За романот Лидија или сè што знам за жените

Лидија, или сè што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски е мало парче од еден богат и раскошен свет и светоглед. Не трагајќи по форма преку која би бил допадлив кај читателите, не оптеретувајќи се со книжевни правила и норми, ниту пак водејќи сметка дали создал поетски или епистоларен роман, фикција, метафикција или, како што вели тој – живот, Тихомир го напипува пулсот на современото живеење и нам, на читателите (навикнати на написи не подолги од стотина карактери), успева да ни сервира дело кое се чита во еден здив.
Мислата тече со неверојатна леснотија, а јазикот е толку природен и непретенциозен, што читателот се чувствува како да си прави муабет со авторот, или поточно, како што би рекол тој – сохбет. Овој роман се занимава со современи, секојдневни и универзални теми. Не е обременет со тривијалните, исцрпувачки проблеми на нашето секојдневие, ниту со дневна политика. Ни трага од тоа. Напротив, ова е роман за убавото. За сета убавина на животот. Јанчовски, дури и кога зборува за најтешки и најмрачни теми, тоа го прави сосема ненаметливо, на еден човечен начин, со благост.
Така, тој не зборува за онаа запустена и тажна Битола која ја знаеме, туку за една убава, сончева Битола која дише и вистински живее. Веднаш да ти се припие кафе на Широк Сокак. Во овој роман и врнежливото време е убаво време, а грмотевиците се предмет на обожување. Обичните луѓе се чинат како најинтересните на светот, дружбите со нив се убави, но исто толку убава е и осамата; тагата е пожелна исто колку радоста, а обичната жена станува муза. Животот како да е овде и сега, едноставен и полн со смисла.

Лидија Митоска-Ѓорѓиевска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *