Рецензија за романот „Јас и Лин, отпосле“ од Ана Стојаноска

Романот Јас и Лин, отпосле ― роман за страдањето и уништувањето ― е роман-првенец на Ана Стојаноска. Ана Стојаноска е познато име во нашата културна средина. Покрај наставно-научното искуство ― работи како доцент на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ― таа е авторка и на неколку студии од доменот на драматургијата, како и активен проследувач на театарските случувања кај нас.

Според назнаките на самата авторка, романот Јас и Лин, отпосле е пишуван пред околу цела една деценија. Сепак, тој е актуелен и воопшто не изгубил од своите естетски квалитети. Тоа се, пред сè, жанровската одредница и наративната постапка.

Се работи за еден колажен роман, што се базира на две приказни: љубовната приказна на една млада писателка, од една, и дел од романот што самата го пишува, од друга страна. Клучна одредница на романот е цитатноста, односно воспоставените интертекстуални и интермедијални релации со многубројни песни од современата музика, како и со реплики од познати драмски остварувања. Во прилог на хибридноста на жанрот се и писмата и неколкуте дневнички записи суптилно интерполирани во структурата на романот. Авторката умешно си поигрува и со употреба на различни писма – стандардно и италик. 

Ракописот донесува иновации во поглед на самата нарација; во оваа пригода, посебно ќе ги истакнам: постапката приказна во приказна (или роман во романот), комплексната техника на раскажување и преминот на нараторот од прво лице – во еден сезнаен раскажувач, како и говорот на ликовите од романот што го пишува главната хероина, а своја наративна функција имаат и песните вметнати во нарацијата. Настаните не се предадени хронолошки, туку на читателот му останува самиот да ги составува според принципот на сложувалка.

Романот прикажува класичен љубовен триаголник, но мора да се нагласи дека воопшто нема патетика во третманот на љубовта, напротив! Љубовта е грчевита, драматична, впрочем, како и животот. Интровертниот свет на главната хероина се темели на сеќавања и реминисценции, на реални и фиктивни доживувања, на емоции и музика…

Сметам дека романот Јас и Лин, отпосле ― роман за страдањето и уништувањето – од Ана Стојаноска, ќе внесе многу свежина во македонската книжевност.

Лидија Капушевска -Дракулевска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *