Случајни средби… Животот постојано ни е исполнет со такви, неочекувани, навидум наивни, ненамерни, кои сепак имаат судбоносна улога во нашите животи.
Една таква средба е причината за приказната во книгава, која ја заслужува сета читателска почит и го задржува вниманието, не само поради нејзиниот неодолив тек туку и поради шармантниот стил на раскажување на писателката. Патувањето низ животниот тек на главните ликови е толку живо и сликовито опишано, што буди безмалку симфонија на емоции кај читателот.
И на крај, секој ќе се запраша – дали станува збор за вистинска приказна, за веднаш потоа да помисли на сите реални приказни од секојдневието со кои се поистоветува оваа од книгата.
Љубовна приказна, навидум е темата која преовладува низ страниците на ова дело, но всушност станува збор за нешто многу повеќе од тоа, за нешто подлабоко, за нешто посуштинско – за животот со сите свои благодети и проклетства, со сите подеми и падови, со сите радости и јадови, насмевки и болки, со сите вистини и маски.
Колку ли вредат сите наши „утриња” кои ги планираме?
Колку ли може да останеме свои и доследни на своето кога ќе нѐ обземе љубовта?
Колку можеме да зачуваме од себе кога сето свое битие сме го дале некому?
Може ли да продолжиме понатаму после тоа?
Грев ли е ако ги ставиме своите човечки болки повисоко од нашата улога како родител?
Ги познаваме ли вистински нашите долгогодишни пријатели?
Колку ли може да собира и претрпува душата за на крај да нѐ предаде?- прашања кои читајќи се нижат сами и одговори кои спонтано доаѓаат…
И уште едно, најзначајно од сите – знаеме ли кој живее до нас, и што се крие позади куќната фасада во соседската куќа?
Во книгава, дефинитивно ќе дознаете за онаа „куќа со жолта фасада”, колку годините натежнале на неа и колку тајни и судбини може да живеат позади куќниот праг.
Допрена сум од судбините за кои овде се пишува, а „тајната” што ја крие оваа куќа, ми го стопли срцето.
После сѐ, љубовта, надежта и човечноста е сѐ што на овој свет ни е потребно.
Марина Кљајиќ