Влада Урошевиќ е македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач.
Роден е во Скопје во 1934 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 година станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Урошевиќ е член на ДПМ од 1961година. Исто така, тој е член на МАНУ, како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург и член на Македонскиот ПЕН центар.
Добитник е на повеќе награди и признанија: „Младост“, „Нолит“, „Рациново признание“, „Браќа Миладиновци“ (три пати), „Григор Прличев“ (два пати), „Стале Попов“ (два пати), „Книжевен жезол“ и други. За својот книжевен опус, како и за своите заслуги во преведувањето и афирмирањето на франсуската литература, прогласен е од Владата на Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред.
Влада Урошевиќ има објавено преку триесет авторски книги, преку четириесет преводи, а застапен е и во многубројни домашни и странски антологии. Неговите книги се преведени на англиски, француски, шпански, германски, дански, полски, словенчки, бугарски, српски и други јазици. Еве дел од неговиот творечки опус:
- Еден друг град (поезија, 1959)
- Невиделица (поезија, 1962)
- Вкусот на праските (роман, 1965)
- Манекен во пејзажот (поезија, 1967)
- Летен дожд (поезија, 1967)
- Знаци (раскази, 1969)
- Врсници (критики и есеи, 1971)
- Ноќниот пајтон (раскази, 1972)
- Ѕвездена терезија (поезија, 1973)
- Нуркачко ѕвоно (поезија, 1975)
- Сонувачот и празнината (поезија, 1979)
- Мрежа за неуловливото (критики и есеи, 1980)
- Лов на еднорози (раскази, 1983)
- Компасот на сонот (поезија, 1984)
- Нишката на Аријадна (критики и есеи, 1985)
- Хипнополис (поезија, 1986)
- Подземна палата (есеи, 1987)
- Демони и галаксии (студија, 1988)
- Панична планета (поезија, 1989)
- Алдебаран (записи и патописи, 1991)
- Митската оска на светот (критики и есеи, 1993)
- Ризиците на занаетот (поезија, 1993)
- Мојата роднина Емилија (роман, 1994)
- Паники (поезија, 1995)
- Дворскиот поет во апарат за летање (роман, 1996)
- Париски приказни (записи и патописи, 1997)
- Астролаб (критики и есеи, 2000)
- Дива лига (роман, 2000)
- Мане, текел, фарес (поезија, 2002)
- Невестата на змејот (роман-бајка, 2008)
- Седмата страна на коцката (раскази, 2010)
- Размена на пораки (раскази, заедно со Тања Урошевиќ, 2013)
- Тајна мисија (раскази, 2013)
- Тајно злато (поезија, 2016)
- Маџун (роман, 2018)