Во срцето на темнината

Оливера ЌорвезироскаДимитрие Дурацовски својата најнова книга ја именувал „Бледи сенки, далечни гласови“, иако (како што пишува во неа кон крајот, на 210 страница) помислувал и планирал поинаку: „И си помислив дека текстот, или што ќе биде, новела, расказ или роман, треба да го носи овој наслов – ’Срце на темнината’ (…) или уште подобро ќе биде ако над овој текст стои овој наслов – ’Во срцето на темнината’“. Со оглед на фактот што над неговиот најнов текст не стои тој наслов, ќе ѝ се оддолжиме на одличната идеја на авторот со тоа што рецензијава ќе ја именувам токму така, иако помислував и планирав поинаку, односно рецензијава да носи наслов „Да се направи НЕШТО“ или, уште подобро, над неа да стои – „Правење НЕШТО“.  

Димитрие Дурацовски повторно напишал – одлична книга! По цели 13 години од „Insomnia“, бележит хибриден роман за кој го доби и престижното Рациново признание за 2001, еве го повторно пребирливиот автор (најмногу и најпребирлив е спрема себеси!) со нов, обемен текст, со нов, во формална смисла, атипичен роман, „нискомиметична проза ослободена од обврската да го отсликува вистинскиот свет“, како што самиот автор го дефинира своето писмо. Но, како и жанровски да ја определиме „Бледи сенки…“, тоа е помалку важно од фактот дека „добивме“ одлична книга! Да го кажеме ова јасно, директно и едноставно на почетокот, за да не го затскриваме „судот“ зад здодевни, тешко читливи и комплицирани книжевни анализи-вербални и стилски одбрани на зборот ОДЛИЧНО, ниту пак, да го одолжуваме патот до ОДЛИЧНО со нешто толку обично како опис или анализа, тегнати пеш, реченица по реченица, до целта…

Не е неопходно да се знаете со „ Insomnia“ за да се поздравите со „Бледи сенки…“, но, доколку се знаете, читателското задоволство нараснува двојно, тројно дури, доколку ги познавате и неговите збирки раскази „Тајна историја“ од 1986 и „Црни пророци“ од 1996 година, антологиските раскази „Мебиусова лента“, „Хемиска свадба“, „Миладинов, руско кокиче“… Ако „ Insomnia“ се случуваше од едно до друго паѓање снег (едногодишна хроника во која јасно се заговараше неопходноста од круг, од Цело!), „Бледи сенки…“, следејќи ја истата творечка трага, го проширува „однесувањето“ од смртта на таткото до смртта на мајката, но и уште повеќе, го наострува перото на „јас“-раскажувањето со директното „ти“-беседење со мртвиот татко како доминантен тон. Замислете хроника со прецизен имагинарен центар – време, миг,.. која себеси си издала наредба да му ги раскаже на мртвиот татко сите години живот без него од 1962 година до денот на смртта на мајка си, зиме, исто како и мртводенот на мајката на Леонид Шејка, уметничкото алтер-его на Дурацовски. Романот почнува речиси класично романескно: се гледаат фотографии-меѓници на индивидуалното постоење, шестарот на времето е забоден во денот на смртта на таткото – 2 февруари 1962 и во непрочитаната „Нова Македонија“ од тој зимски ден „на масичката до креветот“. Детето-писател цел живот ќе му ја чита на мртвиот татко недочитаната „Нова Македонија“, настаните од тој весник ќе бидат негови амајлии и тајни лекови, но „Бледи сенки…“ сакаат да му го раскажат сиот „пропуштен живот“ на татка си и тука нештата експлодираат, од една страна преку молкот („Обожавам да молчам, не сакам луѓе кои многу зборуваат. Но многу ми е жал што молчам и дома, поради мојата мајка, таа ќе поведе некој разговор, а јас молчам, ќе кажам нешто и пак молчам. Тоа не можам да си го простам, се прекорувам себеси, но попусто“, стр. 163), а од друга, преку сеопфатот на прозните и други интереси на ова несекојдневно четиво, од бравурозните филозофско-литерарни трактати за маргиналноста (како предодредена, неменлива внатрешна состојба, стр. 225), за провинцијата и „мешањето на земјописот и психологијата“, стр. 129–133, за стравотното струшко секојдневие за време на Струшките вечери на поезијата во Струга, но и за време на одржувањето на Струшките вечери на поезијата во Скопје, за „заточеништвото“ на еден министер од „народ“! (Бучковски, 22 јули 2004 година), за дадените и за одбиените интервјуа, за личните преписки и средби, за продадените и за подарените слики, за вујкото и кафињата во „Синема“, за удавениот/удавените Марјани во Дрим, за нашите современици, за пријателувањето со Јадранка Владова, Крсте Чачански, Ивица Џепароски, Јелена Лужина и Коле Чашуле, Звездан Георгиевски и Влатко Мартиновски,.. за капките за уши на доктор Ќиро Кавај со кои половина Македонија ги лекуваше децата, мислејќи дека Кавај е име на лекот, а не на стружанец,.. за Леонид Шејка, ах тој Леонид Шејка во творештвото на Дурацовски, за Главуртиќ и целата култна група „Медиала“ од средината на минатиот век…

Ако го загубите сомнежот дека големите, сложени хибридни жанрови како „Бледи сенки…“ не носат доволно раскажувачка уметност, прочитајте ја апансаз „партикулата“ (како што би рекол Дурацовски) за кондуктерот кој калдрмисувал сокаци од 136 до 140 страница, целиот расказ „Бледа сенка, Софија“ , првично објавен на www.reper.net.mk, а потоа инкорпориран во романов како уште една книжевна (и Прустова и прустовска) „мадлен(к)а“ точно од 148 до 151 страница – исто од ред до ред, од збор до збор, без сопствен наслов, без сопствена затворена форма – не како расказ туку како прозен медалјон во романот – раскажувачка „мадлен(к)а“, буквално и метафорично француско традиционално колаче во форма на школка кое, според Пруст, натопено во липов или кој било друг чај, нè враќа, нè фрла директно во минатото, во спомените! Прочитајте го ониристичкиот ламент над мртвиот татко од стр. 126 и надоврзаната на него, надреалната, ингениозна „средба со малечкиот јас“ на стр. 127, чудесната, гранична (во секоја смисла!) интерпретација и заумно толкување на филмот „Минатата година во Мариенбад“ („најконсеквентниот снимен филм“, вели Дурацовски) на француската филмска легенда Ален Рене, целиот краен додаток „Остана да се каже…“ на крајот од краиштата! Димитрие Дурацовски е еден од нашите најдобри раскажувачи кој нарацијата не ја крие зад документаристиката, епистоларноста или дневничноста туку едноставно ја „засадува“ и ја „негува“ токму во нив како во саксии од најголема доверба!

Многу нешта во творештвото на Дурацовски се исклучително возбудливи, но се чини дека, сепак, највозбудлив е неговиот однос кон сопственото пишување. Од една страна – брилијантно се дефинира себеси и своите книжевни интереси и погледи на литературата, од друга страна, во постојаното обезвреднување на своите дела и минимизирање на сопственото писмо („Овие мои бесцелни белешки, без ред и систем, понекогаш и без смисла (…) Бидејќи ова не е литература, а нешто морам да правам во мигови кога тоа нешто доаѓа и треба да се каже (…) Забележувам дека сите полека си ги средуваат своите, какви-такви животи. Што ме чека мене? Празнина и ужас“), Дурацовски останува некако „надвор“ од сопственото писмо. Ако пишувате одлична литература како него, а сметате дека тоа не е литература, вашето авторско место е надвор од перфектното литературно дело! На дождот, на снегот, на студот… на личното согледување. На индивидуален и оригинален творечки став, концепт…

И покрај тоа што, Дурацовски, пишувајќи за маргиналноста, напиша „никаква награда не може да ме излечи од чувството на пониженост. Јас сум интелектуално и морално инфериорен тип (…), срам ми е што се занимавам со литература“, му ги предвидувам и му ги посакувам сите книжевни награди за неговиот најнов епски, речиси бескраен роман „Бледи сенки, далечни гласови“ неодамна објавен во издание на „Магор“, затоа што „ова е еден од тие романи меѓу милион напишани – ненапишаниот и нераскажан“, како што вели Дурацовски, а јас надополнувам – неодминлив роман за неостварливото! Прозно равенство помеѓу своето и несвоето, помеѓу животот и уметноста!, постмодернистичко самоистражување на ограничувањата кои веќе ги нема… што не значи дека и не нè сопнуваат сè уште.

Оливера Ќорвезироска, Слободен печат, 10-11.1.2015

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.