Рецензија за прозниот ракопис „Лебед“ од Ана Стојаноска

Ана Стојаноска е веќе потврдено име во нашата културна средина: писателка и поетеса, есеист и театролог, професор на Факултетот за драмски уметности.

Насловот на ракописот не е случаен: тој експлицитно упатува на прочуениот балет „Лебедово езеро“ на Чајковски, на кој авторката повеќекратно алудира. Дури и самата приказна (либретото) на прочуениот балет е интерполирана во сижето на романот како приказна во приказна, односно, самата нарација интертекстуално (и интермедијално) кореспондира со споменатиот балет, а очигледни асоцијации постојат и на ниво на креација на главните ликови:  Микаел е пијанист кој ја изведува музиката на Чајковски, а Габриел – балетан кој игра во „Лебедово езеро“, но нивните улоги се рефлектираат и во начинот на нивното однесување во обичното секојдневие, па тие функционираат како двојници на ликовите на Чајковски. Ракописот на Стојаноска, на тој начин, претставува жанровски хибрид на повеќе дискурси во еден постмодернистички манир. Не ретко, и самата авторка ги сугерира различните видови писма со употреба на курзив.

Лебед“ е и љубовен роман и роман за креацијата. Авторката ја слика љубовта како носечка оска и на животот, и на уметноста; таа ги покажува „сите лица на љубовта“: хетеросексуалната и хомосексуалната љубов, родителската безусловна љубов, пријателската љубов и љубовта кон музиката, балетот, и воопшто кон одреден уметнички израз кој бара љубов, посветеност и пожртвуваност (впречем, како и секој вид љубов). Особено значајно е проникнувањето на љубовта и креацијата како предуслов за успех на уметнички план, освен вродениот талент.

Ракописот „Лебед“ ја прославува музиката (и уметноста, воопшто) и врвното естетско начело – убавината. Сѐ пулсира во знакот на овој клучен уметнички идеал. И останатите ликови од најнепосредното окружување на пијанистот и балетанот, исто така, се уметници: мајката на пијанистот е писателка, а мајката на балетанот – сликарка. Во креирањето на тој уметнички свет, акцентот е ставен на релацијата: уметност-живот, во смисла дали и колку еден исклучително посветен уметник има приватен живот надвор од границите на уметноста со која се занимава, како и на една суптилна проблематика – комплексната психологија на самиот уметник која е во дослух со споменатата релација. Оттаму и драматичноста на самата нарација која синтетизира најразлични постапки и облици: мултифокалност (полиперспективност на нарацијата), цитатност, асоцијативност, дијалогичност, внатрешен монолог, раскажани соништа, документирана етимологија на имињата Микаел и Габриел и сл. Драматичноста на нарацијата е засилена и со тематизација на хомосексуалноста како една табу-тема во нашата средина, инаку ретко присутна во книжевноста кај нас. Кога на ова ќе се додаде и фактот дека приказната во романот ја следи животната сторија на две самохрани мајки, станува јасно дека ракописот на Стојаноска остварува и една општествено-ангажирана функција.

Каде е границата меѓу животот и уметноста?! Колку едното го определува другото и обратно?! Како да се хармонизираат духовното и телесното, умеењето и страста?! Овие и многу други дилеми се отвораат пред авторката, но и пред читателот на ракописот „Лебед“. Умешната нарација, проблематизирањето на секогаш актуелниот феномен на уметноста, а особено на психолошката димензија на ликот на еден уметник, како и актуализацијата на сензитивните општествени појави и поставувањето на сцена на најранливите категории на луѓе, повеќекратно маргинализирани и стигматизирани, се несомнено, доминантни квалитети со кои се одликува ракописот „Лебед“ на Стојаноска. Романот дава придонес и ја збогатува традицијата на „женското писмо“ кај нас.

Лидија Капушевска-Дракулевска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *