Дали несреќата е само за да се разбере среќата, дали доброто е несфатливо без злото?

Кон романот „Точка на враќање“ од Билјана Мартиновска.

Кога животот е даден на подарок, и тоа по втор пат се чини лесно се стига до одговорот на ова навидум едноставно, но загатливо прашање. Tака е и со овој топол, интимен животен запис, кој се чита во еден здив. Авторката, во него, навидум нема намера да теоретизира за смислата на постоењето, ниту да суди и осудува. Едноставно се обидува да ја претстави и горчливата страна на животот, која по лично доживеаната трагедија, ja втурнува до самиот крај кога се губи секаква надеж за преживување. На самиот раб, соочени сте само со точката – без враќање или на враќање. За среќа, преовладува второто. Но, токму тогаш почнуваат катарзите на душата и телото. Човекот за миг станува некој друг, со одземени лични податоци и украдени сеќавања за претходното постоење. Едноставно, сите животни страници се избришани, а телесните болки и стравови се повеќе од реални и со нив мора да се соочите.

Следува нејзината вистинската борба за враќање во живот, но и нашето видување за силатa и храброста на нејзината личност кога и душата го бара сопствениот лек за закрепнување од преживеаните трауми. Минуваат денови, месеци, па и години кои бавно се лизгаат во болничките соби и ходници. Белите мантили даваат сè од себе за да го исправат кревкото тело повторно на нозе. Се нижат разочарувања, ситни успеси, мали, но сепак големи, натчовечки. Најпосле, времето е лек за сè. Тоа е време кога личноста понира длабоко во себе и во сопствената свест и тогаш станува свесна за моќта што ја поседува секое човечко битие, колку и да е тоа измачено. Во миговите на очај и безизлез, личноста започнува да гради еден сосема нов светоглед кој го храни со нови вредности кои сигурно отсекогаш постоеле и биле таму, но со кои ликот, не сакајќи, се разминувал и не бил доволно свесен за нив. Тие мали, а големи нешта, кои нè исполнуваат, а секогаш ги подзабораваме.

Сфаќа дека поривот, за да му се врати на секојдневието извира пред сè од љубовта на ближните. Дамарите на душата најлесно се будат крај топлите срца на сопствениот пород. Со солзи во очите, немееме пред зборовите на нејзината Ана преточени во две писма, две пораки кои го величаат мајчиниот лик. Тука е и љубовта на сопругот која уште еднаш повторно се раѓа, овојпат посилна поттикнувачка. Пулсира во делото и онаа љубов без која тешко се живее-родителската, најполнокрвната. Најпосле, ја има тука и љубовта на пријателите, оние пред и оние потоа, нераскинливо врзани со животните настани кои се случиле.

И така, искрено, со близок и непосреден однос, како на пријател, авторот ни ги открива сопствените животни избори и ставови, кои нема намера да ги наметнува, туку едноставно да ни бидат на дофат доколку се најдеме во искушение. Љубовта, порачува, да биде зачинета и со музика, која според неа го чини животот поисполнет и осмислен, некој вид терапија за умот. Не бега од реалноста и ги прифаќа новите технологии доколку умеат да не го мешаат виртуелниот со вистинскиот живот. Авторката дневно ги живее трауматичните промени на македонското општество кога секој од нас е соочен со несигурност на работното место и таа уште го бара своето место под сонцето. За возврат нуди само едноставни нешта – можеби помалку познати на денешниот човек: искреност, чесност, топло срце и срдечно подадена рака. Токму затоа, разјадените морални вредности сè уште не ѝ отвораат врата и не ѝ го дале заслуженото место под сонцето. Но, Билјана не губи надеж и трпеливо го чека својот момент. После сè, таа тоа и го заслужува, нели?

Менче Блажеска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *