Кон романот Но-Уи, од Лидија Димковска
(…)Приказната на романот Но-Уи е приказна за две жени, две Недјељки, баба и внука, и нивните животни судбини почнувајќи од триесеттите години на дваесеттиот век до денешно време. Тоа се два силни лика, силни жени, кои во себе го носат и духот на две различни времиња. Едниот е на херојската епоха на дваесеттиот век, а вториот на современиот глобализиран свет, свет без патос и големи идеали, кога празнотијата на постоењето одвај дека се проследува со некоја свест за општеството и мали обиди за отпор и за животни промени. Ова е роман за прашањата на идентитетот, припадноста, тешкотијата да се вклопиш во нова средина, туѓоста и отуѓеноста. Раскажувајќи за баба Неда, Димковска раскажува и за својата лична позиција на дводомен писател, пишувајќи на македонски јазик и припаѓајќи на нашата книжевност, а живеејќи и во Љубљана. Бабата Недјељка го почнува својот живот како ќерка на рибар и на продавачка на пазар, и понесена од револуционерниот дух на епохата успева да се еманципира, заедно со своите врснички, прифаќајќи многу новитети што ѝ биле туѓи на традицоналната средина. Од носење панталони до излегување самостојно на корзо, до храброто помагање во време на фашистичката окупација на Сплит. Но, и подоцна, преку подготвеноста да се направи личен животен избор, и во однос на љубовта и во однос на семејството, наспроти предрасудите на другите и поголемите општествени бариери.
Недјељка се инспирира од една дојденка во Сплит, француската новинарка Шарлот, која се мажи во Сплит и со себе ги носи магазините со последна француска мода. Слична судбина доживува и Недјељка, чие тешко словенско име Сплиќаните го кратат во Неда, а токму францускиот дух иронично го нарекува Но-Уи, како јазичка игра, директен превод на слоговите од името, кои функционираат и како најосновните потврдно-одречни заменки. Но-уи се вљубува, епски, во својот душманин. Односно во душманинот на својот брат, фашистичкиот војник Карло кој ги имал најубавите очи, но кој во напад на војнички бес, претходно, го малтретирал братот на Неда, Крсто. Крсто тоа никогаш не му го простил, претворајќи се во намќор.
Карло и самиот се вљубил во Неда порекнувајќи ја длабоко својата претходна фашистичка ориентација и борејќи се до крајот на војната во италијанската антифашистичка бригада. Поради неприфаќањето, Карло, колку и идеолошки да се преобратил, морал да замине од Сплит и покрај големата љубов кон Неда, завршувајќи во родното гратче во Сицилија каде што храбро му се придружува Неда при што физичката врска со Сплит замира, а семејството се формира во мафијашката провинција.
Двојствата, повторувањата и контрастите се омилени реторички фигури врз чија база Димковска го гради својот роман на повеќе нивоа. Значи го имаме повторувањето, удвојувањето на двата карактера, на двете Недјељки, бабата и внуката. Тие во многу нешта се слични, но духот на епохата ги раздвојува. Вљубената баба наспроти испразнетата од љубов внука. Шарлот и Недељка се повторно истоветни. Но, младата Неда се разликува од својата сестра Маргерита. Карло и Крсто се изградени хијазматично. Од силни контрасти до разминувања.
Кај Лидија Димковска женските карактери се секогаш силни. Дури и маргиналните ликови како романската снаа Мирела. Мажите се попасивни, покревки, попрагматични. Но, сепак, и машките и женските ликови се дадени низ една мрачна визура. Епохата, времето, општествените превирања, недоразбирањата се толку силни, што ги толчат луѓето. Старите завршуваат со тешки болести и психички нарушувања, а младите се плеткаат во својата немоќ да направат нешто повеќе од своите животи.
Во романот Лидија Димковска реско ги сопоставува и двете општествени идеологии, фашизмот наспроти антифашизмот. Очигледно е нејзиното евоцирање на антифашистичката епоха и типот на луѓе кои ги создала наспроти фашистичката идеологија која повторно се повампирува во современите неонацистички групи. Освен што повторно контрастот го дава на семејно ниво – еден од внуците на Недјељка станува фашист кој се одрекува од баба си и и не ја признава својата нечиста крв, станувајќи еден од водечките политичари на фашистичката десница. Димковска ги слика доста прецизно, дури со име и со презиме актуелните тенденции и превирања во хрватското општество. Таа има доста прецизен писателски вокабулар и за мафијашкото минато на Сицилија. Би рекол дека во еден мал роман, доста набиено, таа мајсторски ги плете двете нишки. И психосимболичкиот слој е предаден преку полнотијата на карактерите и на нивните пориви, страсти, животни избори, но и на општествено-ангажираниот слој преку јасна слика и за минатото и за сегашните дури документаристички случувања.
Наративните експерименти кои, по малку робусно, ги правеше во претходните две прози, овде се целосно совладани, го збогатуваат, а не стрчат во текстот. Рамките на романот се допираат во круг, онака како што двата женски карактери формираат едно цело. Заради полесна приемчивост некои сегменти од раскажувањето, дури и кога нема поместување на перспективата или на ликот што раскажува, се повторуваат, односно се збиваат. Наративната позиција постојано се префрла од внуката на бабата, јасно раздвоена. Јазикот е богат, метафоричен, со ситуации и фрази кои остануваат – од карактеристичниот јазичен идиом „ајме“ на бабата, до оној на снаата „од инает“, до повторливоста на извикот на Недјељка, „фашисти“ (небаре „невермор“ на Е. А. По) или полирските пасажи, за очите на Карло или за боите на Јадранското и на Тиренското Море. Секако, телеграфската љубов на Карло кон Недељка е ироничниот „хајлајт“ во романот.
Ова е книга за Сплит и за Сицилија. За хрватските и за италијанските состојби. Во неа одекнуваат европските стравови. Македонија се споменува само маргинално, по бранот бегалци кои ја преплавуваат, како агенциска вест. Би сакал, и дури мислам дека има простор, Македонија да се локализира во раскажувањето. Но, Димковска одбрала да не го прави тоа директно. Секако дека некои од општествените премрежиња на Хрватска и на Сплит и тоа како се карактеристични и за македонскиот посткомунизам. Од една страна, оваа приказна е европска, дури и глобална, иако ги носи колоритот и јагмата на Медитеранот (а не на Балканот).
Веројатно е многу податна и за филмско сценарио. Посакувам Димковска да влезе и во таа индустрија. Романот има потенцијал, а европските културни политики се компатибилни да го поттикнат претворањето на романот во филм.
Роберт Алаѓозовски („Економија и бизнис“, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 101-103)