Во потрага по јунакот на нашето време (извадок)

Кон книгата „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски, издание на Или-или, 2016 г.

Давор Стојановски е новиот добитник на наградата „Роман на годината“ на Утрински весник, најзначајната награда за роман кај нас. Одлуката на жирито беше проследена со пофалби и со согласност од колегите писатели и други книжевни познавачи на социјалните мрежи, кои во последно време и во уметноста и во политиката стануваат битен фактор, замена на традиционалните комуникациски канали преку кои се формира јавното мислење. Секако, и рецензентите на книгата му дале ласкави квалификации на Стојановски споредувајќи го со Џојс, со Сартр, со Солев.
Станува збор за млад автор (роден 1987 г.), чија прва проза влезе во потесната листа за истата награда пред некоја година. Годинава, како и лани, впрочем, сите тројца финалисти беа млади автори. Тој факт радува затоа што потврдува дека земјата има солидно мноштво од најмлади прозаисти и во таа смисла нејзината книжевна иднина е обезбедена. Неколкутемина млади прозаисти кои оставија впечаток на сцената и кои се надоврзуваат на другите книжевни генерации успеаја да соберат и понекоја еснафска награда и тоа, повторно, е добра вест за нашата литература. Погледнато наназад, добро е што наградите се делат преку генерации, во согласност со резултантата на разните жирија, а не се тесен концепт кој повеќе исклучува отколку што вклучува.
(…)
Давор Стојановски очигледно припаѓа на една линија прозаисти кои ја негуваат урбаноста и современиот, најчесто младешки сензибилитет. Таа линија во последниве години ја застапуваат неколку млади творци. Надоврзувајќи се на прерано починатиот Игор Исаковски, на поетот Јовица Ивановски, прозата на млади урбани ликови доминира во творештвото на Игор Анѓелков, на Владимир Јанковски, на Бранко Прља. Кои се карактеристиките на таа проза, па во таа смисла и спецификата на Стојановски?
Доминира јас-формата. Раскажувачот ги соопштува своите доживувања, случки и опсервации, го коментира светот од свој агол, самиот е млад и најчесто фокус му е светот на младите, неговото непосредно опкружување, доминираат машко-женските односи, љубовни и пријателски. Доминираат автобиографски елементи. Честопати нарацијата тече во жанрот на билдунг романот, главните ликови сакаат да го разберат самото постоење, си ги поставуваат финалните прашања за смислата на животот и на смртта, интензивно размислуваат за светот во кој живеат, пласираат своја специфична животна филозофија и покажуваат изграден животен стил и естетски вкус. Некогаш се тоа расправи за уметноста, а некогаш книжевните или уметничките правци се дел од самата поетика на авторот, од карактеризацијата на ликот, до типот на реченицата, редукцијата или барокноста на изразот, гномичноста, описот.
(…)
Амбиентот, топосот во кој се одвива прозата е исклучиво градот. Градот ја одредува целокупната атмосфера, тој е безмалку лик во делото. Кон градот се има митомански однос дури и кога односот е негативен или критички. Градскиот микрокосмос, градските топоними, скриените или помалку познатите локации, населбите, меѓу нив се одвива животот во прозата.
Така е и во „Собирачи на пепел“ на Давор Стојановски. Специфично, би ја нарелке постадолесцентска проза. Таа во однос на неколкуте набројани имиња најмногу се надоврзува на авторскиот сензибилитет на Игор Исаковски. Раскажувачот е млад бонвиван, страстен учесник во ноќниот живот на градот, човек кој често ги менува партнерките и хемиската состојба на своето тело. Но, за разлика од екстровертниот, гневен и многузборен јунак на Исаковски, главниот лик на Давор Стојановски е молчалив, лиричен, рефлексивен и летаргичен. Тој носи огромен револт, едно несогласување со начинот на кој е уреден светот, но не го искажува гласно. Повеќе го преточува во своите чудни и несекојдневни постапки и еден нагласено немарен однос кон работите што им значат на другите луѓе, семејството, бракот, работата, квалитетот на животот. Незаинтересиран и пасивен е во однос на сопствениот живот и судбина. Се препушта животниот тек да му го одредат другите, се покорува на нивната волја и постапки, но длабоко во себе се спротивставува на пливањето со главната струја и во пресудните моменти побегнува од драматичните и пресвртни ситуации или од носењето животни одлуки. Додека другите активно сонуваат, го комуницираат и го организираат својот подобар живот, јунакот од прозата на Стојановски молчи, се сомнева и длабоко се замислува. Сфатен во книжевни рамки, тој се движи од јунаците на декадентно-романтичарската традиција до ексцентриците на високата модерна и егзистенцијализмот.
„Собирачи на пепел“ не е жанровски или интердисциплинарно нагласен и измешан како прозите на Петар Андоновски, на Владимир Јанковски, на Бранко Прља и на Игор Анѓелков. Но, овој мал роман, попрво би го нарекол новела, е добро извајан. Најмногу се доближува до жанрот на лирска проза. Најблиска е до создавањето на еден миметички хронотоп, на Скопје овде и сега какво што го познаваме, но од друга страна, таа слика на градот е еднакво артифициелна и нестварна. Авторот има цврста и одмерена реченица. Успева на лесен и на незабележлив начин постојано да ги меша миметичкиот план, описот на реалното Скопје со симболичкиот слој на доживувањето. Надворешниот свет го слика преку неколку прецизни, но живи контури, за веднаш потоа да потоне во својата психоемотивна интерпретација на она што го гледа. Раскажувачот, според начинот на кој го опсервира светот, нѐ заведува на истиот начин на кој главниот лик ги заведува своите партнерки. Сака да докаже дека е разборит, реалистичен, дека цврсто стои на земјата, за полека да сфатиме дека со него доминираат неговите стравови, длабоко потиснати фрустрации, напластени екстравагантни одлуки кои му создаваат чувство на вина, но и бегство од соочување со себеси. И на крај да заврши во целосна ирационалност, и на постапките и на кажувањето.
(…)
Го нареков овој фокус на авторот „постадолесцентски“ со една доза на критичност. Би очекувал од романескнен лауреат да се фаќа во костец со многу посложени животни прашања, да опишува и да раскажува за поразлични светови и да се обидува да долови поразлични и побогати светогледи користејќи ја полифоничноста што му ја дава романот како жанр. Ми изгледа помалку зихерашки што авторот се врти кон едно преживеано доба и го преџвакува темелно во разните негови меандрирања.
Но, од друга страна, авторот прави смела и длабока вивисекција на главниот лик и на неговиот светоглед. Тој има амбиција да биде корифеј на својата генерација. Ако во светот се познати генерациите бејби бум, или икс, или ипсилон, односно кај нас Титовите пионери, или децата на транзицијата, Стојановски се обидува да ја наслика посттранзициската генерација. Онаа која масовно се иселува, но и онаа која тоне во рекордна невработеност и неснајденост. Во делото има прекрасни метафорички пасажи на социјалната условност на неснајдените. На нивните стравови и револт кои, сепак, произлегуваат од распадот на социјалистичката економија и последователната социјална агонија. Сметам дека токму поради нијансираното доловување на својаата генерација, оваа проза има капацитет да биде читана и да биде почитувана од голем број читатели.

(Роберт Алаѓозовски: „Економија и бизнис“, април 2017)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *