Насамо со литературата

Скриена камера” е прв роман на Лидија Димковска, автор на четири поетски книги, од кои последната, “Нобел против Нобел”, објавена 2001 и 2003 и на интернет на македонски и на англиски јазик, а неодамна објавена и на словенечки, засекогаш го подвлече нејзиното име на списокот на најзначајните наслови во современата македонска поезија. Ова не е е точката од која ќе тргнеме при претставувањето на “Скриена камера”, туку точката на која застануваме, за миг ја затвораме вратата на таа одаја и се упатуваме во друга, засега да ја наречеме само -поинаква. Ваквата груба поделба на одаите во творештвото на Лидија, не прилега на нејзиното патување низ литературата, затоа што кај неа жанровите не се дестинации, туку патемни станици на кои може, но и не мора да се “излегува од возот”. Книжевниот друм на Димковска има друга, мошне тркалезна цел: да го обвитка светот!

“Скриена камера” припаѓа на оној тип романи кои самите себеси најдобро се објаснуваат, кои во себе ја содржат сопствената критика, рецензија, прецизна теоретска дефиниција. Да ги наречеме рецензентни или романи во пакет (приказна сосе придружна книжевна галантерија, како што сметам дека може да се нарече каква-годе критика, претставување, рецензија… ). Сред раскажувачките покривки и отскривки, Димковска не заборава да потпикне своевиден гарант за зачувување на свежината (и суштината) на нарацијата во форма на егзактна книжевно-научна одредница за сопствениот текст. Напати во форма на реплика во одреден дијалог, напати мушнато во самиот настан како фон,.. но напати и директно, божем екс катедра. Метафорично кажано, ако раскажувачките покривки и отскривки на Димковска ги сместиме во некаков виртуелен книжевен плакар, едноврздруго, тогаш автодефинирачките одредници и прецизните поетички маркери, можеме да ги сфатиме како вреќички лаванда вешто распределени на заканувачките места: тие ем ги обезбедуваат покривките и отскривките од “живите ризици” и евентуалните дупки, ем го освежуваат целиот плакар. Потпирајќи се на македонската книжевна историја, ова можеме да го наречеме и вештина на пишување со два конца истовремено: црвен и црн, или попрецизно: конец за однатре и конец за однадвор.

Димковска пишува: “А.фикцискиот дневник Скриена камера е, всушност, идентитет на обичен човек забележан од страна на писател. Домашна задача на уметник на престој во Европа”. На друго место вели: “Да се биде автобиографски или автофикциски? Тие пишуваат автобиографска фикција, јас автофикциска биографија”. Ова се најегзактните дефиниции што можат да се дадат за романот, а нив, ете, авторката ги “застапила” во самиот текст, значи, конецот за однадвор, испишал нешто и внатре во текстот. Затоа и рековме дека Лидија Димковска пишува со два конца истовремено, а тоа, освен овде, доаѓа до целосен израз и при испишувањето на главниот лик (исто така двоен): Лила и невидливата камера скриена во палецот од нејзината десна нога. Така, може да се нагласи дека пишувањето со два конца одеднаш (роман и рецензија за него во ист миг), соодветствува на двогласното раскажување на Лила и на камерата од нејзиниот прст: тоа се истите нешта дадени во прво лице (говорот на Лила даден во курзив во романот) и во трето лице, говорот на сезнајната и севидната камера. Умешниот раскажувачки трансфер прво-трето лице е мошне изразен и духовит.

“Скриена камера” самата себеси се нарекува а.-фикциски дневник, при што А-то е кратенка и нў упатува на главниот отсутен лик, извесен А. Онеобичувањето на зборовите со вакво духовито предавање на префиксот а- како кратенка, иницијал за главниот отсутен лик, е една од повеќето бележитости на првиот, исто така бележит роман на Лидија Димковска.

“Скриена камера” е роман за идентитет на еден најобичен човек, но забележан од страна на истиот тој човек кој е и писател. Многупати сме се соочувале со стварноста на писателите транспонирана во уметност и оваа постапка освен што има свои правила, ограничувања и забрани, не ни е непозната и нам, во современата македонска проза. Она што е интересно и поинакво во случајот на Димковска е усогласувањето на двогласното раскажување на јас и тој-раскажувачките форми, усогласувањето исто така на нештата што биле веќе длабоко емоционално меморирани пред реалното време на настанувањето на романот. Овој роман никогаш не би го нарекле автобиографски, од проста причина што би се омаловажило значајното место на фикцијата во него, затоа определбата на самата авторка: автофикциска биографија е најпрецизна.

Лила е писателка од Скопје, како впрочем и Лидија, на привремен престој во Виена каде има обврска во рамките на стипендијата да го напише токму овој а.-фикциски дневник. Таа го испишува пред нас, но Виена не и доволна за сета замисла на домството, затоа фасцинантно ги вклопува и своите претходни патувања (писателски, но и обичночовечки) не загрозувајќи ја, ами облагородувајќи ја основната, носечка виенска раскажувачка линија. Посложено изгледа кога се објаснува, отколку кога се чита, зашто ризиците од “пресложеност”, Димковска ги има целосно избегнато со својот стил со одличен апетит за проголтување компликуваности. Есеистичкиот нанос е доста моќен, но дискретен и токму тој поетесата Лидија Димковска , пред наши очи, ја преведува во прозаист не отпуштајќи ја поезијата од рака ниту еден единствен миг. Неправедно би било да не го потенцираме атрактивниот и оригинал поглед на Америка, на нејзината ненационалност, на моралните кодекси на т.н. писателчиња, “позајмените и вратени” гостувања на поетски фестивали низ светот,… нештедењето на домашните книжевни ситуации…

Романот на Лидија Димковска во буквалната смисла на зборот е “влез во Европа” на книжевен начин. Ако се потсетиме за миг на нејзината решителна изјава во романот: “Ќе влезам во Европа како сирење завиткано во новинска хартија и, како и славата н а Самоиловите војници, и јас ќе бидам медиски исцрпена”, ни останува само да и посакаме на “Скриена камера” неколкукратна исцрпеност: медиска, но и читателска, бездруго.

Оливера Ќорвезироска (Утрински Весник)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *