„Азбука и залутани записи“ е составена од повеќе од шеесетина, главно, куси-куси раскази. Станува збор за духовита, динамична и младешка проза, која својата енергија и привлечност ја црпи од неколку нивоа. Во книгата може да се прочитаат автореференцијални поигрувања, користење црн хумор, но и сериозен дијалог со одредени книжевни модели и жанрови. Иако млад, Шопов се претставува како релативно зрел автор кој има низа релевантни познавања од историјата на книжевноста. Тие во неговата поетика се инкорпорирани главно на две нивоа: првото е директната алузија, интертекстуална игра или користење на познати книжевни модели; на второто ниво, тој на индиректен начин си поигрува со одредени архетипски книжевни модели во книжевноста (на пример, Минотаурот од расказот Лавиринт) – при што најчесто се користи жанрот на класичната фантастика како модел на конструкцијата на текстот.
Првиот циклус раскази е моделиран околу буквите во македонската азбука. Овој циклус можеме да го читаме како некој вид книжевна пародија на Букварот, некој вид бизарен анти-Буквар. Во таа насока може да се оправда флертот на авторот со инфантилноста и наивноста на одредени раскажувачки ситуации речиси секогаш доведени до крајност. Во расказите од овој циклус, бизарноста е клучниот носител на имагинацијата на Шопов – таа би можела да се опише како театрално нереална хармсовска пародија раскажана во манир на еден Роберт Родригез или Квентин Тарантино („Приказната Џ“, „Приказната Ц“). Во ваквите раскази, комичниот, но и гротескен ефект се постигнува преку комбинацијата на претераноста и наивноста. Така во прозите од овој циклус смртта, умирањата, физичките пресметки и крвта се трупаат со леснотијата на евтините приказни од американската Б продукција.
Станува збор за раскази во кои се случува своевидна радикали зација на апсурдот – апсурд доведен до своите крајности (ситуацијата со чекањето на главниот лик од расказот „Приказната Х“ која ја има својата градација во следната сцена – сцената во берберницата). Во овие ситуации Шопов ја има научено лекција на мајсторите на апсурдот – колку апсурдната или претераната ситуација е раскажана со посмирен и пореалистичен тон – толку ефектот на текстот е поголем. Затоа е сосема нормално што неговите ликови се занесеници кои најчесто живеат одделени од други според сопствени правила и систем на расудување. Како такви, авторот не се труди премногу да ги заокружи и засенчи. Ослободен од нивната длабочина, тој се задоволува тие да бидат само благо нијансирани, само со оние елементи кои се доволни за да ја водат приказната понатаму.
Се разбира, ако тоа би останало само на ова ниво, прозите би биле премногу банални – авторот против ваквата баналност се бори со комбинацијата од малку иронија и многу црн хумор. Шопов ја следи логиката според која колку шокот е побрз толку тој е посилен, па сосема е јасно што најефективните раскази од циклусот најчесто се и оние што се покуси. Подолгите раскази на мигови можат да се изгубат во апсурдот кој кога е премногу развлечен се чита чита како трик и манир, книжевна техника. Можеби одредена слабост на расказите се наоѓа во честото претерување само заради постигнување книжевен ефект, во претерувањето кое често се сведува на допадливост и забавен ефект.
Во вториот дел доминираат раскази во кои релативно доследно се користи постапката на класичната книжевна фантастика, но со примеси на црниот надреализам. Најголем дел од расказите се динамични и духовити, реалноста е изгонета од текстот, а авторот често се доближува до надреалистичкиот вкус за убавото спојувајќи два или повеќе најчесто неспоиви елементи. Иван Шопов е автор кој пред сè е вљубеник во приказната – тој верува дека самата приказна, со својата логика и логичен систем, е доволна за да го постигне спознајниот ефект.
Иван Шопов е автор кој може да се вброи во традицијата на бројни автори кои користеле слични книжевни стратегии. Од македонските автори, најсилно се чувствува влијанието на фантастиката и апсурдот на Влада Урошевиќ (особено во вториот дел од книгата), но можат да се најдат и сродности со Митко Маџунков и Драги Михајловски. Се разбира, овие автори ги споменуваме тука не за да ја намалиме вредноста на неговите прози или да кажеме дека авторот пресликува книжевни модели, туку да го поставиме неговото творештво во една линија на македонската проза која тргнува од доцните шеесетти години на минатиот век, па до денес.
Членови на комисијата: Никола Гелевски, Владимир Јанковски, Ѓорѓи Крстевски