Влада Урошевиќ за „Меше на годината“

Објавена во „Темплум“ 2012 година, книгата „Меше на годината“ имаше урнебесна промоција во Младинскиот културен центар (со ромски трубачки оркестар донесен од Кочани!) и потоа, колку што ми е мене познато, никаков знак на рецепција. Ми се чини речиси неверојатно дека ниту еден од нашите учени критичари (и критичарки!) не забележал колку новини внесува поетот Иван Шопов во поетскиот говор на современата македонска поезија, за кој, мораме да признаеме, зборот непроветрен не е воопшто премногу груб. Пред сè – во однос на досегашната лексика: оваа книга ги инаугурира, како поетски, многуте зборови кои го исполнуваат нашето секојдневје, но кои ја досега ја немале таа чест да бидат прогласени како достојни за употреба во поезијата. Иван Шопов ги внесува самоуверено, дрско и без зазор во своите текстови, покажувајќи дека тие се рамноправни со оние што досега сме ги сметале како привилегирани за градбата на стиховите, а – во однос на нив – понекогаш дури и поисполнети со една сè уште неистрошена енергија. Со тоа овој поет врши една уште позначајна улога: преку промената на јазичниот регистар тој го проширува доменот на поетскиот сензибилитет, насочувајќи ги своите антени кон некои нови фреквенции на емотивноста. По својата тематска основа, „Меше на годината“ би спаѓало во љубовна поезија: станува збор за низа текстови кои се спојуваат во една поема во која поетот ги слави – кажано со еден старовремски јазик – телесните убавини (т.е. „мешето“) на својата сакана. Но, тоа го прави на еден радикално нов начин, со многу хумор и иронија, со блескави и изненадувачки слики, со невообичаени односи помеѓу зборовите, со креативни судири помеѓу смислата и бесмислата, и тоа дава, како резултат, нешто што е мошне оддалечено од она што обично го подразбираме под поимот љубовна поезија. Би било извонредно интересно да се направи детална споредба на оваа книга на Иван Шопов со една кај нас веќе класична збирка на љубовната поезија – со „Дениција“ на Петре М. Андреевски. Претпоставувам дека од таа споредба би излегла на виделина не само разликата помеѓу македонската поезија од шеесеттите години на минатиот век, и оваа денес, туку и разликата туку и разликата во сензибилитетот на некогашните и сегашните генерации.

(Окно, 6.06.2016)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.