„После секое паѓање, најважно е станувањето”. Ова е цитат од автобиографското дело на нашата авторка Билјана Мартиновска.
Но, знаеме ли колку пати ќе го искусиме тој предизвик во животот? Колку пати човек треба да падне и да се бори за своите права, за својот интегритет?
Уште од првите страници на книгава ја осетив сета болка во неа. Читав… ја оставав… неколку пати вчера. За да ги смирам емоциите, да го смирам гневот и тагата во мене.
Авторката ни открива низ каква голгота поминувала, недели, месеци па и години после доживеаната сообраќајна несреќа. Кома, посттрауматска амнезија, операции, болки! Колку и да се обидува да не мисли на мракот, не ја гледа светлина. Најголема енергија црпи од својата ќеркичка, од нејзините очи, полни со надеж. Мајка е! А, ниту во мислите, ниту во говорот не постои збор со поголема вредност и сила, од мајка! Таа сила, со поддршката од своите најмили, сепак ќе успее!
Со тек на време сите сфаќаме дека сѐ во животот е лекција. Го учиме Јин јанг концептот. Симболот кој ни укажува дека во вселената има две главни, контрадикторни, но комплементарни сили.
Дури и оние луѓе, кои и покрај нашата физичка болка, свесно или несвесно, ни нанеле емоционална болка, биле со некаква причина во нашиот живот. Важно е само да научиме да се апстрахираме од нив. Ние самите сме тие кои во својот когнитивен и морален систем носиме одлуки, за тоа каде и со кого, сакаме или не сакаме да бидеме.
Ѝ честитам на авторката за нејзината храброст и ѝ се заблагодарувам што, преку оваа книга, со таква топлина во зборовите, нѐ учи како да бидеме подобри, посрдечни и почовечни!
Билјана Ц. Наумовска