Азилот – како „живот“ по животот

1. ВОВЕД

Човекот и војната

Настан. Вистински настан е најновиот роман на реномираниот писател – поет, раскажувач и предведувач Ивица Челиковиќ. Настан за нашиот културен контекст, но и настан за поширокиот читателски круг, како културниот амбиент на Шведска, вториот дом на нашиот автор Челиковиќ, земја која високо ја удостојува неговата голема литературна и културна мисија и му оддава признанија за тоа.

Најновиот роман на Челиковиќ Луѓе без минато“ отворено говори за ужасиите на бившите ју-простори, за идеолошките „стапици“ во кои беше вплетен човекот од крајот на минатиот век;

Човекот – од Балканот кој беше „распнат“, „центрифугиран“ и „распарчен“ во суровата и ужасна идеолошка „мелница“ која кулминира со пеколна апокалиптична војна[1] ;

Човекот – за кој иделогиите беа – и пред сонцето и пред зборот и пред себе… Се додека, истиот тој, не сфати дека сето тоа се – бесполезни илузии кои пукаат како меурче.

Војната – како балкански катастрофален „земјотрес“ од кој, од корен се изместуваат сите вредности. Сите редови, сите идеали, сите верби.

Војната – како „пекол“ во кој потонуваат серија жртви, настрадани, мртви, но и оние кои наводно „се спасуваат“ за влакно, за да потоа, и тие „потонат“ во некоја од мрачните „јами“ на воениот пекол.

2. ЗА РОМАНОТ

Ликови-жртви

Така цела галерија ликови-жртви, авторот вешто ги гради и „извишува“ пред нас, толку сугестивни и „живи“, толку блиски нам, колку што веројатно, и ние им стануваме блиски. И колку што и ние се препознаваме во нивните парчиња судбини, во нивните избори, во нивните животни крстопати, но и во нивните односи и релации, толку и тие ги „бараат“ своите прототипови во реалноста. Така и ни се обраќаат… Оти тоа е трагичен свет, кој до неодамна беше сурово балканско секојдневие, како што и некаде во светот, за жал, и денес тоа е реалност.

А тие, веќе оформени ликови, веќе изградени ликови на наполно зрел и рафиниран автор како Челиковиќ, се исправаат пред нас како аксиолошки вредности, вредности кои говорат за човекот и за неговите квалитети. И така, колку што се чини дека речиси сите ликови во романот, се принудени да бегаат, така, тие, втурнати во тоа принудно бегство во виорот на војната, всушност се приближуваат до – себе. Та дури и вон себе (избезумени од шок или од посттрауматски шокови), тие сепак, чекорат кон „патеката“ на – сепството. Себеспознанието.[2]

И така, преку мака, преку згрозеност од ужасиите на апсурдната катастрофална војна, од еден од

„епицентрите“ на војната – Босна, како од пеколот, изникнуваат галерија ликови, ликови-маченици, ликови – кои веруваат во идеалите, кои до пред некоја деценија ги делеле на едно тло, но и ликови кои се можеби незнајни „близнаци по судбина“ со најновите бранови азиланти низ светот. Чесни луѓе, луѓе домаќини, луѓе од ред, луѓе од семејства, од професии, од збор… принудени да талкаат по светот.

Азилот. Речиси и никаде не е споменат како збор. Но, насекаде провејува во овој драматичен и возбудлив роман, и тоа како нешто што при крајот на делото само се навестува, како можно, ново „изгрејсонце“, или како нов живот, оној којшто доаѓа „по животот“ кој ликовите го живееа во својата татковина.

Живот „по“ животот

Живот – „по“ животот. Живот, откако илузиите и соништата – потонуваат. Живот, откако остануваме без најмилите, или без најмилото во себе. Живот „вон“ себе, но и живот – кон себе, живот во кој – едноставно ги има само – преживеаните. Сведоците. Сведоци кои талкаат по себе.

Луѓе без минато.

Азиланти од себе.

Или азиланти – кон новите себе.

Оние кои бараат засолниште – во самите себе.

Во новите себе.

И со продлабочен, суштински однос кон масовните катастрофи, но и кон личните дилеми и проблеми на денешниот, или пак „довчерашен“ човек, човек, кој за жал – нема минато.[3]

Човекољубие и емпатија

И со големо човекољубие е напишан овој роман.

И со невидена и топла емоција кон страданијата на ликовите свои е составен овој роман.

И со искусна романескна вештина е сотворен овој роман.

И со ехо на недоброј вистински судбини, чии духови или пак потомци се уште талкаат, не само по Шведска, туку и по сите сонувани „парчиња рај“ за кутрите намачени и истрауматизирани „екс-ју“ страдалници. Маченици кои ние ги препознаваме, но и содуховници кои ние ги сочувствуваме, макар ги препознале во некој бегалец на разминување, животно разминување, несретнување…

Та ако за генијалниот Албер Ками, апсурдот е – несретнување, несредба (би додале ние – нешто како што смртта е несретнување на мртвите за живите), така и апсурдот на војната е – комплетно разминување…

Нешто како кобно, фатално разминување на луѓе, судбини, народи, врски, релации, кои и речиси, незнајно, но неповратно – се разминуваат… било на некој светски аеродром, било на крстопат на животот, било во некој масовен егзодус, но и… разминување – со себеси… она најважното. Она разминување, кое и нема време да се види себеси поради сеопштиот хаос на тоталната војна, она несретнување со – вистинското – во себе.

Онаа „капка“ бол поради семејната, брачна пропаст, оној наш личен океан во кој пропаѓаме без да знае никој, оној што званично се вика: „семејно насилство“, во кој вљубената млада не гледа ниту граници, ниту бариери и заминува бегалка со љубениот во неговата татковина, оставајќи зад себе се.

Оној ужас кој само пред нас се отвора. Онаа стравотија во која не се заслужува ни да се сочека – записник од полицаец за починатиот, или да се сочекаат погребните церемонии на починатиот сопруг-насилник… Оние лични истории кои се болна и жива и ужасна метонимија за мега-војните и масовните злосторства над – луѓето.

И тоа луѓе – на кои едноставно – им го снемува минатато!

И тоа не се луѓе кои немале минато. Туку луѓе кои снемале минато.

Кои го имале, а како да го немале.

Кои се имале себеси, а всушност – како да се немале.

Кои можеби – и се сретнале себеси, но во виорот на ужасот, се „разминале“, (дури и) со себеси…

Но, и ликови кои се неочекувани, шокирани сведоци на убиства на своите најблиски, роднини, другари… но и нејзнани, а сепак блиски… едноставно – луѓе.

Размислете и зошто е токму овој наслов на делото? „Луѓе без минато“. – Затоа што Челиковиќ е оромен човекољубец, пред се човек со извонредно високо изградени вредносни стандарди. Со високо ниво на сфаќање и толкување на нешата, кои наоѓаат одличен пандан во вредностите кои се негуваат во – амбиентот во кој е вдомен, но и вредности, како етиката, моралот, редот, системот, почитта, кои беа вредности, негувани во минатото во кое тој растеше.

Семејните вредности. Етичките вредности: угледот, честа, образот, зборот… Најновиот Челиковиќ го среќаваме, не како Југо-носталгичар, туку како изградена личност и како профилиран автор кој е наполно успешен и креативно продуктивен во активниот, густ современ светски културен „сообраќај“.

Аксиолошки вредности

И колку што идеолошките „стапици“ се „вклештуваат“ околу кутрите маченици, толку од нив, почнуваат да „растат“ аксиологиите – антрополошките вредности – во кои пред се, се почитува човекот.

Аксиолошките вредности во романот се маркирани преку италик. Нив ќе ги препознаете како мудри мисли, како следната: „Човек што не оставил ништо зад себе, и кој нема корења, е обична лушпа.“ (Челиковиќ, 2007, 7).

Како сеќавања од предци: „Од корените не се бега“, се сеќаваше Роберт на тие зборови што дедо му ги кажуваше, (…)“ (Челиковиќ, 2007, 255).

Мастрален е Челиковиќ и во градењето на филозофемските „планини“ на своите, но и сознанијата на ликовите. Така, наместа, романот се претопува во вистинска есеистичка „река“ која наместа „избива“ на површината – на текстот, а сето раскошно звучи вака:

Речиси е неверојатно и наивно да се поверува

оти рускиот рулет, таа чудесна игра со стара

традиција, може на обичните смртници да

им се доближи со несфатлива леснотија.

Такво нешто не постои како целина во

мислите, и може само да живее, да провева

низ фрагментиран простор, во кој минатото

и сегашноста, и нејасната иднина, се наполно

измешани и разлеани низ испреплетени

водотеци.

Тоа што се остава недоречено, не постои.

Како бавно шепотење, испрекинато.

На некое друго место. Во некое друго време.

(Челиковиќ. 2007, 19)

Сиот филозофеми, сиот мудра „медовина“, Челиковиќ, преку нараторот, вели:

Човек не наоѓа никаква смисла, никаква

суштина, обидувајќи се залудно да ги допира

болните, чувствителни места, внатре во себе.

Со неразумни илузии драматично брзо се

стеснува патот. И не постојат одговори на

болните прашања за кои мислиме дека се

потпреле врз каква-таква рамнотежа.

(Челиковиќ. 2007, 63)

Филозофемите за времето се маестрални: „Повторно настапи молк.“ (…) Војислав: „Но длабоко во себе, во бездната во која пропаѓаа временските спирали, веќе ништо не можеше да се види, ниту пак да го почувствува тоа чудно чувство на судбината, што можеби Бог го праќа, но кое секогаш поттикнува да се мисли на времето што доаѓа. Време во кое се што е одамна уништено повеќе не е толку болно.“ (Челиковиќ. 2007, 103)

Мудроносно размислува раскажувачот и за реалноста и вели: „Но од лош глас човек ретко може да избега. Невозможно е да се засолни како во некаков меур и да ја отстрани реалноста околу себе.“ (Челиковиќ. 2007, 147)

И колку што дискурсот на Челиковиќ во овој роман е полн со акција и дејства, толку, наместа е длабок, мудроносен и филозофемски.

Перцепции и емоции

Но дискурсот на раскажувачот е богат и со извонредни перцепции и психизми. Во таков, брилијантен „преплет“ е и примерот кој раскажува за: „Погледи што сепак пронаоѓаа и разменуваа човечка суштина и топлина – на секаков можен, неверојатен начин.“ (Челиковиќ. 2007, 67)

Интересно е што делото има многу перцепции. Тоа се забележувања. Што ликовите гледаат, што воочуваат. Но, кај Челиковиќ тие се во одлична хармонија со психизмите.

Сиот тој стилен, сензитивен, чувствен свет, кај Челиковиќ е профан, хиперсензитивен, полн со вистински живот и со вистински животни драми.

Луѓе без минато

Луѓе без минато…

И што се всушност Луѓе без минато? – Тоа се луѓе – без себе. Луѓе кои имале минато. Луѓе на кои веќе „им одмилел животот“ (Челиковиќ. 2007, 74). Или луѓе – кои веќе и не можат да се сеќаават – поради преголем бол. Поради преголеми страданија.

Преку ликовите, авторот гласно прашува:

„ – Да, многумина се овенчаа со тоа славно минато… но за некои тежината на времето беше

премногу тешка, славното минато ги заобиколи… А беше тешко да се остане без минато.

– Не разбирам, какви се тие луѓе без минато?“ (Челиковиќ. 2007, 112)

За да, на друго место, ни предложи: „Единствениот миг што можеме целосно да го исползуваме, и да му се препуштиме, е оној што е овде и сега, (…)“ (Челиковиќ. 2007, 76).

Меѓу два света

И сѐ во овој роман, како да е – меѓу два света.

Како што е финиот трогателен детал кога Вера тајно му ја става фотографијата со маршалот на својот покоен татко Милован во мртовечкиот сандак. „Таквите спомени можеше да ги понесе во новите простори, на преминот меѓу двата света.“ (Челиковиќ. 2007, 76) – забележува раскажувачот.

Меѓу два света се: и Милена и Милован, и Вера и Роберт, и Силвана и Нико, и Зденка и Чедомир, и Војислав и …, но и недоброј незнајни ликови и лица…

Мајстор на убави слики

Авторот е мајстор на убави слики, внатрешни и надворешни. Таква е сликата: „Во тој миг ништо не се слушаше. Тешка тишина го покриваше заборавот, грешната и столчена беспомошност, и самотноста на глувото време погребано во бескрајниот молк.“ (Челиковиќ. 2007, 76).

Но и страотни слики, перцепции на ликовите, како Вера која бегајќи во комбето, со мајка си, гледа изрешетани фасади: „(…) како глетка што постепено се нормализираше како состојба, како слика за кошмарот и стравот што се претвори во природна состојба на нештата во тие страшни години. Слики за кои уште долго ќе се бара некаква смисла за да ги сочува за себе, како сведоштво во сопствената душа, сведоштво за сите обезвреднети, унесреќени човечки судбини.“ (Челиковиќ. 2007, 79).

Кулминацијата и триумфот на ужасот, се отсликува и во личните психички повлекувања, како ликот кој: „На моменти тешко се справуваше со психичките нарушувања, (…) затворајќи се во својот внатрешен кафез.“ (Челиковиќ. 2007, 126).

Тоа се ликови кои се дават во „депресивната кал“ (Челиковиќ. 2007, 128).

Жртви на масовни насилства, жртви на семејни насилства, дури и на насилства врз – самите себе.

Таква е Силвана, која: „(…) како да се обидуваше да се извлече од силните канџи што ја влечеа надолу во нејзината немоќ, милиметар по милиметар, во невидлив вител што постепено го зафаќаше целиот простор во тоа студено, кошмарно утро.“ (Челиковиќ. 2007, 136).

Силвана, на која: „Погледот и беше темен“ (Челиковиќ. 2007, 139).

Отворени прашања

И гласен и јасен е раскажувачот кога отворено прашува: „Кој беше сега нашиот непријател? Тоа прашање не ми излегуваше од главата“ (Челиковиќ. 2007, 139).

Тоа прашање „лебди“ врз целиот роман.

Акустичен и незаборавен е раскажувачот кога проценува дека: „Војната тука мораше да заврши, барем за Роберт.“ (Челиковиќ. 2007, 139).

3. ЗАКЛУЧОК

Романот „Луѓе без минато“ е најново дело на Ивица Челиковиќ, дело кое ќе остане во врвот на нашата најнова продукција.

Азилот[4] како „мал дел од рајот“ (Челиковиќ. 2007, 160), како „полиња“, како „природа“, како спасоносна земја за оштетените луѓе, луѓе без минато, но сепак – луѓе со иднина.

И делото завршува со опис, со перцепција на лик. Роберт, загледан во брезите и неговото доживување на нивното шумолење како „најубава музика што некогаш ја слушнал.“ (Челиковиќ. 2007, 161).

Челиковиќ, според потребата од описи во својот дискурс, е речиси класик, во пребрзо, „некласнично“ време, кога се нема време да се опишува. Тоа е вистинска реткост и вредност и упатува на – вистинска уметност.

„Луѓе без минато“ – е вистински потег на реномираниот издавач „Паблишер“, но и вонсериско дело на авторот Челиковиќ, кој мобилизира цела галерија ликови, заживеани од реални страотни судбини, вплетени во одлични заплети на дејствата, опишани преку извонредни описи – кои сите заедно остануваат како монументално сведоштво за масовните егзодуси на народите, но и како трогателни лични драми на ликовите.

„Луѓе без минато“ е роман што ќе ве праша во очи: „Кои се вистинските неријатели?“ Мислејќи, сепак, на незнајните, неофицијалните неријатели во сите војни.

„Луѓе без минато“ е роман кој ќе ве запраша: А каде сте вие во сето ова? Иако не сте биле во пожарот на екс- ју војната.

„Луѓе без минато“ е глас на свеста и совеста.

„Луѓе без минато“ е дело на гласен филозофски раскажувач кој сака искрено со нас да го сподели и болот и сознанието и страданието…

„Луѓе без минато“ е драгоцена перспектива на раскошниот „лечебник-автор“ кој ја има формулата за „единствениот противотров“ за злокобните и штетни идеологии – причини за војна.

Природата – како спас.

Човекот, чистиот човек во душа – како спас.

Човечката суштина – како спас.

Но, зошто?

бидејќи од сите тие оштетени, преживеани, азилирани „луѓе без минато“ – сепак има надеж дека може да се „прероди“ – „човек со иднина“…

Такви се оние, како Вера, кои одбиваат да ја отфрлат својата идеална половина, по која отворено копнеат, и која ја чекаат, таму некаде далеку, блиску до илузијата за рајот…

Вера… Неслучајно се вика вера

Во име на тој сон – е пишувано и ова дело…

Кристина Николовска

ЛИТЕРАТУРА:

Бановиќ-Марковска, А. (2007). Групен портрет, Скопје. Магор.

Дигитален речник на македонскиот јазик. (Скопје, 20.11.2017.)

Ќулавкова, К. (2006). Херменевтика на идентитети. Куманово, Македонска ризница.

Челиковиќ, И. (2018). Луѓе без минато, Скопје. Паблишер.

Шелева, Е. (2003). Отворено писмо. Скопје. Магор.


[1]Синдромот на „невдоменост“ Елизабета Шелева го го толкува како последица на Балканската воена криза: „Оваа, оваа криза воедно е показател за едно повеќестрано и незалечиво неприпаѓање и парадоксална невдоменост на нараторот во околниот свет. Свет, дополнително оптоварен со социо-политичката и воена криза, предизвикана од последните, драматични случувања на Балканот.“ (Шелева: 205).

[2]    Во овој контекст упатуваме на сфаќањето на поимот „себство“ од агол на Ангелина Бановиќ-Марковска која вели:  „Преплавена од етницитети, јазици и култури, мојата традиционална вљубеност во разлики ме прави отворена за еден друг, ‘повеќегласен’ и хетероген концепт. Веќе сум желна за еден поинаков идентитет, културален, таков кој би изникнал од темелите на дијалогизмот, од дијалогот во себе, од дилемите на личниот идентитет кој во таа размена на искуства нема да ја игнорира веќе иманентната плуралност на своето сепство.“ (Бановиќ-Марковска: Групен портрет, 9).

[3]    Прашањето за етничкиот идентитет, Катица Ќулавкова го толкува преку херменевтика н етничкиот идентитет: „Етничкиот идентитет подразбира консензуален сплет од културални маркери какви што се: јазикот, религијата, етногенезата, етнографијата, културната традиција, колективната меморија, кодексот на етички вредности, самобитноста на колективнот и неговата свесност за себе.“ (Ќулавкова: Херменевтика на идентитети, 174-175).

[4]    „Азил – Заштита што една држава им ја укажува на политичките емигранти од странски земји. Неприкосновено место (во Средниот век црквите и манастирите) каде што обвинетите можеле да се засолнат и да избегнат казна.“ (Дигитален речник на македонскиот јазик). 20.11.2017.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *