За кусата исповедна проза во современата македонска книжевност

Јасна Котеска(со осврт кон „Пишанки или раскази на вересија“ од Олгица Станковска)

 

Пред нас е дебитантската книга на Олгица Станковска Пишанки или раскази на вересија. Пишанки е младешки ракопис, во дел разборит, во дел интуитивен, понекогаш носталгичен, понекогаш ироничен, читлив, директен и привлечен.

Пишанки е дел од глобалниот тренд на пишување куса медитативна проза, тренд актуелен не само заради должината, исповедноста и необврзноста, туку и затоа што, во некоја рака, е најдобрата форма низ која книжевноста го проследува она што најопшто го нарекуваме – сегашност: описот на малите, раскинати фрагменти на денешната култура, ехото на вртоглавата брзина што ја живееме; записите ја миметираат културата на интернет пишувањето во асоцијативни структури (на блоговите, на социјалните мрежи, во книжевните текстови) – и заради тоа, Пишанки е значаен ракопис – книжевноста е валидна само ако успева да ја следи стварноста во вака тесна трка.

Ужасната привлечност, но и тешкотијата во надминувањето на транзиторноста карактеристична за кусата исповедна проза (а, македонската литература, такви потфати познава преку брилијантните исповедни парчиња во делата на Блаже Конески, Горан Стефановски и други) лежи во надминувањето на мноштвото замки што ги крие навидум едноставноста на кондензираното пишување. Некои од тие замки се следниве: кусата проза честопати знае да поентира уште пред да го изгради светот; потоа, исповедната проза главно пренесува впечатоци, а, впечатоците се’ уште не се уметност – впечатоците се само опипувања на светот, додека уметноста е потфат на целата личност, и затоа, во основа, е трагична позиција. Возбудливото во големата проза е кога авторот ќе ги опише карактерните црти на ликот без да изрече ниеден суд за него, додека одликата на кусите записи најчесто се сведува само на давањето суд за ликот – но, тука воедно лежи и парадоксалноста на исповедниот жанр– никој не може така добро да ја погоди содржината „од онаа страна“ на воајерското, ако пред тоа не го погоди токму воајерското во својот читател. И конечно, заради должината и тонот, опасноста на кусата проза е во запечатеноста на фразата – кусата проза е најподложна за совршеното дихтување со отпадоците од зборовите и идеите… Но, затоа пак, кога ќе успее да ја фати онаа фреквенција на минуциозното мајсторство, тогаш кусата проза ја манифестира најтешката дисциплина на човечкото творештво: преку личното на најдиректен начин да се допре до универзалното.

Каде во сето ова стои дебитантската збирка Пишанки на Станковска? Урбана, самосвесна, дел дете, а дел возрасна, привлечноста во кратките записи на Станковска лежи во посебните серии составени од различните исповедни сегменти на: љубопитното девојче, малата пријателка, носталгичната читателка, сензуалната жена. Тие варијанти на младата жена се тука за да ги покажат границите на една еротска и лична инвестиција, границите на носталгичната и противсемејната (или на неутралната семејна) позиција, на двосмисленоста и кокетноста, но и на сетилноста и бестрашноста – младата жена ги отвора и споредните врати на искуството, но истовремено ги открива и вратите на соседството. За да биде добра книжевноста, писател/ката на исповедната проза мора да е и помал/а и послаб/а од просечниот човек, за да може вибрациите на светот да ги види поинтензивно од другите. Предноста на Пишанки е токму во таа младост која е слаба. Притисокот однадвор е снажен. Да се брани и истовремено да се предава – од тоа произлегува убавата литература, а во оваа книга, многу често успешно се задржани обете позиции.

Прозата во Пишанки главно е изведена од неколку матрици: или станува збор за куси исповедни записи, или за анегдоти проширени до медитации, или е проза изведена и адаптирана од бајките, или се дневнички согледувања за светот околу и во себеси, или се контемплативни записи за желбата, иманенцијата и за љубовната двојка; исто така, записите понекаде личат на прикриени писма, еден тип треска на субјектот, поттикната од еротското, пријателското, интимното живеење во рапидната брзина на светот.

Во јазикот на Пишанки нема остри јазични мачети – и тоа е добро, оти со нив би можело да се удира на страна или да се нанесуваат самоповреди – оттука, записите главно ги пренесуваат само впечатоците, но чувството на трагичност не е истиснато од нив, само е преместено во светот на повеќезначно простирање. Оваа проза зборува за носталгијата, за телото (плунката, ножните палци, трепките, забите, солзите), за парадоксите на љубовта, за редот во хаосот, за хедонизмот, за сликите од соседството; потоа тука има лежерна игра со лектирата, неоптовареност, има потреба да се постои лесно наспрема гравитацијата – и во тоа, оваа проза е допадлива, урбана.

Бајките се дел од овие лирски записи, но вообичаено бајките се крвави, несанитарни, токму затоа што тие произлегуваат од длабочините на крвта и страста – овде бајките се реалистички, тие се изведени на едно чисто ниво. Наместа оваа проза е благо драматична, таа ѕвони под ударот на различните механички потреси однадвор. Со некои неполирани места, или токму заради нив, оваа проза е директна и затоа не е од редот на лажните. Лажговците секогаш се обидуваат на евтин начин да решат некој тежок проблем. Овде проблемите остануваат отворени, и тоа е добро.

За крај, секако треба темелно да се сомневаме во постоењето на тоа што го нарекуваме „уметничка младост“. Во таа смисла оваа проза не е млада, но таа воедно има уште да расте. Она што е добро во неа е внимателноста, разбирањето и трпението. Уметноста не е прашање на брзо и минливо запрепастување, туку на долготрајно дејство. Оваа проза стои на таа граница помеѓу и заради тоа поседува квалитети повеќе од доволни за да ги заинтригира читателите и рамноправно да се смести меѓу успешните дела од најновата македонска проза.

 

Јасна Котеска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *