Точно наесен е расказ од збирката „Раскази кои немаат намера да бидат тоа“ на Андреа Јанковски.
За оваа приказна мора да се рече дека некаков начин е многу чудна, бидејќи започна да се создава во една друга приказна. Таа самата, тогаш, не можеше да биде приказна. Но, кога заврши онаа друга приказна, во која, оваа се создаде, не И остануваше ништо друго освен да се оствари во она што единствено беше – приказна. Така, штом заврши другата приказна, оваа приказна започна ненаметливо и мошне кротко – да се раскажува, оти што И останува на една приказна освен да се раскаже себеси – низ некаква форма, на својот начин. Чудноста на оваа приказна е што можеби таа единствената приказна што не се наметна самата – да се раскаже. Таа, тивка и спокојна, го чекаше својот час.
Јас пак, оваа приказзна ја видов една вечер во огледалото, во кое се одразуваше една друга приказна. Кога се доближив до огледалото, оставајќи ја настрана другата приказна, ја видов оваа приказна. Така чудно се создаде оваа приказна. Но, приказна што не сака да се раскаже самата, може да предизвика тешкотии во откривачкото читање, како оваа приказна, за што потврдува токму тоа што, ете, сè уште не го знаеме името на девојката што ќе ја раскаже оваа приказна. Но, за утеха јас ја видов девојката, не знаејќи ги нејзиното име. Јас, таа девојка, замислете, ја видов првпат низ еден излог, во една продавница, во строгиот центар на градот. Само ја видов.
Вториот пат, ја видов повторно во истата продавница, што беше доволно и брзо потоа, кога ќе поминам оттаму, да ја видам и третпат. Така, заклучив дека таа работи во продавницата. Поминував од таму честопати, но никогаш не влегував. По неколку месеци, еднаш влегов, навистина, со вистинска потреба, бидејќи сакав нешто да купам, а не сум влегол во таа продавница, во која досега секако би влегол – само поради неа. Кога облекував една кошула во гардеробата, не се ни концентрирав да И го слушнам гласот, кој се мешаше со гласот на другата вработена, бидејќи јас тогаш сè уште не знаев – ништо за сè.
Бидејќи кошулата ми беше голема, а немаше помала, ниту поголема – бидејќи токму таа кошула што ми ја понудија беше најголема, па, штом го забележав тоа, облекувајќи ја, ја вратив и излегов. Сето она што можеше да се нарече разговор го разговарав со другата вработена, бидејќи тоа така се случи. Така, проаѓајќи оттаму, често ја гледав низ „отворениот“ излог на продавницата. Но, јас, тогаш, како што реков, сè уште не знаев дека таа девојка ќе биде онаа што ќе ја раскаже таа приказна. Јас, тогаш сè уште ниту можев да знам – за оваа приказна.
Набргу потоа, продавницата се затвори, сè додека повторно не се отвори нова продавница, во која таа веќе не работеше. Така ја загубив нејзината позната адреса. Сè така времето минуваше, додека повторно не ја видов. Кога се разминувавме – се погледнавме, јас И се насмевнав, сосема дискретно, не знам ни самиот зошто. Се разминавме – а таа не ми возврати на никаков начин, што понекогаш, како во овој случај – е добро, бидејќи јас понекогаш сакам да се насмевнувам, а тоа не сакам да биде разбирано единствено, како што е напишано во некои прирачници. Кога би ме прашале мене за тоа, јас би го нарекол: хумана насмевка.
+Последното наше видување, беше пред Нова година, знам по тоа што се случи во една страшна предновогодишна бркотница – ја видов, овојпат, јас бев во продавница, и среде разговор со вработената, при решеност да го купам палтото – ја видов како поминува пред излогот на продавницата, па од себе морав, речиси беспричински, да направам тотална будала, глумејќи И на вработената дека воопшто не ме интересира палтото, за кое пред неколку секунди И кажав дека ќе го купам, и излетав по неа. Веднаш побрзав да ја пронајдам и ја здогледав на работ на една од улиците. Потрчав да ја стигнам, низ таа страшна бркотинца, немајќи време ниту да помислам зошто ја следам, туркајќи се низ тие триесетина метри, во еден момент се вклучи зеленото за пешаци, и таа веќе го преминуваше пешачкиот, и јас се забрзав да го преминам пешачкиот, пред да се затвори семафорот и, така забрзан, престигајќи ја, веќе воопшто не ми прилегаше да почнам да го забавувам чекорот и да се правам флегматик што може лудачки да се забрза, и продолжив да одам соодветно на она каков што сум се појавил околу неа, а со тоа брзо ја престигнав и ја преминав.
Сметав дека сум неколку чекори пред неа, но во еден момент почувствував дека чувството што го чувствував – дека е таа тука, зад мене, веќе не го чувствувам, и бев сосема сигурен во тоа нечувствување – се свртев – и навистина ја немаше. Така, барајќи ја низ турканицата, во секој момент се надевав дека некаде ќе ја пронајдам, бидејќи не можев да поверувам дека ќе ми исчезне во тие неколку чекори, сè додека не сфатив дека можеби и таа од некаде ме гледа, и дека сфаќа, оти јас ја барам – токму неа. А, некој тогаш да ме прашаше зошто ја барам, од каде ќе знаев што да му одговорам, дека, всушност, јас сум ја барал за да се запознаам, за да ја прашам како се вика, и од каде тогаш да знаев дека по неколку дена ќе ми недостига нејзиното име, да го прочитам, кога ќе ја читам нејзината приказна. Неколку ноќи потоа, ја забележав, во огледалото – оваа приказна.
Така јас, а сега и вие, ја изгубив/ме можноста да го знаеме нејзиното име. Бидејќи таа ноќ оваа приказна се раскажа без нејзиното име, таква и мораме да ја запишеме.
* * *
Беше тоа втората пролет по моето полнолетство, во која, и покрај сета убавина што се нудеше надвор преку прозорецот, јас морав да седам и да научам ука од многу книги, за да ги положам последните колоквиуми во пролетната сесија. Мислам дека ќе се убиев да не следуваше летото. Веќе стотина пати имав предвидено во која насока треба да тече тоа лето. Тоа мораше да биде лудо лето – многу лудо. Освен што летото требаше да биде лудо, и моите дома беа луди. Откако ќе се разбудеа, сè додека не заспијат постојано развикуваа еден на друг, секој секому. Јас, пак, никогаш не учествував, ниту заземав страна во нивното препукување, мене ме немаше по цели денови дома, ниту можев да разберам или, поточно, сметав дека воопшто не вреди да се расправаш за она за што се расправаа тие се – постојано. Понекогаш, признавам, ќе се заинтересирав што е тоа што ги мотивира толку да се напаѓаат, па, ете, ќе останев некој вечерен час дома, и секогаш морав да зажалам, бидејќи она во што се сомневав – секогаш се потврдуваше – тие немаа проблем за кој се расправаат, тие имаа проблем – секогаш да се расправаат. Освен што имаа проблем – меѓусебно да се расправаат, за никаков друг проблем не им остануваше да се расправаат, сè друго имаа. Имаа сè, а немаа ништо, бидејќи се имаа себеси. Единствено што можев да научам од нив е да се научам себеси да не се врзувам за никого, затоа што тоа, очигледно, носи несреќа. Единствено тоа и прифатив да го научам, а за да не научам нешто од нивното лудило, секогаш истрчував од тоа место – бегав од сопствениот дом. Така, како и сите други претходни, и таа пролетна сесија излезе дека најпогодното место на кое ќе можам да учам за испитите е читалницата на факултетската библиотека. Еден ден, токму во таа читалница, во оние мои бегства од дома, запознав едно момче, го запознав поигрувајќи си со него, или со себе, не сум сигурна во тоа.
Тој беше дојден од Источна Европа, токму во Париз, „за да се запознае подобро со она што го студира“, па така, тоа момче се најде тој ден, во истата читалница. Добро тој, но јас, што барав јас таму?
Цело време сакав да ми рече дека и тој побегнал од вревата дома, дури дотука, па ако е можно, малку да ми олесни.
Но тој, наместо некако да ме утеши, очигледно – се вљуби во мене. Потоа излезе дека, сепак, тој, Емил, беше особено мил, и мене особено ми беше многу смешно кога тој со непотребен напор зборуваше француски, па некако, не знам ни јас како, се случи да почнам да излегувам со него. Веројатно, само за да не бидам дома, а мора да имало влијание и тоа што во тој период само тој успеваше да ме насмее, токму со она – со што не сакаше да ме насмее. Во почетокот многу ми се лутеше, тоа вешто го забележував, но подоцна тоа смеење за него почна да станува знак дека е сè во ред, дури почна да мисли дека си поигрувам со него, кога во некој од деновите, јас, поради свое ново, непознато, внатрешно превирање, од кое излезе некое чувство на сигурност, за првпат почувствувано, и ете, тогаш кога немаше да почнам да се смеам на неговите „тамошни“ патики, на лошо изговорен збор, на лицето со кое се чудеше, на мој изговорен збор, за него неразбирлив. Го реков ли тоа? Јас ќе му зборував нешто и наеднаш тој ќе го направеше тој израз, подоцна запаметен како израз на чудење или неразбирање. Штом ќе го видев тој израз на неговото лице, јас почнував да се смеам, а тој, премилиот и сладок – да црвенее. Веднаш му се фрлав во страстен бакнеж, а тој уште повеќе се чудеше. Мислеше дека сум луда, а можеби навистина бев, само не сум сè уште – дијагностицирано луда. Таа сесија, поради тоа, некакво новостекнато чувство на сигурност и самодоверба, без никаков проблем секојдневно учев во претпладневните часови во библиотеката и ги положив сите испити, а тоа ми даде нов многу голем занес кон иднината. Со него, исто така, излегував секој ден, и во попладневните часови се шетавме низ, според неговиот збор, недошетливиот Париз. По неколку недели шетање по париските квартови, конечно се пресрами и ме однесе во својот кварт на поткровјето. Таму, неколку недели, на никаков начин не се осмелуваше да ме наведе да водиме љубов. Ме нервираше тоа што не знаев од што се срами. Просторот беше катастрофа, но мене воопшто не ми пречеше, и на тоа секогаш скриено-завиено успевав да му укажам.
Кога сфатив дека нему, всушност, собата не му е никаков проблем, не можев да поверувам дека јас сум проблемот. Неколку пладниња потоа воопшто не ги прифаќав неговите покани за прошетки, кои требаше да завршат во неговиот кварт – безуспешно. По една недела повторно се качив во неговата соба.
Тогаш знаев уште пред да влезам во таа соба дека таа вечер ќе водиме љубов. Така и беше, само што јас, со полно право, можам да речам дека тоа не беше – баш така. Мене тоа, воопшто не ми се допадна. Тоа, всушност, не беше ниту секс. На неговото занесно ’ржење по моето тело, јас ништо не почувстував. Кај него недостасуваше она што еден маж го прави маж. Немаше ерективност во неговата машкост. Јас, со тоа не можев да се соочам и не гледав решенија, освен во мои идни неверства, кои и не мораа да бидат тоа, и веднаш потоа ја раскинав таа врска. Бидејќи сесијата заврши и секојдневните средби во библиотеката беа минато, повеќе не го видов. Но, најдобрата работа за мене допрва следуваше – летото. Така тогаш помислив.
Цели недели пред заминување на тоа толку очекувано патување, потрошив само на него. Сите бесплатни каталози што можеше да се нарачаат телефонски – ги нарачав. Каде и да требаше да појдам, од потреба, во тие недели, бев како детектор за тур-агенции. Дома насобрав толку страници што знаев дека сакам да одам на осум места. Во секоја ноќ замислував едно место, поточно го замислував мојот престој на тоа место; барав дали ќе го најдам таму она за што мислев дека одам да го барам – лудост. Но, времето се покажа и овојпат како непријател, овојпат, на моите фантазии, и јас, два дена пред да полета авионот, со кој е мојот 26-дневен престој во „Hotel ocean tarrace“, ја чекирав картата за Мајами.
Слетувањето на „Miami intenational airport“ за мене значеше слетување во нов живот. Тоа мислам ми беше потребно за и јас самата да започнам, во сопствениот живот, да се однесувам како во туѓ.
Откривањето на Америка ја имаше започнато новата ерa на и во светот, и како тогаш за светот така сега за мене, тоа требаше да биде токму тоа – нов свет. Од аеродромот отпатував право во „Hotel ocean tarrace“ и уште првата вечер сакав да започнам да се откривам себеси.
Веднаш, уште во таа вечер, во еден од баровите на golden beach, едно момче, кое се најде во тој бар како да знаеше дека запознавањето на себеси секогаш оди преку запознавањето на другите, па сосема шармантно ми пријде со својата убавина, и не знам дали тој толку силно и веднаш ме плени, или јас бев на работ со сопствениот сензибилитет, па секој можеше да ме добие, таа ноќ, еве, пак ќе речам – не знам! Не знам, исто така, дали помина цел еден час од нашето запознавање, а јас веќе имав секс со него, тука, потаму на плажата. Да кажам и за она што не го кажав досега. Убавецот беше Американец од Чикаго, се викаше Џефри. Можно беше и тој да имаше дојдено од истите причини, како и јас со овие мои, оти точно она што ми требаше, речиси истовремено, и тој го посакуваше. Точно дваесет и еден ден бев со него. Во тие денови само две ноќи ноќеваме во хотелот, сите други ноќи ги лудуваме некаде низ Мајами. Беше луд по моето тело и по неколкупати во денот водевме љубов, насекаде. Нашата приказна заврши една ноќ во „Hard rock café“ сместен до преубавиот Bayfont park, истата таа ноќ, кога го запознав Јорген, со кого, уште незапознаена, имав секс во задниот дел на барот. Тоа мое отсуство на Џефри му ги тераше мислите само кон едно нешто, кон една и само една можна претпоставка, која беше точна, и која, поради моето тешко пијанство, таа ноќ храбро и веднаш му кажав, сè што се случи, токму онака – како што се случи. Така, таа ноќ, заврши таа наша приказна, но таа ноќ, не започна онаа нова приказна со Јорген, оти не сакав да започне, сакав да биде тоа еднократен секс. Така, во таа вечер отворив и затворив – многу шишиња – и приказни!
Следниот ден го поминав на терасата од хотелската соба и размислував што правам, всушност, јас, и заклучив дека го правам токму она што сакам и морам да го правам. Вечерта излегов во еден од тукашните барови, ниту името не успeав да му го запаметам, но што да го запаметам тоа име, кога требаше да го запаметам името на Џејда, со која се запознав таа вечер. Со Џејда толку многу се опивме што непрекинато страсно се бакнувавме. Џејда беше преубава Аргентинка, со која, ај, речи во ноќта, кога веќе беше почнал денот, кога се одвлечкавме во хотелската соба целосно да ги ослободиме страстите.
Јас само што сe спружив на креветот, веројатно, заспав, оти ништо повеќе не се сеќавам. Попладнето, кога се пробудив, Џејда лежеше до мене и сè уште спиеше. Набрзо, од моето движење низ собата се пробуди и започнавме да се подготвуваме да излеземе за да се освежиме со еден прекрасен студен коктел, кој овде го прават, некако – прекрасно! Седнавме на една од масите во еден од баровите на сончевите плажи и за кратко време на нашата маса седна еден познаjник на Џејда. Тој ден, кога Џејда појде некаде низ барот, можеби да се поздрави со некого, овој човек, поради вревата до музиката, седна на нејзиниот стол, за да биде поблизу за да може да поразговара со мене. Кога се врати, Џејда веднаш, махинално, седна на неговиот стол. Се прашувам дали не беше тоа, сепак, некаков знак дека тие двајца ќе си ги заменат местата, токму во мојот живот. Не ми беше воопшто тешко да се вљубам во него, оти навистина имаше во што да се вљубам. Вечерта излеговме и само во една ноќ Кевин успешно се вмента во мојот живот. Ноќ прележана на плажите со многу, многу алкохол, четири пати, копилето, ме вовлече да водиме љубов, и јас, исцрпена од љубов, а преполна со алкохол, заспав на плажата. Кевин ме разбуди да сме уживале во изгрејсонцето. Потоа се пикнавме во хотелот. Е, токму тука, во собата, дознав дека Кевин е од Флорида и дека работи како некој музички продуцент, отворено ми понуди да живееме заеднo во неговиот апартман на блискиот остров Key Bisyne. Мене ми остануваa уште два дена од предвидениот престој тука, а воопшто не ми се заминуваше оттука, ниту од ова што го живеев. Така, уште следното утро се преселив, од северносточниот дел на Флорида, 40 километри јужно на Key Biscayne, 148 Sunrise Dr, во апартманот на Кевин.
Работата на Кевин секојноќно нè водеше на некакви забави на кои беше повикуван. Истата таа работа мене и Кевин честопати знаеше да нè раздели, кога тој одеше да преговара со некакви дискографски куќи, по цели денови. Така, јас останував сама со себе и се трудев да го правам она што го сакам.
Веројатно, сакав да лутам низ плажите, да се сончам, но почувствував дека, по баровите, веќе не го пијам прекрасно оној студен коктел. Исто така, имав, во тие мои излегувања, многу прилики да бидам со други момци, но не ми беше воопшто до нив. Но јас, сепак, не се враќав сама дома, ами со она чувство на себесигурност.
Потоа, еднаш, од неколкуте пати, на кои појдов на прошетка низ огромниот Crandon Park, ете, токму во една од тие прошетки, јасно, но наеднаш се појави она чувство на сигурност, кое неодамна го имав почувствувано првпат. Сега тоа беше она прекрасно во мојот живот.
Кевин, пак, поради тоа што беше еден современ, но современо морален и, мошне важно за мене, стабилен маж, можеби поради тоа, мислев јас, сите отсуства ми ги најавуваше, речиси цели недели порано. Понекогаш го кажуваше и часот кога ќе се врати, а за чудо, тогаш и се враќаше. Тоа многу го ценев, оти чинам не се обидуваше да ме измами, а и да имаше некакви лаги, премногу или воопшто, не ме засегаа. Доволно ми беше тоа што го имав. Во еден од тие денови, при неговите отсуства, јас, наеднаш, сигурна во себе дека го правам она што сакам да го правам, а тоа би можело да значи дека го правам најдоброто, наеднаш од штотуку започнатата прошетка, се вратив дома, но бев сигурна дека сакам да се вратам, и од апартманот, преку сајтот на аеродромот „Miami intenational airport“, купив карта со датум, кој беше ист со следното најавено отсуство на Кевин. Последните четири дена беа преубави, како и сите претходни денови со Кевин, но во овие четири имаше една мала тајна, која за мене ги правеше преубави. Јас целосно уживав во тоа што се случуваше во овие денови, бидејќи Кевин знаеше навистина да биде забавен, а во секој момент можеше да се забележи и неговата стабилност.
Во почетокот на септември од Key Biscayne, со такси појдов до аеродромот и со авионот – за Париз. На Кевин му оставив писмо, во кое можеби напишав: дека во ова време, поминато со него, силно поверував дека тој е вистински маж, па затоа се осмелив да помислам дека еден вистински маж знае да ја разбере потребата за слобода на една жена.
Кога слетував во Париз, почувствував дека при слетувањето, авионот непредвидено удри посилно, и подрипна од земјата, оти не го очекуваше новиот свет, кој слета таму, заедно со мене, понесен некаде длаболо во мене. Кога пристигнав во Париз, бев сигурна дека имам што да им раскажувам на моите пријателки.
Можеби истовремено, токму кога завршија тие мои раскажувања, во душата ми пристигна тивката есен. Таа, пак, иако се најави како тивка, сепак, во мене внесе некакви чудни превирања. Тие превирања, всушност, беа некои слушнати слики, допрени чувства, видени копнежи, невидени перцепции, доживеани неостварености и што уште не можеше да излезе од мене, и тоа, за мое изненадување, токму од тоа есенско превривање. Убиствено за мене беше тоа што во тие превирања немаше ништо до летото. Центарот од коj извираа тие превривања, шокантно за мене – беше Емил.
Каде беше моето лудо лето?
Сите тие превривања, подоцна, се избистрија во јасни прашања. Дали Емил можеше да се нарече моја љубов? Ако беше така, тогаш јас сум луда. Дали сум луда? Може ли тоа да биде љубов? Дали Емил беше она што недоволно ми се случи? Дали само кон него бев единствено и целосно искрена? Дали сите други само влегоа во мене, а тој, речиси и да не влезе, но остана? Дали љубовта е она што ни се случува додека не знаеме дека – се случува?
Некаде низ овие прашања во мене се загуби она чувство на сигурност, почувствувано токму со него. Тоа се случи, мислам не случајно, кога полека изгубија во својата смисла сите оние прашања или, поточно, сите се преточија во едно прашање. За мене бесмислено.
Која сум, всушност, јас, што сум…?
Но, на ова мермерно прашање морав да му одолеам, оти знаев дека тоа прашање имаат право да го одговараат исклучиво другите, но не и јас. Можеби Вие?