Со објавата на своето ново дело, „На враќање“, и во ова дистописко лето господово 2020-то, исклучително талентираната, а исклучително скромна авторка Фросина Пармаковска останува верна на својата книжевна определба – романот (како што ќе изјави во едно интервју во 2017 година, при добивањето на наградата „Роман на годината“ за книгата „Одбројување“). Книгата ја најави некаде во април, во разговор за Радио Слободна Европа, среде разгорувањето на пандемијата на Ковид-19, од државен карантин. „Се работи за човек кој си ја напушта фамилијата“, рече тогаш, додавајќи дека „контекстот во кој целиот свет се наоѓа за време на пандемијата, стана одличен сетинг за движењето (или недвижењето)“ на нејзиниот лик.
Романот „На враќање“ е раскажан во прво лице, од машки глас на писател кој се соочува со својата средовечна криза, како во својот приватен, така и во својот креативен живот. Неговата потрага по нова смисла е прикажана преку метафората на патувањето, во два дела: патување со воз (кон траумите и неисполнетите желби од сопственото минато) и патување со летечки килими (кон илузорниот идеал на некоја посакувана иднина). Вешто прикрпувајќи го секое ново поглавје на претходното, Фросина го прикажува својот субјект во еден животен пачворк во кој сегашноста тече истовремено со фрагменираното, постепено откривање на минатото, но и со нереалните фантазии за идните настани што една по една се распрснуваат како што приказната оди понатаму. Самиот тој своето патување и своите спонтани, емотивно набиени одлуки ги смета за бегство од еднообразниот живот, за на крај да сфати дека ја има целата среќа што му треба, токму онака како што еднаш одамна му било предвидено: себеспознанието носи и разбирање дека ниедна иднина не може да го измени минатато.
Оваа приказна во 19 поглавја, која започнува „со идејата“, а завршува со „карантин“ е сместена во тековниот македонски контекст (Скопје-Битола), недвосмислено означен со препознатливи локации (како битолската Хајдар Кади џамија) и препознатлива пандемиска орнаментика (затворени граници, тестови, карантини). Меѓутоа, таа е и универзлна приказна во која детално и прецизно се исцртува еден пресвртен животен момент – како понатаму? Пишувањето роман бара трпение и посветеност, а пишувањето добар роман бара и талент за привлечно и деликатно раскажување на приказната. Нема сомнение дека Фросина го има и едното и другото во овој нов, возбудлив спој на конкретното и универзалното, на судбинското и рационалното, на патувањето и враќањето во домот.
Елизабета Баковска