Роман што интригира со загатнатите прашања

Кон романот „Некој бил тука“ на Николина Андова-Шопова
(„Темплум“, Скопје, 2018 год.)

Николина Андова Шопова досега ѝ беше позната на македонската книжевна јавност како поетеса која уште со првите лирски остварувања се наметна со својот автентичен израз, конципирана поетика и оригинална симболика. Токму затоа сосема оправдано нејзината прва поетска стихозбирка со интересен наслов „Влезот е од другата страна“ ја доби наградата „Мостови на Струга’ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Следната лирска објава, исто така со предизвикувачки и императивен наслов, „Поврзи ги точките“ (2014) ги потврди нејзините поетички определби за смислено обликуван и заводлив поетски израз што го поттикнува вниманието на читателот уште во првите стихови.

Кога минатата година имав прилика да дознаам дека подготвува прозна објава, и тоа роман, неминовно си го поставив прашањето за можноста за успешно “престројување“ од еден во друг тип дискурс, особено ако се земе предвид нејзиниот првичен успех како одлична поетеса, но и потсвената закостенетост на перцепцијата дека поетскиот сензибилитет честопати може да биде пречка за прозното изразување, а лирското инфицирање особено во романот закана за нагризување на неговата посебност. Првичниот сомнеж беше анулиран по исчитувањето на нејзиниот расказ „Мешунки грашок“, награден во „Нова Македонија“ (2017), за кој нешто подоцна дознав дека е дел токму од нејзиниот прв роман „Некој бил тука“.

И повторно она што на прв поглед ме освои беше насловот на романот, поттикнувајќи љубопитни претпоставки за мистеријата што се крие во редовите: „Кој бил тука?“, „Каде бил?“, „Дали е тоа претпоставка или фактичко сознание?“. Прашањата не запираат само во насловот; тие започнуваат да се множат со секоја страница, иако читателот има привид дека со навлегувањето во неговиот микрокосмос доаѓа до некакви сознанија одгатнувајќи го мозаикот. Но и по неговото завршување остануваат недоразјаснети/неодговорени загатнатите прашања и покрај тоа што нараторот ни ја проширува сознајната перспектива на настани и доживувања и надвор од актуелниот раскажувачки хронотоп преку реминисценции. Неговата намера е далеку од дефинирање, конечно обликување и одговарање, што уште повеќе ја засилува љубопитноста, дури и по целосното исчитување на книгата. Несомнено во тоа се состои заводливоста на романот. Јас, лично, долго време по последната реченица („Од џебот ја извадив металната турпија и со последни сили полека ја заривав во месото од ногата, додека слушав како се отклучува бравата“) имав внатрешен порив да ги заокружам сите аспекти и слоеви во романот, за конечно да заклучам дека нема „конечно“, зашто авторката тоа и сакала да го постигне – отворање наместо заокружување, игра со вниманието, наместо дефинирана игра на правила. Истовремено, и изборот на наратор во прво лице еднина, значи, со изразена субјективна перцепција, кој и самиот е често пати недоверлив, па дури и сомничав во сопствените перцепции и вистини, придонесува за засилувањето на прашањата и чувството дека мора да се оствари дополнителен емпатиски дијалог со него за да може да се задоволи љубопитноста.

Сепак, оттука не би требало да се извлече заклучокот дека романот се потпира само и единствено на идејата на иницирање прашања или лутање во внатрешна непробојна интроспекција на раскажувачот. Во него постои приказна и тоа од оној тип кој започнува без предупредувања, вовлекувајќи го веднаш вниманието на читателот со својата интензивност и вешто наметнување. По семејната трагедија на средовечен човек (смртта на неговата ќерка Натали), чие име, години и физички карактеристики остануваат исто така мистерија, неговиот живот заталкува во бесмисленоста на постоењето. Неговите јалови напори да продолжи со какво-такво постоење го водат во афера со друга жена, маскирање и затворање на неговиот вистински лик, сѐ до оној миг, кога по игра на случајот, доаѓа во контакт со, веројатно најинтригантниот и најживиот лик во романот – станот на пријателката на неговата љубовница. Да, станот или сцената каде нараторот ја започнува сопствената катарза!

Тој станува објект на негово обожување, односно смислата на неговото постоење, физички присутен, но со речиси метафизички димензии. Интересно е при тоа што тој “жив“ стан со сета своја неуредност, за нараторот претставува космизиран, животворен простор: „(…) потоа почнував да разгледувам наоколу, по неколкупати да ги отворам и затворам истите фиоки, плакари орманчиња во кои наоѓав сѐ и сешто, и од кои ги вдишував мирисите на неизбришан прав и живот.“ Тој е дијаметрална спротивност на она што го опкружува во неговиот семеен дом, уреден и речиси стерилен, но кој токму поради неговата дезинфицираност од животот ја проектира смртта во секое негово катче, доловено преку предметите и атмосферата: „Четкичката на Натали сѐ уште беше до огледалото, но не во чашката со нашите, туку легната како во мало ковчеже во пластично проѕирно кутиче за четкички“. Таинствено навлегувајќи во сетилата на нараторот, неговиот ентериер и атмосфера го започнуваат потиснувањето на опсесијата со смртта и парадоксално на логичката перцепција, кај него иницираат речиси еротски порив и вљубеност, многу умешно доловени преку симболиката („Само што ќе го ставев клучот на клучалката на надворешната врата, чувтсвував истовремено некое емотивно и оргазмично олеснување и ослободување“) и преку паралелни реминисценции („Ги имав заборавено тие сензации, бидејќи од последниот пат кога физички се споив со некого во љубов, имаа поминато дванаесет години.“).

Романот не следи линеарна приказна. Тој се разгранува на реминисценции или потприказни, кои во најголем број допираат до раното детство на нараторот и играат важна улога во структурирањето на актуелната приказна. Таквите инсерти со умисла го надополнуваат и го нијансираат главниот тек, истовремено обликувајќи го психолошкиот профил на нараторот. Неслучајно по претурањето по сите катчиња, фиоки, плакари во станот следува сцената на инфантилната потрага по тајните ќошиња во домот од неговото детство со суптилни алузии за посегнување по „забранетото овошје“ на возрасните, по кое следува сознанието за голотијата во буквална смисла и во симболична (соголување на замислената вистина за некаква претпоставена епифаниска содржина во тефтерот со рецепти на мајка му). Всушност, и возрасниот и инфантилниот наратор се во постојана, немирна потрага по некое (над)сознание, кое кај овој вториот оди и во гротескна ситуација (обидот да воспостави контакт со својот починат татко со помош на рачката од тушот). И повторно, не случајно, приказната на тетка му во неговото детство за маските кои ги заробуваат духовите подоцна се пресликува во сцената кога нараторот посегнува по шминките на сопственичката на станот, преобразувајќи го сопственото лице како маска.

Сепак, и ваквите мотивирања на постапките на постариот наратор преку настаните што ги доживеал во детството, претставуваат недораскажани/недооткриени сегменти кои се лизгав терен за да може да се започне со сигурно декодирање. Освен што читателот е соочен само и едниствено со фокусот на перцепција на нараторот во јас форма, тој наратор е истовремено и интровертен, затворен во сопствениот, донекаде сомнителен координатен систем. Тој дури го лишува читателот од дополнителните информации, како на пример, за возраста кога починала неговата ќерка, за причините на нејзината смрт (освен едно патемно споменување дека ѝ била констатирана некаква дијагноза), за трауматичниот момент на самата трагедија. Наместо тоа дава скржави, еднократни и куси описи, (доколку тие можат да се подведат под „описи“) за нејзината соба, четката, количката, зашто тие се појавуваат повеќе како метафори, отколку како реални сознанија. Сеќавањата за повикувањето на духови со неговиот пријател од детството подоцна ги побива токму неговиот пријател, кој, пак, од своја страна има сопствени сеќавања од нивното заедничко детство, што му се сосема непознати на нараторот. Оттаму и прашањето дали можеме да му веруваме кога ни ја изнесува сопствената верзија, а ако не, тогаш дали можеме да му веруваме и за сè друго? Но, и дали да се потпреме на верзијата на неговиот пријател, кога доаѓаме до сознанието дека и кај него се случува голема трагедија која прави рез во неговиот понатамошен живот? Токму тие недоизречености и отсуства на информации, или уште поточно присуства на кодирани и контролорани информации го прават овој роман полисемичен, повеќеслоен и мистериозен, поттикнувајќи го читателот активно да се вклучи во неговиот свет со сопствени толкувања и одговори.

За крај би требало да се спомене или да се предупреди идниот читател дека релативно едноставниот јазичен израз преставува само игра и привид за лесно влегување во неговиот лавиринт, иако романот и поради привидната леснотија и поради обемот (122 страници) може да се исчита за релативно кратко време. Дури и поимот реалистичен што би можело да му се налепи како етикета (со оглед на тоа дека станува збор за приказна која би можела да се случи или се случила) е замка, бидејќи реалистичниот простор ги поместува своите граници и во него влегуваат туѓите елементи на нереалното. А токму во тоа се крие и клучот на естетското уживањето во овој роман: сложените работи да се спакуваат во едноставен дискурс, а реалниот хронотоп да иницира мистерија.

Маја Апостолоска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *