Рецензија за збирката раскази „Песочен часовник“.
Најголемиот број раскази на Исаковски содржани во оваа книга беа објавувани последниве седум-осум години во периодиката, така што појавата на книгава е очекувана, како логичен резултат на еден творечки процес.
Книгава е втора прозна објава на авторов во краткиот жанр. Треба да се истакне дека во нашава проза последниве години тој жанр е дефицитарен – малку се и книгите а уште помалку авторите кои со убедлива смисла и дарба за тој најтежок прозен опит, се јавуваат кај нас. Веројатно е тоа така зашто краткиот расказ, доколку очекуваме од него нешто исклучително, препознатливо, својствено токму за еден автор, бара една специфична книжевна дарба за која Чехов (корифејот на краткиот расказ, кого тука го парафразираме) вели: за да се напише еден пристоен краток расказ неопходно е да се прибере материјал за еден голем роман. Краткиот расказ е, значи, повеќе една уметност на бришењето, на селекцијата, одошто на пишувањето.
Особеноста на овие седумнаесет кратки раскази, со исклучок на три-четири подолги, се состои во следново:
Во сите раскази има нешто што го препознаваме како случка. И во „Двајца мажи“, и во „Светлина“, и во „Смртта на лисицата“, и во „Додека музиката свири“ и во сите други, има една мала, сосема реална случка. И секој расказ доследно е врзан за сопственото случување. Особеноста, посебноста на приодот и раскажувачката постапка на Исаковски се во тоа што постепено низ текот на расказот тоа конкретно, реално јадро полека се трансформира и наративниот тек нѐ води кон една сосема неочекувана завршница, која пак, токму затоа, дејствува извонредно сугестивно, „запаметливо“, та по секој расказ и имаме чувство дека сме се сретнале со свет на цел еден роман.
Слободан Мицковиќ