Зградата е вистински лавиринт, помислува. Се враќа назад накај излезот и пред да излезе се загледува во кафезот што го помина пред малку. Во кафезот е темно. Првин и се чини дека е празен, но потоа забележува дека во аголот лежи нешто стуткано. Како се доближува до кафезот тоа нешто почнува да ѝ изгледа сè поголемо и поголемо. Се доближува толку блиску до шипките што морници ѝ поминуваат по телото од помислата што може да ѝ се случи. Тоа нешто се поткрева и таа го препознава. Телото ѝ се згрчува од страв. Почнува да ја фаќа паника што ја парализира целосно. Тоа е тој. Тој пред кого очите се отвараат со ужаснатост и страв. Тој од кого телото ти го фаќаат такви грчеви што помислуваш дека никогаш повеќе нема да се ослободиш. Таа не е во зоолошка, таа е во затвор. Тој лежи во својата ќелија. Таа се доближува уште поблиску иако срцето си го чувствува како и чука во петици. Тој ја погледнува право во очи. Првпат нивните погледи се сретнаа. Првпат телата им биле толку блиску едно до друго. Само металните шипки ги делат. Тој ја гледа крволочно. Мирисот на крвта што до пред малку го чувствуваше, повторно почна да го чувствува, но овојпат тоа не е крв на некое животно туку нејзина крв. Таа го знае тој мирис. Само и тој да не почне да рика, си помислува. Не, тој не рика, но во секој миг може да ја растргне. Тој има поглед на рането животно што во секој миг може да нападне за да се одбрани. Се стресува од тој поглед. До појасот е гол. На десната рака има тетоважа. Неговото мускулесто тело во еден миг ѝ наликува на телото на свети Себастијан прободено со стрели, извиткано во грч од болка, но од телото зрачи достоинственост, тоа е единственото машко тело пред кое на Бригита ѝ се одзема здивот. Не, тој не е свети Себастијан. Таа се обидува оваа помисла да ја оттргне од главата. Додека се бори со себеси да ги оттргне тие мисли, тој се затрчува и удира во кафезот. Шипките се затресуваат. Тој се враќа назад и го повторува истото. Ниту овојпат не се отвора кафезот. Тој останува внатре затворен. Откако таа се увери дека тој не може да излезе, се доближува до кафезот. Ослободена од помислата дека не може да ѝ направи ништо, таа се потпира уморно врз шипките. Додека се обидува да добие малку на време за да може да размисли што да направи, тој ја фаќа за вратот и почнува да ја дави. Додека ја дави, лицето го згрчува и Бригита забележува дека над десното око има лузна. Со секое ново стискање на вратот лицето сè повеќе и повеќе го згрчува. Вените на рацето почнуваат јасно да му се познаваат, лузната на згрченото лице почнува да добива изглед на медуза. Додека ја дави, долната усна сè повеќе ја притиска од горната, очите му се полузатворени, изгледаат како да дава напор да види нешто во далечина, лузната сè повеќе добива изглед на медуза. Бригита почнува да снемува воздух. Се обидува да ги оттргне неговите раце од нејзиниот врат, но не може. Таа не е толку силна. По неколку неуспешни обиди телото почнува да ѝ се предава. Сега таа му е целосно предадена. Сè што успева да види низ насолзените очи е медузата која од секунда во секунда сè повеќе се зголемува. Медузата заканувачки ѝ се доближува до лицето, секој миг може да ја проголта. Медузата повеќе не е медуза. Таа сега е една голема уста во која таа пропаѓа. Бригита сè повеќе снемува воздух. Таман кога почна да ѝ се предава на смртта, кога воздухот повеќе не го чувствуваше, тој прстите на нејзиниот врат ги подослободува колку да земе воздух, а потоа ја спушта и неговиот пенис ѝ го бутка во устата. Воздухот повторно ѝ станува реткост. Таа нема дури ниту сила да го гризне. Овојпат навистина е готова. Во грлото чувствува триење. Устата ѝ е сува. Се обидува да ја подрашири устата за да земе малку воздух, но и тоа не може да го направи. Тој сè повеќе е во неа. Пред себе единствено што успева да види е црн облак. Тоа мора да е смртта, помислува и му се предава целосно на мракот. Тој и понатаму е во неа.

Бригита ги отвора очите и со ширум отворена уста почнува да вдишува воздух. Сè уште е темно, смртта сè уште виси над неа. Таа почнува да вдишува повторно со ширум отворена уста. Воздухот и ги реже градите. Чувствува како телото ѝ се полни со воздух, малку застоен, но сепак воздух. Црниот облак што ја беше обвил полека почна да се расчистува и Бригита почна да ги распознава предметите околу себе. Брачниот кревет на кој спиеше, синиот јорган што заедно со Томас го купи во „Икеа“, ноќната маса над којашто стоеше ламбата што ја доби како подарок за роденден од колешка… Таа е во својата соба. Во својот стан. Тоа е само сон. Со рака почнува да ги допира креветот, перницата, јорганот за да се увери дека тоа е само сон. Потоа почна да си го допира телото за да се увери дека целото ѝ е тука, дека не ѝ недостига ниту еден дел од неа. Првин почна од вратот на кој се задржа најмногу. Галејќи го се уверуваше во сопственото присуство. Потоа рацете почна да ги спушта накај градите кои одделено висеа на две различни страни, па накај папокот, плашејќи се да ја спушти дланката подолу, таму накај празнината од којашто чувствуваше страв уште од детството, за најпосле да собере храброст и да почне да си ја допира вагината. Допирајќи се почувствува дека гаќичките и се влажни. Прстите ги протри и почувствува лепливост каква што немаше почувствувано долго. Телото ѝ се стресе од оваа сознание. Таа чувствуваше наслада од сонот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *