Кон почетокот на педесеттите години во македонската проза се јавија неколку имиња кои донесоа, како што тоа тогаш беше забележано од критиката, „свежина“ во раскажувачката постапка и во тематскиот круг. Едно од тие имиња, покрај Цветко Мартиновски, Димитар Солев и Благоја Иванов, беше и Симон Дракул. Дракул во тоа време беше најблизок, по некои битни белези на тематските преокупации, со Цветко Мартиновски. Тие години појавата на Дракул е забележана како едно навистина сакано и очекувано освежување, што стои од следниве причини. На почетокот на педесеттите години се појавија два значајни текста кои можеме да ги согледаме како белези на две раскажувачки постапки: првиот македонски роман, „Селото зад седумте јасени“ на Славко Јаневски и „Крпен живот“ на Стале Попов. Првиот, кој го донесе на прв план и современиот раскажувачки израз, говореше за македонското село приоѓајќи му не како кон фолклорно милје, туку како кон еден навидум стивнат вулкан во кој се готви ерупцијата на социјалните, моралните и психолошките татнежи; Јаневски го согледува селото во грчот на повоените промени, ги идентификува неговите реакции на дразбите кои доаѓаа однадвор. Прозата на Стале Попов го согледува селото во неговата суштинска, рурална природа, затворено и отрпнато за сите дразби и поттици, завртено кон сопствените видови на живеење и умирање, кон она што историјата, сакала или не, му го возвраќа на еден народ, претходно одземајќи му сѐ — кон традицијата. Расказите на Дракул не беа ниту едното, ниту другото: тие беа еден посебен глас на самото тоа село, проникнат со спомените од детството, кои го сенчеа кажувањето со еден стивнат лиризам, но тој глас беше и рапав од суровоста што му ја дала живејачката во тоа село. Секако, не беше тоа пасторала, иако некои од најубавите страници и во расказите на Дракул се описите на природата, сликата на спојот меѓу планината и човекот, проникнатоста на човекот со неа, со небото над себе. Не, беше тоа пасторала тука еден напнат лак во тој самиот човек проникнат со планината, грч да се издржи во неа, во тоа сурово место кое м него го направило суров. Можеби не токму суров, — би рекле робустен, тврд, корав. Но човекот е, сепак, осветлен со една внатрешна светлина, со скриената патетика на големи гестови кои од него некако судбински се очекуваат. Тоа е таа атмосфера која зрачеше од расказите на Дракул; што ги осмисли на поинаков начин и старите теми, присутни во македонската литература — печалбарството, социјалната ситуација воопшто, традицијата која беше присутна како една духовна кохезиона сила во македонскиот рурален амбиент. Расказите со таа творечка ориентација Дракул ги објави и во две одделни книги „Планината и далечините“ во 1954 и „Витли во поројот“, две години подоцна. Уште во првиот коптакт со тие две книги читателот сфаќа дека има пред себе проза која сосема радикално раскинува со традицијата на селскиот расказ, создавана во балканските литератури во времето на ромаптичарскиот занес за враќањето кон вистинските човекови вредности, кога бунтот кон постојното се упатува кон селото како можен показ на една нова иднина. Но, станува јасно дека не се работи ниту за оваа втора фаза на навраќањето кон селото во која преовладува една остра општествено-социјална критика на состојбите во селото. Тој како да гради еден среден пат: го привлекува можноста да се оствари еден здрав вид живот што ќе се потпира врз традицијата, но ја согледува и неможноста тоа да се збидне поради социјалните статусни услови на селскиот жнвот. Затоа Дракул во својата проза, која е поттикната од таа тематика, говори за она што е нова ситуација — за судирот меѓу тие две стремења во самите луѓе. Затоа повеќе од неговите ликови од расказите се остваруваат во тој распон, меѓу она, што во нив тлее како запретана желба, како сопнат нагон и она што треба да го остварат по диктатот на новите социјални услови, кршејќи се самите себе, изневерувајќи ја некогаш едната страна, некогаш другата страна. Тоа се луѓе меѓу поривот и диктатот. И во првиот роман на Дракул, „И ѕвездите паѓаат сами“ (1957), кој говори за организирањето на илегалниот отпор во еден голем град против бугарскиот окупатор, најавтентични се оние места кои се во структурата на ромапот на втор план, на ниво на дигресии и реминисценции кои се однесуваат на животот во селото.
Својата вистинска раскажувачка вокација Дракул ја креира најцелосно во романот „Белата долина“ (1962). Тоа е книга за еден човек, роман со една вистинска личпост. Секако дека еден ваков зафат претставува своевидна авантура, полна со несогледливи опасности што можат да ја сведат формата на романот, неговата суш- тина, на еден пасетен ’рбет, да го остават то) единстве- по главеп човек на песочини преку која се суши вистип- скиот живот и целото тшво на книгата останало оси- ромашен куп зборови во кои само малку, понекогаш, проблеснува вистината. Опасноста има и свој форма- лен, но многу драстичен вид: На тој начин може да се случи да се направи еден текст кој не кажува кој- знае колку и којзнае што.
Но авантурата на литературните барања на Симон Дракул не ги исцрпува само со тоа сите примки што самата си ги поставува. Змејко, тој единствен важен човек во „Белата долина“, треба да значи многу повеќе одошто самиот тој, како личност, како одделен
човек, всушност е: тој треба да биде човек на едно одредено време, на наследства, да биде во служба на литературната концепција на авторот, светлината која ги разјаснува испреплетените односи меѓу луѓето што се јавуваат околу него, човек во кој е на показ и неговата морална определеност и неговата етничка, исконска припадност. Може, значи, да се рече дека Дракул, како некоја матна премисла имал еден стремеж да создаде, да проникне, да изнајде во литературата човек кој ќе значи повеќе одошто самиот тој претставува. Тоа Дракула го доведе на еден сигурен пат. Да се разгрне еден општ, судбински живот низ животот на еден човек. Може, се разбира, низ текстот, да се насетат и некои други текови, нивни поенти, но останува основното — Змејко, силен макотрпник, поразен и победник, жив човек. Човекот Змејко мораме да го примиме како книжевно вистинит.
Низ текстот лесно може да се открие коренот на Змејко, онака како што е низ најситни текови и трепети, низ сите испреплетени нишки испитуван, изнаоѓан и изнесуван низ книгата.
Змејко се осудува на самување. Неговиот корен се збил длабоко во планинската земја на селото, покрај корењата на другите планинци, но сите тие животни, сите тие сокови грабнати од скржавиот камен, постојат самостојно, на некој начин отуѓени од кругот на другите луѓе, на другите животи. Таков е коренот на Змејко. Заедничката мака го гони него, заедно со другите, на печалбарење, во печалбарски тајфи кои тргнуваат од неговото родно место, но тие организации остануваат сила која ги спојува луѓето само до еден јазол во нив: до границата на создавањето на материјалното себеостварување, кое, од друга страна, не може да ги опфати цели луѓето како што е Змејко. Змејко останува навистина секогаш сам. И во книгата е избран еден таков период од неговиот живот — отиден е сам — в планина, во Белата Долина, отиден е за да го одржи својот живот, да расчисти со многу работи што го мачат, кои му се наметнуваат, кои извираат од неговото минато како гласови што прашуваат, како мисли и спомени кои се кохерираат во една целост: што да прави човекот Змејко, како да го продолжи својот живот меѓу занишаните вредности, меѓу сомневањата, тој, полн со лузни од дамнешните касања, со кои горчливото време му ја напаѓало душата. За Змејко е основна работа да остане чист меѓу сите нискости кои како мали пропасти постојано му се испрчуваат на патот, да помине низ животот создавајќн нешто возвишено и чисто, да си ја врати својата загубена верба, да отстои среде ветриштата што доаѓаат од ненадејни страни. Змејко сето тоа сака да го постигне сам. Тој во себе никогаш не се сомнева, единствената верба кај него доаѓа од силата на сопствените раце, од можноста да се фати во костец со секое црнило на животот кое сака да го уништи и да го понижи. Змејко сам се изборува за својот таков, чист и возвишен живот. Тој всушност никоѓаш и немал шанса да се здружи со некого во нешто, онака како што тој го замислува здружувањето меѓу луѓето. Со по некој човек станува времено близок само поради тоа што човекот е чесен, што му е, според тоа, прифатлив. Пред луѓето кои носат нешто темно во себе во душата, Змејко е немоќен: „Тоа беше неговиот крст, неговата судбина. Тоа, да има многу, премногу луѓе, со кои постојано, не по негова директна вина се оддалечуваше“. Таква беше неговата судбина поради тоа што не можел никогаш да се доближи до луѓето кои го урнуваат, макар малку, неговиот идеал за човекот и за човековото постоење.
Тоа е најбитната бележитост на моралната содржина на Змејко. Во него е концентриран еден вид национален, исфилтриран морал. Без дилеми, без почитување на полувредности и полувистини, се знае што е лошо во животот, што не може да заслужи почитување. Змејко, како жив, вистински човек, може, значи, да биде и еден вид претставник, една литерарна типизација која има пошироко значење. Неговата судбина сепак, не е обична. Неговото внатрешно устројство е своевидно, несекојдневно, но тој, во таков, вид, постои и како симбол на нешто. Онаков каков што е тој е логично, разумно создаден како инкарнација на еден живот кој мора да ги гребе своите животни сокови со нокти од каменот, да ги изнаоѓа испомешани со сопствената крв и да остава поголем дел од себе секаде каде што ќе се допре со рацете. Тој е една израсната сила која постојано се троши и се обновува во барањето на смислата. Тоа барање е далеку од филозофијата, тоа е иницирано од сопственото срце и од сопствениот живот, плаќано е постојано со жртви кои не можат да се надоместат.
Змејко заминува од своето село заедно со претседателот и бригадирот на Задругата, во Белата Долипа, каде што во задружната пилана мора да избичи некакви штици неопходни на ѕидарската бригада. Тој е единствениот човек што може тоа да го изведе. Претседателот и бригадирот Језекил утредента се враќаат и Змејко останува сам. Претседателот ја носи, покрај Змејко, својата темна совест, своето разбојничење, своето израсипано живеење, Језекил постои во свеста на Змејко како една малечка но важна неправдина, која го валка сето она во што Змејко верувал на малку поинаков начин. Претседателот и бригадирот постојат околу него како еден бран нечист воздух кој го задушува Змејко и преживува со нив, но сепак сам, една ноќ зашто од нив го разделуваат она негово чисто и несебично сфаќање на животот и неговиот презир кон нив. Тука е урнат еден мост, едно разбирање без кое Змејко чувствува еден отпор со сета своја душа. Обајцата се паднати под неговите нозе и поради својот кукавичлак. И тие, како вистински луѓе, ја поврзуваат својата судбина со животот на Змејко во една општа, испреплеткана човечка организација. Тој не може, сепак, да постои без нив. Во еден миг од својот живот, кога сакаше да се ослободи од својата вечна самотија, Змејко им се приклучи во Задругата. Но тие луѓе веднаш го скршија неговото верување дека во животот постојат чисти работи заради кои вреди исцело да се живее. Тој отстапува пред нечесноста на Претседателот, тој просто бега, сака да се скрие пред вистината која произлегува од судирот меѓу сопствениот морал и една вистина која тој лично ја открива и ја чувствува. Тој и натаму останува приврзаник на една всадена и изникната од неговата душа на печалбар и работник, но неговата верба во можноста за изградување на тој идеален свет на добрина и разбирање се разнишува и тој пак станува самјак, како џиновскиот нерез со кој води борба на живот и смрт.
Тој однос на Змејко кон комплексниот свет што околу него, и со негово учество почнува да се создава во селото, во Белата Долина, со задружната пилана, со бригадите, меѓу луѓето кои се желни за работа и за добрина, наеднаш бидува поматен од едно зло, од едно црно петно — од Претседателот. Тој е од оние луѓе кои опстојуваат во сите средини само со силата на својата поинаква природа и судбина што го навлекла на нечистите патишта. Дури и Змејко се чувствува подложен на заразата која се шири од Претседателот: „Па тој ме тера често да помислувам дека сите луѓе отсекогаш краделе, а тоа е она неговата вистина, што тој ни ја наметна на сиве, така што и јас скоро заборавив многу работи, што ги знаев за животот; кога мислев дека сѐ зависи од тоа колку се сака да се создаде нешто, и колку труд ќе се вложи во тоа и колку чесно ќе се сака и ќе се создава тоа. .. Скоро заборавив дека може да се живее единствено од трудот на своите две раце и да се биде мирен и задоволен. . . А мнозина го заборавија тоа така за веќе ниеднаш да не можеш да ги потсетиш на тоа . . .“ Змејко со целото свое суштество се бори против таа леплива, заразна расипаност која се заканува да се прошири како грда рана, можеби и во неговата душа. „Сакам да сочувам во себеси нешто цело, сакам да бидам цел“. Тоа е неговата внатрешна девиза. Но, за да ја оствари, за да се спаси од таа погибел во која би нашол долга, најтешка смрт, тој всушност — бега. И сомнеж му се всадува во душата и во свеста: „ . . . дали е тоа како што треба. . .“ Кога ги разоткри подлостите на Претседателот, тој едноставно — избега. И во него се всади некое чувство за несвесното соучесништво негово во кое се вплеткал крепејќи го морално паднатиот Претседател. Тој го крепел со својот труд, со својата почит кон работата, наследени од големиот човек Ристан, неговиот дедо; со својата цврста и чиста идеја вдахната од добриот Брат. Змејко мора да се подложи на искушение за да ја совлада сета таа бркотница, целиот тој темен немир кој успева да навее сомнежи и поколебувања во она за што се живеело, за што се борело и во што се верувало.
Змејко мора како искушеник и како испосник да биде препуштен сам на себе, да биде оставен сам со својата совест, во онаа чиста соголеност на сопствената егзистенција, во оној мир во кој и се создаваше неговата душа, во Белата Долина.
Таму Змејко ја води својата митска борба за да се докаже себе, да се осмисли, да дојде до вистините кои му се потребни за да го продолжи животот по својата врвица на творење и работа. Белата Долина е еден амбиент во кој тој сам ѝ се спротивставува на целата природа, на една снежна вијулица, на една библиска глад. Белата Долина не е само пејзаж, таа е чистилиште низ кое мора да помине една занишана и зачудена душа, за да се најде самата себе, за да може Змејко да го направи она за што беше дошол, да се потврди себе си низ она во што неограничено верува: низ трудот, низ придонесувањето. Таа триесетдневна самотија на Змејко не е одделен тек од неговите чисто човечки проблеми, дилеми, бркотници. Тоа е само форма низ која тој литерарно му е најподатлив на авторот, во која тој најдобро се разоткрива како човек. Змејко има четири тешки, навистина митски борби и во сите е речиси поразен.
Еден грамаден лов, ловот на нерезот, зазвучува навистина натчовечки. Низ пусти, снежни гори човекот Змејко се прогонува со огромен ѕвер кој како да не припаѓа кон ништо познато, кон ништо дотогаш видено. Змејко и ѕверот ја водат таа борба на живот и смрт, се фаќаат во тој киклопски костец за да докажат кој е во право — човекот Змејко кој сака да живее како што му налага неговото наследно сфаќање за чесниот труд, за животот, за работата; или како што го сфаќа животот тој самјак, тој цар на слепите сили — со инстинктот на своето господарење, со забревтаноста на своето моќно тело, со онаа анимална загриженост да се опстои без оглед на цената, на околностите. Змејко не успева да го надвие. Змејко потоа се судира со мечка, па со глутница волци. па со рис. И сите тие по малку го победуваат, полека, подмолно. А тој костец за него значи докажување на сопствениот живот, тој е патот што тој го одбрал за животот околу него да не биде победен. Тој со своите огромни рачишта го одгледува, го враќа од смртта малото јаренце, малата капка живот што една ноќ му влегла во колибата пред челустите на гладната глутница. Тој, докрај онемоштен, се бори со тврдите трупци во пиланата. Тој ги распостила околу себе својата нежност и својот труд за да остане она што е.
Но неговиот самјачки пат е погрешен, како што тоа самиот честопати го увидува. Пред острите заби па нерезот тој посакува да има покрај себе човек со кој ќе може да го оствари својот лов. Кога се враќа кон селото, низ длабокиот снег, по угорништето, го следи парталав волк, старец изгонет од глутницата. Не е тоа џеклондоновска сцена — волкот е второ лице на Змејко, неговото идно лице во кое би се пресоздал одејќи по патот на својата самотија.
Змејко, речиси поразен, победен од своето самување меѓу нечистите сили, го наоѓаат луѓето и го спасуваат. Тоа е една од поентите на книгата, тоа е идниот пат на Змејко.
Ова е едно од можните читања на „Белата Долина“ и една од интерпретациите која го одбира, како магистрален тек на книгата, ликот на Змејко. Но, во романов се распознава намерата да се говори за еден од најдраматичните процеси во повоениот период кај нас, за колективизацијата. Но, токму тоа што таа намера, иако во текстот ја распознаваме, сега не значи многу, или барем далеку помалку одошто Дракул оценувал оти значи кога го создавал романов, говори дека неговите вредности не биле само во намерите, туку во една литерарна конструкција која добила свој живот и свои значења и надвор од нив. За тоа ни сведочи и ликот на Змејко, еден од најцелосно создадените ликови во македонскиот роман.
Слободан Мицковиќ