Категоријата „хронотоп“ во романот „Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ

Да се говори за поимот „хронотоп“ во најмала рака е и арогантно и претенциозно и одвишно. А сепак, провокативно, фасцинантно, неопходно. Зашто, категоријата „хронотоп“ која етимолошки ги проникнува временската и просторната димензија, е еден поим за кој сè е веќе кажано (во природните науки со Њутн и Ајнштајн, во филозофијата со Хераклит, Кант, Хајдегер или Бергсон, во науката за литература со Бахтин, Успенски, Пуле, Рикер), а за кој, сепак, останува одново сè повторно да се каже. Енигма „par excellence“, суштина на човекот, метафизика на постоењето. „Непрестајна агонија на животот“ – како што вели Борхес – повикувајќи се на Хераклитовата парабола дека „никој не гази два пати во иста река“; водите на реката течат, а и човекот е река која тече… па оттаму, заклучува Борхес, „тоа е проблем кој никогаш нема да можеме да го решиме: проблемот на променливиот идентитет.“ Идентитетот на човекот во време и простор. На прагот на 21 век, дилемите околу промислувањето на хронотопичноста само се продлабочуваат, бездните стануваат уште понепремостливи за човековиот дух, иако во домислувањето на оваа категорија учествуваат новите компјутерски технологии и дигитални средства за комуникација. Зашто, проблемот е метафизички, а не технички. Реален, а не виртуелен. Човечки, а не апстрактен. Мистериозен, а не егзактен…

Соочена со темата за хронотопот, го чувствувам проклетството на еден Стефан Маларме пред „белината на хартијата“ или пред фрлената коцка (идеја) во бескрајниот време-простор на случувањето. И, да го парафразирам Штајгер, бидејќи ги сакам романите на Влада Урошевиќ и бидејќи имам доверба во нив, се осмелувам да ги толкувам од аспект на оваа толку противречна и загадочна категорија.

Би можеле да речеме дека хронотопичноста, таа чудесна средба на времето и просторот, ја претставува онаа доминантна наратолошка постапка во градењето на специфичниот и, во многу нешта, оригинален книжевен свет во романите на Влада Урошевиќ. Како по правило, просторно-временската визија на Урошевиќ е изградена врз принципот на дијалогичност, созвучје меѓу конкретното и апстрактното, рационалното и ирационалното, постоечкото и непостоечкото, видливото и невидливото, сегашното и некогашното/идното. Со други зборови, просторот и времето во овие романи егзистираат како отворени, хипер структури; во некој чуден паралелизам опстојуваат и конкретни географски локалитети и имагинарни топоси, и историски, фактички настани и внатрешни, психолошки искуства, и светови „вон“ и светови „во“ човекот, таа сублимирана пресечна точка на хронотопските координати.

За илустрација, во оваа пригода ќе се задржиме на романот-првенец на Влада Урошевиќ – Вкусот на праските – објавен во 1965 година, а според експлицитните и не случајни назнаки на авторот, пишуван во интервалот меѓу летото 1962 и летото 1964, што ќе рече дека и самата креација како фикционален свет во светот, нужно е во дослух со непосредно дадената реалност и нејзините просторно-временски координати; конкретно, скопскиот земјотрес од 1963-та е рамковен, носечки хронотоп околу кој се гради сижето на романот и кој ја детерминира судбината на јунаците. Необичниот студент Драган доаѓа во градот за да се запише на факултет цели три месеци порано, се вљубува во сосетката Олга, загинува во земјотресот. Олга заминува во родниот град на Драган со езеро (веројатно Охрид), таму се запознава со Зоран и со него ја реализира неостварената љубов со Драган. Зоран е, всушност, реинкарнираниот Драган. Финалето е метафорично: двајца археолози ископуваат паричка со ликот на Олга.

Фасцинира сознанието дека скопскиот земјотрес по играта на случајот се вплетува во ткивото на самиот креативен чин, а истовремено, има своја функционална и логичка оправданост во структурата на романот. Овој стожерен настан буквално ги испишува страниците на романот, ги пополнува празните места во мозаикот на креацијата, која, интуитивно, како и да го предвидува истиот. Хронтопот на нарацијата се совпаѓа со хронотопот на реалното случување на таа нарација, а хронотопот на рецепција на оваа лирска проза, отстапува и е во расчекор со „хоризонтот на очекување“ на критиката и публиката: нетипичен за своето време и средина, Вкусот на праските го антиципира оној модел на „арс комбинаторички“ прозен дискурс кај нас, кој својата вистинска афирмација ќе ја доживее две децении подоцна, во рамките на постмодернистичката ориентација.

На ниво на текстот, романот најчесто обединува повеќе хронотопи. Конкретно, романот на Урошевиќ антиципира двоен хронотоп: на „патот“ и на „прагот“ – според Бахтиновата терминологија. Хронотопот на „патот“ имплицира двојна егзистенција на јунаците: едната „овде“ и „сега“ и друга, лишена од просторна и временска детерминираност: „Мене сè ми се има веќе случено, рече Драган. Историјата на земјата се повторува во мене. Кружења околу невидливи оски: создавање на небесни тела, кружен тек на водата, движење на материјата и енергијата… (14-15) Предци: јас не сум јас; јас сум други… Чиј пат повторувам, чиј страв? И чија крв треба да продолжам, чија далечна волја да продолжам, продолжувајќи се?“ (96) Секој човек како мирокосмос ја живее и ја повторува драмата на постоењето на макрокосмосот. Суштината е, значи, во повторувањето на Човечкото време, кое никогаш не е идентично.

Борхес верувал дека не постои едно апсолутно (њутновско) време, туку бесконечна низа на времиња, своевидна миксура, мрежа на дивергентни и паралелни времиња кои се приближуваат, се разгрануваат, се сечат или со векови не знаат едно за друго. Идеја, која ни нуди еден многу побогат, понеобичен и попростран свет од сегашниот. Во тој механизам на преместување на световите, неизбежно е губењето на ориентацијата, бидејќи ликовите се наоѓаат во некој вид антипростор и антивреме.

На слична концепција за постоење „пандетерминизам“ или „трансцендентална каузалност“ (како би рекол Цветан Тодоров) е заснована и идејата за метемпсихоза или „селењето на душата“, која подразбира полидимензионално искуство на човекот, во смисла на можно комуницирање со повеќе слоеви на реалноста. Главните ликови Олга и Драган како да општат со подповршинските слоеви на својата свест, со човековото искуство не од сферата на реалниот, туку од сферата на имагинарниот живот. При нивната прва средба на скалите, обајцата чувствуваат дека „се познаваат веќе безброј години“. „Тој како да ја беше имал таа пара со нејзиниот лик во рацете; неговата кожа на прстите го знаеше тој допир“. (56) Покрај очигледната алузија на темата на „претходниот живот“, авторот се служи и со магиската моќ на предметот. Патувајќи, (“патувачки предмет“ е, на пример, црниот полуцилиндер во романот Неподнослива леснотија на постоењето од Милан Кундера) предметот станува амблем за „местото на преминот“, граничната точка која врши поларизација на просторот и времето. Истата функција ја има и музејот како чувар на минатото и археологијата како наука. Станува збор за хронотопот на „прагот“ кој покажува дека светот е поделен на два дела: видлив и невидлив, познат и непознат, обичен и необичен. Паричката со ликот на Олга на која Драган само бледо се сеќава, а која е онаа истата од античката нумизматичка збирка од финалето на романот, поседува некаква гравитациона сила, таа е она енергетско јадро кое го прави лакот во цикличната орбита на времето и го означува враќањето на почетокот. Или, кажано со речникот на Жерар Женер, Влада Урошевиќ се служи со книжевната постапка металепса чија суштина е во кружната нарација, во логичката испревртеност на причинско-последичките релации, нешто во стилот кога сегашноста е реминисценција, навраќање, сеќавање на иднината. Ова второстепено ниво на илузија во нарацијата, Брајан Мек Хејл го именува како „металептички парадокс“.

Играта со времето го зафаќа и ирационалниот простор на сонот, бидејќи соништата се земја во која „сите времиња течат истовремено“. Или, како што вели Урошевиќ: „сонот има свои свемири, свои географии, свои геометрии, свои календари“. Сонот ги проникнува и хронотопот на „прагот“ и хронотопот на „патот“, впрочем како и летото. Летото е опсесивно годишно доба во творештвото на Урошевиќ. Во романот Вкусот на праските, тоа добива повеќекратна функција: земјотресот е во лето (есхатологизмот значи препознавање на добро познатите митски структури во обичното секојдневие, а таа симултаност на настаните ерудициски се документира со хроничарски запис за земјотресот во 518 година); натаму, летото носи некаква замаеност, лелаеавост, недоумица во перцептивната моќ на сетилата, значи, го очудува урбаниот пејзаж кој ни открива „еден друг град“ во градот, „нешто помеѓу“ реално и(ли) имагинарно Скопје; конечно, летото нуди егзотични плодови и мириси, со кои духот патува другаде, во време и простор. Својата несигурност во светот околу себе и недоумицата меѓу сонот и јавето, Олга ја доведува во корелација токму со плодот, тој дар на небото и земјата: „Како човек да проживува цел еден живот со секој плод“ – вели таа. „Како со вкусот на овошките, рече тој. Како со вкусот на праските што ти ги сакаш. Го забораваш секоја зима и го откриваш секое лето. Зарем не ти се чини како да си го познавала отсекогаш, но и дека првпат го чувствуваш.“ (151) Праската, по традиција, се врзува за бесмртноста. Вкусот на праската е нешто реално, конкретно, добро познато, нешто миговно, привремено, но и нешто што може свесно или несвесно да се евоцира и одново да се почувствува сладост. Нешто што буди спомени, како мирисот и вкусот на мадлената кај Пруст или повикува на патување, носи копнеж по егзотичното и еротичното, како мирисот на женската коса кај еден Бодлер. „Сакам мириси. Силни, топли летни мириси… мирис на превриени овошки… кајсии што измамуваат со својот пијан шеќер…; праски што се враќаат, низ ферментацијата, кон некакво свое горчливо, отровно потекло, кон некаков свој азијатски, номадски, развратен живот.“ (71)   Олфактивното е најиреалното од сите сетила и упатува на субјективното, ментално  доживување на времето, што како концепција е блиска до онаа на Анри Бергсон. Хронотопот во овој случај се извлекува од потсвеста. Неговата специфичност е во тоа што внатрешното време му се спротивставува на надворешното и успева дури и да го преобрази историскиот свет.

Романот Вкусот на праските функционира како своевиден палимпсест; тоа пластење на настаните и индивидуалните судбини, се осмислува преку мотивот на средбата – според Бахтин, пресекот на два различни хронотопа во иста временска и просторна точка. Просторно-временскиот паралелизам, своевидниот допир на ликовите и судбините, може да се реализира преку постапката на монтажа, колаж или комбинаторика на двата наративни тека, во чија основа лежи принципот на коинциденција. „Јас ја сакам случајноста што ќе ги спои во тој ужасно непрегледен мозаик од можности нивните две патеки. Всушност: случајноста е највисокиот принцип во природата“ – вели на едно место Драган (53). Токму играта на случајот е пресудна за конечното обликување и осмислување на понудениот во фрагменти книжевен архив/лабораторија на Влада Урошевиќ: Драган загинува сосема случајно во земјотресот, откако во првиот миг е спасен, случајна е средбата меѓу Олга и Драган и Олга и Зоран, случајно во мигот кога двајцата археолози ја ископуваат паричката со ликот на Олга, таа минува покрај нив…

Како читател со фантазија (како што би рекол Сава Дамјанов), каков што претпоставува еден постмодернистички роман од типот на Вкусот на праските, мозаикот го склопувам во стилот на Булгаковиот роман Мајсторот и Маргарита. Онака како што смртта на овие ликови во овоземниот свет и живот е предуслов за нивно воскреснување во некоја виша, вонвременска реалност, така и по загинувањето на Драган,  Олга ќе ја реализира нивната љубов со еден друг Драган кој сега само поинаку се вика и со тоа ќе започне чудесниот времеплов. Конечно, времето и просторот ќе се премостат, античката земја Ботиеида (патем, нејзината вистинитост е документирана со цитат од Историјата на Херодот), означена како „земја помеѓу езерата“, или како „земја на одблесоци, земја што постои само во определени мигови“, „можеби само едно лето“ (155) воскреснува преку паричката со ликот на Олга, чијшто допир Драган го детектирал во својата меморија. Ќе звучи премногу сведенберговски, но сè се меша, сè е созвучно со сè, и овоземното и оностраното, а дефинитивно во и преку ликот на саканата жена се спојуваат минатото, сегашноста и иднината. Љубовта станува лозунг за влез во Тајната: таа не знае за Време и Простор, таа е вонвременска и вонпросторна категорија, вечност на мигот или миг во вечноста „овде“ и „сега“, секаде и секогаш…

Лидија Капушевска-Дракулевска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *