Дневникот на носталгичниот хулиган

Дебитантската книга Дневникот на Хулиганот од Сашо Димоски донесува интересен и несекојдневен жанровски хибрид: проза во која има многу поезија, есеј, филозофски размисли и контемплации. Во една прецизна смисла на зборот тоа не се ниту раскази, ниту поезија, ниту есеи, туку сите три нешта заедно. Веќе со таа своја постмодерна игра со жанровите, книгата привлекува исклучително внимание. Таа му припаѓа на постмодерниот жанровски бриколаж, во кој одекнуваат афинитетите на постмодерниот човек: носталгијата на  лиризмот, желбата за познание на есејот и желбата да се создаде нарација, макар и од автобиографски карактер.

Сашо Димоски подеднакво умешно се служи со сите три типови дискурс, и, што е најважно, ја поседува алхемијата со која тие се преплетуваат како дискурсни мрежи кои не можат да се одвојат од текстот, затоа што каде почнува есејот привршува лиризмот, каде привршува есејот почнува нарацијата, а многу често лириката ја зема маската на нарацијата, есејот – маската на лириката, а нарацијата се травестира во двете. Така конципирани, овие текстови формално напишани во проза презентираат една убава, раскошна контемплација во која централно место има љубовта, односно односот јас-ти како извор на личниот идентитет, темелното прашање на херменевтиката на субјектот во последниве стотина години.

На многу места во овој колаж читаме брилијантни мисли за љубовта, неизнасилени, лични а точни, како во знаменитата книга За љубовта на Хозе Ортега и Гасет. Но, овде тие размисли за љубовта се интензивно лиризирани: епицентарот од којшто настануваат записите во Дневникот на Хулиганот е, сепак, најинтимниот лирски сеизмограф кој ги бележи и најситните треперења и земјотреси на душата. Душата, во еден неоромантичарски стил, како пајакова мрежа ја опфаќа сета вселена и секое треперење на секоја космичка нишка од таа мрежа на душата си добива свој прозен израз. Се покажува тука космичката мистика на љубовта (а не нејзината анатомија или механика, како во другите постмодерни дела), така што целиот Дневник е, всушност, една носталгична потрага по загубената суштина на љубовта во времето на постмодерните рециклажи и интертекстуални игри.

Љубовта во оваа книга се фокусира на препознавање на сопствениот идентитет во Другиот, во оној кој е љубен, а такво нешто во времето на разнишани идентитети (какво што е постмодерното доба) е речиси невозможно. Оттаму и носталгичниот тон на сите фрагменти од Дневникот на Хулиганот:

„Сакам да ти ги дадам моите очи за да можеш да видиш што гледам во тебе. Што гледам со тебе. Да видиш како нѐ гледам. Колку светови постојат. Колку значат. Душата во очите и таа видена со нив. Око кое гледа невидливост затворена во еден живот. Само во еден живот, тој поделен, ти во мојата половина и ние во втората половина. Во мојот живот секогаш имало една твоја половина и една наша целина. Ти се содржиш во мене, исто како што мојата смисла стои во мене. Ти и смислата спиете под исто небо. Јас ве чувам.“

Прославата на љубовта во Дневникот на Хулиганот го има истиот лирски интензитет како некои знаменити македонски поетски збирки посветени на љубовта. Има одгласи (намерни или ненамерни, сеедно) во оваа проза за љубовта и од Дениција на Петре М. Андреевски, и од Огнена на Анте Поповски, Демоника од Братислав Ташковски, но и откршоци дури и од поп-културата и супкултурата. На едно место Димовски вели:

„Ми недостигаш затоа што себеси недостигам. Ми недосттаат боите од твоите очи – за да ми живее денот среќни нијанси живот, а ноќта да ми заспива во црвени зраци на одземање здив. Ми  недостигаат твоите прсти меѓу моите прсти и воздухот меіу прстите кој се лепи по кожата и заглавува во порите. Ми недостига воздухот во кој јас вдишувам, а ти издишуваш пред заспивање. Ми недостига заспивањето сред биењето на твоето срце и мојата рака врз него. Ми недостига твојата кожа и начинот како нѐ покриваш со себе и нѐ виткаш во тебе. Ми недостига да се превртувам по твоите трепки“.

Ако си дозволиме конверзија во стихови, добиваме една оригинална интертекстуална рециклажа, која потсетува на најубавите песни на Петре М. Андреевски од веќе споменатата Дениција. Си дозволуваме таква интервенција, за да покажеме во колкав степен оваа проза е поезија, односно обратно – во колкав степен оваа поезија е прозаизирана.

Ми недостигаш затоа што себеси недостигам.
за да ми живее денот среќни нијанси живот,
зраци на одземање здив.
Ми недостигаат твоите прсти
меѓу моите прсти
и воздухот меѓу прстите кој се лепи
по кожата и заглавува во порите…”

Книгата е полна и со сентенци, односно со мудри мисли, чиј извор е личното искуство, односно интимата. На пример:

„Така настанува вечноста – заради луѓето, течењето и значењето, исто како што човек кој се буди го осознава денот заради различното присуство на светлост во неговото опкружување и, така, некој темен ден станува видлив и во видливоста се гледа некој случаен човек кој му дава смисла на времето во тој ден; затоа само светлината е мерлива, а мракот присутен“.

Или:

„Среќата се заслужува, како и љубовта. И потоа се враќаат: секоја љубов и секоја среќа се враќа назад – во добрината или во злото, во некој нареден љубовник, во некој следен свет кој треба да се гради, а не можеш да го градиш светот од ништо. Кога почнуваш една приказна, во неа влегуваш со сите свои приказни, со добрите и лошите мигови од тие приказни, со сето она кое те направило или не те направило човек. Луѓето се, сепак, производи во настанување сиот свој живот“.

Внимателното читање на оваа  неоромантичарска симфонија на воскреснатата љубов, покажува дека ние, постмодерните суштества способни за љубов, се движиме по опасната траекторија на која се врши конверзија на еросот со сексуалното, на мистичното со механичкото, на метафизичкото еротично со гимнастичко-сексуалното. Оваа книга е враќање кон еротичното, кое не сака да поседува, туку да дава; кое не сака да разголува, туку да прикрива, кое не сака расипнички да го троши Другиот туку да го сочува, која не е пламен на сламата на страста, туку тивка жар на верноста. Таа е парафраза на старата максима на човекот од пред постмодерната, кога се тврдеше дека прикриената убавина е поеротична од разголената.

Такви се и најинтимните записи на Сашо Димоски во Дневникот на Хулиганот. Тоа е дело кое ја полни душата и со мудри мисли, и со чувства, и со бои и мириси, и со живот, но и со носталгија по загубеното сетило за изворната љубов. Сѐ на сѐ, станува збор за одлична книга, за извонредно талентиран дебитант, за сосема посебен и редок пример на личен колажиран стил и за име од кое македонската книжевност треба допрва да очекува естетска илуминација и вредна уметничка иднина.

Венко Андоновски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *