Симболиката на црвот е секогаш синтетизирана во сплотувањето на човекот со земјата и природата. Црвот излегува после дожд, после прочистувањето и измивањето. Во романот на Симона Јованоска црвот нема никаква поврзаност со дејствието на ниво на приказна. Интерпретацијата на црвот кога го сонуваме значи дека пробивот или напредокот е пред нас. Тоа е всушност сонот на сите ликови од овој роман. Неговата структура наликува на онаа кружна структура на драматургијата на Артур Шницлер во кои ликовите имаат циклично следство. Во овој роман ликовите не се затвораат ниту во судбинска, ниту во филозофска смисла како кај Шницлер, туку Јованоска со појавата на црвот како да ги сплотува во дамарите на природата намекнувајќи една неминовност од која, се чини не може да се избега. Но, авторката тука понудува една друга поврзаност, а тоа е експликацијата на епската конфронтација на црвот и чавката која иако на моменти наликува на басна, сепак тоа е едно филозофско позиционирање на сите стории кои следат понатаму. Таа повремено ја напушта судбинската следственост на ликовите за да довлечка пред нас една библиска мотивираност на конгломерат од луѓе чија недоследност е рак рана на нивната деструкција.
Романот „Денот на црвот“ на почетокот делува како збирка раскази, се додека читајќи не сфатиме дека поврзаноста на сите приказни е суштинска, а во формална смисла поврзаност преку ликовите. Симона Јованоска не го одредува дејствието за нашата почва и тоа е еден од поголемите квалитети на овој роман. Питкиот стил и егзактноста во карактеризирањето, како и сочноста на самите настани говорат за сериозна писателка со многу интересна специфика. Она што најмногу плени во овој роман е токму тивката и премолчана поврзаност на самите ликови, на нивната сличност во копнежот за преживување и наоѓање на свое место на тресетната почва обременета со социјални и духовни недоречености и дисторзии. Симона Јованоска е сурова со своите ликови, таа се оддалечува и се приближува на нивните судбини, ги одведува во неврат, но и ги спасува од можно пропаѓање. Тоа е конгломерат од карактери чии духовни топоси се многу различни, но страдањето е исто – безмилосно и големо.
„Денот на црвот“ зборува за социјалниот и општествен контекст од кој никој од нас не може да изгбега. Умешноста на Симона Јованоска е гломазноста на овој зовриен век да го преформулира во гореспоменатата неминовност против која е скоро невозможно да се бориме. Неминовноста е дежурната мисла на секој лик: и на Грета, и на Томас и на Артур Лери, и на Хенри (кој ужива во својата драма) и на Доналд Спејд и на многуте ликови кои како во „Кратките резови“ на Роберт Алтман, т.е. како во расказите на Рејмонд Карвер ја одживуваат својата присутност и ја отсликуваат врз присутноста на сите други околу нив, или можеби некаде далеку од нив. Ликовите во овој роман на некој начин го одживуваат и проклетството на детаљите кои, пак, од друга страна се симбол на монотонијата која или убива или ве тера како Грета да сте „гневни на се.“ Сите животни стории имаат свое алфа и омега, но Јованоска тие мали животни приказни ги компримира во една невидлива комуна на меланхолични и депресивни карактери чија желба за живот само се насетува. Затоа и појавата на црвот. Авторката на почетокот говори за една динамичност во конфротнтирањето со сите животни предизвици, но тоа е контраверза од која таа во понатамошните приказни извлекува само моменти за да ја одреди надворешната изместеност на оваа цивилизација која според неа, не води никаде и појавата на црвот е неминовна за се да почне од почеток.
Иако ликовите во овој роман ја отвораат целата динамика на својот живот (добар дел од нив се дел од некакви семејства), сепак како над нив да се надвиснал некаков облак на бесмисленост, на невозможност поривот за продуктивност во животот да донесе некаков нов квалитет. Џон Апдајк во својот роман „Вештерките од Иствик“ во еден миг ќе каже: „Универзумот е бесмислена, самостојна машина, и ние сме незначителни нус-производи, кои смртта ќе ги врати во заборав, со или без светите фанфари“. Симона Јованоска во овој свој роман се движи низ тенките жици на бесмислата и нејзините варијанти се добра инспирација за отелотворување на голем број на ликови чија единствена намера е „да се стави крај на се“, за да се почне од почеток.
Кога зборуваме за бесмислата и неминовноста имаме во предвид дека тие констелации ги создаваме ние, превртувајќи ги разните варијанти на опстојување. Таа судбинска цикличност која почнува од намерата, а завршува со очајот е, всушност тајната состојка на поврзаноста на сите приказни и ликови.
Додека го читаме овој чуден и многу интересен роман, имаме чувство дека сториите на овие ликови се движат како концентрични кругови, во некоја заедничка динамика и паралелно, еден до друг. Секако, оваа констатација ја потхранува и неодреденоста на просторот на авторката и отфрлањето на вистинските причини за сите фаталности. Таа соголеност, всушност ја гради вистинитоста на изворот на поривите на ликовите во романот. „Денот на црвот“ е роман кој говори за една цивилизација која „ја нема“ иако се она што се случува е присутност без остаток. Симона Јованоска говорејќи за таа цививилизација која „ја нема“ говори токму за онаа бесмисленост на Апдајк, за тоа колку нас, малите луѓе не нема најмногу кога сакаме да идеме присутни, колку целото наше битстсвување се испикало во малите атоми на ситниците и тривијалните нешта и колку целата наша духовна храна е одамна мувлосана, исушена и горчлива. Констатацијата на Грета пред да скокне од прозорецот е: „Прозорецов е ужасно валкан“, Патриција се надоврзува со суштинското прашање: … што ли може да се случи во еден ден?“, додека Давид си помислува на тоа дека „Ексклузивноста во срцата е бесценета!“ Секако, ликовите во овој роман не се безлични и индолентни. Тие се гневни, се расправаат, се закануваат и го прават сето она што ги води во неврат. Значенската гама на нивната егзистенција е сигурен пат кон бесмисленоста. „Денот на црвот“ не е нивни ден. На ниеден од нив. Денот на црвот во романот на Симона Јованоска е ден на едно артифициелизирано воскресение во кое на чистата почва треба да се појави некој друг во далечината, некаква спасоносна контура на човек кој навистина ќе почне од почеток, со нова љубов, со нова мисла и нов здив.
Таа нишка на надеж Јованоска многу умешно ја провлекува скоро низ сите раскази. Не само како пуста желба некаде во најдлабоките мисли на ликовите, туку во нивното преиспитување. Овие ликови имаат огромна желба да се променат себеси. Да започнат нов живот, но таа нивна намера е задушена токму од токсичната присутност која самите си ја наметнале несвесни дека се она што се случува, а нема никаква смисла е „смислено“ од нив самите, т.е. од нас самите. Овој роман го нема кафкијанското сивило, но е негова референца, негов отсјај најмногу низ засенчениот колорит на еден свет кој е презаситен и преинформиран, толку многу полн што во еден миг ќе се распукне, а и сите тие ликови со нив, а читајќи го тоа си го помислуваме и за нашиот свет кој нѐ опкружува и чија информациска експлозија ќе донесе многу ступор и бессознание.
„Денот на црвот“ импонира со својата зачудност, со стилската елеганција, со големата умешност на младата авторка да изгради една галерија од многу интересни ликови поврзани со невидливи, но толку значајни нишки. Ликови кои ги препознаваме и во нас, а и во оние кои се до нас, а ние не ги забележуваме, личности кои исчезнуваат во прашините на бесмислата.
Сашо Огненовски