Двајца на две мориња и бродови претоварени со илузии

Се сеќавате ли на Тихомир Орешковиќ, канадскиот премиер на Хрватска, кој не знаеше хрватски и кој се беше нафатил да ја оправа оваа европска земја со балкански менталитет, па потем лелекаше, тој за работата, а тие околу него за патриотизмот? Си спомнувате секако на онаа несреќа, Златко Хасанбеговиќ, новороден радикален десничар и заштитник на усташтвото, министер за култура на Хрватска, сè уште актуелен, кој се слика со хрватското знаме со усташки грб и чијашто оставка сите ја бараат, а него мува не го лази. Тука е и Борис Дежуловиќ, поетот и колумнист, кој цело време се мачи, ама плива ли плива спроти водата. Со овие ликови, кои сега се живи, а кои одминувањето на времето ќе ги претвори во фикција, завршува најновиот, тазе, уште недопечатен во целиот тираж роман на нашата Лидија Димковска. Романот има француски наслов напишан на кирилица – „Но-Уи“. Така на француски се вика Неда, скратеното или галеното име на Надељка, главната јунакиња на романот.

Дејствието на овој кус, модерен роман, пишуван во форма на дневник со долг временски опсег, се случува на Сицилија и во Сплит, а сосема на крајот, во белешките со благодарност, станува јасно дека тој е зачнат при еден скорешен (чинам лански) престој на Лидија на тоа што сега се нарекува едномесечен „резиденцијален престој“ на писателите низ разни престолнини на Европа. Лидија тоа не го сфатила како летување, па ете, нејзиниот престој во Сплит ја потврдува смислата на ваквата програма.

Реков, романот е пишуван во форма на дневник и зафаќа широк временски опсег, со изобилство одломки од секојдневниот живот. Дневникот започнува во 2009 година на Сицилија, па се враќа назад, во 1939-та, во времето на раѓањето на фашизмот и се преселува во Сплит и така наизменично – ту во Сплит, ту во Социлија. Без хронологија, ама дневник. Дневник на раѓањето и повторното раѓање на фашизмот. Дневникот завршува денес, баш денес, кога антифашистите сфаќаат дека се измамиле со проценката дека занавек го кутнале на плеќи фашизмот во гробиштата на историјата, а фашистите пак, сфаќаат дека сега му е мајката да кренат глава, да развеат знамиња со кукасти крстови. Допрва ќе видиме дали историјата се повторува како фарса или како трагедија.

„Но-Уи“ е еден вид отворање на ковчегот во кој педантно се здиплени сеќавањата за една баба и еден дедо и за една земја што веќе ги нема. Зовриен потсетник и сведоштво за распламтените огнови на омразата во новосоздадените балкански вилаети, по распаѓањето на Југославија, онаа де, од Вардара па до Триглава… вилаети во кои жарат и палат гангстераи од сите видови и родови, сите со високи мафијашки школи, небаре се од лулката на мафијата Сицилија каде што судбината или љубовта, сеедно, ќе ја однесе главната јунакиња, далматинката Недјељка, љубовта по Италијанецот Карло, кој по капитулацијата на Италија од фашист ќе стане антифашист и ќе се бори на страна на партизаните. Знаеме дека сега е обратно и дека неофашистичките глувци се фаќаат на оро.

Како што бидува во животот (и во романите) меѓу Неда (Но-Уи) и војникот на фашистичката окупаторска војска во Сплит про’ртува љубов. И тоа мошне необична, љубов без зборови, која ќе се претвори во судбина. За да биде посилна од судбината Но-Уи ќе се пресели на Сицилија, а сите знаеме, денес и ги живееме асоцијациите на тој збор – ретко кој помислува на географски поим, остров и ретко кој не помислува на Сицилија како царство на мафијата. Лулка на светската мафија. И на нашата, како впечатлив доказ дека не сме ни ние покусо од светот. Во романот на Лидија, Но-Уи и Карло доживуваат длабока старост, со внуци, од кои едната внука е прекрасен наратор во романот. Наратор што знае дека понекогаш срцата бијат во слепоочниците;

наратор што го запаметил кажувањето на баба и дедо дека секоја војна ги затвора училиштата, а ги отвора гробиштата; наратор што раскажува за есента на љубовта, иако тукушто зачекорен во љубовната пролет; наратор што разбира што значи да си на вистинското место во вистинско време, кој ја препознава нестварноста во стварноста, која знае за еврејското потекло на сплитскиот професор по француски и неговиот трагичен крај во логорот Јасеновац.

„Но-Уи“ е чудна, или поправо чудесна, комбинација на времиња – од раѓањето на фашизмот до неговото воскреснување: парталосани, па сошиени времиња. Времиња во кои иронијата секогаш е поголема од животот. Времиња во кои двајца животни сопатници можат да имаат различни мориња, по кои пловат и бродови натоварени со илузии, за кои во својот Туѓинец пишува и Ками. Во кои да сакаш некого дефинитивно значи да се согласиш да останеш со него. Да ја избереш преселбата, иако знаеш дека таа ти го сече срцето на два дела. И дека за туѓинецот се крст – и минатото, и сегашноста, и иднината. Отпосле, кога ќе наминеш (само двапати за цел еден живот) во родниот град да ти се прикаже пред очи сознанието дека кога не живееш повеќе некаде, ти си таму мртов. И кога мртов човек ќе отиде таму кај што порано бил жив, е како да оди дух – дух од љубов или од војна.

Излегува на крајот дека целиот живот, речиси едновековната отсечка од стариот до новиот нацизам и фашизам, всушност е долга борба, беспоштедна. Или: како што вели осведочениот антифашист, големиот Италијанец Умберто Еко, „во фашизмот не постои борба за живот, напротив, животот се живее само поради борбата“. Знаеме, ако сакате и од сопствено искуство, „дека фашизмот се темели врз селективен популизам, на еден такаречи квалитативен популизам. Во демократијата граѓаните имаат индивидуални права, но во својата целина поседуваат политичко влијание само врз основа на едно квалитативно гледиште – се почитуваат одлуките на мнозинството“.

Сепак, додека има Недељки и Карловци, додека ги има нивните внуци и внуците на нивните внуци, крајот на светот не дошол. Во романот на Лидија Димковска, распослан од Јадранското до Тиренското Море, на луѓето им се паднала неизградена иднина, зацапани се во минатото и сал се прашуваат: иднината иднина ли е, ако во неа се повторува минатото? Поетот од овие простори, Бранко Миљковиќ, на време го виде одговорот: минатото не е само она што било, многу нешта едноставно ќе се повторат. Поетот, сетики, мислел на убавата страна на минатото и на иднината. Но, и битките за минатото, сепак имаат свој крај. Ако за тоа што си ги вадиме очите за минатото и за напливот на популизам ни е виновен некој друг кој треба уште да ни ги исчисти валканиците, ние испраќаме порака дека сме бесрамници и дека не се срамиме од иднината.

На патот на Но-Уи можеби ќе се наиде на некој кривина, како на секој пат, но тоа е пат без дупки и на него нема убаво да си поминат оние што возат во рикверц, назачки, со сирени што неумитно ја губат јачината.

Романот на Лидија Димковска го сочувал човечкиот лик на времето и просторот за убавите сни. Изобилува со детали. Животот, сепак, е неспоредливо побогат од засушените полиња на паузата меѓу два фашизма.

Има книги што првин длабоко ќе ве замислат, па потем силно ќе ве восхитат. Таков е и најновиот роман на Димковска – непобитна потврда за нејзиното неприкосновено место во македонската литература. Овој роман силно го зацврстува тоа место, а недоветните нека си прават бајрам со умот дека тоа зависи од вонкнижевни марифетлуци. На оваа моја возраст тоа изгледа необично, но сакам да ми верувате дека вечерва имам длабоки причини да се чувствувам свечено. Да. Всушност, Уи.

Ристо Лазаров (Слободен Печат)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *