Дијана Петрова е едно од најновите имиња на македонската книжевна сцена која годинава го објави романот „Бдеење над себеси“ поставувајќи се како вистинско прозно откритие, не како млад автор кој доправа има што да понуди, туку како автор што веќе цврсто чекори и добро знае во која насока.
Збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“ е мошне возбудливо и уникатно четиво поделено во седум дела со по три целини насловени според седумте смртни гревови – секоја од нив е едно посебно патување внатре низ светот што Петрова го гради со филантропска вештина и внатре низ светот на секој оној кој ќе тргне по овие наративни патувања. Светот во кој авторката нѐ води е и обичен и необичен, мистериозен и банален, близок и далечен, населен со ликови со широка палета од најразлични особености во чија бизарност, сепак, лежи човечкото. Притоа, ќе сретнеме мошне специфични и екстравагантни и ексцентрични и во секоја смисла необични ликови и појави: ликови кои јадат црви, души што се одделуваат од телото, накази, ликови кои закопуваат прсти во градината, ликови кои го закопуваат бог или своето алтер его и цел еден свет испревртен наопаку, и кој единствено како таков има смисла, единствено како таков е возможно да постои. Во една постапка на карневализација, местата на работите се менуваат, горното е долу, грдото е убаво, страшното е смешно и сето тоа функционира во една совршена хармонија.
Ова се раскази кои осцилираат помеѓу фантастичното, реалното, магичното, попримајќи помалку или повеќе од сите овие феномени односно книжевни постапки. Бизарното е, всушност, она што е заеднички белег на секој расказ, без исклучок. И, тука доаѓаме до прашањето: може ли да се пишува за гревот без да се пишува за бизарното, за мрачната страна на човекот односно, на светот, на постоењето? Најверојатно, не, барем мене не ми текнува на таков пример во историјата на книжевноста каде што, инаку, е многу пишувано на оваа тема. Додека, од друга страна, ми текнува на еден филм, на српскиот Седум и пол, кој по слична постапка на оваа на Дијана, обработува седум различни приказни насловени според седумте смртни гревови и она што е мошне интересно, во овој филм сосем изостануваат бизарните, грозоморните и мрачни слики и успева да ги прикаже тажните вистини на постоењето на начин кој ги комбинира хуморот, баналното секојдневие и да испрати ведра порака, порака која кажува дека има надеж. Но, тоа е во филмот кој користи различни механизми и техники на прикажување на светот за разлика од книжевноста која го користи единствено зборот. И во таа смисла, Дијана има искомпонирано една, јас ќе ја наречам „раскошна бизарна естетика“ – она што бодлеровски се нарекува естетика на грдото, кај Дијана е раскошна естетика на бизарното која оди понатаму од простото прикажување на мрачната природа на човекот и на светот и е обременета со една постојана потрага по смисла и тоа е една од работите која, лично мене, најмногу ме воодушеви во оваа книга. Во таа потрага по смисла која се протега во секој расказ, во секој циклус, сместена во еден бизарен или мрачен амбиент, ликовите постојано се преиспитуваат себеси и светот што ги опкружува поставувајќи ги најсуштинските прашања како: што има отаде животот и како изгледа кога ќе се премине границата со смртта, што се случува таму, колку добро сме го искористиле времето на животот и колку имаме т.н. потрошено време, дали гревот го условува нашето овдешно постоење и дали му тежи, дали се одразува на него итн итн. Па така, овие раскази немаат единствена цел да ве шокираат, да ве изненадат или да ви предизвикаат очудување, ако се изразиме со речникот на фантастиката – го имаат тој ефект, несомнено, но повеќе од тоа, тие ќе ве понесат во потрагата по смислата на ликовите, правејќи ја и ваша потрага, и ваше преиспитување, и ваше соочување со смртта, и ваш дијалог со Бога, и ваше доживување на седумте смртни гревови.
Стилот на Дијана е дополнителен адут на оваа збирка раскази бидејќи со својата непосредност, чистина, едноставност, но и обмисленост, проникливост и луцидност, таа точно ја погодува онаа љубопитност на читателот поради која се впушта бескомпромисно во текстот и не запира додека не стигне на седмата, последна станица. Вкусот кој го оставаат овие раскази е и сладок и горчлив, чувствата на тагата поради минливото и среќата поради вечното динамично ги менуваат местата. Да се создаде книжевност која не го остава читателот рамнодушен, книжевност која шокира, гали, боли, удира, маѓепсува е, исто така, извонредно тешко и за многу веќе потврдени писателски пера, а Дијана во тоа и тоа како успева.
Фросина Пармаковска