Трагања по коренот и по смислата на продолжувањето

Неголемо по обем, исполнето со жив немирен творечки  интензитет, книжевното творештво на Владо Малески се изделува во нашата прозна литература како една од најсамобитните и најзанимливите нејзини појави.

Инспирирано од Револуцијата, вткаено во едно време што како судбоносна пресвртница не престанува да нѐ определува и исполнува, поникнато во едно поднебје специфично и по својата вековна судбина и по натажените бои и живи ритми, прозното творештво на Владо Малески во чинот на едно вакво сведување, дваесет години по неговата првобитна најава, се отвора пред нас како творечка присутност што ја зачувала живата боја на творечкиот немир, чистотата и убавината на изворно изречениот македонски збор.

Сѐ уште недефинирано и незавршено во своите клучни епски тенденции, прозното творештво на Малески се оцртува не само како еден од најегземпларните видови и творечки најубедливите сведоштва за почетоците на нашата млада белетристика, туку и како еден возбудлив творечки простор во кој човекот нараснува во своите внатрешни волумени, ја бара трагата на својата човечка егзистенција и не престанува да се осмислува дури и во најтешките животни околности. Со тие две решавачки премиси: јасната определеност за новите животни текови и големата непосредност, осетливост и јазичка изнијансираност во третирањето на драматичните тензии на човекот кој непрестајно се преиспитува пред стварноста што неумоливо се менува, – определена е онаа суштествена одлика на прозните текстови на Малески што и денес, доста години по нивната појава, се доживува како искра на непотемнета самобитност, белег на изворен раскажувачки сјај.

Засновано врз едно централно свое тематско жариште – Народноослободителната војна, – од кое непрестајно поаѓа и кон кое опсесивно гравитира, прозното дело на Малески е едно од ретките кај нас кое во тематска смисла не покажува знаци на какви било скршнувања и отстапувања. Напротив: ако ги проследиме идејните пунктови и сижетните линии на расказите што овој автор ги објавуваше од 1945-1953 година и кои во неговиот единствен роман – „Она што беше небо“ се соединуваат во магистрален јазол, ќе забележиме дека копањето во пластовите на една компактна материја е судбинска определеност на писателот пред која тој при секој нов повод ќе се почувствува и испитувачки незадоволен и творечки неуспокоен.

Очигледно, од првите записи до последните испишани страници тематските преокупации на писателот се во најтесна врска со Народноослободителната борба, со Револуцијата и учеството на нашиот човек во неа. „Главна содржинска преокупација во прозниот опус на Малески, – пишува Ѓ. Старделов, – се мотивите на Народноослободителната војна. И она што во современата македонска проза е најдобро кое е напишано досега како уметничка литература врз овие мотиви произлегува од перото на овој наш значаен и сериозен набљудувач на животот.“ Но Малески не е ниту битоопишувач на својот крај, ниту хроничар на војната, ниту апологет на Револуцијата. Како белетрист, него не го интересира војната во нејзините перипетии и подробности, туку нејзините одрази врз човекот, што е тоа што се случува со човекот, како тој се однесува во луњата што надвиснала над неговата судбина. Испитувајќи го и сликајќи го интимниот волумен на своите јунаци зафатени од вителот на војната, Малески ги поставува во таков морален и психолошки контекст во кој нивната судбина се инкарнира пред сѐ како хуманистичка и поетска ситуација на личноста.

Така во расказот „Прва вечер“ тој ќе се запре врз недоживеаната радост на двете човечки суштества, во „Селанката од Копачка” – врз човековите страдања и неговите метаморфози, во „Насмеан ден“ – врз неговата немоќ да го избрише своето минато, во „Она што беше небо“ – врз неговите стравови и неснаоѓања (Наум Фурнаџиев), врз грчевитото риење низ беспатицата на животот и страсниот порив на човекот да остави трага зад себе (Игно Подземски). Во сите поединечни ситуации, човековата единка е разнишана од некој подмолен немир, од некоја екстатична нерамнотежа што ја изместува од установениот поредок на животот, што ја гони да се преиспитува и да трага по некоја повисока смисла на својот живот. Јунаците на овие прози одбиваат да се помират со стварноста, тие не знаат за смирени и приземни состојби, тие непрестајно бараат поширок простор за своите неспокојства, обгорени од чуден пламен на внатрешниот немир.

Занимливо е што, со исклучок на „Она што беше небо“ (па и таму – само делумно), писателот речиси по правило го одбегнува директното пишување на војната. Неговите јунаци ги гледаме пред сѐ во паузите, во одморите, во ситуациите кога почнува внатрешниот тек на анализата, преиспитувањето, осмислувањето на стварноста и настаните околу нив.

Војната, со брзиот ритам на промените, со надвиснатата неизвесност и големите премрежиња што ги крие во себе, им придава уште поизострена релјефност на човечките судбини што во нејзините витли треба да го решат сопствениот проблем. Во одблесокот на нејзините пожари, ликовите на селанката од Копачка, Игно, Денко, Наум и Русанка се оцртуваат како фигури чиешто значење се извишува до симболика. Сегде присутна: како порој што ја згаснува недоживената радост на „првата вечер“ на Сандре и Стојанка, како наниз од четиринаесет кошмарни бели деноноќија среде кои ја бара својата трага таткото-непрокопсаник Игно, илјадапати паѓа и се крева малодушниот Наум, – војната надоаѓа од сите страни како крстопат и како закана, како судбинска промена во која или ќе се исчезне или ќе скршне судбината и ќе се заживее поинаку. Прикажана во својата жестокост и немилосрдна логика, немитологизирана и конкретна, војната се испречува пред луѓето барајќи од нив јасни определувања. „Ние не признаваме кога 6и“, – вели фанатикот на Револуцијата, Денко. „Има само она што има“. Настета на Митрејца напросто ќе го убијат при обид за бегство од фашистичкиот затвор. Трпе – песнопеецот ќе остане во снеговите. Белата смрт ќе го распне шарениот балон на соништата на Девојката од Корзо Што Излегла. Барајќи ја трагата на синот, да му каже за подвигот што го сторил, ќе замрзне во виулиците манастирскиот слуга, Игно Подземски. Но за Митрејца, Денко, Наум, за оние што остануваат, војната како да има огромно преобразувачко дејство.

Животот во прозите на Малески, дури кога станува збор за обичните, мали, еднобојни средини, станува сложен, комплексен, напрегнат од конфликти, исполнет со дилеми. Зад скаменетата молчаливост и стрпливост на Фросина се одигрува исконската драма на македонската жена што сиот свој живот го поминува во неостварени исчекувања на мажот-печалбар.

„Со недогледна пустина во душата го жалеше Фросина човекот што беше роб по туѓи земји, само и само да ѝ испрати пари по некој нашинец. Нејзе – што никогаш не го сакала. Тој – што мислеше дека ја сака. А кога еден ден домогна да се запраша: ‘Кој е кривецот за моите несреќи, за мојот умрен живот?’ – таа пак не најде одговор.“

Надворешниот мир во куќата на баба Донка и Фиданка е само привид: во душата на рано оставената невеста Фиданка тлеат потулени огнови што вивнуваат при појавата на песнопеецот Љубе. Животот, без оглед во какви животни околности тие да се наоѓаат, е живот согледан од неговата внатрешна страна: писателот се нурнува во интимните душевни пластови на своите јунаци, трага по скриеното, неповршинското, запретаното. Во тој психолошки засек, Малески влегува со огромно почитување на животната вистина, не изнасилувајќи ја стварноста, но и со голема деликатност во разгранувањето на душевната драма на своите јунаци. И ако за првите негови раскази можеше да се забележи дека ги слика претежно хероите што на определен начин му се блиски и драги по својот состав, во романот „Она што беше не6о“ таквиот приговор губи од својата важност, бидејќи очигледно станува дека писателот не го интересира психологијата на „позитивниот јунак“, туку немирите, бурната дијалектика на промените во човекот, неговите психолошки и морални дилеми во моментот кога треба да се определи. Среде големиот број прози посветени на темата на војната и Револуцијата во кои јунаците беа или херои или злосторници, ваквиот пристап се изделува како најблизок до вистинската хуманистичка смисла на Револуцијата.

Ниеден од јунаците на овие прози не живее со својата сегашност.

Старата Митрејца одбива да поверува во смртта на својот син. Таа им приоѓа на партизаните и во нивната борба ја наоѓа и сопствената улога, бидејќи по секоја цена настојува од себе да ја оддели мислата дека ѝ е мртов единствениот син. И Фиданка одбива да се помири со својата судбина. Во партизанот Љубе таа ги открива своите запретани копнежи. Но дури и неговата смрт не го означува крајот на она што наеднаш се раздвижило во неа. И во таа смрт таа се загледува и ѝ се предава врзувајќи се за нешто светло и потрајно од голото живуркање. Славе во расказот „Уметник”, служејќи ѝ предано на Револуцијата, сиот е загледан во иднината, во исчекувањето на Денот кога уметноста ќе почне да му служи на својот народ. Сегашноста, војните, луњите – тоа ќе помине. Што потаму? Славе-уметникот ја открива дарбата за пеење кај младиот партизан Трпе во романот „Она што беше небо“ и ја потхранува во него чудесната мисла: да запее во првата македонска опера! Младото селанче порано овчарувало, сега партизанува. Но едно се надежите, друго е стварноста. Се стега околу бригадата огнен обрач, низ ослепувачки белите деноноќија на Походот без храна и сон окапнува снагата, се гасат и најврелите копнежи. Трпе останува со смрзнатите нозе што ќе мораат да се ампутираат и за него нема веќе никакви изгледи, никакви надежи. Бидејќи: „во опера не пеат инвалиди без нога, пејачите се преправаат во принцови, грофови, кралеви… а кој видел крал без нога?“ Отворено, жестоко, грубо ќе му се подбивне Бошко на Трпета пред да го зграпчи смртта. Во виулиците, во групата отцепени, Трпе ќе се најде со смрзнати нозе и четири бомби да ја брани отстапницата на опколените другари и – да остане во снеговите, неостварен.

Сегашноста е мирување, застој, човекот е обликуван од она што го доживувал, но и од она кон кое се стреми. Јунаците на Малески многу често ќе ги видиме распнати меѓу своето минато и иднината што треба да го реши нивниот проблем. Тие се непрестајно во процесите на некое внатрешно дообликување, подложени се на чести трансформации, не знаат за мирување. Непрестајно под ударот на сопствените морални корективи, (тие непрестајно) како да ја совладуваат својата антисуштина, преиспитувајќи се, бараат патишта и начини да се надвладеат и конечно да се потврдат.

Посебно е занимлив, во тој поглед, расказот „Насмеан ден“. Тој претставува една нова варијанта на „Прва вечер“, но со својата повишена морална температура на себеиспитувањето станува егземпларен за сето творештво на Малески. Санде, неостварениот јунак од „Прва вечер“, тука е прикажан во новите услови, по ослободувањето. Тој е сега далеку од страшилиштата на војната: го зел животот во свои раце, покрај него е жената што го привлекува, упловил во мирно пристаниште на радости и задоволства, стократно е наплатена првата вечер проиграна во виулиците на Славеј и Караорман! Ништо како да не му недостига, животот му е среден, луѓето му завидуваат, но… минатото се втурнува во свеста како пороиште, свеста рие како сврдел, црвецот на споменот подмолно разјадува, уништува, боли:

„Шетање и јазење. По друмишта и ридшита. Нада сака да знаат и тие крај Вардар дека… се возела. Жена! И денес бевме во Охрид. На Бабуна, како и секогаш во ова време, снегови. Слеговме горе на преслапот. Виулици. И слушам – плаче нешто во снегот разигран среде сивотијата над нас. Окото не пробива ни чекор напред. Како тогаш кога ветрот се фаќаше во костец со Славеј и Караорман. Далеку е Магленско, Далеку е земјата. Сѐ е само снег. Ние се поревавме а премрзнатите прашуваат: Уште колку? – Уште малку, лажам јас. А далеку е земјата, Бригадата, другарите и уште подалеку рогозината на подот… “

Така – минатото влече, обврзува, „распина на крстот од разгорени гламни“ (Наум), се крева подуено, изобличено како страшилиште што треба да се совладее, да се открие, да се уништи.

Назначена во овој краток расказ, темата за превозмогнувањето на своето минато ќе прерасне во стожерна тема на најкрупното дело на Владо Малески – романот „Она што беше небо“.

Таа тема егзистенцијално ги определува двете централни фигури на романот, два најкрупни лика во сето творештво на Малески – Наум Фурнаџиев и Игно Подземски. Наум е во муграта на животот, Игно – на својот заник, но и двајцата решаваат ист проблем: пресметката со минатото во извонредно драматичните околности, во бурните, напрегнати деноноќија на Походот. Виулиците, војната, искушенијата формираат вонредно сугестивна рамка во која двете личности на различен начин ја доживуваат и завршуваат драмата на својот живот. Романот ќе заврши со светнувањата во ноќта што ја навестуваат моралната и душевната преродба на слабоволниот семинарист и искушеник Наум, но и со напразните повици на онемоштениот Игно Подземски кој згаснува во замрзнатите бели простори без да успее да го пронајде синот Денко и да му ја соопшти целата вистина за својот маченички живот. Така, без дефинитивни и аподиктички решенија, отворен за двата тека на својата магистрална тема – поревањата на човекот, неговите метаморфози и стремежи да го осмисли и продолжи својот живот, романот „Она што беше небо“ ги соединува речиси сите нишки на онаа судбинска тема што ја водела раката на писателот од неговите први напишани текстови до најновите.

Наум е човек кој, поради погрешното воспитание, никогаш не можел да ја почувствува својата вредност, кој секогаш во животот се предавал, секогаш имал потреба од придружник што ќе го заштитува, поддржува, охрабрува. „И да сакате не можете да си објасните, – ќе го откорне признанието од себе во финалето на романот, во мигот на судбинската одлука, – што значи кога ќе дојдеш до сознанието дека единственото нешто што си кадарен да го сториш е: да се предаваш! Кому и да е, но да се предаваш! И ништо друго освен да се предаваш…“ Но извонредните околности на оние неколку деноноќија што Наум ги поминува во Бригадата не даваат можности за постепени и компромисни решенија. Како надвиснат меч стои девизата на неговиот придружник – едноставниот, грубиот, неподелениот толкувач и креатор на Револуцијата – Денко: „Ние не признаваме кога би. Има она што има.“ Исправен пред последната дилема на својот живот сам да одлучува во судбоносниот час, Наум ја грабнува пушката во финалето на романот за да застражари над судбината на онемоштените другари, но и за да го земе сопствениот живот во сопствени раце.

„Не може да се изначуди: еве на стража е, судбата – своја и на тројцата во манастирот – ја решава, а ништо ново не доживува, сѐ оној ист страв што му се всади уште при првиот чекор во виулиците, сѐ истиот студ што бргу ќе го одменат огнови за пак студот да ги потули, студот што ќе го одменат огнови – и така во бескрај… Бескрај? Зар нема крај на распнувањата? Да крвавиш во душата и црвени капки да капеш по белиниве – „Бели траги со црвено“ и шлемови со очи во кои си немоќен да пукаш… и сето тоа до бескрај? И животот да го имаш на Русанка со пронижани нозе и на Денка и на Бошка прекапнати… до бескрај?

Ноќта шепоти и шепотот танцува по нервите. Шепотот не е на ноќта. Под него, сѐ уште далеку, на патот за в манастир, гласови тивки фрла гробничавата ноќ. Тие не се шепоти, а најмалку на ноќта. Здрвен под дабјето, Наум и самиот стана простумно стебло. Пушката ја впива во телото, челикот веќе го жули – „Давеникот не се спасил од сламка! Трепери под палтото и го чека часот, часот го чека да дојде.“

Дојден до кулминативниот врв кога сенката се одделува од својот заштитник, кога станува личност што заживува самостојно и сам одлучува, Наум Фурнаџиев ја инкарнира моќната катарзисна сила на Револуцијата, нејзиното ослободувачко дејство, дејството на нејзината едноставна, но сепронижувачка логика која го симнува товарот на мрачните сили што го сковале духот на младиот човек.

Нишките на преиспитувањата што минат низ душевните немири на јунаците на Малески, нивната страшна желба да се согледаат и остварат како актери на животот, да се потврдат и продолжат во траењето, се вплетени во сугестивен јазол во ликот на манастирскиот слуга Игно Подземски. Ликот на Игно, кој во сижетната арматура на романот има несомнено второстепено место, но кој по волуминозноста на проблемот што го исполнува, како и по уметничката перфекција низ која е обликуван, израснува во централен лик на сето досегашно творештво на Владо Малески.

„Моето се знае, – вели Игно Подземски, – каде и да згазиш – блатиште, што и да смислиш – небидница.” Се напластиле разочарувањата, натежнале маките, исчезнала верата во арното. Фатен од партизаните и обвинет за шпионлак, Игно резигнирано ја прима во почетокот новата ситуација во која се нашол. Свиткан, згмечен од бесмислицата на својот маченички живот, никогаш од никого незабележан, никому непотребен, Игно-Парталко, Самсебеподбивач, ’Р6ет Повиен, Игно Никој и Ништо… на кого некој а му рекол а не му рекол „добар ден“, – на залезот од својот живот се исправи пред грдотијата на она што го минал и претргал и што некои го викаат „живот“. Не, не е немаштија она што го мачи, маките се претргале, еве, животот гасне, но каде е виделината, се прашува стариот Игно, „мрсулче виделина” низ која да почувствуваш дека си бил, дека трага оставаш. „Трага треба а трага нема“, одекнува потресното мементо на Игно, опсесивната мисла што ги согорува старечките жили. Останала маката, пелинот на грдиот неостварен живот, се заметнала, исчезнала трагата. „Свеќата догорела, но им светела на луѓето. Снегот се сринал, но земја влажел, животец заштитувал, кладенецот секнал, но жедни напојувал, души прекапнати разладувал. Тогаш човекот вели: Сполај ви, трага оставивте. А јас, Игно Подземски, што трага оставам?“ Ја влече својата прекапната снага, својата мрачна меланхолија низ стрмнините на Бобиш манастирскиот слуга, а проклетството на неисполнетиот живот пушта отрови, жеже прашањето без одговор.

Што значи за него обвинението за шпионлак, што има тој заедничко со сето она кое се случува во тие бурни денови над Богомила? Обезнадежен, разочаран во оние што ги пречекувал со зеленило („сок да имаше барем, да се разлееше по подот. А немаше…“), свесен дека е одново изложен, грубо изигран, со празна душа, без мрсулче виделина, оставен во беспаќето сам и обезнадежен, Игно ќе се најде во рацете на партизанската патрола со писмо од старшијата за кметот мокренски во пазувите. Исправен пред патизанскиот суд пред цевката, пред синот Денко кој го презира, Игно вели:

„Акав и… ме врзавте вие. Врзувајте! Цевка велиш! Ако цевка! А не прашаш: жалиш ли? Прашај и ќе ти речам: жалам. За животот? Не ќе е, зашто го немало. За децата? Големи сте, ќерките се окуќија, ти револуција токмиш. За што жалам? Не знам дал’ грешам, но чинам: за трагата штоја нема!“

Чудесен изгледа податокот што Игно во ниеден момент не посакува да се оправда ниту пред партизаните ниту дури пред синот Денко, да најде зборови да објасни дека е невиновен. Во вербалната престрелка помеѓу таткото и синот првиот и не помислува да се заштити. Сѐ што може, сѐ што ќе стори е тоа да го истури бигорот на својот живот, за да ја искаже својата мака, онаа длабоката, вистинската, несовладаната. За да се оправда, за да се заштити од куршумот, за да го зачува животот? Бездруго – не! Зашто, животот натежнал потежок од најцрното олово, она што преостанало, зар тоа да се брани:

„Цел живот – небидници, – каде и да згазам – втонувам, колкулета – толку плачигодини. Си мажил една – достасала другата. Па таа до неа… па таа до неа… и… кога ќе видиш: си живеел свадба да правиш, други да пеат ти појас да стегаш. А секоја мугра, секое зајдисонце се разбудуваш, заспиваш со надежи: утре ќе е подобро. Шеесет години идело утрето исто и дајбоже другото! Те лажат, се лажеш, лажеш. Векот ти поминал во лаги – „Само да дојдеме ние“ (само да дојделе тие!) денска, утре, в година… а кога ќе се погледнеш: глава обелела, снага се пресвиткала, жеби те украсиле, нозе те предале, раце обессилиле. Си исфрлал купишта стари години, нови години што останале, и гореле тие во купиштата без да сумиш. Нека изгорат стопанката нивна! Нека се топат како вжештен снег! Нека секнуваат како кладенец од сушина! Ама да има зошто.“

Но, немало… Како тоа да му го објасни на Денка? Но синот не сака да чуе за него. Денко бара да оди претходница за да не го гледа повеќе својот татко-предавник. Тоа е нејжестокиот удар на сечилото врз душата на Игно: одземена му е можноста да се дообјасни пред оној што би морал најдобро да го разбере и да ја понесе со себе вистината за Игно Подземски! Во меѓувреме околностите му укажуваат последна шанса и тој ја прифаќа со засркнат здив: штабот констатира дека Игно не е шпион и му доверува одговорна задача – во најтешкиот момент да ја изведе Бригадата од огнениот обрач на непријателот. Игно храбро и чесно ја извршува задачата и согорува од желба тоа да му го соопшти на Денка. Најпосле и тој сторил нешто што го стресло како молња неговиот живот! Но, заштитницата се враќа без Денко. Во борбите Денко останал отцепен од Бригадата заедно со Наум, Бошко, Трпе и Русанка. Тежиштето на романот се префрла врз групата отцепени, бидејќи во неа се наоѓа Наум, а вториот дел на романот му е пред сѐ посветен нему.

Натамошната историја на Игно Подземски е предадена во романот низ кратки, молневити инсерти. Но крајот на Игно длабоко е карактеристичен и потресен. По извршениот подвиг, Игно се чувствува излишен во Бригадата, но одбива да ја напушти пред да го најде синот и да му ја каже вистината за себе. „Не тагувај, стари. Не удира гром во коприва”, го тешат партизаните кога претходницата се враќа без Денка. „Дајбоже да е коприва – клокоти во неговите гради надежта, – зашто само така ќе го видам и ќе му речам дека оставив трага, дека сум Игно Подземски, а тој мој син – Денко Подземски. Син, а не го- ведо! Татко, а не шпион! И на селаните да им речам и тогаш да секнам… да секнам како кладенец.“

Но, попусти ќе останат и последните очекувања на Игно. Низ замрзнатите бели простори низ кои сам ќе тргне да ја пронајде завеаната трага на синот, без одек се гласи неговиот повик: Денкоооо!

Така доаѓаме до крајот на Игно Подземски, Таткото-Непрокопсаник, Игно-Неоствареник, Игно Никој и Ништо што не досегнал да го види „мрсулчето виделина од Бистричката пештера“. Драмската катарза останала пресечена на својот врв. Но сцената на смртта на Игно Подземски, брадосаниот манастирски слуга кој не стасал да се продолжи низ трагата Денко, останува како една од кулминативните страници од сиот книжевен опус на Владо Малески, а малку се такви места во сета наша прозна литература:

Трага барем да најдеше! А никаде трага. Само неговите сопствени стапалки што му ги остава зад себе на Крума, можеби, или на Јордана или на старшијата со насмевка, што, секако, не сиросува повеќе.

Да, се насмеа, сигурен е дека не се насмеа, чу како му излезе едно „хи!“ и токму тоа го пречуди: од каде сега смеење? А смеење беше заради мислата што му слизна низ главата:

„Игно Подземски, трага бараше да оставиш. Ете ти трага, на!“

Нозете веќе ги крши белата смрт. И последното напинање да ги расчекори пропадна. Сенка премина низ свеста и допре до очите. Игно полека седна на снегот, а потоа легна, исто така полека, свечено дури, ако воопшто има свечено легнување на снегот. Гровна и последната искината мисла: „Коприва не сум бил… тој барем да е…“

Сенката ја запрета и последната искината мисла. Ја остави само мртвечката насмевка под мустаќот.

Дејгиди, Игно Подземски, душо измачена!

Втренчена загледаност во душевните пластови на обичниот наш човек, смисла да се распрета темниот, длабински слој на неговите со векови наслоени патила и надежи, и над сѐ – елементарната исконска потреба да се осмисли постоењето, макар и на зајдисонцето од животот да се согледа најтенката нишка виделина низ која да почувствуваш дека трага оставаш, дека се продолжуваш во нешто што ќе остане и тогаш кога тебе ќе те нема, сето тоа во ликот на манастирскиот слуга Игно Подземски нараснува во волумиозни, симболички размери на вековна историска судбина на сиот наш народ во минатото.

Низ една таква своја насоченост што им придава висок емоционален интензитет и сугестивни естетски валери, светот на овие прози трепери нестивнат од себеиспитувачките намери на многубројните човечки судбини што со своите распнувања непосредно сведочат за нерамнините и затвореноста на еден живот со кој тие се разделуваат. Вака протолкуван, со една ваква нова димензија на својот реалистички пристап, прозниот опус на Владо Малески нуди многубројни сведоштва за драмата на нашиот човек во миговите на судбоносните определувања што се откриваат, пред сѐ, низ внатрешната вертикала на личноста и нејзиниот сопствен проблем.

Постои, притоа, еден јасно изразен непреклонлив респект на писателот пред животната ситуација што е вткаен во темелите на неговиот поетски реализам: животот секогаш има предност, но единствено како интимна содржина на човекот во која тој без прекин се открива и осмислува.

„Ѝ го одземеш ли животот на уметноста – пишуваше на времето Малески, – таа престанува да биде уметност. А животот не е душевна пустовина. Тој не е само мака ниту само радост.”

Тој небуквален и комплексен однос кон животот, респект пред него во името на неговите сложени патишта и неиспитани простори, отсекогаш бил првата грижа на поетиката на Владо Малески и можеби е тука објаснението на изворноста, свежината и автентичната боја на неговите текстови. „Она што ми се чини најинтересно и најзначајно во оваа проза, – пишуваше по повод неговата книга ‘Бранувања’ Б. Пендовски, – тоа е вистинитоста што блика од сите прикажани ситуации и ликови, вистинитоста на секој нејзин ред.“ Но стварноста и нејзината вистинитост не беа во ниеден случај за писателот збир од општи места, априорна претстава што го ослободува творештвото од напорот загрижено и испитувачки да се нурка во нејзините сложени содржини и затскриени пластови, да ја следи и творечки да ја пресоздава драмата на човекот, неговата душевна ситуација. Во една, денес заборавена статија за проблемот на уметниковиот однос кон стварноста, Малески изрази мисла што бездруго може да се прифати и како програмска во однос на сето негово творештво:

„Овде се работи, – пишува тој, – за предметот на уметниковите инспирации, за онаа моќна сила што треба да го пушти во движење она што го викаме творечки дух, уметничко согорување, откинување дел по дел од својата енергија за уметноста, за пресоздавање од стварноста – нова, постварна стварност… А стварноста, тоа е пред сѐ личноста на човекот.“

Појавени непосредно по ослободувањето, како живи сведоштва за годините на војната и Револуцијата, прозите на Владо Малески беа меѓу првите обиди да се проговори со изворниот македонски збор за неспокојствата на едно време и бранувањата во душата на нашиот човек во него. Малески е, меѓутоа, досега само попатно разгледуван и оценуван кај нас. Најчесто и пред сѐ како еден од втемелувачите на нашата совремана проза, заедно со другите претставници на првата генерација прозаисти Јован Бошковски, Славко Јаневски, Коле Чашуле и др. – генерација што врз маргините на војната со своите прозни состави ги проби првите бразди во нашата млада белетристика. Беше тоа време во кое се диференцираше физиономијата на новиот прозен израз и кое бараше неодложни ангажмани и на јазичен план. А уделот на Владо Малески и во тој поглед останува значаен и плодоносен: неговиот прецизен, но одмерен збор беше од оние ангажирања, кои многу придонесоа да отпаднат колебањата и да се утврди верата во широките можности и големите резонанси во обликувањето на прозната материја што во своите длабини ги крие нашиот изворен збор. Релјефот на нашиот јазик, неговото мелодиозно богатство, силата на зборот и неговиот полнозвучен ритам добиваат во реченицата на Владо Малески многубројни потврди. Прозниот израз на Малески, како една од најсамобитните и најавтентичните книжевни појави, го задржува низ времето својот актуелен интезитет.

Така, органски сраснато со времето на сестраните почетоци и вриежните денови по ослободувањето, свртено кон она најинтимното и определувачкото во човекот, не оддалечувајќи се од средишниот јазол на својата инспирација – револуцијата и нашиот човек во нејзините текови, – прозното творештво на Владо Малески се појавува пред нас како едно од ретките што ја зачувало својата автентична боја и свежина и кое, не престанувајќи со трагањето на исконските текови на човековата егзистенција, трае, останувајќи отворено за нови доградувања на својата судбинска тема.

Милан Ѓурчинов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *