Провев за други вистини

Оливера Ќорвезироска
Не знам со сигурност дали повеќе или помалку се ужива во читањето и во претставувањето нова книга од автор кому комплетно му го знаете творештвото. Не знам исто така дали она што веќе сме го напишале за авторот треба да е јамка околу вратот на секоја негова наредна книга или наша наредна критика; некакво префрлање на истиот цвет… или трн од реверот на старата, на реверот на новата книга и така до бескрај… Но, она што со сигурност го знам е дека најновата збирка раскази на Калина МалескаМојот непријател Итар Пејо“ е нејзина трета среќа во расказите, во најубавата и најсимболичната смисла на бројот три. Збирките раскази на Калина Малеска (првата – „Недоразбирања“ од 1998, втората „Именување на инсектот“ од 2008 и најновава „Мојот непријател Итар Пејо“ од 2016), носат едно последователно избистрување, во фотографско-метафорична смисла. За да биде појасно што сакам да кажам, ќе направам споредба со фотографирање со смартфон и мрдање на раката. Со текот на времето, при фотографирањето (пишувањето), раката се стабилизира и сликата/текстот станува сѐ појасен. Калина Малеска фотографира едно исто нешто постојано, од самиот свој почеток знае точно што сака да „фати“, да раскаже, така што сликата е истообјектна/истопредметна сето време, но е сѐ побистра, зашто раката е сѐ поцврста, постабилна.
Калина Малеска спаѓа во овој тип автори кои го околчуваат својот книжевен простор уште во првите објави. Оној тип автори кои знаат што точно сакаат и од книга во книга само го усовршуваат својот околчен, самозададен книжевен простор. Кажано на еден типично женски начин, Малеска одамна ни го има ширум отворено својот раскажувачки плакар и ние совршено знаеме со што Таа, односно Тој (плакарот) располага. Но, работата не е во тоа, туку во секојдневното комбинирање на расположливото. Зашто кога сме на улица/меѓу корици, никој не го гледа нашиот плакар дома, туку нашиот избор, комбинацијата што сме ја направиле дента. Плакарот е општиот книжевен потенцијал, одделната комбинација за одделен ден, во контекстов, може да биде токму расказот. А комбинациите во кои ја гледаме Малеска во новата книга се навистина беспрекорни.
Збиркава содржи 19 раскази во различна екстензија и еден покус драмски текст. Не е организирана во никакви циклуси. Но, кај раскажувач од ваков формат, отсуството на вообичаена организација, самото по себе е веќе необична организација. Станува збор за концепт, за мајсторско редење и навидум спонтано групирање и истекување на расказите еден во друг. Во оваа збирка, прв пат, Калина Малеска работи една нова форма – кус расказ. И и тоа ѝ оди одлично.
Ќе се задржам само на два аспекта кои за мене се исклучително важни за оваа проза и кои ги опфаќаат буквално сите раскази од збиркава.

ПРВИОТ АСПЕКТ – провев за друга можна вистина
Првиот, се однесува првенствено на заглавниот и носечки расказ и на неговата минијатурна проекција во кратката проза „Во огледалото“ и него ќе го наречеме дијалог со традицијата и со фолклорно-книжевното наследство, полемика и препрочитување, пренапишување; а вториот ги опфаќа сите останати раскази и го подвлекува доминантното во нарацијата на оваа авторка, „шемата на претерувањето“ како метод, стил и книжевна специфика.
Дисконтинуитетот во развојот на македонската книжевност е императив за сите нас што се занимаваме со оваа работа. Секоја национална книжевност треба да се грижи за врските со она што е зад неа. Да го најде својот личен конец во книжевната историја или во фолклорот и цврсто да го затегне во сопственото творештво. Расказот „Мојот непријател Итар Пејо“ е антологиски расказ. Во него се појавува лик без име кој е вистинскиот раскажувач и кој наново ги чита и ги испишува и Итар Пејо и неговите приказни. Тоа е расказ маскиран во роман или расказ кој има проголтано цел роман. Искрено жалам што Малеска не го доразвила во уште поголема форма, зашто сметам дека романесниот потенцијал на овој расказ е џиновски. Не ми се случува прв пат да зажалам што расказ на Малеска не е роман. Тоа ми се случи во претходната нејзина книга („Именување на инсектот“) со расказот „На Дрим куќа да имам“. И тој расказ е тровалентен: од една страна ја врзува песната „На Струга дуќан да имам“, од друга се допира до еден подзаборавен роман на Крсте Чачански – „Книга на небото“ на исклучителен творечки начин, од третата страна остава романесктен простор. Наспроти вакво кокетирање со екстензијата на своите раскази, Калина прави вистински контрапункт со краткиот расказ „Во огледалото“ во кој на извесен начин се кондензира, истекува нејзиниот антологиски, итарпејовски расказ. Ваков пар, ваква раскажувачка двојка одамна немало во една книга од еден автор.
Ако „На Дрим куќа да имам“ кореспондираше со „Книга на небото“ на Чачански, Итар Пејо кореспондира, се допишува на значајната тенденција во современата книжевност творечки да се дијалогизира со фолклорната традиција и да се влегува во минатотот и одново да се испишува. Ќе ги спомнам само одличниот роман „Невестата на змејот“ на Влада Урошевиќ, годинашниот добитник на наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобра проза – романот „Доилката“ на Лилјана Пандева, еден роман на Загорка Поп-Антоска „Џулијано Понти“ кој, за жал, претивко помина во нашата книжевна јавност, драмските текстови на Дејан Дуковски „Силјан Штркот шанца“, во моментов е на репертоарот на МНТ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, „Балканот не е мртов“ и особено истоимениот филм на Александар Поповски… Она што Урошевиќ го прави со Марко Цепенков, Пандева со Пребонд, Поп-Антоска со Сирма војвода, Дуковски со Силјан Штркот и „Македонска крвата свадба“, Малеска го прави со Итар Пејо. Тоа е исклучително важна струја во домашната книжевност. Убоита и силносветлечка.
Првиот аспект е провев за секоја втора можна вистина, во историјата, во фолклорот, во сѐ, буквално. Само големи раскажувачи знаат ширум да отворат сѐ и да направат добар провев.

ВТОРИОТ АСПЕКТ – „шема на претерување“
Овој аспект се однесува буквално на сите останати раскази во најновата збирка на Малеска. Него ќе се обидам да го објаснам со филмска, а не со книжевна паралела. Кога првпат го гледав филмот „Диви приказни“- (RELATOS SALVAJES) на аргентинскиот режисер и писател Дамијан Шифрон, бев фасцинирана од помислата дека сценариото би можело да биде и на Калина Малеска. Такво преклопување на творечки сензибилитети не бев препознала одамна. Всушност, таму каде што завршуваат расказите на Малеска, почнуваат филмските приказни на Шифрон. Кога видов дека Малеска и Шифрон се родени иста година, сфатив дека и понатаму не треба да верувам во географијата (Аргентина-Македонија, каде било со каде и да е), туку во математиката, т.е. во бројките на возраста и на настанувањето на делата.
Relatos Salvaјes е филм-омнибус од 6 самостојни приказни. Обединувачки за сите е моментот на „пукање“, на попуштање, одлепување/ископчување на главниот, инаку, нормален лик. Во најавите за филмот сегде (во Германија, Србија… и низ цела Европа), на различни начини, ама беше потенцирано дека тоа е филм кој може да му се случи секому, дека е на самата граница каде што цивилизацијата преминува во варварство. Ќе се повикам на еден расказ од Малеска и на една приказна од омнибусот на Шифрон за да се објаснам што, всушност, сакам да кажам.
Расказот е „Господарот на маалото“ – приказната од омнибусот е онаа за пиротехничарот со прекар Бомбито. И Сара на Малеска и Бомбито на Шифрон се обични луѓе. Изложени на неправда, психолошки терор и немоќ, двајцата одат до крај. Сара во конфликтот со соседот-силеџија не се откажува, не се повлекува, туку губи заб, нога, на крајот и умира, но продолжува да раскажува. Многу го сакам овој момент, ова раскажување по смртта на раскажувачот, зашто мислам дека со тоа Малеска ни соопштува дека за неа е поважно раскажувањето отколку живеењето, а така е и за мене. Бомбито има проблем со пајак-службата, секогаш го земаат само неговиот автомобил, на крајот животот му се распаѓа поради паркирањето, поради неоткажувањето, всушност, го отпуштаат од работа, го напушта сопругата и тој… посегнува кон она што најдобро го знае како пиротехничар: БЕСПРЕКОРНО ГО МИНИРА ПАРКИНГОТ каде што пајакот ги остава автомобилите. Таа точка на лудило е тотално реална и сите ја знаеме, ја препознаваме или веќе самите сме ја достигнале. Јавно или скришно, сеедно, зашто уметноста го гледа и едното и другото.
Ова е „шемата на претерување“, која е всушност, шема на неконтролирање, на отпуштање на контролата . Доминантна е во расказите на Малеска, доминантна е во одличниот филм на Шифрон. Тоа е наше време! Аргентинско-македонско, секадешно во првите децении од 21 век!
Нееднаквоста, неправдата и барањата на околината предизвикуваат напнатост, стрес и депресија. Некои луѓе одлепуваат, пукаат. Расказите на Калина Малеска се за тоа. Филмот на Шифрон – исто така.
Топло ви ја препорачувам најновата, најдобрата збирка раскази на Калина Малеска. Читајте ја пред или по филмот на Шифрон, ама дајте им заедничка шанса на двајцата.

Оливера Ќорвезироска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.