Извадок од романот „Гаргара“ на Игор Станојоски.
Со авторот на овој роман се запознав во еден хостел во Прага. Единственото свое име што ми го остави е Орест, и само така можам да го нарекувам, иако тоа е неговото измислено име од романот. Бевме сместени во соба со 6 двојни кревети 12 туристи со различни биоритми, навики и планови. Некој сакаше да се врати пијан ноќта во 4, а некој мораше да стане во 6 утрината за на воз. Со Орест се запознавме навидум случајно. Паметам дека запознавајќи се со една Французинка на име Виржинија, го забележав остриот поглед на Орест во моментот кога се претставив како Македонец. Во следниот миг Орест со итар чекор ни се приближи, а јас бев сигурен дека не го направи тоа за да ми создаде ривалство околу Виржинија, туку дека го интересирам токму јас, или поточно моето потекло. Го прашав директно:
„Сигурно си бил некогаш во Охрид, зашто кога реков дека сум од Македонија, веднаш ме погледна?“
„Не, едноставно ретко среќаваме Македонци во Европа. Мислам дека ти си првиот што сум го сретнал. А секогаш е интересно да запознаеш некого од толку мала земја, за нас толку непозната.“
Веднаш имав чувство дека се обидува да се извади, но ми беше сеедно. Всушност, ми олесна кога сфатив дека најверојатно нема ни да го спомене македонско-грчкиот спор ниту која било друга политичка тема од жешкиот Балкан. Го доближив своето шише пиво кон неговото и наздравивме. Ни се претстави како Орест од Данска. Продолживме да се дружиме и со Виржинија и добивме еден интересен пивски разговор кој тргна од тетоважите на Виржинија (го имаше истетовирано мостарскиот Стари мост токму над задникот), па предвидливо се насочи кон патувањата, убавината на номадскиот живот и изучувањето странски јазици. Потоа игравме пинг-понг. Ми останаа во сеќавање неколкуте партии што ги одигравме со Орест. Играм пинг-понг релативно добро и обично победувам, освен кога ќе ми се погоди за противник левучар или некој што силно ги врти топчињата. Со Орест беше како да играм со огледало. Имавме идентичен стил, еднакво брз рефлекс и партиите беа драматични и главно завршуваа на два поени разлика.
Вечерта си легнав во 2, но до 4 се враќаа пијани туристи. Негде околу 4 беше кога на соседниот кревет од горното легло Шпанецот што се беше вратил пред малку гргна да повраќа одозгора, а повраќаниците шлакаа на ламинатот. На англиски со изразит полски изговор овој што спиеше на леглото под него почна да му вика на Шпанецот дека му повратил во влечките и да слезе да исчисти. Шпанецот навистина сакаше да биде коректен, но, обидувајќи се да слезе да исчисти, ја промаши склата и полета директно на подот. Ги прелета притоа исповраќаните влечки и не верувам дека почувствува болка со толкаво количество алкохол во крвта, но несомнено на подот го забележа вирчето крв кое брзо се точеше од неговиот нос. Полјакот ја викна рецепционерката, а оваа дотрча бргу зашто веројатно имаше изработен рефлекс за станување во секој миг во ноќта.
Не знам колку беше часот, но паметам дека се чувствував како да бев спал само 2-3 часа кога некој ме тупкаше по рамото. Отскокнав во креветот како што отскокнува патник. Тоа беше Орест. Во рацете држеше нешто како книга, како да сакаше да ми прочита приказна за добро утро, наместо за добра ноќ.
„Извини што те будам сега, но треба да стигнам на аеродром. Види, моето име не е Орест и јас не сум од Данска. По потекло сум од Украина. Не можам да ти кажам во која земја живеам во моментов ниту кое е моето актуелно име ниту кое е моето поранешно т.е. вистинско име. Знам дека си искрен и чесен човек. Имам голема молба до тебе. Сакам да ја земеш папкава. Во неа е мојата животна приказна, раскажана најубаво што умеев. Сакам да ја објавиш како роман штом ќе се вратиш во Македонија. Напишана е на англиски, но нема да имаш проблем со преводот. Кога ќе го прочиташ текстов, ќе ти стане јасно зошто не можам да ти го кажам своето име, ни поранешното ни сегашното. Неколку имиња во романов се измислени затоа што по некои од ликовите сѐ уште трага Службата за безбедност на Украина. Ако го побараш моето име на рецепција, можеби и ќе ти го дадат, но не барај го и не дозволувај никој да дознае дека тоа е на некој начин поврзано со романов. Кога ќе го прочиташ романов, ќе ти стане јасна мојата реакција кога ѝ кажа на Виржинија дека си од Македонија, а ќе ти биде јасно и зошто сакам оваа книга да излезе токму во Македонија и зошто не можам да ја објавам јас. Затоа, те молам, објави ја како свој роман, но онака како што ти ја давам.“
– О-океј. – Одговорив издивнувајќи, со поспан мамурен полушепот.
Се поткренав на лакт и се поздравивме машки. Папката ја пикнав под перница, онаму каде што ми беа паричникот и пасошот. Во себе си реков: „Можеби и ќе ми стане јасно нешто некогаш, но сега не ми е јасно апсолутно ништо.“ Кога се разбудив повторно, во собата немаше никого освен мене. Сега забележав дека собата е на поткровје. Низ прозорецот на покривот се распрскуваа портокаловите сончеви зраци. Под перницата ги напипав пасошот, па паричникот, па папката. Трите највредни работи што ги имав со себе во тој момент. Усните ми беа прилепени, па помислив дека морам да отидам до чешма да направам гаргара пред што и да е друго. Љубопитноста ме испревари, па уште пред да отидам, ја отворив папката што ми ја остави пријателот. На првата страница со големи букви беше напишан насловот на романот – ГАРГАРА.