Секое ново книжевно дело на Сашо Огненовски (1964, Битола) го побудува интересот на читателите и на критиката во освојување/приопштувања на нови теми и мотиви и естетски вредности како врвно начело на творештвото. Поетотот, драмски автор за деца и за возрасни, критичар и есеист, преведувач, како мајстор на пишаниот збор се потврдува и во својот прв роман Сивиот плоштад. Најнапред неколку збора за одредени карактеристики кои точно го одредуваат автохтониот литературен испис на Огненовски. Станува збор за дарба и знаење кои се преточуваат со извонреден јазик и стил во дела кои се читаат со интерес и во еден здив. Инспиративниот вруток во одговорноста пред пишаниот збор е мигот, современоста, животот/животите кои пулсираат и ги исполнуваат човекот, времето и просторот. Критичарскиот дух кон состојбите и манифестациите, случувањата и настаните, најразлични движења, процеси и појави се одразуваат или поточно се идентификуваат во богатство од метафори и симболи. Тоа се обележја со кои Сивиот плоштад е мошне близок/сроден со најновата поетска книга на Огненовски Менување на минатото (2019). Во овие дела доаѓа до полн израз модерниот творечки сензибилитет на авторот кој поседува многу информации кои сами по себе раздиплуваат дилеми, недоумици на субјектот како индивидуално битие од една и на општеството/колективот од друга страна. Кои се врските или поточно разијдувањата меѓу нив! Секако тоа се јавниот настап, говорот, акциите на дејствувања, отворениот простор на плоштадот како место каде сивилото, поими содржани во насловот на книгата, ги изнесува на светлината од денот сите димензии на егзистенцијата со минливоста, безповратноста, бесмислата, апсурдот и парадоксот.
Сивиот плоштад е пален знак во свеста и совеста, умот и телото на главниот лик Патрик со второ име Леонард. Откако самотијата почнала да му претставува голем проблем познатиот и почитуван универзитетски професор по семиотика тргнува во бескрајна потрага по сопствениот идентитет. Долг, непознат и трнлив пат да се дојде до коренот, до родот и породот без кои човекот и не е човек, туку е безимена и бесмислена сенка. Ниту видена, чуена, ниту разбрана без име и трага по себе. Животот има лице и наличје. Оттука сите нешта, човекот и зборот, просторот и времето имаат свои дуплекси, двојници, па вечно војуваат како што се спротивставени денот и ноќта, животот и смртта, љубовта и омразата, убавото наспрема грдото, лагата наспрема вистината, добро со злото, вознесот и поразијата. Богата галерија од ликови и карактери (Ангела, Богдан, Андреј, Небојша, Иван, Вера, Али, Соња, Вангелија, Ангелина) дури и оние како мигновени во приказната, се комплексно и синтетички идентификувани. Секој ја носи и доживува својата судбина, нема во неа и во нив ништо случајно, но во истовреме тие јасно ги одредуваат и потврдуваат универазлните, општочовечки димензии како единствени вредносни назнаки на човекот, животот и светот. Оттука и поставеното едноставно прашање на Патрик: Кој ме родил? Зошто сум одведен во сиропиталиште и зошто не можам да се сетам на важни работи од моето минато? Исти ликови, места, амбиент како идентитет и лудило (мотив во романот) се појавуваат или поточно прераснуваат во балканска агонија точно препознаена во Скопје, Белград, Загреб и Сараево. Во тоа неминовно скитање на бесмислата Сашо Огненовски ги вградува сопствените творечки искуства и знаења од неговите големи љубови филмот и театарот. Секој ред со својствена динамика е кадар од филм/филмови меѓу реалното и нестварното, а пак возвишениот театар дише во дијалогот, сценографијата и костимографијата кои создаваат една ретко видена и доживеана динамика во раскажувачката поетика. Поглавјето Неочекуван appentih поднасловен како снимени разговори од пронајдени мобилни телефони е драмски фрагмент.
Еден од стожерните ликови во романот, Богдан, иако е сенка од која нема бегство го пали и труе Балканот. Тој е дух во еден/многу ликови во друго време, простор и случај, знак во ист амбиент (намештај, соба, улица, институција). Така настанува мисијата на сон во сонот во густо испишаниот текст на Огненовски. Моќта на авторот прераснала во магија да повториме, кога секоја реченица е нова случка, настан, слика, ситуација. Тие и такви приказни се содржина на дневникот како еден релевантен аргумент на постоење и во епистоларијата каде човековата душа се отвора како школка за да ги доискаже приказните и судбините. Беше гладен, но уште повеќе му се спиеше. Надвор полека се стемнуваше, а нему му падна дневникот од раката врз креветот. Заспа. Гладен. Несреќен, Без да најде ништо. Никаков резултат. Многу често размислуваше за тоа дека неговиот живот е бесцелен. Дека ќе цркне барајќи кој е и не забележувајќи дека станува човек без иднина, дека минатото како опсесија го затворило во кожурецот на матните мисли и дека почнува полека, но сигурно да станува суициден. Единственото суштество што го сакаше го напушта без збор. Постои ли Космосот без љубов!? Големите скитници или трагачи на Огненовски по едната и единствена вистина носат со себе многу/недоброј загатки. Нема да ги бараме одговорите зашто таа и таква можност однапред ја оневозможила вештата и даровита рака на писателот. Но затоа пак, од друга страна, сенката или злото именувано Богдан ја наметнува размислата на разнебетениот професор: Кога ќе помислам дека Богдан нашол некакви мои корени и дека конечно ќе дознаам од каде сум тргнал, кој сум, чиј сум и кои се моите најблиски. Не си ја знам крвта, потеклото и коренот. Сега работата е многу покомплицирана. Бесмислени се секакви мисли и постапки прифакајќи ја пораката на Албер Ками оти човекот со раѓањето е осуден да биде сам и несреќен.
Соочувајќи се со приказната за Космосот во Сивиот плоштад на Сашо Огненовски ненаметливо како да сме повикани со авторската тенденција за вистината оти свеста го создаде мозокот. Да мислиме и размислуваме за противречностите или спротивставеноста на материјалниот наспрема нематеријалниот свет. Посебно секако треба да се задржиме на тоа како јас како субјект размислувам за себе како објект што тенденциозно, нема, не постои дело без творечка тенденција, ни се наметнува како домашна задача. Во прологот и епилогот, во сите поглавја кои можат да функционираат посебно како целости но истовремено и формираат цврста хомогена структура, авторот ги реафирмира моделот на потекло од една и моделот на развој од друга страна. На припомош ги повикуваме последните две реченици кои ја заклучуваат магијата на Сивиот плоштад. Тие не се ни прашалник, ниту извичник. Сувиот човек во црн мантил седеше на кејот од реката и пушеше цигара. Сонцето веќе никогаш не се појави. Крај на светот, потоп, апокалптична состојба на Космосот. Најмалку сме повикани да судиме и да ги толкуваме основните, темелни егзистецијални вредности од причина што романот на Огненовски по неговото исчитување го ставаме како убава/вредна книга во еден од рафтовите на домашната библиотека. Но останува во нас една вистина оти егото е дел од телото и умот е дел од интелектот. Останува исто така, притоа, нашата пожелба кон писателот да создава нови книжевни вредности како негова човечка и творечка возвишеност кои потоа како вековита и лековита вода ќе потечат во убавите и неповторливи доживувања на читателите. Имено, тоа е мислата и смислата на творештвото кое никогаш не било цел само за себе.
Васил Тоциновски