Меѓу чекорот на сенките

Рецензија за романот „Сенки во подземјето“ од Марија Ралповска

По приказните за фантастичното и надреалното, за паралелните светови и илузијата за вистинската припадност, многу умешно и книжевно зрело претставени во трите претходно објавени романи „Фрагарија“, „Осумте чувари“ и „Рај во пеколот“ (2012, 2013 и 2015 г. во издание на Готен), младата авторка Марија Ралповска се појавува со нова прозна читанка, нов роман со необична приказна за свет што постои во реалноста, свет кој не сакаме да го видиме, а го гледаме само тогаш кога ќе не допре на некаков начин и не по наша волја. Романот ги следи трите патеки на тројцата главни ликови кои сè до моментот на нивното случајно поврзување, функционираат секој во својот свет и со свој поглед кон светот. Банкарот, чесен и искрен човек, посветен на работата и на семејството. Обвинителот, чесен и беспоштеден во својата борба против сите кримогени појави и структури во општеството. Крадецот, лукав и снаодлив млад човек кој својата егзистенција ја обезбедува со пошош на своите вештини, кршејќи го законот. Секој од нив го живее својот убав или помалку убав живот, убеден во исправноста на своите постапки. Градејќи ги трите носечки ликови на сижето, менувајќи ги нивните животни патеки, нивните сфаќања и размислувања за моралот, правдата, етичноста, човечноста, авторката на површината изнесува прашања и дилеми кои, за жал, се дел и од нашата реалност а не само дел од фикцијата на авторскиот наратив. Што може да му се случи на обичниот човек (банкарскиот службеник) ако некој друг, за него непознат, реши да го стави на погрешно место и во погрешно време и да го искористи како пион во постојаното надмудрување меѓу надземјето и подземјето. Колку отсуството на свеста за постоењето на друг, паралелен свет во кој нештата функционираат по други правила и по строга хиерархија може да го направи обичниот човек марионета во нечии раце и за нечии интереси. Дали и колку моментот на рушење на светот во кој обичниот човек води обичен живот може да ги промени неговите сфаќања и постапки, да го принуди да ја премине границата на моралот и на принципиелноста. Водени од нашето рано стекнато спознание за вечната борба меѓу доброто и лошото, стануваме свесни дека паралелно со нашите чекори во нашиот обичен свет, постојат и други, помалку видливи чекори кои го движат светот што ние не го знаеме ниту сакаме да го запознеме, но честопати тие чекори толку гласно одекнуваат и во нашиот свет и многу често знаат да навлезат во трагата на нашата стапалка, вовлекувајќи нè во играта без правила, и без да знаеме и без да сакаме.

Романот е современа приказна за чекорите на сенките од подземјето кои скриени зад параваните на современото општество го движат и општеството и поединецот. Уште една современа приказна која лесно допира до читателот, иако го предизвикува на длабоко размислување и го поттикнува на свесно осознавање на светот околу себе.

Елизабета Бандиловска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *