Подрумот што се трансформира во таван

Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска ја сугерира женската визура во гледањето на светот и ја актуализира еманципацијата на женското авторство во современата македонска проза. И еве, исчитувајќи го најновото од Малеска, се присетувам дека кај Маите, Месечината е заштитничка на плетењето, дека етимологијата на зборот текст, исто така, е врзана за процесот на плетењето, па во тој контекст има чувство дека и приказните што ги плете незабележителниот пајак што сака да влезе во собата на Леона, која таа конечно почнува да ја чувствува како сопствената, се дел од големата плетка за светот што конечно го избира како свој. Оваа плашлива и кршлива Леона се обидува да ја раскаже гласно својата приказна, зашто само кога таа е гласно раскажана тогаш како што вели таа: „… мојата приказна се здобива со поинаков контекст, ме претставува похрабра отколку што сум била.“ (2024: 97, означеното е мое). „Светот што го избрав“ се гради како еден хронотоп на куќата и тоа замислена како вертикално битие обезбедено со поларитетот на визбата т.е. подрумот, која соодветствува на несвесното и таванот, кој одговара на духовното воздигнување. Може ли со текот на времето подрумот во кој се сместува Леона да се трансформира во таван, подрумот да стане нејзиниот таван? Зашто секој заслужува да биде среќен. Па и Леона која ни признава и вели дека и покрај тоа што: „Не знам како да се справам со оваа тага.“ (2024: 105), таа, едноставно, само бара начин да го направи „овој непознат свет да изгледа помалку страшен отколку што е.“ (2024: 111).

По дваесет години живот со своето семејство, Леона е исправена пред дилемата како да се пресече папочната врска со домот кој веќе не го чувствува за свој дом? Дали конечно треба да се пресече таа врвца? Како да каже: ДОСТА Е!? Таа се наоѓа во вртлогот на сопственото ЈАС соочувајќи се со нова ситуација. Останата е без стан, без работа, без пари, со привремен ангажман кој ѝ го наоѓа нејзната добра другарка Весна, целосно спротивна од она што е таа. И еве каква е таа во очите на Леона: „Секогаш очекуваше сите да се однесуваат како неа. Ова си го повторував кога имав потреба да ја критикувам во себе. Само така можев да ја оправдам својата плашливост, со непризнавањето на нејзината храброст.“ (2024: 10, означеното е мое) Затоа, кога Весна отворено ѝ вели: „Ти исчезна, не постоеше дваесет години.“, Леона се брани велејќи: „Не е сосем во право. Постоев. Во еден друг, затворен, ограничен свет.“ (2024: 36, означеното е мое). Но, новите околности, средбите и разговорите со новите и старите познаници, со членовите на Комисијата за утврдување на подобност на новите предметни програми и учебници, со членовите на поширокото и потесното семејство, со новите соседи (колку реални, толку и виртуелни, колку тука, во Скопје, толку и во нејзината меморија), кај неа поттикнуваат сеќавања, будат епизоди од детството и младоста, поттикнуваат анализи на своите и на туѓите постапки, говорат за изнаоѓање на причините зошто довело токму до тие постапки. Зашто во тој нејзин свет, во тоа нејзино ЈАС таа не смее/ не треба да има никаква дамка. „Не сакам ништо лошо да зборуваат за мене во единствениот свет што го имам. Сигурно ќе се погрижам никогаш ништо лошо да не помислат. Зашто, како може да се живее ако се нема свет за живеење?“ (2024: 35), размислува Леона.

Сепак, вистинските слики за интимноста се врзуваат со оние курзивни моменти (кратки, но интензивни) во самиот роман кои функционираат како слики за фиоките и сандаците, како слики за сите скришни места каде што Леона може да мечтае, каде што Леона може да ги сокрие сите свои тајни, каде што Леона е целосно Леона. Дури и онаа која повеќе не е строго рационална и која конечно кажува дека мечтае и за секс: „Стоиш зад мене, ме прегрнуваш цврсто, ми ја тргаш косата, ми го бакнуваш вратот. Уживам, се возбудувам. Се милуваме. Си шепнуваме што посакуваме. Исчезнуваме еден во друг…“ (2024: 58). Зашто „орманот и неговите полици, бирото за пишување и неговите фиоки, сандакот и неговото двојно дно се вистински органи на тајниот психолошки живот“ (2002: 126), вели Гастон Башлар во својата книга „Поетика на просторот“ (Скопје: Табернаклу, 2002). Леона го нема тоа, но ја има конечно својата соба. Подрумот како палата!

А внатрешниот простор на орманот е простор на интимност, простор што не се отвора секому. И самиот роман кој е граден низ призма на исповед од страна на Леона може да се чита како еден виртуелен орман. Во секој еден орман живее центарот на редот кој ја штити целата куќа од безграничниот неред. Таму царува редот, нагласува Башлар, или, поточно, таму редот е на власт. Само некој кој има бедна душа, вели Башлар, би можел да стави штогоде во орманот, а ставањето на што било, како било, во кое било парче мебел, укажува на битна слабост во функционирањето на домувањето. Зашто вистинскиот орман не е секојдневен мебел. И кога самата Леона ќе сфати дека такво парче мебел нема повеќе ни во семејството, ни во куќата на своите родители, ни во станот на својот сопруг, ни … тогаш е вистинско време да побара свој простор каде ќе го смести „својот орман“, па нека е и во подрум.

Ѕвездан Георгиевски во својот осврт под наслов „Подрум“ (https://okno.mk/node/29044) нуди една мала историја на подрумот, или повеќе една социолошка, па и културолошка прошетка преку која ја открива „улогата на подрумот, за олеснето функционирање на човекот во градот“. Така ова патрување започнува од она време кога „… подрумите и скривниците беа задолжителен дел на системот на општонародната одбрана и цивилната самозаштита и важен чинител во оние, веќе заборавени, циклични вежби…“, па преку „… припаѓачките подруми на индивидуалните станови“, кога „економскиот напредок овозможуваше тие да бидат претворани во простории за складиштење на сè побогатата зимница“, па сè до она време кога „… Подрумите, на евтин, ама приближно волшебен начин, се преобразуваа во своевидни клубови, места, на почетокот, замислени како супститут за скапите кафеани, а потоа како вистински оази на слободата на здружување, разменување идеи и – слушање музика!“ Каков статус има овој подрум на Леона? Дали тој содржи по нешто од сите фази? Зашто таа во него се засолнува и од простор за самозаштита прераснува во простор т.е. оаза на нејзината слобода.

„Да се разбереме, подрумот е исклучиво урбан, градски феномен. Во селата нема подруми.“, нагласува Георгиевски. А Леона, онаа што се обидува поотворено да зборува за оној (нејзин) свет што го избира, што го избрала, доаѓа од една таква средина која нема подруми, од едно село во близина на Демир Капија, од куќа, во која откако починуваат нејзините родители, остануваат да живеат нејзините тетка и тетин. „За разлика од Западот, каде што подрумот се врзува за готската традиција на страв и ужас и каде што секоја појава на подрум во кое било уметничко дело (слично како со пиштолот на Чехов) значи и појава на некој вампир или барем некој фрик што со електрична пила во рацете черечи тела на, по дефиниција, невини тинејџери и, по правило, по еден дедо и баба, кај нас подрумот никогаш ја немал таа симболика. (…) кај нас подрумот секогаш симболизирал благосостојба – и слобода. Ако имаш подрум, тоа значи дека си богат човек – имаш со што да го наполниш.“, поентира Георгиевски. Копнее ли и Леона по една своја/лична слобода и благосостоба? Зашто таа е и без работа и без стан кога решева дека мора да сврти нов лист од книгата што се вика живот. Дали затоа толку „лесно“ решава подрум-собата натрупана со дрва и автомобилски гуми да ја направи свој нов дом? Или, сепак, и не сè така лесно во таа одлука, зашто кога вели, чувствуваме дека се колеба, дека обмислува, дека се двоуми: „Влегувам во собата и седнувам на креветот. Не знам што да правам во оваа соба во која нема ни телевизор, ни компјутер, ни книги. А и да има, што со тоа? Книгите ми стануваат бесмислени. Ме потсетуваат колку сум одвоена од светот во кој порано постоеше барем можност да ги споделам размислите за тоа што го читав. Зошто да читам сега? За себе, велат, за себе е важно да се чита. Во моментов тоа ми звучи како лага. Каква мотивација да најдам за читањето книги што не знаат за живот во соба со дрва и гуми, за бања што се дели со непознати, за немање работа?“ (2024: 31)

„Не знам од каде потекнува зборот „подрум“.“, пишува Ѕвездан Георгиевски. Не знам ни јас! Затоа на помош го повикав Никос Чаусидис кој подоцна ќе ми помогне во исчитувањето на подрумот на Леона на Калина Малеска. „Претпоставувам и сакам да верувам дека можеби има логика она наивно објаснување дека станува збор за нешто што е под друмот, нешто што не е на ачик, невидливо за минувачот и за околината. Значи, нешто што може да ја обезбеди таа, толку посакувана индивидуална слобода, непопречувана од власта на кој било авторитет. (означеното е мое)“ Затоа и Калина Малеска одбира својата Леона да ја вдоми во една соба вредна само/дури 10.000 евра сместена во подрумот на една семејна куќа во скопско Црниче: „Подрум. Сутерен е великодушно име за него. Ова е подрум со еден не толку долг и не толку широк ходник, низ кој на таванот – кој би можела да го допрам ако ги испружам рацете нагоре – се нанижани ‘рѓосани цевки. Водовод? Канализација? (…) Сакам веднаш да излезам, да избегам, и притоа да не ѝ се јавам на Весна и да не ѝ признаам дека имала право, дека ништо пристојно, па ни скромно, не може да се најде за десет илјади евра. Но, останувам. Останувам да ја истражам пештерата од детските приказни во која никогаш не стапнал никој, освен измислените ликов. И јас.“ (2024: 15, означеното е мое).

„Живеејќи секојдневно во својата куќа“, пишува Никос Чаусидис (https://marh.mk/kukja_simbol_znak_chausidis/), „на архаичниот човек сигурно му се наметнала следнава логичка врска која ќе има длабоки религиски и филозофски импликации: Јас живеам во куќа, таа ми припаѓа мене, но јас сепак не сум куќа. Јас живеам во тело, тоа ми припаѓа мене, но јас сепак не сум тело. 

Прифаќањето на овој однос значи дека куќата е едната од компонентите (можеби и клучна) која ќе ја поттикне диференцијацијата на човекот како битие во две одделни сфери на постоењето – сферата на материјалното и сферата на духовното: Како што јас престојувам во својата куќа како нејзина суштина, така и мојата душа, моето јас, престојува во моето тело како негова суштина. Моето тело е куќа на мојата душа.“ Можеби, токму затоа, и Леона, трага по некоја своја куќа, по некое ново тело во кое на душата ќе ѝ биде пријатно, топло, во кое ќе се чувствува свое, и конечно среќно…

 „Од овој однос“, како што вели Чаусидис, „произлегува и идејата за посмртна егзистенција: Кога ќе се уништи мојата куќа, јас се преселувам во друга куќа. Кога ќе се уништи моето тело, јас (мојата душа) ќе се преселам во друго тело.

Леона, сепак, станува господарка во/на својата соба, господарка во/на некои делови од таа своја соба. Впрочем и самата Малеска вели дека сакала да создаде лик кој што ќе има освен поголема свест за себе и за светот околу себе, и лик кој ќе развие свест и за потребата да пронајде во себе поголема храброст. „Можеби, поради нејзината неактивност, особено на почетокот на романот, оддава впечаток и на апатија, но мојата намера беше да создадам лик што се бори со своите слабости и ги надминува, што ја победува апатијата и има неуморна волја да се менува и себеси и својата околина.“, вели Калина Малеска (https://blen.mk/kalina-maleska-intervju-istrazuvam-kako-gi-dozivuvame-nasite-izbori/)

Така, на Леона повеќе не ѝ треба ни огледало, зашто сега знае како изгледа. „Гледав во него не за да го видам својот лик, туку за да се споредам со некоја друга личност, посакана, поинтересна, поубава, да ги видам своите маани:“ (2024: 114), вели Леона. Сега веќе знае дека нема жена без грешка, жена без сторен грев, без моменти на искушение. Но и дека една соба со мувла, многу постара, помрачна, повалкана отколку што е, е потопла, зашто во неа Леона се чувствува жива, зашто во неа Леона конечно може да сака и без разлика на сè може да биде сакана:

„Ја ставам дланката на ѕидот и го испипувам. На едно место ја чувствувам неговата дланка, или замислувам дека ја чувствувам, преку ѕидот, и го запирам движењето.

– Остани ако можеш.

– Можам – одговарам.

Ја потпирам главата на ѕидот и тој ја потпира неговата од спротивната страна.“ (2024: 91)

Весна Мојсова-Чепишевска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *