Ѕиркачот (извадок)

Извадок од романот „Ѕиркачот“ на Александар Прокопиев.

Не сака да го гледаат кога се прозева. А секогаш, како за инает, ќе се најде по некој онака непристојно да се загледа во него токму кога ќе ја отвори устата. Тогаш, кога сака да е сам и на мир, некој задолжително, како за инает, ќе се зазјапа и ќе се заклешти во него. Откако мора да ја продаде „бубата“ (каросеријата буквално почна да се распаѓа, сета изгребана и исчукана од ситни судири при паркирањата), се движи низ градот пеш, почесто, или со автобус, поретко, па му се случува прозевањето да го фати кога чекори по тротоарот, или, уште понезгодно, кога е меѓу стутканите патници во градскиот. Понекогаш губи здив. Или, подобро речено, не успева да го пробие воздухот подлабоко од клучната коска. Велат дека тоа е нервно. Во секој случај, по низа такви плитки, непријатни вдишувања, научи како да го решава проблемот: ја отвора устата како за прозевање (е, тука особено го нервира ако некој баш тогаш го погледнува), а всушност се бори за воздух. Целата стратегија е сложена и процесот е неделлив: почнува со четири-пет куси вдишувања (за да земе залет) и потоа, следува едно силно нагло зевање со кое си го враќа нормалниот ритам на дишење. Ако на некој глупак му текне во тој клучен миг да се зазјапа во него, се пресекува и мора одново да почне со четири-пет плитки… итн. Но сега со поголема нервоза и свесност зашто типот до него дури сега станува заинтересиран и непристојно почнува да го мерка под око, а ако пак случајно е учтив и одлучува да не го мерка, туку да го почека да го погледне кога по негова проценка завршил со процесот – а не завршил – тогаш го фаќа баш во финалето, точно на големото, вистинско прозевање. Страшна работа!

* * *

Малку се палам на надворешни атрибути. Женски со големи цицки, деколтеа и танга гаќички, тоа не. Многу повеќе ме привлекува скриениот сексипил на оние навидум андрогини (но вниманиене машкуданки!) со дебелки задници

Што сега пак го тупи? Нели рече дека ќе престане со лигавењата со „Еротика“? А што ако го забележат жеништава од канцеларијата? И така одвај знаат да ракуваат со компјутерите иако им ги купија уште пред половина година. Единствено научија со часови да редат пасијанс на екранот. Во почетокот, играта Ѕolitairе е групна опсесија на три третини од неговите колешки, односно, додека едната игра, другите две ја гледаат, по- тоа втората игра, а другите две ја гледаат, па третата… Подоцна, играта го оправдува името, и сите три жени се залепени, секоја за својата електронска сложувалка. Настанува чудна тишина, како затишје пред испит. Ако некој тогаш влезе во канцеларијата, ќе се зачуди колку е тивко и работно – сите сосредоточени над своите компјутери. Ама – барем за него – многу е лесно да го разликува двојното „клик“ со маусот врз картата од простото пишување текст што произведува поподнослив поконтинуиран звук на типкање како на обична машина за чукање. Овде има пауза кога колешките пробуваат да сфатат дали седумката детелина оди под осумка срце, или тоа беше седумка баклава… И тогаш, најчесто на Марика, која и онака е највешта во играта како и во сѐ друго, редењето ќе ѝ тргне, двојните кликања се сѐ побрзи, среќни карти се нудат зад секоја новоотворена, и тој може да погоди кога точно се наближува до врвот, до четирите војски наредени мирно, во строј, на екранот, па, во големото финале, Марика победоносно ги повикува колешката број 2 и колешката број 3, за да им се пофали дека победила.

Им праќа бледа насмевка божем како поддршка. Тие не го ни забележуваат, зафатени со коментирањето на успехот на Марика.

Се враќа кон своето глупаво писание. Го дилитира почетокот (по обичај) и почнува одново:

Како газдарица на профитабилна туристичка агенција имав доволно пари, но и неколку килограми повеќе, па решив да одам на аеробик. Начув дека во близината на мојата двокатна куќа, речиси во моето маало, се наоѓа приватнататеретанана познатиот фудбалер Борче А

Ќе го напише ова ѓубре, тајно, менувајќи го фајлот кога ќе му се приближи некоја од канцеларијата (односно, Марика), па потоа ќе го доврши, на снимената дискета, дома, исто така збркано и со испотени прсти, иако никој не го надѕира. До крајот на работниот ден ќе му го испрати на идиотон Горан. А во четврток навечер ќе се прикрадува крај трафиките да го побара новиот број на „Еротика“. Еден од неговите најтажникави проблеми: да се влече и кога (навидум) цврсто решил дека треба да прекине.

* * *

Татко му, со сиот свој конзервативен, незгоден карактер, Господ да го прости, страшно се нервираше поради неговата занесеност. Не му беше јасно, како еден „граѓевинар“, и тоа пред диплома, и тоа во Љубљана, може да биде толку неактивен и рамнодушен Шо глеаш во туѓи прозори? Шо можеш да видиш? Ништо, само облици. Така стануваш влечко. Сложи се со ова време, направи некој покушај во каријерата. Си заврши перфектан факултет. Сега продужи да го глеаш животот као шо те учеја, онаков каков е во стварноста. Не му придавај тука работи који он ги нема.

Татко му припаѓа на групата луѓе кои излегле од рат. На победниците. Убеден е дека општото добро го прави и приватното добро, дури и кога тоа не е добро. На пример, не само што пие кафе од неговата шолја, туку и го допива неговото. Или, има обичај во сабота или недела да му влезе во собата во 6 наутро, со запалена цигара и да ја почне својата тирада за проблемите на развитокот на природата и општеството, при тоа тресејќи ја пепелта во чиниче, саксија или што и да е тркалезно што ќе му дојде при рака. Пример за неговата некоректна доследност: во бавчата со денови копа длабока дупка за да го про- мовира изумот туш на сунчев погон – вади од подрумот два излупени бојлери, со цевки ги поврзува со водата (во тоа е трудбеничката тајна!) од дупката, ги покрива со некои стакла што со помош на една прикрпена рачка ги врти кон сонцето, така обезбедувајќи, што?, туширање со затоплена вода!!

Мајка му, пак, е од спротивниот крај на темпераментите, но исто толку напорна. Повлечена, во полуреченици и воздишки, таа постојано нешто готви во кујната, а навечер, во ќошето на дневната, поднаведната седи на излупеното столче, отсутно зјапа во екранот, додека татко му реди коментари на актуелните ТВ – вести. Еднаш, со истиот болникав израз, му ги покажува црно-белите фотографии од нивната свадба. Тие чудни карактери со смешни фризури – тие беа хероите на неговото детство! Млад горд скоевец, а божем скромен, покрај една пречувствителна, но предадена на каузата, скоевка. Кутрата мама! Порано, додека татко му до “длабоко во ноќта” работеше во својата радна соба, таа тивко, да не му пречи, му носеше вечера на послужавник и му ја нудеше покорно: – Те молам, земиДа не се изладиСтавив лажиче, па колку што сакаш тиИ рендано јаболчесо витамини

Издржа со нив полни четири години. Повеќе не можеше. Ја напушти родителската куќа и се пресели во станот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *