Има повеќе начини преку кои авторката ги изведува своите моќни јазични решенија – некои од нив се последица на синтагми чија духовитост поентира поради нивната интертекстуалност, иронични, „гномски!“ изрази, синтагми со кои се пародизира јазикот на современото општество, барокно развлечени споредби со ироничен нагласок и итн.
Со својата збирка поезија Нобел против Нобел, Лидија Димковска си обезбеди место во македонската литература како авторка со силно изразен урбан сензибилитет, со јазични решенија, кои се многу блиску до говорниот јазик, со имагинацијата што си поигрува со концептот според кој поезијата може да се создава преку преработување на производите на масовната култура и медиумите.
Горенаведените карактеристики остануваат доминанта и кога станува збор за нејзиниот прв прозен обид, романот „Скриена камера“.
Романот на Лидија Димковска се чита со специфично чувство дека светот што таа го опишува влегува во текстот како една стварност, која се одвива пред нас во форма на филм. Кога зборовите стануваат филм, тоа би бил еден од можните куси описи при објаснувањето на способноста на авторката да создаде еден динамичен, духовит и, пред сè, читлив дискурс, во кој најважно е уживањето во зборовите.
Има повеќе начини преку кои авторката ги изведува своите моќни јазични решенија. Некои од нив се последица на: синтагми чија духовитост поентира поради нивната интертекстуалност („…но ѕвездите над дворот беа ситни и блескави како светулки, а мене си што е ситно и блескаво не ми е туѓо“), иронични „гномски!“ изрази („Што поголема удобност, толку поголема уметност – тоа е мотото на денешнината“), синтагми со кои се пародизира јазикот на современото општество („Така Лила и јас се избавивме од последиците на травестизмот, но, фала богу, не и од неговата важност за промена на малограѓанското општество во граѓанско“), барокно развлечени споредби со ироничен нагласок („… а, кој имаше голема, жешка и влажна дланка како од кошмарен сон на разгалено белче во апартхејдски цртан филм“) итн.
Од тематска гледна точка „Скриена камера“ може да се чита во контекст на авторите што творат надвор од сопствената земја, автори што основната творечка инспирација ја црпат од комбинирањето, спротивставувањето, соочувањето и мешањето на различностите. Овој роман ги тематизира топосите на патувањето и странствувањето, на препознавањето во различноста, на егзилот и домот, на оние кои се принудени да го носат истетовираното значење на Другоста. Затоа „Скриена камера“ е и роман за екстатичната зависност од шаренилото на светот. Споредбите, вкрстувањата, патувањата, измешаноста… тоа се иконите на овој тип дискурс чиј номадизам се движи од пародија на телевизискиот јазик до игра со имаголошките претстави за другиот.
Измешаност, сурфање меѓу жанровите… на тој начин функционира текстот што се лизга меѓу елементите на дневнички запис, автобиографија, патопис… Некои делови од романот навистина се мали патописи. Така, во описот на Америка не може а да не се забележи еден Бодријаровски тип на текст-патување каде парадоксите се допираат, при што целта на текстот веќе не е толку да референцијализира колку да освои и заведе, веќе не е важно дали тоа што го читаме ни изгледа вистинито или не, туку продолжуваме да читаме заради заводливите комбинации на текстот. Затоа и некои премногу клишетизирани перцепции и имаголошки претстави што ги наоѓаме во „Скриена камера“ можеме да ги прифатиме поинаку, а не како грешка.
Брзо, динамично, површно, една земја за десет дена, еден град за неколку страници, калеидоскопска претстава за светот како мала цитатна измислица на текстот… тоа е идеолошката основа врз кој го гледаме „Скриена камера“.
Затоа романот се задоволува да биде збир од посебни фрагменти. Затоа тој нема потреба да обединува некоја приказна што ќе се развива од почеток до крај. Вака реализираната ситуација, зададена уште во самиот наслов, можеби на авторот на овој текст му изгледа и како мал минус, но ете, да ја оставиме оваа забелешка само прашање на вкус.
Да заклучиме со констатацијата дека првиот роман на Лидија Димковска ќе биде интересен за читање не само за тие што професионално се занимаваат со литература во нашата, туку и за сите тие што имаат потреба да прочитаат возбудлив и сочен роман напишан на еден убав македонски јазик.
Владимир Јанковски (Дневник)