Вишнова хроника (извадок)

Вишнова Хроника
Извадок од романот „Вишнова хроника“ на Фросина Пармаковска.

Една доцна пролет, кога мама поминувала со другарките на сретсело, украла од вишната што се подавала од дворот кај што седел тате и тој не ѝ рекол ништо, па мама украла и наредниот ден, па и тој по него, сѐ до дента кога поминала на истото место и видела дека нема повеќе што да краде, тогаш излегол тате со една мала кофичка полна вишни и ѝ рекол дека дента ја обрале, ама тој тргнал настрана за неа. Есента истата година тие направиле свадба, а наредната пролет, кога сум дошол јас, вишната речиси ништо не родила и мама многу се плашела да не е тоа некаква несреќа.


Прв дел

Нашата куќичка се наоѓаше на најцентралното место во селото. Едната порта од дворот излегуваше баш на сретсело каде што беа сите мали и големи случувања, до неа имаше ѕитче високо метар и пол што требаше да служи како ограда, ама беше злоупотребувано за сеирџиски седенки од стари, од млади, од кој се најде, и тоа многу ја нервираше мама така што секогаш кога ќе узрееше вишната, ги бркаше со прачки тие што безобразно ги кинеа плодовите како да се нивни. Тука, кога ќе се излезе од нашата порта беше сѐ, право беше сретселото, лево поминуваше патот што доаѓаше од Демир Хисар и одеше угоре во планината, црквичката од другата страна на патот во која имаше повеќе погреби од свадби и редовни клепања на камбаната во недела и на празници, десно беше Домот на културата што се протегаше во должина на целото сретсело, бифето на Домот кај што одеа мажите од селото, малку подолу, кај задниот дел од Домот, продавничката на Ване и Милица кај што мама одеше секое утро со црна платнена торба што никогаш не ја полнеше многу, ама секогаш имаше нешто за да ме израдува. Од прозорците на нашата куќичка, преку предниот дел од дворот се гледаше пресечено парче од сретселото и речиси целата црква со камбаната, и на мама не ѝ беше убаво што и нас, кога се движевме во тој дел од дворот облечени така ко за низ дома, можеше да нѐ гледаат тие што поминуваат во тоа парче од заемниот видокруг, ама, за среќа, си го имавме и десниот дел од дворот, пред кој се испречуваше високиот ѕид од задната страна на левото крило на Домот што ни беше главниот штитник на нашата интима кога си седевме во тремот до кој беше летната кујна и не се прибиравме в куќа по цел ден зашто имаше еден кревет, маса и по неколку столчиња во убавата сенка од плевната кај што ги чувавме дрвата за в зима, а и зашто никој што живееше в село, не седеше денски кога е топло дома, се седеше надвор, во дворот. Низ нашето село пред речиси илјада години поминала ослепената војска на цар Самоил и секој стоти војник имал оставено само едно око за да може да ги води другите зад себе, и тие со по едно око, ги воделе другите војничиња до Добромировскиот манастир, уште погоре од манастирот Св. Јован Претеча, и кога прашале како се вика ова село, никако, рекле некои од луѓето што си живееле, и после на тие луѓе им текнало да му го дадат името на селото според тажната судбина на војничињата што им ги распарале срцата, велеше мама како што ѝ кажувала баба и секогаш потенцираше дека баш тука, баш кај нашето ѕитче со вишната што тогаш не било ни ѕитче ни вишна, баш по тој пат што тогаш бил само земја, баш таму поминале војничињата.
Во нашата куќичка имаше сè. Беше едноставна, ама имаше сè собрано во три соби и еден ходник што беше исто голем колку соба, а мама и тато, не знам зошто, го викаа салонот. Едната соба беше со два кауча што се пуштаа, маса поголема, дрвени плакари, перде на големиот прозорец и толку, таа соба секогаш беше чиста, темна и спремна за спиење на лето зашто во неа спиевме само кога е топло, и само за тоа служеше таа соба зашто немаше ништо друго. Собата до неа, моите ја викаа спална, а во неа никогаш никој не спиеше, иако имаше голем брачен кревет што му го подарил дедо на тато кога ја зел мама, таа соба иако се чуваше за нова, во неа одеше сè што немаше сопствено место, сè што требаше негде да се складира, а е префинето за да се пика во визба. Салонот беше со чевли и јакни, телефон и едно огромно огледало на чело, исто подарок од истиот дедо, во кое можевме да се гледаме цели, и тоа од три страни зашто беше составено од три дела. И главната соба што ја викаа само соба зашто беше и дневна и кујна и спална во зима, заедничка соба кај што се вртевме сите најмногу, кај што ни идеа гости, собата кај што имаше сè за сите. Тоа беа главно предмети што имаат некаква употреба и овде-онде понекој гоблен на ѕидовите или скромно вазниче со вештачко цвеќе што немаа некакви посебни намени освен да го красат домот според вкусот на мама или на некој што дошол од негде и ни подарил нешто. Имаше шпорет на дрва за да нè грее во зима, а и за да не мора мама да оди да готви надвор, во летната кујна, кога е ладно. Имаше телевизор во боја што фаќаше прва, втора и трета, и тате можеше да гледа вести и фудбал, јас приказни и цртани, а мама не пушташе ништо, понекогаш гледаше вести со тато, приказни со мене, ама најчесто следеше и го ловеше моментот кога никој не гледа да го чкрапне црвеното копче за да не брчи телевизорот за џабе. Имаше маса среде собата за да вечераме сите заедно, кога тате се прибираше по цел ден возење со камионот, а и за кога ќе ни дојдат гости преку викенд да може мама да сервира ручек или вечера и на раат да си седат со часови, да зборуваат за дрвјата, за печурките, за тутунот, за селаните што кодошат во Шумското, за тие во собранието и други работи што јас како мал тешко ги разбирав, ама многу сакав да седам и да слушам, уживав така да бидам обвиен од гласовите што секогаш се засилуваа и се забрзуваа со одминувањето на ноќта и најлошо за мене беше кога принудно ме носеа на спиење дур тие уште си седат. Имаше два теписона еден врз друг за да не влече ладно од подот и мама секогаш нè опоменуваше дур јадеме да внимаваме да не ни паѓаат трошки на теписоните зашто треба да мете, а мама изгледа не уживаше кога мете зашто секогаш кога кружеше околу нас со метлата, ни дофрлуваше дека не се разбираме, дека и стопати да помине со метлата, пак веднаш ќе направиме свињарник околу масата. Имаше часовник обесен на ѕидот со кафени топки што му висеа на дебели долги конци, огледало лево под него, потпрено на плочките до мијалникот за да не мора во зима тате да оди во вецето да се бричи насабајле зашто преку зима беше многу ладно и таму никој не се задржуваше повеќе отколку што треба. Имаше прозорци за да може да гледаме кој поминува по патот и што се случува надвор, имаше и пердиња на прозорците за да можеме да се скриеме кога не сакаме никој да ни ѕирка внатре, во нашата куќичка. А под прозорецот беше каучот што го пуштавме во зима за да спијат мама и тато на него, а јас веднаш до каучот, на мало монтажно креветче што мама го носеше секоја ноќ од спалната и за неколку секунди го расклопуваше и го постилаше, во лет, брзо и лесно како и сѐ друго што правеше мама низ куќата. Имаше витрини за да можеме таму да чуваме чаши, чиниички, тенџериња, па и ќебиња, јоргани, чаршафи, лекови, чоколади, сè во различни прегради, со различни фиоки и вратничиња, секогаш средени зашто мама не сакаше кога ѝ треба нешто, да не може веднаш да го најде. Лево од витрината, во ќошот стоеше картонскиот пакет со моите играчки, со војничињата, пластичните ножиња, чаталот и муницијата, пиштолче на вода, камиончето што ми го купи баба на мама кога уште знаеше да работи со пари и да купува, мала беше нашата куќа, ама за сè имаше место и за луѓе да дојдат, и нивните деца да си ги донесат, и вујче од Скопје да дојде на спиење и баба на мама можеше да ја собере, па и дедо и баба од Сиднеј да дојдат имаше место и покрај тоа што тие речиси никогаш и не доаѓаа.
Тоа се и моите први сеќавања, мама, тате, баба на мама и предметите во нашата куќичка. Па дворот, сретселото, парчето од него што се гледаше од прозорците и од предниот дел на дворот и нашата вишна кај што тате ме носеше в раце, ме тераше да му покажам која гранка ја сакам, ме креваше кон неа и јас самиот ќе грабнев една-две вишни во раката. Предметите ми беа првите другарчиња. Ниските столчиња на ногарки што ги превртував и правев фронтови за војничињата што ми се паѓаа во киндер-јајцата, чкорчињата што ги крадев од кибритите на тате, ѕидовите на кои наоѓав места покриени од креветите или наткасните и цртав контури на луѓе со глави како компири, па кога ќе им се насмееја тие компири на мама, особено на тате, добивав понекоја лесна заушка, така колку да не украсувам повеќе во иднина. Заушки добивав и кога потпалував, научив да потпалувам уште на три години, весниците стари што и така си стоеја за потпалување оган, еднаш толку збуфна што мама до ден-денес раскажува дека ќе сум ја потпалел куќата. Во моите најрани години не сум бил баш некое дете што човек може да го остави така и да си брка работа, туку мора постојано некој да има блиску до мене и да ме варди. Зашто освен што чкртав и потпалував, знаев да отидам во салонот кај што стоеше зелениот телефон од кој мама вртеше кај баба или вујче или ни ѕвонеа баба и дедо од Сиднеј, да ја кренам слушалката, да вртам така ко умоболен и да му наштетувам на буџетот на куќата. Да се пентарам по симсовите на прозорците и да ризикувам да паднам од ниско, не да се отепам, повеќе колку беља да направам. Да брчкам во штекерите, да крадам виљушки и ножеви и да ги кријам низ куќата, да глумам умрен кога не сакам да се капам во зима, да ѝ го кревам здолништето на мама дур има кај нас гости, да им буричкам на гостите со показалецот во ушите, и ако извадев некакви нечистотии, ги изложував триумфално пред сите, да се кријам во плакарите и ненадејно да излезам кога ќе ги наслушнам чекорите на мама и да ја извадам од памет зашто ми беше смешно како подрипнува и како ги тегне трипати ушите надолу како и секогаш кога нешто ќе ја потплашеше. После дознав и дека сум месечарел често, особено првата година откако сум проодел, така што ни ноќе не можеле од мене да се раатисаат. Бељите, главно, сум ги правел низ акции што следеле откако мирно сум демнел за да начекам шанса да поминат, настрана од тоа сум бил молчаливо дете, загрижувачки молчаливо. Моите се плашеле да не нешто ми фали зашто сум прозборел дури на две години и првиот збор што сум го кажал бил топанката, симулација на стопанката, без разлика што мама пробувала да ме научи на нешто бебешко, нешто убаво, јас изгледа сум го фатил тој збор од седенките кај нас и сум го испукал, мама кога чула прво не ѝ се верувало, ама јас сум повторил за да ја уверам, а тате се фалел кај и да стигне горд што првиот збор не ми бил некоја бебешка лигушка. Луѓето што ни иделе, заведени од мојата молчаливост, викале детево мирно, златно, вакво, онакво, ама тоа дека немале прилика да ме имаат дома. Не дека ептен сум бил бељата на Господ, ама самото тоа што требало нон-стоп некој да ме варди, тоа некој беше главно, мама, сигурно дека имало и моменти во тие години кога ѝ доаѓало да ме задави. Ама тие години за мене, како и за многу луѓе, се најверојатно најубавите зашто и мама и тате и предметите, сè постоеше само за мене. Предметите од моето детство настрана од нивната примарна функција, на посебен начин функционираа во мојот свет, колку и да бил тој наопаку. Многу од луѓето што ни идеа, денес се само имиња, а предметите имаат многу поголем простор во моите сеќавања зашто секој од нив има минимум по десет приказни, иглите за плетење на мама, на пример, што кога сакав да ме изнесе надвор, ѝ ги криев секогаш на различни места, па после ми ги криеше и таа, ама таа често забораваше кај ги скрила и пак некако на мое си доаѓаше целата таа работа. Брзо и дворот стана дел од мојот прв свет полн со реквизити што го испишуваа моето детство. Сливата зад бунарот и мојот прв обид да се обесам со нозете на гранка за да спијам како лилјаците во филмовите што заврши неславно откако гранката се скрши и паднав, среќа не директ на глава, ама пак бев целиот издраскан од камчињата и сувата земја, па пиштев од болки два дена, а мама ту ме караше ту ме жалеше, ама цело време се врткаше околу мене и ме редеше со некакви тревки за да ми поминат раните. Јаготките што ги кинев пред да узреат, пиперот што го кршев дур паѓав и се прпелкав низ браздите, плевната со дрва што со години ја демнев за најдам начин да се испентарам и да изведам некаква акробација, првиот пат кога имав три и нешто години начекав една скала потпрена на неа и не стигнав до горе, паднав од два-три метри висина и си ја шинав раката, па ме носеа кај локалниот местач за да ја среди работата дур мама ме држеше за другата рака и ми велеше да ја стискам толку колку што ме боли зашто така поминувало. Бубачките што ги собирав во тегли и ги гледав како умираа, кокошките што сакав да ги јавам или да им ги кубам крилјата, прасето од кое ми беше страв да се приближам на метар од кочината, ама педерски му фрлав камчиња давајќи му до знаење дека иако се плашам, сепак сум во подобра позиција. Мачињата што идеа од комшии што ги тргав за мустаќите и опашката, а некогаш, кога ќе ја начекав отворена вратата од визбата, ги намамував таму, ги затворав само за да ги слушам како мјаукаат и да им враќам на некој мој импровизиран мачешки јазик, така ко будала. Кога ќе станеа многу гласни, почнуваа да гребаат и да се удираат во ниското вратниче, па ќе чуеше тате ако беше дома, ги пушташе на слобода, а мене само ќе ме фатеше околу половината, ќе ме кренеше на ушка и ќе ме седнеше до него да го гледам што и да прави, ама повеќе колку тој да ме има на око за да не правам ѓурултии низ дворот. Или ќе го направеше сосем истото плус ќе ми удреше заушка. Ама убава, воспитна, не да боли зашто заушките на тате никогаш не болеа. Освен заушките, ме плашеа со вампирите што шетаа низ селото, и вистина, мене ми беше страв навечер дури и само да го поткренам пердето од прозорецот ако нема никој блиску до мене, да не ми дојде некој вампир што го замислував со ликот на страшниот македонски комита, извезен на гоблен, врамен и закачен на ѕидот кај Милица и Ване, продавачите, кај што појдовме еднаш сите тројца, и може тоа да ми беше првото одење негде надвор од нашата куќа што малку го паметам. Комитата демнеше од темниците во дворот, некогаш од таванот над вецето, ама само ноќе, дење немаше сила и не ми можеше ништо зашто денски вампирите ги нема, спијат во длабоки соништа. Затоа, ноќе, освен кога месечарев, бев многу мирен и често се чипчев во фустанот на мама зашто најслатко така заспивав. Моето царство се протегаше во нашата куќичка и во дворот, другото беше набљудување од прозорецот и од преградите на оградата. Нашата куќа зашто беше точно на сретсело, слушаше многу звуци од утро до почеток на добата кога целото село заспиваше и излегуваа вампирите што беа безгласни кога шетаа, го слушаше џагорот на младите што се собираа на нашето ѕитче или пред црквичката, пијаните дискусии на мажите што играа карти и пиеја пиво или ракија во бифето до Домот, Ѓупците што на лето продаваа алишта и работи за дома, сите луѓе што одеа од горниот накај долниот дел од селото или обратно и што мораа да поминат покрај нашата куќа, колите и тракторите што возеа по патот лево од нашата порта. Баш поради патот не ме пуштаа во првите години да ја преминувам портата, ја заклучуваа со илјада катанци, зашто знаеја дека ако на секунда подзаборават да го направат тоа, ќе излезам и можеби ќе ме згази кола. Излезот од дворот тие мои први години, се сведуваше до кај баба, до претпоследната куќа надолу по селото, со мама што ја носеше црната торба со зготвено јадење на рамото и мене, во рацете, а после и за рака, одевме така многу често зашто баба не можеше да доаѓа кај нас, а ни беше најблиска рода тука, другите баба и дедо, по тате, беа во Сиднеј, дедо отишол на печалба и дури откако тате пораснал и се оженил, откако таму се изнаживеал сам, си ја прибрал и баба за да не им пречи на младите. Оваа баба, Трена, во селото, беше постара од бабите на другите деца зашто мама била најмалото од четирите деца што го родила на четириесет и пет години, два месеца откако дедо ја оставил и заминал негде во скопските села да живее со друга жена, затоа мама нејќеше да слушне за дедо, ама баба многу си ја сакаше и многу се грижеше за неа, особено зашто баба почна да заборава и мама секое одење откриваше по нешто ново и дома му раскажуваше на тате дека зела да меси пита во ниедно време и ја заборавила и рерната и питата, на Блага комшиката ѝ замирисало и, среќа, навреме ја средиле работата, дека излегла дотерана со чанта на рамо и ѝ рекла на Блага дека ќе оди на пазар, па ја разубедувале да седи дома дека нема пазар во среда, дека кажувала го чека Пецо да се врати од нива, а Пецо, дедо ми, речиси триесет години веќе беше заминат, и така, секое одење кај баба, мама му кажуваше на тате нови приказни, и еднаш, ги викна мама, тета Цвета и тетин Ласте, седеа до доцна и цело време зборуваа, баба ја спомнуваа со загрижени лица и со тивок глас, а кога се зборуваше со тивок глас, секогаш се зборуваше за страшни или сериозни работи, работи што не ми беше дозволено да ги слушам. Муабетот цело време беше на кој да му се падне баба, првото дете на баба не било во игра зашто умрело од жолтица на три години, вујче Јане не беше во игра зашто си живееше во Скопје со вујна Рада и со син му, братучед ми Никола во многу мал стан, само мама и тета Цвета, што живееше во Единаковци на два-три километри од нас, беа во игра, па на крај мама и тета се согласија тета да си ја земе баба, ама за возврат, после кога баба ќе умре, тета да ја наследи куќата, претпоследната куќа во нашето село. Тоа кога го кажуваа, најмногу шепотеа, ама јас слушав, седев во салонот и слушав зад подотворената врата, фаќав понекој збор, по нешто и не разбирав, ама разбрав дека утредента ќе ја спакуваат баба и ќе ја преселат кај тета, после, откако го рекоа тоа веќе зборуваа гласно, се смееја, си раскажуваа смешки за баба со мезе и со ракиичка и така весело се заврши таа вечер кога мама ми шепна дека нивата голема речиси два хектара ќе биде моја, еден ден може ќе ми се најде, може ќе кренам голема куќа за моите деца. Со мама и со тате, со колата одевме и до кај тета Цвета и тетин Ласте, ама таму ми беше досадно зашто братучетките мои, Биба и Наталија, беа големи, одеа во гимназија во Демир Хисар и уживаа да ме штипкаат, да ми ја бушават косата, да си играат со мене ко да сум малоумен, па некогаш ќе почнеа да ме шминкаат, да ми го цртаат лицето, па да ме бришат, па пак одново, ама најдосадно ми беше што цело време ме чуваа, цело време ме гледаа каде одам, што правам и ми ги ограничуваа движењата, уживаа да ме контролираат и да ми наредуваат, а јас само еднаш успеав да им се измолкнам, и тоа дур Биба зборуваше на телефон во ходникот, а Наталија чуваше стража да не ја фатат тетин и тета, начекав прилика да им се скријам во еден ќош полн со алишта, се пикнав меѓу алиштата и ѕиркав дур хистерично ме бараа, а срцето ми се полнеше дека, ете, еднаш ги зафркнав, само еднаш за разлика од сите пати кога тие ме зафркнуваа и си правеа циркузи со мене уживајќи да ме исмеваат и да ме омаловажуваат. Кога ме најдоа, Биба сочно ми врза една шлаканица и оттогаш засекогаш ги замразив и двете, посакав да им се случи нешто многу лошо, и кога ќе начуев дека ќе се оди кај нив, се правев неарен, најчесто мевот дека ме боли или дека ми студи. Некогаш доаѓаа и тие, ама си седеа мирни, претежно сите седевме во главната соба, некогаш тие одеа во темната соба за да си зборуваат тајни работи, а јас ќе се скриев зад вратата и слушав дека симпатијата на Биба бил многу убав, дека намерно кружел со црвеното моторче кај нив пред куќа за да ја види Биба што глумела дека чита на прозорец и слични глупости слушав, ама еднаш фатив пајак голем со раката, и без да ме видат, излегов во дворот, оттаму до прозорецот од собата кај што шепотеа Биба и Наталија, се поткачив на ѕитчето, им го пуштив пајакот, веднаш покрај главата на Биба, влегов пак дома, седнав кај големите и набрзо им го слушнав хистеричното врескање што ја крена цела куќа додека јас си свиркав задоволен што успеав убаво да ги вознемирам. Затоа најмногу си сакав да бидам во куќата наша зашто си бев на свое и речиси никој не ми можеше ништо, башка во моето царство имаше илјада интересни начини да си го поминувам времето, како кога собирав гуштерчиња во тегла и им ги пуштав на мачките што се вртеа низ дворот и гледав дур ги грицкаа како чипсчиња од главата надолу по опашката или како кога ја терав мама да ми купи уште едно „пепси“, а таа ми викаше дека само едно „пепси“ во денот смеам да пијам, па престанував да јадам и не јадев дур не ми купи уште едно „пепси“, па ми викаше добро, уште сега, а не гледаше дека речиси секој ден ми попушта, или како кога буквално, по цели денови со чатал гаѓав птици и некогаш, многу ретко погодував и мама ќе ја зготвеше и ќе ме пофалеше дека сум голем маж, вистински ловец, а мене убаво ми доаѓаше кога мама ќе ме пофалеше зашто не ретко викаше по мене низ дворот со некакви смешни имиња што најверојатно ѝ останале од детството кога викале по неа или како кога тате ќе си дојдеше приквечер и ме легнуваше на каучот за да се бориме, едниот да го истурка другиот на подот и секогаш тате се тркалаше надолу, не дека јас бев посилен, туку дека тој ми попушташе или како кога се искрадував во визбата, го отворав сандакот со стари алишта и од него ја вадев големата скришна ќеса полна со писма што си ги пишувале тате и мама кога тате бил во војска и ги отворав сите едно по едно, не дека знаев да читам, туку дека знаев дека не треба да го правам тоа. Ама убаво ми беше да бидам и див и неразбран и да не се дружам со децата што идеа на гости ако не ми е по ќеф, така некако се чувствував важен и достоинствен, не знаев што значи тоа, тогаш сѐ ми беше убаво и неубаво, убаво ми беше да не правам работи ако не сакам, па и да треба да ги правам и да правам работи ако сакам, па дури и да не треба.

One thought on “Вишнова хроника (извадок)”

  1. Uf… Frosin, go procitav izvadokot od tvojot roman i cuvstvuvam nekoja ubava toplina vo gradite… Neznam i nemozam da opisam kako i zosto, no verojatno se pronajdov vo delovi od izvadokot… Znaes, izrasnav vo ista takva kukja so drveni plakari i trodelni stakla vo skopskata naselba Chair… rechisi ista za kakva pisuvas ti ovde, samo namesto tri sobi i hodnik, kaj mene bea dve sobi i hodnik i milion lugje vo nea, ama moram da ti priznaam, tokmu zaradi toj kalabalak vo kukjata se cuvstvuvav ubavo i odvazno, bidejki site me sakaa i galea,bev najmaloto… Toa sto go procitav istovremeno i me nasmea, no i mi gi zastakli ochite zaradi budenje na spomenite na edno preubavo detstvo na koe sekogas so radost se prisetuvam… citav i se smeshkav na ludoriite na momcheto od romanot bidejki imav navistina takov drugar beljadzija vo maalo i bash e ubavo koga mozes odstrana da vidis kako moze no istovremeno i kako ne treba nesto da storis… Hahaha… Kako i da e i vo postot ti napisav impresionirana od ednostavniot tvoj stil na izrazuvanje, a i sega koga go procitav ovoj izvadok mislam deka nemozam sebesi da si kazam ne, nema da ja kupis ovaa kniga…odluchna sum, moram da ja imam vo svojata privatna biblioteka i da, ke ja imam,sekako zasluzuva da bide del od policite na moite omileni chetiva… Sekoj cest… Te pozdravuvam, so nadez deka nema tuka da zastanes,bidejki toa sto go pravis go pravis na najdobar mozen nacin… Iskreno ja preporachuvam”Vishnova hronika” na sekoj eden citatel koj saka dobro da se zabavuva so uste podobra kniga…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *